163/1991-0-0

163/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 8 април 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за населбата Кисела Вода и Бирарија, во делот што се однесува на КП.бр.11478/7, донесена од Собранието на град Скопје во 1986 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што на КП.бр.11478/7 била дополнително внесена индивидуална станбена зграда П+2 без да се одржи јавен увид и јавна расправа, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во Нацртот на деталниот урбанистички план, кој бил изложен во месните заедници на подрачјето на општина Кисела Вода, меѓу кои и во месната заедница “Цветан Димов” во Скопје и по кој била организирана јавна расправа на 19 септември 1985 година, како и во усвоениот детален урбанистички план на КП.бр.11478/7, е предвиден објект П+2.
4. Согласно член 31 став 4 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ2 бр.38/85 и 18/89), кој важел во времето на донесувањето на одлуката, просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат во фазата на нацрт план на јавен увид и јавна расправа. Според член 31 став 2 од Законот за измени и дополнувања на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/90), нацртот на просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат на јавна расправа, а според став 4 на истиот член јавната расправа за урбанистичкиот план се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани лица се доставуваат до органот надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма во рок од 15 дена по завршувањето на јавната расправа.
Со оглед на тоа што оспорениот план во фазата на нацрт бил ставен на јавен увид и јавна расправа, Судот смета дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените законски одредби.
5. Што се однесува до наводот во иницијативата дали графичкиот приказ на усвоениот детален план е соодветно пренесен во изводот од планот, што се наоѓа во Собранието на општина Кисела Вода, тоа е фактичко прашање, за кое, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Судот не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Leave a Reply