Одлука У.бр.77/1991

У.бр.77/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 5 февруари 1992 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УТВРДУВА дека Одлуката за утврдување основици за пресметување и плаќање на придонес за здравствена заштита на лица вработени кај приватни работодавачи, донесена од Собранието на Општинската самоуправна интересна заедница за здравствена заштита во Титов Велес на 26 декември 1990 година, била во несогласност со Законот за здравствена заштита, во време на нејзиното важење.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Титов Велес”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.77/91 од 11 декември 1991 година, поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Законот за здравствена заштита.

4. На седницата Судот утврди дека со Одлуката се утврдуваат основиците за пресметување и плаќање на придонес за здравствена заштита на лица вработени кај приватни работодавачи за кои со закон не се утврдени основиците (член 1) и дека основицата за остварување на одделни права од здравствената заштита е чистиот личен доход договорен помеѓу приватниот работодавач и работникот (член 2 став 1). Понатаму, Судот утврди дека во член 2 став 2 и 3 од Одлуката е определен износот на основицата за преметување и плаќање на придонесот за здравствена заштита на осигуреникот ако договорениот чист личен доход е понизок од определениот износ.

Судот утврди дека оспорената одлука престанала да важи со Одлуката за стапките и основиците за пресметување и плаќање на придонесите за здравствено осигурување на Македонија, донесена од Собранието на Република Македонија на 26 декември 1991 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/91).

5. Според член 12 став 1 алинеја 2 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91) правата од основната здравствена заштита им се обезбедуваат, покрај другото, и на работниците на работа кај работодавачи. Во член 64 став 1 алинеја 1 од Законот е определено дека средствата за наведената здравствена заштита на оваа категорија работници се обезбедуваат со придонес од нивниот бруто личен доход, а во член 65 став 1 од овој закон е утврдено основица за пресметување и плаќање на придонесот за овие работници да претставува остварениот бруто личен доход, кој не може да биде понизок од загарантираниот личен доход (член 65 став 3 од Законот).

Од изнесените законски одредби произлегува дека Законот ја определил основицата на придонесот за обезбедување основна здравствена заштита на работниците вработени кај работодавачи и дека таа не може да се определува на поинаков начин со акти на други органи или организации.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука основицата на придонесите за здравствено осигурување на работниците вработени кај работодавачи е определена на поинаков начин од начинот пропишан со Законот за здравствена заштита, Судот утврди дека таа била во несогласност со означените законски одредби, во време на нејзиното важење.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Leave a Reply