175/1991-0-0

175/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 18 декември 1991 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на членовите 7 и 10 од Правилникот за решавање на станбените потреби на работниците во Работната организација за основно образование и воспитание “Гоце Делчев” во Радовиш, донесен на референдум на 19 март 1987 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на членовите 7 и 10 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не биле во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во член 8 од Правилникот се предвидени основите и мерилата за утврдување редот на првенство за доделување станови, пришто како основни критериуми се предвидени степенот на станбената загрозеност, работниот придонес и пензискиот стаж, а како дополнителни материјалната положба, бројот на членовите на семејството, здравствената состојба и др. Во членовите 8 и 9 од Правилникот се разработени основните критериуми во повеќе подоснови и за нив се предвидени мерила. Според член 10 по основот работен придонес на работникот му припаѓа 30% од вкупниот број бодови остварен по основните критериуми утврдени во овој Правилник.
4. Според член 42-а од Законот за станбени односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86 и 1/90) и член 52 од Законот за основните права од работен однос, кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија се применува како Републички закон, со општ акт на организацијата се утврдуваат основите и мерилата за користење на средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределба според трудот и солидарноста.
Од изнесените законски одредби произлегува дека организацијата како основ за распределба на станови, покрај другите, може да го предвиди и основот придонес во работата и да го определи начинот на неговото вреднување.
Со оглед на тоа што во членовите 7 и 10 од Правилникот се утврдени основите и мерилата за определување редот на првенство за добивање стан на користење во зависност од трудот и солидарноста, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

Leave a Reply