Одлука У.бр.70/1991

У.бр.70/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија, на седницата одржана на 25 декември 1991 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА точка 19 на член 165 од Правилникот за работни односи, донесен од работничкиот совет на Градежната работна организација “Бетон” во Скопје на 25 јануари 1991 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во означената работна организација на начин утврден за објавување на општите акти.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.70/91 од 25 септември 1991 година, поведе постапка за оценување законитоста на одредбата од актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за претпријатијата.

4. На седницата Судот утврди дека со оспорената одредба од Правилникот е определено како потешка повреда на работната обврска да се смета ако работникот е основач, сопственик на претпријатие или дуќан во приватна сопственост, или ако работи во друго претпријатие односно дуќан, претставништво и други организации и облици на здруќување. Со член 171 од Правилникот е утврдено дека мерката престанување на работниот однос може да се изрече за потешките повреди на работните обврски утврдени во Правилникот.

5. Според член 141 од Законот за претпријатијата, кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, работниот човек кој самостојно врши дејност со личен труд односно со личен труд и со средства во сопственост на граѓаните може да основа дуќан заради вршење на стопанска дејност, во согласност со закон.

Според членовите 178-а и 178-б од Законот, претпријатието со општ акт ги пропишува условите под кои работниците, додека се во работен однос, а најдолго две години по престанувањето на работниот однос во тоа претпријатие, не можат да основаат претпријатие односно дуќан, кои со вршењето на дејноста би можеле да предизвикуваат штета на претпријатието. Ако работниците постапат спротивно на условите определени со општиот акт на претпријатието, претпријатието има право пред надлежниот суд да бара надоместок на настанатата штета и право на поднесување тужба за бришење од судскиот регистар на дејноста чие вршење ја предизвикало штетата.

Според член 3 став 2 од Законот за самостојно вршење дејност со личен труд (“Службен весник на СРМ” бр.18/89, 46/89 и 23/90), дуќан може да основа и лице во работен однос и пензионер.

Според член 4 од Законот за работни односи (“Службен весник на СРМ” бр. 20/90) со општиот акт на претпријатието може да се утврди работникот кој во својата работа користи податоци кои претставуваат деловна тајна или посебни знаења во областа на техничките или производствените достигнувања во организацијата, за време на работниот однос да не може дополнително да работи или да биде во договорен однос со друга организација или кај друг работодавец, ниту пак, овие податоци и знаења да ги користи во сопствено претпријатие односно дуќан, ако тоа за организацијата односно работодавецот претставува нелојална конкуренција.

Со член 58 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89, 42/90), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, се определени потешките повреди на работните обврски за кои може да се изрече мерката престанување на работниот однос, со можност со општ акт односно со колективен договор да се утврдат и други потешки повреди на работните обврски, како и условите и околностите под кои може да се изрече оваа мерка, во согласност со природата на дејноста односно природата на работата што ја врши одделен работник.

Од наведените законски одредби произлегува дека не постои законска пречка работник кој е во работен однос да основа дуќан заради вршење самостојна дејност под условите определени со закон. Од нив, исто така, произлегува дека основањето приватни претпријатија и дуќани односно вршењето дополнителна работа во други организации од страна на лица што се во работен однос не може да биде на штета на претпријатието во кое се во работен однос и дека претпријатијата имаат законско овластување со свој општ акт, во зависност од природата на својата дејност односно од природата на работата на одделни работници, да ги утврдат условите под кои работниците не можат да основаат приватни претпријатија или дуќани односно дополнително да работат во други претпријатија или кај други работодавци.

Според мислењето на Судот, од наведените законски одредби, исто така, произлегува дека, освен правото да бара судска заштита против нелојалната конкуренција на претпријатијата и дуќаните чии основачи се работниците што се во работен однос, претпријатието може да предвиди дека повреда на работните обврски, во вид на непиочитување на општите акти на претпријатието, може да претставува и основањето дуќан или претпријатие од страна на работниците, но само за оние дејности што со општиот акт на претпријатието се утврдени како нелојална конкуренција.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Правилникот е предвидено како потешка повреда на работните обврски да се смета основањето дуќан односно претпријатие без да се утврдат дејности кои претставуваат нелојална конкуренција, Судот оцени дека таа не е во согласност со означените законски одредби.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Leave a Reply