191/1991-0-0

191/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 29 јануари 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Деталниот урбанистички план за дел од Месната заедница 2-та МУБ (УЕ 18 и 19) и дел од Месната заедница “Бајрам Шабани” (дел од УЕ 11) во град Куманово, донесен од Собранието на Општина Куманово на 7 декември 1990 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со предвидувањето на гаража на ул.”Перо Шварц” се нарушувал континуитетот на улицата, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека нацртот на Деталниот урбанистички план бил ставен на јавен увид и по него била одржана јавна расправа на која граѓаните дале забелешки.
4. Според член 19 став 2 од Законот за измени и дополнувања на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/40), нацртот на урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа, а според став 6 од истиот член врз основа на прифатените забелешки од јавната расправа се подготвува предлогот на план.
Со оглед на тоа што по нацртот на планот била обезбедена јавна расправа, Судот смета дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означената законска одредба.
5. Во врска со наводот во иницијативата дека со вцртување на гаража на ул”Перо Шварц” се нарушувал континуитетот на улицата, Судот смета дека тоа е прашање, за кое, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Leave a Reply