Укинат дел од член 8 од Законот за Судски совет кој се однесува на изборот на претседател

Уставниот суд го укина член 8 став 3 во делот „кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија“, од Законот за Судски совет на Република Северна Македонија.

Целосната одредба гласи дека претседателот на Советот и неговиот заменик се избираат од редот на членовите на Советот со право на глас, кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија.

Судот оцени дека е неуставно ограничувањето на изборот на претседателот и негов заменик на Судскиот совет само на членовите кои се избрани од Собранието, додека останатите членови на Советот со право на глас се исклучени.

Според Уставниот суд, укинатиот дел од наведениот член е спротивен на владеењето на правото и поделбата на државната власт.

Со оглед дека се работи за предмет оформен во 2020 година, а претходно два пати беше одложуван поради недобиено мнозинство, денеска со истиот предмет беше дополнет дневниот ред.

Предметот У.бр.233/2020 е оформен по поднесена иницијатива од страна на Панче Докузов на  17.07.2020 година.