231/1991-0-0

231/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 1 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 15 јануари 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Решението за донесување на измена и дополнување од помал обем на Деталниот урбанистички план за Централното градско подрачје-1 дел, донесено од секретаријатот за комунални работи, урбанизам и станбени прашања на Општината Битола на 25 октомври 1990 година.
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на Решението за давање урбанистичка согласност на главниот проект за станбениот објект на КП.бр.4077, донесено од означениот секретаријат на 16 април 1991 година.
3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на решенијата означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што со нив се вршела измена и дополнување на деталниот урбанистички план во поинаква постапка од пропишаната со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање. Исто така, се смета дека оспорените решенија биле во несогласност со Одлуката за измени и дополнувања од помал обем на деталните урбанистички планови, донесена од Собранието на Општината Биутола на 14 април 1987 година, затоа што не биле исполнети условите од Одлуката.
4. На седницата Судот утврди дека во точките 1 и 2 од решението означено во точката 1 од ова решение се предвидува измена и дополнување од помал обем на Деталниот урбанистички план на Централното градско подрачје – 1 дел, која се состои во созидување подест на станбениот објект на КП.бр.4077 од западната страна, при што не била организирана јавна расправа.
Според член 38 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 18/89), кој важеше во време на донесувањето на првооспореното решение, измените и дополнувањата на деталниот урбанистички план од помал обем можеше да се вршат врз основа на пропис на општината, без да се спроведе постапката пропишана за измена и дополнување на деталниот урбанистички план. Со член 24 од Законот за изменување и дополнување на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/90), кој велез во сила на 27 ноември 1990 година, изоставена е одредбата на членот 38 од Законот, со што повеќе не постои законска можност за поинаква постапка за помали измени на урбанистичкиот план. Меѓутоа, со оглед на тоа што оспореното решение е донесено во време на важењето на Законот кој предвидувал поинаква постапка, Судот оцени дека тоа не е во несогласност со означените законски одредби.
5. Во врска со барањето за оценување законитоста на решението означено во точката 2 од ова решение, Судот утврди дека тоа претставува поединечен, а не општ правен акт односно пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што оцени дека не е надлежен да одлучува за неговата уставност и законитост.
6. Што се однесува до прашањето за согласноста на оспорените решенија со означената одлука на Собранието на Општината Битола, Судот утврди дека, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на актите на органите на општината.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

Leave a Reply