Одлука У.бр.200/1990

У.бр.200/1990-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 6 мај 1992 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ одлуките за изменување и дополнување на деталните урбанистички планови за 3 и 4 урбана единица, донесени од Собранието на Општината Охрид на 28 јуни 1990 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Охрид”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.200/90 од 11 март 1992 година, поведе постапка за оценување законитоста на одлуките означени во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на СРМ” бр.45/77, 8/80 и 51/88).

4. На седницата Судот утврди дека е донесен Просторен план на Охридско-Преспанскиот регион, Просторен план на Општината Охрид, Просторен план за крајбрежниот простор и Основен урбанистички план на Охрид, за кои, освен за основниот урбанистички план, е дадено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Судот, исто така, утврди дека со Просторниот план за крајбрежниот простор е опфатен крајбрежниот простор на Охридското езеро од вливот на река Сатеска во Езерото до урбанисто опфат на град Охрид во должина од околу 7 км., и во широчина од езерската брегова линија до магистралниот пат Охрид-Струга, како и просторот од хотел “Метропол” до државната граница со Албанија кај “Свети Наум” во должина од околу 20 км., и од езерската брегова линија кон планината во широчина од 750 до 800 м.

Основниот урбанистички план не го определил крајбрежниот простор, туку определувајќи ја намената на просторот, на просторот опфатен со 3 и 4 урбана единица, предвидел зона за туризам и рекреација, како и зона за колективно становање.

5. Според член 9 став 1 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро градежните, хидромелиоративните, хортикултурните и други работи на крајбрежјето на езерата можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на регионите, просторните планови на општините Охрид, Струга, Ресен и Гевгелија, а согласно став 2 на овој член од Законот урбанистичките планови на населени места и урбанистичките планови на подрачје со посебна намена, како и прописите за спроведување на овие планови, се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Согласно Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство (“Службен лист на СФРЈ” бр.56/74), која, согласно член 118 од Уставот на Република Македонија и член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, претставува дел од внатрешниот правен поредок на Републиата, и согласно обврските кои се содржани во досието на номинација на Охридското природно и културно-историско подрачје во списокот на УНЕСКО, се обезбедува заштита на крајбрежниот простор на Охридското Езеро во длабочина од 300 до 1000 метри, во зависност од условите на рељефот и потенцијалните опасности од деградација.

Од изнесените законски одредби произлегува дека за урбанистичките планови кои предвидуваат градежни и други работи во крајбрежјето на Езерото, кое е под посебна заштита, мора да се прибави мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Со оглед на тоа што со Основниот план не е определено крајбрежјето, а со оспорените одлуки се предвидува изградба на објекти во непосредна близина на Езерото, односно во појасот до 300 метри, без да се обезбеди мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости, Судот оцени дека оспорените одлуки не се во согласност со означените одредби од Законот и со Конвенцијата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Leave a Reply