Одлука У.бр.194/1991

У.бр.194/1991-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, на седницата одржана на 15 април 1992 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од град Струмица, блок број 20, донесена од Комитетот за станбено-комунални работи, урбанизам и имотно-правни односи на Општината Струмица на 21 ноември 1990 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Струмица”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.194/91 од 11 декември 1991 година, поведе постапка за оценување уставноста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 52 од Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се врши дополнување на деталниот урбанистички план на град Струмица, влок број 20, во делот на планот што се однесува на улицата “Јанко Цветинов”, а се состои во вцртување доградба од П+1 (приземје и кат) на семејна станбена зграда на дел од КП.бр.443.

Судот, исто така, утврди дека Одлуката е донесена на 21 ноември 1990 година и дека не е објавена по нејзиното донесување. Судот, понатаму, утврди дека на 8 ноември 1990 година, односно пред донесувањето на одлуката, во “Службен гласник на Општина Струмица” број 10 од 1990 година е објавен текст што соодветставува на текстот на оспорената одлука.

5. Според член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според ставот 2 законите и другите прописи се објавуваат најдоцна во рок од 8 дена од денот на нивното донесување.

Од овие уставни одредби јасно произлегува дека прописите можат да се објават само по нивното донесување и дека влегуваат во сила по објавувањето.

Со оглед на тоа што оспорената одлука не е објавена по нејзиното донесување, Судот оцени дека таа не е во согласност со означената уставна одредба.

Објавувањето на текстот на одлуката пред нејзиното донесување на седницата на Комитетот, Судот смета дека нема правно значење, бидејќи прописите можат да се објават и да влезат во сила само по нивното донесување.

6. Што се однесува на наводот на подносителот на иницијативата дека оспорената одлука е донесена од Претседателот на Комитетот, а не од Комитетот како колегијален орган, што било во спротивност со Одлуката за измени и дополнување на плановите за реализација од помал обем, донесена од Собранието на општина Струмица на 7 мај 1984 година, Судот утврди дека се бара оценка за меѓусебна усогласеност на општи акти на органи на општината, за што, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Leave a Reply