Решение У.бр.33/2022

У.бр.33/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 13 јули 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на став 8 од Телеграмата на Министерството за внатрешни работи, број 22.1-19/1 од 06.08.2019 година.

2. Гранскиот независен синдикат на полицијата од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорениот акт, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите во иницијативата, Министерството за внатрешни работи воопшто немало законски основ за донесување на оспорениот акт, па оттука тој бил неуставен. Имено, според подносителот со ваква телеграма на вработените во ОГРМ, сите РЦ за ГР, ПС за ГП и ГН им се забранувало користење и пристап до нивните приватни мобилни телефони за време на работа согласно член 41 од Правилата за начинот на однесување и меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овластување во Министерството за внатрешни работи, со ваков акт овие вработени биле дискриминирани во однос на сите останати вработени во Министерството, на кои не им е ограничено тоа право, а ваквото ограничување претставувало попречување во користењето на правото на сопственост.

Исто така, подносителот наведува дека во почетокот на Телеграмата се напоменува дека истата е донесена поради констатирани недоследности, пропусти и злоупотреби во работењето на граничните премини поради пропуст при работењето на одредени вработени и поради тоа се ставале забрани за сите останати вработени.

Со оспорениот став 8 од Телеграмата, подносителот смета дека се повредени член 9 и член 30 од Уставот, поради тоа што со поднесеното правило дел од вработени биле дискриминирани во однос на останатите вработени во Министерството за внатрешни работи.

Од овие причини, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорениот акт донесен од директорот на Бирото за јавна безбедност и истиот да се поништи.

3. Судот на седницата утврди дека ставот 8 од Телеграмата на Министерството за внатрешни работи, број 22.1-19/1 од 06.08.201 година, е со следната содржина:

„Се забранува носење и користење на приватни мобилни телефони за време на работата согласно член 41 од Правилата за начинот на однесување и меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овластување во МВР“.

4. Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, како што е наведено во член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Соодветно на содржината на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Член 41 став 1 алинеjа 1 од Правилата за начинот на однесување и меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овластување во Министерството за внатрешни работи гласи: „Кога е на службена задача овластеното службено лице не смее да користи приватно средство за врски (кое може да го носи само со одобрение од раководниот работник), транзистори, вокмени и други средства кои можат да му го одземат вниманието“.

Со доставената иницијатива се бара оценување на уставноста на став 8 од Телеграмата којашто работодавачот ја доставил до наведените организациони единици во Министерството за внатрешни работи, истата ја доставил како што се наведува во иницијативата согласно член 41 од Правилата за начинот на однесување и меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овластување во Министерството за внатрешни работи. Иако Правилата не се оспорувани, сепак овие Правила за начинот на однесување се интерни правила кои што се однесуваат на меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овластување во Министерството за внатрешни работи, меѓутоа Уставниот суд не постапува по вакви интерни акти, телеграми, кореспонденции, кои произлегуваат од интерни правила, а кои воопшто немаат елементи на пропис кој е подобен за оцена пред Уставниот суд.

Поаѓајќи од правните елементи кои што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите на општ начин и на неопределен круг на субјекти во правото, се утврди дека во случајов Телеграмата која што е во корелација со Правилата за начинот на однесување и меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овластувања во Министерството за внатрешни работи, донесени од директорот на Биро за јавна безбедност, нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба и не е подобна за уставно-судска оцена.

Имајќи ги предвид уставно пропишаните надлежности на Уставниот суд, наспроти содржината на оспорениот акт, Судот оцени дека Уставниот суд не е надлежен да постапува по барањето изнесено во иницијативата.

Согласно правните елементи коишто го определуваат прописот, според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите на општ начин и да се однесува на неопределен број на субјекти во правото, произлегува дека оспорениот став 8 од Телеграмата на Министерството за внатрешни работи, со број 22.1-19/1 од 06.08.2019 година, претставува интерен акт за начинот на однесување на полициските службеници при извршување на службени задачи, поради што нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба и не е подобен за уставно-судска оцена.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот констатира дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, поради ненадлежност на Судот.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.33/2022
13 јули 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска