У.бр.22/2020 и У.бр.231/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10.05.2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 110 од Законот за Јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020).

2. Здружението „Светски македонски конгрес“ од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 110 од Законот за Јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020).

3. Влатко Илиевски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 110 став 2 од Законот за Јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020).

Според наводите во првата иницијатива, оспорениот член 110 од Законот за јавното обвинителство не е во согласност со одредбите од Уставот пропишани во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9 став 2, член 11 став 1,член 12 став 1, член 13 став 2, член 14 став 1, член 25, член 26 став 1, член 27 ставови 1 и 2 и член 51 став 1.

Со цел да се разбере несогласноста на оспорениот член 110 од Законот за Јавното обвинителство со наведените уставни одредби, подносителот на иницијативата наведува дека Уставниот суд треба да ги има предвид:

(1) Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите („Службен весник на Република Македонија“ бр.159/2015),
(2) Законот за заштита на приватноста („Службен весник на Република Македонија“ бр.196/2015 од 10 ноември 2015 година),
(3) Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010) и
(4) Законот за Јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и бр.111/2008).

Во врска со Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, Уставниот суд требало да има предвид дека:

– само јавниот обвинител за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите има целосна надлежност и овластување независно да ги извршува сите истражни и обвинителски функции на ова јавно обвинителство, во врска со неовластено следење на комуникациите извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година, дека Законот ќе биде во сила пет години од неговото донесување, односно од 15 септември 2015 година до 15 септември 2020 година, како и дека јавниот обвинител за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите мора да покрене обвинение во рок од 18 месеци од преземањето на предметите.

– Согласно член 6 став 5 од истиот закон, јавниот обвинител на Република Македонија и друг јавен обвинител не може да презема истраги и гонење по предмети кои спаѓаат во надлежност на јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите без негова/нејзина согласност.

Во врска со Законот за заштита на приватноста („Службен весник на Република Македонија“ бр.196/2015), Уставниот суд треба да има предвид дека:

– со овој закон се уредува заштита на приватноста на граѓаните во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите извршени во периодот од 2008 до 2015 година, дека со овој закон се утврдува забрана за поседување, обработка, јавно објавување на материјалите од незаконското следење на комуникациите кои претставуваат повреда на приватноста на личниот и семејниот живот, како и забрана на располагање на кој било начин со наведените материјали вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, за политички и други цели и постапки, дека одредбите од овој закон не се однесуваат на веќе објавените материјали заклучно со 15 јули 2015 година, а овој закон се применува шест месеци од неговото објавување и влегување во сила, односно од 10 ноември 2015 година до 10 мај 2016 година, како и дека
– во функција на заштита на приватноста во напред наведената смисла, овој закон определува дека секој кој поседува материјали од незаконско следење на комуникациите, должен е да ги предаде тие материјали на надлежниот обвинител во рок од 20 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, односно во периодот од 10 ноември 2015 година до 30 ноември 2015 година, согласно член 2 од истиот закон.

Во врска со Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010), Уставниот суд треба да има предвид дека:

– доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука, врз основа на член 12 став 2 од наведениот закон, дека лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надоместок на штета од буџетските средства, има право да биде рехабилитирано, како и други права утврдени со закон, утврдено во член 13 од Законот, како и дека кривичната постапка се поведува и се води само по барање од овластениот обвинител.

Во врска со Законот за Јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007, 111/2008 и бр.42/2020), Уставниот суд треба да има предвид дека:

– јавниот обвинител се оддалечува од вршењето на функцијата за време додека е во притвор, согласно член 60 став 1 од наведениот закон, а може да биде оддалечен од вршењето на функцијата за време додека трае истрагата за кривично дело или кога е поведена дисциплинска постапка или постапка за негово разрешување, пропишано во член 60 став 2, како и дека
– одлуката за оддалечување на јавниот обвинител од функцијата ја донесува јавниот обвинител на Република Македонија, утврдено во член 60 став 3 од Законот, а против таа одлука јавниот обвинител има право на жалба до Советот на јавни обвинители на Република Македонија, пропишано во член 60 став 4 од наведениот закон.

Според подносителот на иницијативата, изнесените одредби од наведените четири закони значат дека:

(1) само Специјалниот јавен обвинител има стварна и месна надлежност да истражува и гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, никој друг, па ни Јавното обвинителство на Република Македонија ги нема тие надлежности, а не можело самото ни да ги преземе (според Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите),
(2) секој кој поседува материјали од незаконско следење на комуникациите, должен е да ги предаде тие материјали на надлежниот обвинител во рок од 20 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, односно во периодот од 10 ноември 2015 година до 30 ноември 2015 година (според стариот Закон за заштита на приватноста),
(3) доказите прибавени на незаконит начин, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука, а таквото осудено лице има право на надоместок на штета и рехабилитација (според Законот за кривичната постапка) и
(4) јавниот обвинител се оддалечува од вршењето на функцијата ако е во притвор (според стариот Закон за Јавното обвинителство). Таквите законски одредби, пак, биле применети на начин што:

– материјалите од незаконското следење на комуникациите извршени во периодот меѓу 2008 година и 2015 година биле предадени на 30 декември 2015 година наместо до 30 ноември 2015 година, односно 30 дена по истекот на рокот пропишан во член 2 од Законот за заштита на приватноста („Службен весник на Република Македонија“ бр.196/2015), а за тоа незаконито дејствие биле виновни како имателот на материјалите така и надлежниот јавен обвинител,
– продолженото поседување на копии од незаконското следење на комуникациите од страна на имателот на тие материјали, по истекот на рокот пропишан во членот 2 од стариот Закон за заштита на приватноста, што било утврдено и во Мислењето на Венецијанската комисија број 829/2016 од 15 март 2016 година.
– незаконитото поседување на материјалите од незаконското следење на комуникациите по истекот на рокот на 30 ноември 2015 година, било поседување на материјалите во спротивност со Законот за заштита на приватноста, па тие материјали не можеле да бидат докази прибавени на законит начин и на нив не можеле да се засноваат судските одлуки,
– на 21 август 2019 година била изречена мерка 30-дневен притвор на специјалната јавна обвинителка, со што таа била оддалечена од вршењето на функцијата и не можела да даде согласност на Јавното обвинителство на Република Македонија тој орган да ги преземе материјалите од незаконското следење на комуникациите што се наоѓаат во Специјалното јавно обвинителство,
– понатаму се наведува дека на 15 септември 2019 година е разрешена специјалната јавна обвинителка, поради незаконско, нестручно и несовесно работење, но без да се изврши избор на нов јавен обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во ситуација кога, според член 1 став 3 од Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, тој закон продолжил да важи до 15 септември 2020 година.

При таква состојба, со член 110 став 1 од Законот за Јавното обвинителство, според подносителот, Собранието утврдило неможност Јавно обвинителство да заснова обвинение врз основа на незаконски прислушувани материјали, па со оглед дека таква одредба веќе постои во член 12 од Законот за кривичната постапка, па оспорениот став 1 на член 110 бил непотребен.

Во однос на член 110 став 2 од Законот, кој се однесува на предметите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите поднесени до надлежен суд до 30 јуни 2017 година, подносителот на иницијативата наведува дека таквите предмети Специјалното јавно обвинителство незаконски ги поднело, надвор од со закон утврдениот рок – до 30 ноември 2015 година и по нив има забрана за постапување, па оттука била и неуставноста на член 110 став 2 од Законот за Јавното обвинителство.

Во врска со член 110 став 3 од Законот, кој се однесува на материјалите за предметите покренати по 30 јуни 2017 година, во иницијативата се наведува дека законодавецот не смеел да пропишува забранети прислушувани материјали да бидат предмет на индиции предложени и употребени како доказ во постапката по поднесениот обвинителен акт или обвинителен предлог и затоа и овој став од членот 110 на Законот за Јавното обвинителство, смета дека не е во согласност со Уставот.

Што се однесува до член 110 ставови 4 и 5 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека непотребни биле ставовите 4 и 5 на член 110 од Законот, затоа што со закон е утврдено како се постапува со материјали од посебни истражни мерки и незаконито прибавени докази.

Од тие причини, според подносителот на иницијативата, член 110 од Законот за Јавното обвинителство, врши флагрантно кршење на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, го нарушува владеењето на правото и не ги почитува општо прифатените норми на меѓународното право, ја нарушува еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, ја повредува неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет на човекот, со незаконито преземените јавнообвинителски и судски постапки и изречени притвори и затвори била повредена неприкосновеноста на слободата на човекот, на лицата кои биле притворени и казнети по назаконити докази им се повредува уставното право „никој да не може да биде казнет за дело за кое пред да биде сторено не било утврдено со закон како казниво дело“.

Потоа, наведува подносителот се повредува уставно загарантираното право на почитување и заштита на приватноста, се повредува уставната гаранција за неповредливост на домот со вршењето на претрес во домовите на осомничените лица по докази прибавени на незаконит начин, се нарушува правото на граѓаните да ја напуштаат територијата на Републиката и да се вратат во неа со јавнообвинителските и судските постапки преземени врз основа на незаконити докази и се повредува уставната определба за тоа законите да мораат да бидат во согласност со Уставот и секој да е должен да ги почитува Уставот и законите.

Врз основа на изнесеното, со иницијативата се предлага, Судот да го поништи член 110 од Законот за Јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020), а до донесувањето на конечната одлука, Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената законска одредба.

Со втората иницијатива се оспорува член 110 став 2 од Законот за Јавното обвинителство, поради повреда на член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, Амандман XIX на Уставот и член 52 став 4 од Уставот.

Во врска со повредата на владеењето на правото, подносителот на иницијативата наведува дека принципот на владеење на правото меѓу другото подразбира постоење на правна сигурност и еднаквост на граѓаните пред законот. Правната сигурност од своја страна налага постоење на амбиент во општеството во кој законите ќе овозможуваат предвидливост во однесување на властите и каде граѓаните ќе можат со висок степен на веројатност однапред да го подведат своето поведение и постапки во согласност со законите.

Во конкретниот случај одредбата од член 110 став 2 од Законот за Јавното обвинителство не била позната за граѓаните пред да се донесе Законот, како резултат на што истите не можеле да знаат односно не можеле да предвидат дека некое нивно поведение, кое било регистрирано со незаконско прислушување во минатото, односно пред 30 јуни 2017 година, ќе може да претставува доказ кој ќе биде искористен против нив од страна на јавното обвинителство во обвинителен акт или обвинителен предлог врз основа на кој ќе бидат предмет на кривично гонење.

Граѓаните не можеле да предвидат дека нивните незаконски прислушувани разговори можат да се користат како докази доколку се има предвид националната легислатива која прецизно пропишува во кои услови и согласно кои процедури можела државата да се вмеша во приватниот живот и кореспонденција на граѓаните и таквата кореспонденција да се искористи како доказ во кривичната постапка.

Во однос на забраната на ретроактивно дејство на законите, во иницијативата се наведува дека оспорената одредба од член 110 став 2 од Законот, има повратно дејство кое не е поповолно за граѓаните. Имено, пред да се донесе предметниот Закон за Јавното обвинителство никогаш претходно не било дозволено во легислативата незаконски прислушувани разговори да можат да се користат како доказ во кривична постапка. Ваквите докази не само што не биле дозволени да се користат туку член 12 став 2 од Законот за кривичната постапка изречно забранувал доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука.

Според подносителот, со носењето на ваквата одредба, всушност се врши легализирање на незаконски прислушуваните разговори кои биле употребени како докази во кривичните предмети поднесени од Обвинителството до 30 јуни 2017 година. На ваков начин, Законот дејствувал повратно и на штета на граѓаните против кои биле поднесени обвиненија во кои биле содржани незаконски прислушувани материјали до 30 јуни 2017 година.

Во врска со повредата на еднаквоста на граѓаните, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба во член 110 став 2 од Законот, ги става во нееднаква положба граѓаните пред законот со оглед на фактот што истата пропишува исклучок од забраната обвинението да се заснова на незаконски прислушувани материјали, согласно член 110 став 1 од Законот и тој исклучок е на штета на граѓаните кои биле опфатени со обвиненија до 30 јуни 2017 година.

Во правната теорија бил општоприфатен ставот дека ставањето исклучоци во законите требало да се избегнува, а доколку е нужно да постојат исклучоци, тогаш тоа секогаш треба да биде во корист на граѓаните не на нивна штета, како што било во конкретниот случај. Штетата од ваквата нееднаквост е дотолку поголема ако се имал во предвид фактот што пресекот кој законодавецот го правел за тоа до кога важеле обвиненијата засновани на незаконски прислушуваните материјали до 30 јуни 2017 година, бил арбитрарен и непоткрепен со правна аргументација зашто бил одбран токму тој датум, а не некој друг.

Исто така, на оваа категорија граѓани кои биле опфатени со обвиненијата до 30 јуни 2017 година и на кои им била нанесена непроценлива штета имајќи предвид дека дел од нив веќе биле правосилно осудени врз основа на незаконски прислушувани материјали, дел од нив веќе издржувале и казна затвор, а кон дел од нив биле изречени и мерки за обезбедување на присуство врз основа на ваквите обвиненија. На овој начин, како резултат на оспорената одредба, една категорија на граѓани се соочувала со ограничување на основните човекови права, а нивниот незаконски кривичен прогон бил легализиран.

Што се однесува, до повредата на неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација, во иницијативата се наведува дека, легализирањето на незаконски прислушуваните разговори преку легализирање на обвиненијата засновани на незаконски следените комуникации, го повредува правото на слобода и неповредливоста на писмата и на другите облици на комуникација, во конкретниот случај комуникација преку телефон, со оглед на фактот што отстапување од ова право не било врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон, ниту пак отстапувањето било заради спречување или откривање на кривични дела.

До поднесување на иницијативата се уште не било докажано кој го наредил прислушувањето на материјалите кои биле искористени од страна на Обвинителството како доказен материјал за обвиненијата поднесени до судот до 30 јуни 2017 година.

Според подносителот, легализирањето на незаконски прислушуваните разговори, селективно извадени од Обвинителството од содржината на стотиците илјади незаконски прислушувани разговори во период од осум години, претставува груба повреда на правото на приватност и било во спротивност со критериумот неопходност во услови на демократско општество на кој упатува став 2 од Амандманот XIX на Уставот, затоа што не постои пропорционалност со легитимната цел која треба да се постигне. Исклучително долгиот период во кој незаконското следење на комуникации се одвивало, како и опфатот на лица кои биле следени, во ниту едни околности не може да бидат протолкувани како пропорционално вмешување во правото на приватност за постигнување на која било легитимна цел.

На крајот на иницијативата, се предлага Уставниот суд до донесување на конечна одлука. да донесе решение за запирање на судските постапки, Решение за запирање на извршување на правосилните изречени казни, како и Решение за запирање на извршување на мерките за обезбедување на присуство, донесени врз основа на прифатените обвиненија од член 110 став 2 од Законот за Јавното обвинителство.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 110 од Законот за Јавното обвинителство, е предвидено дека:

„Јавно обвинителство не може да го заснова обвинението врз основа на незаконски прислушувани материјали“.

Според став 2 од истиот член „Исклучок од ставот (1) на овој член се предметите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите поднесени до надлежен суд до 30 јуни 2017 година согласно со Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.“

Во ставот 3 се определува дека „Материјалите и транскриптите од материјалите од незаконски прислушуваните материјали за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог и истите не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката по поднесениот обвинителен акт или обвинителен предлог.“

Ставот 4 гласи „Материјалите од ставот (3) на овој член ќе се уништат во рок од три месеци по завршување на постапките по вонредни правни лекови на предметите од ставот (3) на овој член согласно со одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки утврдени со закон. Записниците за уништување се доставуваат до Jавниот обвинител на Република Северна Македонија.“

Согласно став 5 од истиот член, „Сите останати материјали и транскриптите од незаконско прислушуваните материјали кои не се предадени како докази во судовите и кои не се дел од предметите кои се во фаза на истрага согласно со ставот (3) на овој член, не можат повторно да се преслушаат и да се употребат во која било постапка и се уништуваат во рок од три месеци по завршување на постапките по вонредни правни лекови на предметите од ставот (2) на овој член, согласно со одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки утврдени со закон. Записниците за уништување се доставуваат до Jавниот обвинител на Република Северна Македонија.“

Судот утврди дека, на 15 септември 2015 година е донесен, објавен и влезе во сила Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите („Службен весник на Република Македонија“ бр.159/2015). Во Законот се определува дека:

– со тој закон се уредуваат прашања во врска со истражување и гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година, согласно член 1 став 1, член 2 став 1 и член 5 од Законот.
– истражувањето и гонењето во врска со наведената материја целосно и независно го извршува Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е уредено со член 5 ставови 1 и 4 и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија не може да презема истраги и гонење по тие предмети согласно член 6 став 5 од истиот закон,
– означениот Јавен обвинител (специјалниот јавен обвинител) може да покрене обвинение во период од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од неовластеното следење на комуникациите согласно член 22 од Законот,
– Законот важи пет години, а може и да се продолжува неговото важење еднаш годишно, но ако така одлучи двотретинско мнозинство од пратениците врз основа на член 1 став 3 од Законот.

Од изнесените законски одредби произлегува дека Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (во натамошниот текст Закон за СЈО), беше закон ограничен на истражување и гонење само на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година. Истиот го ограничуваше и субјектот кој може да ги врши истражувањата и гонењата, а тоа е само „специјалниот јавен обвинител“. Законот го ограничуваше и времето во кое може да се покрене обвинението, само 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од неовластеното следење на комуникациите и Законот беше со ограничено времетраење, а продолжувањето на важењето на Законот беше условено со двотретинско мнозинство гласови од пратениците.

На 9 ноември 2015 година, во врска со Законот за „СЈО“, беше донесен Законот за заштита на приватноста („Службен весник на Република Македонија“ бр.196/2015). Во овој закон се пропишуваше дека:

– Во член 1 став 1 од законот, се утврдува заштита на приватноста на граѓаните, приватност која произлегува од материјалите од незаконското следење на комуникации извршено во периодот од 2008 до 2015 година.
– Според член 2 од истиот закон, секој е должен да ги предаде материјалите од незаконското следење на комуникациите во рок од 20 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон .
– Законот се применува шест месеци по денот на влегувањето во сила, согласно член 7.

Од овие законски одредби произлегува дека Законот за заштита на приватноста беше ограничен на тоа која приватност на граѓаните се заштитува, а тоа е приватноста на граѓаните која можело да биде повредена со објавување на материјалите произлезени од неовластеното следење на комуникациите извршено во периодот од 2008 до 2015 година, материјалите од неовластеното следење на комуникациите мораше да бидат предадени на „Специјалното јавно обвинителство“ во рок од 20 дена од денот на влегувањето во сила на Законот, а тоа е периодот од 10 ноември до 30 ноември 2015 година и Законот за заштита на приватноста беше со ограничено времетраење од шест месеци, односно од 10 ноември 2015 година до 10 мај 2016 година.

На 19 мај 2016 година е донесен нов Закон за заштита на приватноста („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2016). Законот определува дека:

– новиот Закон за заштита на приватноста има истоветна содржина како стариот Закон за заштита на приватноста („Службен весник на Република Македонија“ бр.196/2015), со таа разлика што во новиот Закон го нема член 2 од претходниот закон, а кој се однесува на рокот од 20 дена од денот на влегувањето во сила на стариот закон да се предадат незаконски прислушуваните материјали на надлежниот јавен обвинител.
– Согласно член 6 од Законот, со денот на објавувањето на новиот Закон за заштита на приватноста во „Службен весник на Република Македонија“, тој закон влегува во сила и со тоа престанува да важи стариот Закон за заштита на приватноста, па согласно член 7, новиот Закон за заштита на приватноста се применува од 1 јули 2017 година.

Од наведените одредби на овој закон произлегува дека новиот Закон за заштита на приватноста не пропишува рок за предавање на материјалите од неовластеното следење на комуникациите извршено во период од 2008 до 2015 година, стариот Закон за заштита на приватноста престанал да важи на денот на објавувањето на новиот Закон за заштита на приватноста, а тоа е на 20 мај 2016 година и новиот Закон за заштита на приватноста почнал да се применува од 1 јули 2017 година.

На 16 февруари 2020 година е донесен и објавен Законот за Јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020). Овој закон предвидува дека:

– Врз основа на член 113, Законот влегува во сила и започнува да се применува од 30 јуни 2020 година,
– со започнувањето на примената на новиот Закон за Јавното обвинителство престанува да важи стариот Закон за Јавното обвинителство и „Законот за СЈО“, согласно член 112 од истиот закон,
– во новиот Закон за Јавното обвинителство, во делот „Преодни и завршни одредби“ во членовите 108-113, предвиден e член 110 со напред наведената содржина, а која е оспорена со иницијативите заведени под У.бр.22/2020 и У.бр.231/2020.

Од изнесените одредби од новиот Закон за Јавното обвинителство произлегува дека со овој закон престанува да важи „Законот за СЈО“. Престанокот е од 30 јуни 2020 година, а со член 110 се пропишува како пред и по овој датум ќе се третираат предметите и материјалите поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година од страна на јавното обвинителство при поднесување на обвинителен акт или обвинителен предлог.

5. Судот на седница утврди дека во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, како и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени согласно член 11 став 1 од Уставот, а согласно член 12 став 1 од Уставот слободата на човекот е неприкосновена.

Согласно член 13 став 2 од Уставот, лице незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Амандманот XIX со кој се заменува член 17 од Уставот, пропишува дека се гарантира слобода и неповредливост на писмата и на сите други облици на комуникација. Само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдени со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и на сите други облици на коминикација, ако тоа е неопходно заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката. Законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 25 од Уставот, предвидува дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот, а според став 1 од член 26 се гарантира неповредливоста на домот.

Согласно член 27 ставови 1 и 2 од Уставот, секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште, секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката.

Во член 51 став 1 од Уставот се предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Од содржината на оспорениот член 110, кој припаѓа во преодни одредби, произлегува дека тој член од Законот е тесно поврзан со предметите формирани според „Законот за СЈО“ и истиот определува дека:

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија не може да го заснова обвинението врз основа на незаконски прислушувани материјали согласно став 1 од истот член.

Врз основа на ставот 2, исклучок од ставот 1 на овој член се предметите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, поднесени до надлежен суд до 30 јуни 2017 година, согласно Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите,

Ставот 3 определува дека незаконски прислушуваните материјали за предметите покренати по 30 јуни 2017 година, можат да се користат како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог, потоа не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката по поднесениот обвинителен акт или обвинителен предлог, при што наведените материјали од ставот 3 ќе се уништат во рок од три месеци по завршувањето на постапките по вонредни правни лекови по предметите од ставот 3 на овој член, на начин за уништување на материјалите од посебните истражни мерки утврдени со закон, согласно ставот 4 од истиот член, а согласно ставот 5, сите останати материјали од незаконското прислушување кои не се предадени како докази во судовите и кои не се дел од предметите кои се во фаза на истрага според ставот 3 од овој член, не можат повторно да се преслушаат и да се употребат во која било постапка и се уништуваат во рок од три месеци по завршување на постапките по вонредни правни лекови на предметите од ставот 2 на овој член, согласно со одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки утврдени со закон. Записниците за уништување се доставуваат до Jавниот обвинител на Република Северна Македонија.

Од изнесените одредби на член 110 од Законот за Јавното обвинителство произлегува дека Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, може да го продолжи постапувањето по предметите кои специјалното јавно обвинителство ги поднело до надлежниот суд до 30 јуни 2017 година и овие обвиненија може да се засноваат на незаконски прислушуваните материјали согласно став 2 од истиот член од Законот.

Незаконски прислушкуваните материјали за кои нема поднесено обвинение до наведениот датум, Јавното обвинителство може да ги користи како индиции врз основа на кои ќе спроведува истражувања и прибирање на докази, но не и како основа или доказ за поднесените обвиненија согласно став 3 од истиот член. Понатаму следејќи ги индициите Јавното обвинителство може да поднесува нови обвиненија кои ќе ги заснова на докази кои се дополнително прибавени, па откако ќе се завршат сите фази од кривичната постапка по секој предмет одделно, три месеци подоцна ќе се уништат сите незаконски прислушувани материјали, согласно одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки утврдени со закон.

Тргнувајќи од содржината на оспорениот член од Законот за Јавното обвинителство, анализиран во релација со одредбите од „Законот за СЈО“, кој престана да важи, стариот и новиот Закон за заштита на приватноста, произлегува дека поблиску уредува материја која ја опфаќа проблематиката на неовластено прислушкување, настаната пред донесувањето на Законот за Јавното обвинителство. Меѓутоа, заради надлежноста на Судот и фактот што дел од овие закони не се во важност, нема услови за впуштање во анализа на меѓусебната усогласеност.

Неовластеното следење на комуникациите извршено во период од 2008 до 2015 година и медиумски објавените снимки од незаконското следење на комуникациите, ја наметнаа потребата да се уреди истражувањето и гонењето на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, за што беше донесен „Законот за СЈО“.

Овој закон, остана во правниот поредок до влегувањето во сила на новиот Закон за Јавното обвинителство, кој во член 112 од тој закон го пропиша престанокот на важење на „Законот за СЈО“. Оттука, произлегува поврзаноста на одредбите од Законот за јавното обвинителство што сега е во сила и примена со „Законот за СЈО“, што е потенцирано во оспорениот член 110 од Законот за Јавното обвинителство.

Со Амандман XIX точка 1 ставови 1 и 2 на Уставот, се гарантира слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација“, а која може да се ограничи во определени ситуации заради спречување или откривање на кривични дела, водење на кривична постапка, безбедноста и одбраната на Републиката, врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон.

Прислушувањето извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година не беше извршено врз основа на некоја од ситуациите дозволени со Уставот, поради што законодавецот тие дејствија ги третира со „Законот за СЈО“, како незаконско следење на комуникациите. Ова од причини што уставната гаранција на слободата и неповредливоста на комуникацијата е доброто од општ интерес со јавно значење кое е дел од основните слободи и права на човекот и граѓанинот во Републиката. Законодавецот имаше легитимна цел за уредување на оваа материја во „Законот за СЈО“, а оспорениот член 110 од Законот е само временска смерница која го поврзува овој период со новата организација на Јавното обвинителство и третманот на овие материјали и предмети.

Оспорениот член 110 од Законот, според изнесената анализа, е во врска со започнатите и незавршени обвиненија и предмети на „СЈО“ поврзани со неовластено прислушуваните материјали од периодот 2008 до 2015 година, што произлегува од преодниот карактер на одредбата. Ова од причина што новиот Закон за јавно обвинителство пропишува промена на субјектот кој истражува и гони сторители на кривични дела поврзани со наведените материјали и промена на третманот на неовластено прислушуваните материјали, кои можат да се третираат или како доказ или како индиција во зависност од временскиот период кога се употребени за формирање и поднесување на обвинение.

Ваквата законска определба кореспондира со Начелното правно мислење на Врховниот суд на Република Македонија од 30.01.2019 година, според кое Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, како кумулативен услов, кој не може да биде пречекорен сметано од денот на прием на материјалите од неовластено следење на комуникации од член 2 од „Законот за СЈО“ и по истекот на тој рок од 18 месеци, не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка.

Во иницијативата е наведено дека материјалите од незаконски следените комуникации не се докази кои се прибавени во согласност со Закон и истите не можат да се користат и врз нив да се заснова судска одлука, но Судот утврди дека вака изнесените наводи се неосновани.

Ова прашање беше детално разработено како во теоријата така и во практиката. Дополнително и Европскиот суд за човекови права и националните судови имаат развиена богата јуриспруденција по однос на ова прашање. Исклучувањето на незаконито прибавените докази претставува еден од клучните елементи на правичното судење. При одлучувањето на допуштеноста на незаконските докази во кривичната постапка, судската практика инсистира на целосна проценка на пропорционалноста на правото на одбрана на обвинетиот и интересот на кривичниот прогон. При одлучување за допуштеноста на некој доказ, судовите се водат од одредени критериуми како сериозноста на кривичното дело, сериозноста на процедуралните повреди во контекст на собирање на доказите и намерата за заобиколување на доказните правила пред судот. Ако во секој поединечен предмет судот утврди дека правата на обвинетиот преовладуваат над интересите на кривичниот прогон, во тој случај доказите собрани на незаконит начин не може да се користат во кривичната постапка.

Исто така, од значење е што материјата за законитоста на доказите во казненото процесно законодавство е уредена во член 12 од Законот за кривична постапка. Во став 2 од овој член е пропишано „Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Репбулика Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не може да се користат и врз нив не може да се заснова судска одлука“. Во оваа одредба, законодавецот акцентот го става на начинот на прибавувањето на доказите, но не и на начинот на нивното создавање. Согласно овој приод на законодавецот, создавањето на доказот на незаконит начин не го прави автоматски самото доказно средство незаконско доколку истото било прибавено во согласност со Уставот, законите и меѓународните документи.

Во контекст на ова прашање, Апелациониот суд Скопје, со пресуда воспостави пракса на разликување на поимите создавање на доказите и нивно прибирање. Судот смета дека доколку доказот е создаден на незаконит начин, како на пример аудиоснимките се направени приватно и неовластено, без судски налог за посебна истражна мерка, тоа не го прави автоматски тоа доказно средство – снимениот разговор, незаконито. Праксата воспоставена од Апелациониот суд Скопје, воспоставува ситуација во која незаконски создадените, а законски прибавените докази секогаш се применливи и дозволени во кривичната постапка заради фактот што акцентот на законодавецот е ставен врз прибавувањето, а не врз создавањето на доказите.

По однос на исклучоците кои се содржани во ставот 2 на оспорениот член 110 од Законот, Судот цени дека оваа одредба е целосно во согласност со Уставот и меѓународните стандарди и особено јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права, како и со домашната судска практика.

По однос на оспорениот став 3 од истиот член, Судот утврди дека, ова решение е во тесна поврзаност со член 22 од „Законот за СЈО“, согласно кој „Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство, може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност“. Според член 110 од Законот за јавното обвинителство по овој рок прибавените материјали и предмети имаат третман на индиции по кои постапува сега надлежното јавно обвинителство.

Во врска со ставовите 4 и 5 на оспорениот член 110 од Законот, кои се однесуваат на унишувањето на материјалите и за други прашања поврзани со сите материјали и транскрипти од незаконски прислушуваните материјали, Судот оцени дека се во целост во согласност со уставните одредби, со оглед дека со оваа одредба целосно се штитат правата на лицата против кои се води кривичната постапка, како и на оние лица кои се дел од овие прислушувани материјали.

Во наводите од првата иницијатива подносителот наведува дека Јавниот обвинител на Република Северна Македонија нема овластување и надлежност за делата за кои е надлежно Специјалното јавно обвинителство. Согласно член 6 став 5 од „Законот за СЈО“, „Јавниот обвинител на Република Македонија или друг јавен обвинител не може да презема истраги и гонење по предмети кои спаѓаат во надлежност на јавниот обвинител без негова/нејзина писмена согласност“.

Вака изнесените наводи единствено можат да се поврзат со периодот на важење на Законот за „СЈО“, кој повеќе не е во правниот поредок. Надлежноста пак на Републичкиот јавен обвинител за преземање на предметите кои беа во надлежност на „СЈО“, произлегува од Амандманот XXX на Уставот и ставот 3 на член 106, според кој „Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, како што е и овој Закон.

Според подносителот на првата иницијатива, оспорениот член 110 од Законот за јавното обвинителство, бил спротивен со Уставните одредби во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9 став 2, член 11 став 1, член 12 став 1, член 13 став 2, член 14 став 1, член 25, член 26 став 1, член 27 став 1 и 2, член 51 став 1 од Уставот. По однос на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9 став 2, член 11 став 1, член 13 став 2, член 25 и член 51 од Уставот, подносителот на иницијативата не наведува причини поради кои смета дека се повредени овие Уставни одредби.

Според подносителот на втората иницијатива, оспорениот член 110 од Законот за јавното обвинителство бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 – владеење на правото, член 9 став 2 – еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, Амандман XIX од Уставот – неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација и член 52 став 4 – забрана на ретроактивно дејство на законите од Уставот.

Со оспорениот член престанува да важи Законот за „СЈО“, престанокот е од 30 јуни 2020 година, се определува овластен тужител и правила за натамошното постапување со предметите и материјалите поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година. Ваквата формулација на оспорената одредба не го нарушува владеењето на правото пропишани во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Оспорената одредба не ги прави нееднакви граѓаните пред Устав и законите бидејќи во содржината на истата само се потенцира начинот на постапување со материјалите од незаконски прислушуваните разговори пред и после утврдениот датум, кој датум беше утврден со двотретински закон, а со такво мнозинство беше донесен и „Законот за СЈО“.

Законодавецот има уставно овластување да ја уреди таа материја, конкретно во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите извршено во период од 2008 до 2015 година, а тоа го уреди со посебен закон, што не значи повреда на уставните одредби за владеењето на правото и заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.

Оспорениот член 110 од Законот, не е на штета на граѓаните кои биле опфатени со обвиненија поднесени до 30 јуни 2017 година и не ги става во нееднаква положба пред Законот, како што смета подносителот на втората иницијатива, кога определува дека неовластено прислушкуваните материјали после 30 јуни 2017 година, може да се користат само како индиција, но не и како доказ во постапка пред суд. Имено, вината на обвинетите лица се утврдува само со правосилна судска пресуда. Судот е оној орган кој единствено, врз основа на правично судење, може да каже дали граѓанинот е виновен или не за одредено казниво дело.

Судот утврди дека, одредбата од став 2 од Законот за Јавното обвинителство не ги става во нееднаква положба граѓаните опфатени или неопфатени со обвиненија заради различниот третман на овие материјали според член 110 од Законот. Впрочем поповолниот третман произлегува од член 110 од Законот кој по критичниот датум предвидува третман на овие материјали како индиции, а третманот на овие материјали како доказ изворно потекнува од Законот за „СЈО“ кој повеќе не е во сила и примена. Од овие причини Судот смета дека, нема повреда на член 9 став 2 од Уставот и нема понеповолен третман спротивно на член 52 став 4 од Уставот, а како станува збор за заокружени односи, односно за веќе поднесени обвиненија според тогаш важечки закон.

Од таму произлегува неоснованост на наводите за легализирање на незаконски прислушкуваните материјали и повратното дејствие на штета на граѓаните против кои веќе биле поднесени обвиненија, а како во член 110 од Законот, воопшто не се предвидува ретроактивноста, туку, поинаквиот третман произлегува од претходно важечките одредби од „Законот за СЈО“. Напротив, оспорената одредба за лицата кои не се опфатени со обвинение, определува поповолен третман сметајќи ги овие прибавени материјали како индиции.

Содржината од член 110 од Законот, не задира во слободата на човекот која е неприкосновена пропишано во член 12 став 1 од Уставот. Правото на слобода значи право на човекот на слободно движење, дејствување и слободно однесување. Оспорениот член не содржи одредба за определување мерка притвор, куќен притвор, ниту пропишува затворски казни со што би се ограничила слободата на човекот на која се повикува подносителот на првата иницијатива.

Во наводите во првата иницијатива се наведува дека со предметите формирани од страна на Специјалното јавно обвинителство кои се третирале во член 110 од Законот за јавното обвинителство, врз основа на незаконски докази кои не можеле да бидат основа за судска пресуда, биле притворани и казнети лица, со што смета дека е повреден член 14 став 1 од Уставот. Судот цени дека вака изнесените наводи, може да се доведат во релација само со примената на претходно важечкиот „Закон за СЈО“, но не и со оспорената одредба.

Според подносителот на втората иницијатива, легализирањето на незаконски прислушуваните разговори преку легализирање на обвиненијата засновани на незаконски следените комуникации, го повредува правото на слобода и неповредливоста на писмата и на другите облици на комуникација, во конкретниот случај комуникација преку телефон, со што смета дека е повреден ставот 2 на Амандман XIX од Уставот.

По однос на овие наводи, Судот цени дека, оспорениот член 110 од Законот, не е одредба со која се врши легализирање на материјалите, како што беше веќе елаборирано, бидејќи изворното уредување на оваа проблематика потекнува од „Законот за СЈО“, кој не е предмет на оцена пред овој суд.

Според подносителот, легализирањето на незаконски прислушкуваните разговори претставуваат груба повреда на правото на приватност и се во спротивност со критериумот неопходност во услови на демократско општество на кој упатува став 2 од Амандманот XIX на Уставот, Судот утврди дека оспорената одредба не уредува законитост или незаконитост на материјалите од неовластено следењето на комуникациите. Одредбата одредува субјект, начин на постапување и критичен датум до кој и од кој еден ист вид на материјали ќе се сметаат како доказ или како индиција.

Како причини за повреда на член 26 став 1 и член 27 ставови 2 и 3 од Уставот, подносителот на првата иницијатива ги наведува вршењето на претрес во домовите на осомничените лица по докази прибавени на незаконит начин со што се повредува уставната гаранција за неповредливост на домот, а се нарушува правото на граѓаните да ја напуштаат територијата на Републиката и да се вратат во неа, поради постапките на СЈО и обвинителните акти пред судовите кои биле незаконски преземени од Јавното обвинителство. По однос на ова прашање, Судот цени дека оспорената одредба не може да се доведе во корелација со вака изнесените наводи заради спецификата на нејзината содржина анализирана претходно.

Со оглед на наведеното, во оспорениот член 110 од Законот за јавното обвинителство нема елементи на повреда на уставните одредби пропишани во член 26 став 1 и член 27 ставови 2 и 3.

При формирањето на правното мислење ја имавме предвид предизвиканата општествена состојба и потреба во конкретниот временски период за постапување со неовластено прислушкуваните материјали, која беше уредена со Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и по која проблематика постапуваше Специјалното јавно обвинителство.

Временската ограниченост на важење на овој закон, ја предизвика потребата од носење на Законот за Јавното обвинителство кој го содржи оспорениот член 110. Овој член се однесува за предметите и материјалите кои се произлезени со неовластеното следење на комуникациите извршено во период од 2008 до 2015 година, кога од страна на државниот механизам надлежен за заштита на правата на човекот и граѓанинот, беше направена повреда на повеќе слободи и права утврдени во Уставот. Поточно, слободата и неповредливоста на писмата и сите други облици на комуникација, согласно Амандман XIX точка 1 став 1 на Уставот, а со тоа и повреда на приватноста на личниот и семејниот живот, повреда на достоинството и угледот, повреда на слободата на уверувањето, совеста, мислата, потоа моралниот интегритет на човекот, а преку него и физичкиот интегритет на човекот, што понатаму се рефлектира и на неприкосновеноста на животот.

Во функција на заштита на уставно загарантираните основни слободи и права на човекот и граѓанинот, законодавецот со оваа одредба го имал предвид општиот интерес и јавното значење, општествена оправданост, соодветност односно неопходност, пропорционалност, односно срезмерност и истата не е во спротивност со наведените уставни одредби на кои се повикуваат подносителите.

Впрочем, треба да се има предвид дека со неказнување на незаконското следење на комуникациите на граѓаните би се предизвикала заштита на едни слободи и права и тоа на една група на граѓани засегнатите, обвинетите граѓани, од една страна, но, од друга страна, би се овозможило неказнување за сторена повреда на други слободи и права и тоа на значаен број на граѓани – неповредливост на комуникацијата и други последици, што не е во функција на заштита на основните слободи и права на граѓаните како темелна вредност на уставниот поредок.

Од направената анализа и изнесената фактичка состојба произлезе дека законодавецот јасно, прецизно и недвосмислено ги пропишал начинот на користење и уништување на материјалите и транскриптите од незаконски прислушкуваните материјали, со прецизирање на рокови за уништување на истите, категорично задолжувајќи го Јавното обвинителство што да прави во конкретни започнати и незавршени обвиненија и предмети поврзани со неовластено прислушуваните материјали согласно член 106 став 1 и Амандман XXX точка 1 став 1 на Уставот.

6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.22/2020
У.бр.231/2020
10.05.2023
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска

Издвоено мислење по предметите У.бр.22/2020 и У.бр.231/2020