Решение У.бр.4/2022

У.бр.4/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 1 декември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.288/2021).

2. Стопанската комора на Северна Македонија, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата поднесена од страна на Стопанската комора на Република Северна Македонија, со оспорениот закон е определено дека ден на неделен одмор е недела и притоа се дефинирани дејностите кои претставуваат исклучок од ова правило и каде ден на неделен одмор може да биде било кој друг ден во неделата и дека e утврден и додаток на плата за работа во недела во износ од најмалку 50% за секој час поминат на работа и од тие причини се дозволува нееднаквост на граѓаните пред законите, нарушено е начелото на владеење на правото и дека оспорениот закон е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 9 став 2 од Уставот. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката е и владеењето на правото, алинејата 7 од истиот став 1, во темелните вредности на уставниот поредок, ја вклучува и слободата на пазарот и претприемништвото и член 9 став 2 од Уставот утврдува дека граѓаните пред Уставот и законите биле еднакви. Со член 1 од оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 288/2021), се дополнува член 106 став 3 од основниот закон, со додаток на плата за работа во недела, како дел од третата компонента на платата. Со членот 2 од истиот закон, се менува член 134, кој гласи: „Ден на неделен одмор е недела“. По ставот 2 се додаваат седум нови ставови 3, 4, 5, 6, 7, 8 и 9. Ставот 3 гласи: „(3) По исклучок од ставот (2) на овој член, за работниците кај работодавачите кај кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко-технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата и тоа во дејностите кои се таксативно набројани како исклучок.“

Во иницијативата се наведува дека со новото законско решение дадено во Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи е уредено да се користи неделен одмор преку „воведување на забрана за работа во недела“ и биле набројани таксативно исклучоци на „одредени дејности“ каде неделниот одмор може да се користи во друг ден во текот на неделата и од тие причини ова оспорено законско решение не е во полза, ниту на економските субјекти, ниту на работниците и истото директно задира во темелните вредности на уставниот поредок на државата. Според наводите во иницијативата „уставноста“ на овој закон треба да биде „ценета“ од правен аспект и истата „претпоставувала внатрешна усогласеност на правниот поредок и соодветната хиерархија на правниот поредок и правните прописи“ на чело со Уставот, додека од функционален аспект подразбира сите „државни органи и носители на јавните овластувања своите функции да ги вршат согласно уставните начела“. Оттука, според наводите во иницијативата уставноста е највисока форма на владеењето на правото, а тоа пак е предуслов за раст и развој на стопанството.

Стопанската комора на Република Северна Македонија, како подносител на иницијативата, наведува дека по спроведувањето на бројни консултации со компаниите членки од различни економски сектори и дејности, ценат дека оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за работни односи е во спротивност со уставниот поредок и начелото на владеење на правото од причина што истиот задира во темелните вредности на уставниот поредок на државата.

Со оспорениот член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, се задира во слободата на пазарот и претприемништвото и во начелото на еднаква правна положба на субјектите на пазарот кои државата наместо да ги гарантира, „директно ги повредувала“ преку ограничување на правото на одредени субјекти слободно да ги организираат работните процеси, според капацитетите со кои располагале, согласно потребите на пазарот и основните принципи на претприемништво и пазарна економија. Притоа таквото ограничување со оспорениот закон од страна на законодавацот, не е ниту поради одбраната на Републиката, ниту поради зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето, па оттука, во иницијативата е наведено дека законодавецот ја пречекорил уставно пропишаната правна рамка и го довел во прашање остварувањето на темелните вредности на уставниот поредок.

Во иницијативата е наведено дека со ова законско решение работодавачите од економските дејности на кои им се забранува работа во недела (производство на неметалните минерални производи) и кои имаат еднаква правна положба од аспект на обврските да ги намируваат данокот и другите јавни давачки кон државата, кои се утврдени со закон и се ставени во нееднаква правна положба со работодавачите од економските дејности на кои им е дозволено да работат во недела (како пример производството на метали) од аспект на правата да остваруваат приходи и добивка. Оттука, според наводите во иницијативата неприфатливо е за принципите на пазарна економија, без претходно утврдени критериуми „законодавецот да оценува кои дејности и според чија природа да налага да се работи во недела“. Исто така, неприфатливо е законодавецот да дава широки дискрециони овластувања и да се дозволи со подзаконски акт на државен орган, ресорен министер, да ја дополнува листата на дејности кои би имале карактер на помошни или придружни дејности, а кои исто така може да се вршат во недела, заради непречено функционирање на споменатите дејности, кои примарно се исклучени од примена на одредбата, како и заради непречено извршување на основната дејност на работодавачите.

Според наводите во иницијативата листата на дејности од член 2 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.288/21), кои дејности може да работат во недела, не била целосна, односно, сепак не ги опфаќала сите дејности кои не трпат одлагање и кај кои прекинот на работата на машините и опремата претставува сериозни економски штети и загуби за субјектите, како на пример производството на цемент или гипс од причина што „оцената“ за тоа кои се дејностите кај кои техничко-технолошкиот процес не може да се прекине и кај кои се налага потребата од континуитет во работата во недела треба да го вршат самите економски субјекти кои инвестираат во опрема и технологии, а не законодавецот. Од друга страна, пак, со член 2 став 4 преку упатување на Законот за трговија („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2004, 128/2006, 63/2007, 88/2008, 159/2008, 20/2009, 99/2009, 105/2009, 115/2010, 158/2010, 36/2011, 53/2011, 148/2013, 164/2013, 97/2015, 97/2015, 129/2015, 53/2016, 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.77/2021 и 295/2021), листата на дејности кои можат да работат во недела се проширува и во однос на трговијата на мало, а која како дејност воопшто не е дејност која се врши според некаков техничко-технолошки процес или налага континуитет во работата. Стопанската комора на Република Северна Македонија согласно погоре наведеното цени дека целта на законодавецот којашто сака да ја постигне со ова законско решение е нејасна, а средствата за нејзино исполнување се спротивни на темелните вредности. Имено, во иницијативата е наведено дека работниците се клучни за успех на економските субјекти и доследно треба да се почитува нивното уставно загарантирано право на платен дневен, неделен и годишен одмор, меѓутоа истото во никој случај не смее да подразбира изречна забрана за вршење на економска дејност и повреда на принципите на пазарната економија на кои се темели уставниот поредок.

Во иницијативата е наведено дека Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.288/21) е спорен од аспект на уставната одредба дека Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамноправен просторен и регионален развој, како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја. Оспореното законско решение го дестимулира економскиот напредок бидејќи голем број на инвеститори ќе ги преиспитаат тековните инвестиции и одлуките за инвестирање. Во ниту една друга држава од соседството, ниту во државите кои ни се директни конкуренти во привлекувањето на странски инвестицији не е уредено вакво стриктно ограничување, кое бизнис заедницата смета дека сериозно ќе влијае на конкурентноста на македонската економија и ќе наметне ризици за одлив на инвестициите на тие пазари кои пак во најголем дел се лоцирани во технолошко индустриски развојни зони и во голема мера придонесуваат за регионален економски развој на нашата држава.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените законски решенија не давале гаранција за правната сигурност, односно со оспорениот закон кој претставувал lex generalis во областа на трудовото право и требало да пропишува еднакви услови за остварување на првото на работа, слободен избор на вработување плата и додатоци на плата како и на платен одмор без оглед на видот на дејноста која ја врши работодавачот. Оспореното законско решение директно задирало во правото на еднаквост на граѓаните во однос на примената на трудово-правните прописи.

Во продолжение на иницијативата се наведува дека голем број на деловни субјекти посебно големите производствени капацитети своето работење го имаат организирано според принципот ротација на четири смени. Согласно овој режим на работа на работниците им е организирано да имаат два слободни дена за неделен одмор, но тие се користат наизменично согласно редоследот на распоред на смените и за различни работници се користат во кој било ден од неделата. Согласно наведеното, неоправдано е за работниците кои се ангажирани во ваков режим на работење неделата задолжително да се смета за ден на неделен одмор и за работен ангажман на тој ден да се плаќа зголемена дневница имајќи предвид дека работењето во недела е дел од редовниот работен распоред на работникот и дека му се загарантирани два други слободни дена за неделен одмор. Плаќањето за зголемена дневница за работа во тие денови претставува неправилен третман кон работниците и остварување на правото на додатоци за плати само за оние работници кои во рамките на редовниот работен распоред работат во недела додека правото на неделен одмор го користат во исто времетраење, како и другите работници само во денови во неделата.

Според наводите во иницијативата согласно член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.288/21) со кој се менува член 134 во ставот 6 е определено дека работникот од дејностите од ставовите 3, 4 и 5 на овој член, покрај правото на додаток на плата за работа во недела, има право и на користење на неделен одмор во наредните седум дена. Додатокот на плата за работа во недела изнесува најмалку 50% за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот. Меѓутоа ставот 4 од истиот член упатувал на примената на Законот за трговија („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2004, 128/2006, 63/2007, 88/2008, 159/2008, 20/2009, 99/2009, 105/2009, 115/2010, 158/2010, 36/2011, 53/2011, 148/2013, 164/2013, 97/2015, 97/2015, 129/2015, 53/2016, 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.77/2021 и 295/2021), каде е определено дека додатокот на плата за вработените во трговијата на мало за работа во недела и на празници изнесува најмалку 100% за секој поминат час на работа. Со тоа работниците во зависност од економските дејности кои ги вршат без оглед на сложеноста на работата која ја вршат се доведени во нееднаква правна положба на начин што законодавецот различно го вреднува нивниот труд и времето поминато на работа во недела утврдувајќи различна висина на додатоците на плата. Оттука, во инцијативата се наведува дека работниците се доведени во нееднаква положба од другите дејности кои воопшто немаат можност, а самоиницијативно би сакале да работат во недела и со тоа да остваруваат повисоки примања согласно законот и колективните договори.

Во иницијативата се предлага поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон поради грижата за заштита на темелните вредности и доследната примена на начелата на еднаквост на граѓаните пред законите, нарушување на начелото на владеење на правото и дека е во спротивност со член 8, став 1 алинеи 3 и 7, член 9 став 2 и член 55 од Уставот и да се донесе решение за запирање на извршувањето на оспорениот закон поради можноста од предизвикување на сериозни штети и тешко отстранливи последици по работењето на компаниите од дејностите кои не се исклучени од примената на овој закон, а чии процеси ја налагаат потребата за работа и во недела.

3. Судот на седница утврди дека според член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.288/2021), во член 106 во ставот 3 по зборовите: „определени со закон“ се става запирка и се додаваат зборовите: „работа во недела“.

Согласно член 2 од овој закон, во член 134 ставот 2 се менува и гласи: „Ден на неделен одмор е недела.“. По ставот 2 се додаваат седум нови ставови 3, 4, 5, 6, 7, 8 и (9), кои гласат: „(3) По исклучок од ставот 2 на овој член, за работниците кај работодавачите кај кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко – технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата и тоа во дејностите: одгледување на животни, мешовито фармерство, вадење на јаглен и лигнит, вадење на руди на метал, печатење и издавање на весници, производство на леб, слатки во свежа состојба и бисквити, производство на пиво, само во процесите поврзани со варење, квасна припрема и следење, ферментација, филтрација и енергетска поддршка на овие процеси, производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, производство на плочи, листови, цевки и профили од пластични маси, производство на индустриски гас, производство на метали, аптеки, снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности на санација на околината, копнен, цевоводен, воден и воздухопловен транспорт, складирање и помошни дејности во превозот, објекти за сместување, дејности за подготовка на оброци и служење на храна, филмска дејност, дејности за видео и телевизиска програма, емитување на програма, телекомуникации, информативни услужни дејности (хостирање, обработка на податоци, интернет портали и слично), прикажување на филмови, фотографски дејности, ветеринарни дејности, изнајмување и давање под закуп (лизинг) на моторни возила, дејности на приватна заштита и услуги на заштита со помош на сигурносни системи, дејности на повикувачки центри, општи дејности на јавната управа, само за итни и неодложни работи поврзани со одржување на седници, инспекциски надзори, чување на шуми, а кои работи се од витално значење за државниот и јавниот интерес, работи на одбраната, судски и правосудни дејности, работи на јавниот ред и безбедноста, дејности на пожарникарската служба, дејности за здравствена заштита, дејности на социјалната заштита со сместување, креативни, уметнички и забавни дејности, дејности на музеите, дејности на зоолошки градини и природни резервати, спортски, забавни и рекреативни дејности, погребни и слични дејности, царинска служба на гранични премини, дејности кои имаат карактер на помошни или придружни дејности со цел непречено функционирање на дејностите од овој став, врз основа на склучен договор со работодавачот од дејностите од овој став и работни места од други дејности кои не се опфатени со овој став, а имаат карактер на помошни и придружни работи за непречено извршување на основната дејност на работодавачот. (4) Работниците кај работодавачите од трговија на мало и трговија на големо, денот на неделен одмор од ставот 2 на овој член, го користат во согласност со Законот за трговија. (5) Во случај на природна и друга несреќа или хаварија и спречување на последиците од нив или кога таква несреќа непосредно се очекува, на барање на работодавачот, работникот е должен да работи во недела заради заштита на животот и здравјето на луѓето и спречување на непоправлива материјална штета. (6) Работникот од дејностите од ставовите 3, 4 и 5 на овој член, покрај правото на додаток на плата за работа во недела, има право и на користење на неделен одмор во наредните седум дена. Додатокот на плата за работа во недела изнесува најмалку 50% за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот. (7) Во случаите од ставовите 3, 4 и 5 на овој член, работодавачот е должен пред започнувањето на работата, да го извести Државниот инспекторат за труд. (8) Дејностите и работите од ставот 3 алинеи 42 и 43 на овој член, ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот. (9) Формата, содржината и начинот на известувањето од ставот 7 на овој член, ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот.“

Во член 3 е наведено дека по член 259-a се додава нов член 259-б, кој гласи: (1) По исклучок од членот 258 став 1 од овој закон, ако инспекторот на трудот при инспекцискиот надзор констатира дека кај работодавачот работи работник во недела, спротивно на членот 134 од овој закон, со решение ќе му забрани на работодавачот вршење на работа во работната просторија или работниот простор каде е утврдена неправилноста, во траење од 15 дена, ќе му издаде прекршочен платен налог. Ако работодавачот не го прифати прекршочниот платен налог или не го плати, надлежниот инспектор ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка, согласно со Законот за прекршоците.(2) Ако работодавачот го повтори прекршокот од ставот 1 на овој член, инспекторот со решение ќе му забрани вршење на работа во работната просторија или работниот простор каде е утврдена неправилноста, во траење од 30 дена и ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка согласно со Законот за прекршоците. (3) За време на забраната за работа од ставовите 1 и 2 на овој член, работодавачот е должен на работниците да им исплатува надоместок на плата во висина од исплатената плата на работникот во претходниот месец и придонеси од плата и за време на забраната не смее да го намали бројот на вработените. (4) Против решенијата од ставовите 1 и 2 на овој член, може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до органот надлежен за одлучување во втор степен, согласно со закон. (5) Жалбата не го одлага извршувањето на решението од ставовите 1 и 2 на овој член. (6) Овластените службени лица се должни да водат евиденција за издадените прекршочни платни налози и за исходот на покренатите постапки. (7) Во евиденцијата од ставот 6 на овој член, се собираат, обработуваат и чуваат следниве податоци: име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на прекршочниот платен налог кој му се издава и исходот на постапката. (8) Личните податоци од ставот 7 на овој член, се чуваат пет години од денот на внесување во евиденцијата.”

Согласно член 4 од истиот закон се утврдува дека подзаконските акти предвидени со овој закон, ќе се донесат во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон. Со член 5 од овој закон се овластува Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Северна Македонија да утврди пречистен текст на Законот за работните односи. Согласно член 6 од истиот закон, се уредува дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 јануари 2022 година.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката е и владеењето на правото. Алинејата 7 од истиот став, во темелните вредности на уставниот поредок, ја вклучува и слободата на пазарот и претприемништвото.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во делот на Уставот кој се однесува на основите на економските односи, со член 55 став 1 е утврдено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Според ставот 2 на истиот член Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.Според ставот 3 на истиот член слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 288/21), се дополнува член 106 став 3 со додаток на плата за работа во недела, како дел од третата компонента на платата. Со член 2 од истиот закон, се менува членот 134, кој гласи: „Ден на неделен одмор е недела.“. По ставот 2 се додаваат седум нови ставови. Со ставот 4 се предвидува и исклучок за работниците кај работодавачи од трговијата, кој ќе се уреди со Законот за трговијата. Со ставот 5 се утврдува дека во случаи на природни несреќи и хаварии на барање на работодавачот, работникот е должен да работи во недела. Во ставот 6 се утврдува и додатокот на плата и се предвидува дека за работа во недела работниците ќе добијат додаток на плата од најмалку 50% за секој час на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот, како и право на ден на неделен одмор во наредните седум дена.

Измените и дополнувањата на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.288/2021) имаат за цел да го утврдат денот недела како ден за неделен одмор на сите работници. Со оглед на тоа дека законодавецот го утврдил значењето на рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот, како неопходен елемент во животот на работникот со цел да биде поефикасен и помотивиран на работното место, додека од друга страна овозможува многу полесно да го организира својот приватен живот – семеен и социјален, што ги задоволува неговите потреби и потребите на семејството како општествена и социјална реалност. Гледано во еден поширок национален контекст, интерперсоналната комуникација и релации со семејството и пријателите се традиционални вредности коишто треба да се чуваат и развиваат. Дополнително, работникот треба да има време да се занимава со хоби, да спортува и да посетува културни настани, а сето тоа, вклучително и исполнетиот семеен и социјален живот ќе му помогнат на работникот да го канализира оптоварувањето на работното место и да биде попродуктивен. Од овие причини, како и во насока на следење на современите меѓународни трендови во трудовата област, законодавецот предвидел дека се појави потребата за определување на неделата како ден на неделен одмор за сите, со одредени исклучоци кај работодавачи во дејностите каде работниот процес не дозволува да се направи прекин на работниот процес.

Понатаму, имајќи ги предвид наводите во иницијативата, дека со измените и дополнувањата на Законот за работните односи се создава нееднаквост на граѓаните пред законите, нарушување на начелото на владеење на правото и дека оспорените одредби се во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 9 став 2 од Уставот, односно дека уставноста е највисока форма на владеењето на правото, а тоа пак, е предуслов за раст и развој на стопанството, Судот оцени дека треба да се има предвид дека член 8 од Уставот, кој како темелни вредности, покрај другите и покрај слободата на пазарот и претприемништвото, го дефинира и владеењето на правото, односно заштитата на секое уставно загарантирано право. Во оваа смисла е и почитувањето на член 25 од Уставот, кој вели дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот, но и на член 40 став 1 според кој Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Дополнително, со член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Оттука, Судот оцени дека законодавецот при определувањето на правото на неделен одмор, водел сметка за загарантираното право со членот 32 од Уставот, со цел да се овозможи остварување дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, односно правото и должноста на заштитата на сопственото здравје и здравјето на другите. Ова пак, понатаму кореспондира и со член 55 од Уставот според кој „Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето…“. Согласно наведеното, секој работодавач и претприемач, освен за своето, треба да се грижи и за здравјето на другите, во овој случај и на работниците. во однос на наведените исклучоци за ослободување од забраната за работа во недела и празници, законодвецот пропишал полиберален режим за одредени дејности на трговија на мало, без монополски позиции кои можат да ги нарушат останатите сегменти на трговијата, а со цел со исклучоците да продолжат на рационално и ефикасно ниво тековните активности во трговијата на мало во дејности кои законодавецот проценил дека имаат економско оправдување, не на штета на тргувањето и конкуренцијата во трговското работење во општествено-економски систем во државата

Поради наведеното, Судот утврди дека ова прашање за пристапот на законодавецот да пропишува исклучоци од општото правило за недела и празници како неработни денови за трговците на големо и трговците на мало, е прашање во доменот на законодавната политика за креирање на тој облик на законски решенија. Оттаму, законодавецот со утврдувањето на законското решение, во Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.288/21) Судот оцени дека не воспоставува монопол на поединечни правни субјекти на пазарот, туку при одредувањето на оние коишто се исклучоци од правилото „недела-неработен ден“ се тргнува од неопходноста при нивното работење заради остварувањето на други уставно загарантирани права на граѓаните, како и заради заштита на производството од прекини коишто би предизвикале огромни трошоци.

Поради сето наведено, Судот утврди дека не може да се зборува за нееднаквост на граѓаните пред законите, ниту пак за нарушување на слободата на пазарот и претприемништвото. Определбата на законодавецот да утврди во Законот, дека во денот недела и на празници не може да се врши дејноста и го утврдува денот недела како ден на остварување на правото на неделен одмор како и правото на неработен ден на празници согласно закон, е општо законско решение во врска со заштитата на правата на работниците од работен однос за што се определил законодавецот во рамки на креирањето и нормирањето на законодавната политика во оваа сфера. Во тие рамки прашањето зошто законодавецот го нормирал ова решение, а не допуштил на работодавачот слободно да го уредува прашањето за остварување на ден на неделен одмор, не е во доменот на уставно-судска проценка, туку е во правото на законодавецот да креира законодавна политика во сфера на работните односи и деловното работење кои се одраз на односите во стопанството и претприемништвото во општеството во време кога законодавецот проценил дека овој социјално-економски правен режим е неопходен во Републиката, имајќи предвид и дека во членот 1 од Уставот, Република Северна Македонија е декларирана како социјална држава.

Со уставно-судската анализа на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.288/2021), се поврзува и интенцијата на законодавецот при нормирањето на одредбите од истиот, каде се допушта поеластично, по исклучок, во некои дејности да може да се вршат во недела и празници, што претставува обезбедување на неопходен континуитет во ова економско работење како гаранција дека во тие односи страните, односно работодавците, работниците и корисниците на услугите, се во меѓусебна поврзаност на исполнување на деловните интереси и одржување на неопходна општествена ефикасност во сферата на трговијата.

Тргнувајќи од анализата на наводите во иницијативата дека со оспорените одредби од овој закон се задира во слободата на пазарот и претпримништвото и во начелото на еднаква правна положба на субјектите на пазарот кои државата наместо да ги гарантира директно ги повредува преку ограничување на правото на одредени субјекти слободно да ги организираат работните процеси, според капацитетите со кои располагаат, според потребите на пазарот и според основните принципи на претприемништво и пазарна економија, Судот оцени дека наводите се неосновани. Во однос на наведените исклучоци за ослободување од забраната за работа во недела и празници, законодавецот пропишал полиберален режим за одредени дејности, без монополски позиции кои би можеле да ги нарушат останатите сегменти на економијата, а со цел со исклучоците да продолжат на рационално и ефикасно ниво тековните активности. Имено, законодавецот проценил дека одредени дејности имаат економско оправдување, но се внимава да нема штета на пазарот и конкуренцијата во пазарното работење во општествено-економски систем во државата. Ова прашање за пристапот на законодавецот да пропишува исклучоци од општото правило за недела и празници како неработни денови во Републиката, е прашање во доменот на законодавната политика за креирање на тој облик на законски решенија.

Од уставно-правен аспект тие не можат основано да се доведат под сомнеж со споменатите одредби од Уставот, ниту овој суд има надлежност да креира законски решенија. Собранието на Република Северна Македонија како законодавен дом согласно член 68 алинеја 2 од Уставот, донесува закони, а со ваквата уставна надлежност и во случајов, со закон пропишал правен режим во сферата на работните односи.

Од овие причини и оспорените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи не може да се постави прашањето за несогласност со Уставот.

Имено, со оспорените одредби на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, се пропишува поволно законско решение од битно влијание врз материјалната и социјалната положба во остварувањето на правата на работниците, како во однос на остварувањето на неработен ден во неделата и примање на надоместок на плата за работа во недела и на празници, со што се заштитуваат и промовираат правата и интересите на работниците, како од аспект на одмор во неработен ден, така и за надоместок на плата за работа во недела и празници. Од тие причини, пропишаниот додаток на плата во трговија на мало и трговија на големо, за работа во недела и на празници кој согласно одредбите од Законот за трговија изнесувал најмалку 100% за секој час поминат на работа, додека според оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи како закон кој претставува lex generalis, додатокот на плата за работа во недела изнесува најмалку 50% за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот. Од тие причини, Судот утврди дека тоа не е прашање кое овој суд има надлежност да го компарира и оценува од аспект на друг закон, ниту со одредби од Законот за трговија кој во конкретниот случај има супсидијарна примена како lex specialis, бидејќи Судот не ја цени меѓусебната согласнот на одредби од два закони и од тие причини не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот. Оттука, Судот оцени дека не се основани наводите во иницијативата поднесена од страна на Стопанската комора на Македонија, дека тоа претставува неправилен третман кон работниците и остварување на правото на додатоци за плати, само за оние работници кои во рамките на редовниот работен распоред работат во недела, додека правото на неделен одмор го користат во исто времетраење како и другите работници само во другите денови во неделата.

Имајќи го предвид горенаведеното, Судот утврди дека Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.288/21), е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 9 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија. Тргнувајќи од наведената правна и фактичка состојба Судот оцени дека во конкретниот случај не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот закон бидејќи со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици по работењето на компаниите од дејностите кои не биле исклучени од примената на овој закон, а чии процеси ја налагале потребата за работа и во недела.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.4/2022
01.12.2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска

Издвоено мислење по предметот У.бр.4/2022