85/1991-0-0

85/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 18 декември 1991 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на
а) Член 53 од Правилникот за заедничките основи и мерила за основите за распределба на средствата за лични доходи и заедничка потрошувачка и други лични примања, донесен од работниците во Медицинскиот центар во Охрид, со референдум одржан на 26 декември 1986 година и
б) Членовите 8 и 9 од Правилникот за обезбедување укажување на континуирана здравствена заштита, донесен од Одборот за привремени мерки во Медицинскиот центар во Охрид на седницата одржана на 30 март 1987 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што во Правилникот означен во точката 1 под а) од ова решение немало одредби за зголемена аконтација на личниот доход за работа во деновите на празници, за ноќна работа и за работа подолга од 42 часа во работна недела и што во членовите 8 и 9 од Правилникот означен во точката 1 под б) од ова решение не била предвидена награда за ефективно извршена работа за време на дежурство и приправност, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во член 53 од Правилникот означен во точката 1 под а) од ова решение е предвидено аконтацијата на личниот доход на работникот остварен по основ на сложеност, одговорност и отежнати услови за работа да се зголемува заради посебните услови за работа и тоа: работа подолга од полното работно време (прекувремена работа), за ноќна работа и за работа во деновите на државните празници во износ од 30% од тековниот личен доход.
Според член 40 од Законот за работните односи (“Службен весник на СРМ” бр.20/90) на работникот му припаѓа личен доход за работа во деновите на празниците во кои не се работи, за ноќна работа и за работа подолга од 42 часа во работна недела во висина утврдена со општ акт односно колективен договор.
Со оглед на тоа што во член 53 од Правилникот е предвидена зголемена аконтација на личниот доход за случаите определени со закон, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означената законска одредба.
4. На седницата Судот утврди дека во член 8 од Правилникот означен во точката 1 под б) од ова решение е предвидено на работниците што обезбедуваат континуирана заштита по пат на дежурство да им се исплаќа надоместок за посебно вложениот труд и тоа за секој поминат ден на дежурство во работен ден, во недела и државен празник. Понатаму, Судот утврди дека во член 9 став 1 од овој правилник е предвидено работниците што укажуваат континуирано здравствена заштита по пат на приправност да имаат право на надоместок за посебно вложениот труд. Притоа, во ставот 2 и 3 од овој член е определен начинот на утврдување на овој надоместок и неговата висина.
Според член 49 став 1 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 42/90), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички пропис, на работникот му припаѓа личен доход за работата во согласност со општиот акт усогласен со општествениот договор односно со колективниот договор и со законот. Според ставот 2 од овој член на работникот му припаѓа личен доход како дел од доходот односно добивката, кој е сразмерен на придонесот на работникот во создавањето на тој доход односно добивка во согласност со општиот акт односно со колективниот договор.
Од изнесените законски одредби произлегува дека работникот има право на личен доход за работа што ја врши, а определувањето на висината на личниот доход е препуштено да се уредува со општ акт односно со колективен договор. Дали, пак, за ефективно извршената работа на дежурство и приправност е потребно да се предвиди посебен надоместок, Судот смета дека е прашање што се уредува со општиот акт на организацијата.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членовите 8 и 9 од Правилникот со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

Leave a Reply