Решение У.бр.14/2022

У.бр.14/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 20 април 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето од Томе Главчев од Гевгелија, Ратко Димитровски од Кочани и Зоранчо Митровски од Штип, поднесено од полномошникот, адвокат Петро Јанура од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, односно имотна и општествена положба, во поглед на личен статус и во поглед на статус на сведок во судска постапка, како и по основ на политичка припадност, односно политичко уверување, поради поднесен Обвинителен акт КО.бр.121/19 од 14.12.2020 година на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, одобрен во целост од страна на Советот за оцена на обвинителниот акт на Основниот кривичен суд – Скопје, со Решение II КОК-ООА бр.60/2020 од 14.10.2021 година.

2. Подносителите преку полномошникот, адвокат Петро Јанура од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, заради сторена дискриминација со актите и по основите наведени во точката 1 од Решението.

Во барањето се наведува дека против подносителите, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот кривичен суд Скопје – Одделение за организиран криминал и корупција, поднело Обвинителен акт КО.бр.121/19 од 14.12.2020 година, против кој подносителите вложиле приговори, меѓутоа, Советот за оцена на обвинителниот акт при Основниот кривичен суд – Скопје, донел Решение II КОК-ООА бр.60/2020 од 14.10.2021 година, со кое приговорите од подносителите биле одбиени како неосновани, а обвинителниот акт во целост бил одобрен, па поради незадоволството од поднесениот и одобрен обвинителен акт, подносителите иницираат постапка пред Уставниот суд за заштита на нивните слободи и права, бидејќи со погоре наведените акти им била сторена повреда на правото на недискриминација, односно забраната на дискриминација, по основ на социјална припадност, односно имотна и општествена положба, во поглед на личен статус и во поглед на статус на сведок во судска постапка, како и по основ на политичка припадност, односно политичко уверување.

Наведуваат и дека барањето за заштита на слободи и права до Уставниот суд го поднесуваат навремено, како и дека барањето за заштита на слободи и права било основано, бидејќи поднесувањето на обвинителниот акт против подносителите кои биле долгогодишни успешни бизнисмени и кои уживале углед во заедницата на добри, работливи и чесни луѓе, а подносителот Ратко Димитровски бил и градоначалник на Кочани, во два мандати, како кандидат на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ, било производ на дискриминаторски дејствија по различни основи, односно, дека кривичниот прогон спрема нив, зрачел со дискриминација. Се наведува и дека непосредните факти коишто укажувале на дискриминација спрема кој било од подносителите, биле факти на кои имал право да се повикува секој од нив, бидејќи тие биле обвинети во едно исто обвинение.

Во продолжение на барањето се изнесува хронологија на настани поврзани со отворање на истрага за предмет под име „Поштенска банка”, од страна на поранешен јавен обвинител (К.Ј.) кој раководел со Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегувале од содржината на незаконското следење на комуникации (СЈО). Се изнесуваат наводи за претходно нарушени меѓучовечки односи во минатото помеѓу тогаш јавниот обвинител и подносителот Томе Главчев, но тој, наместо да се изземел поради нарушените односи, повел истражна постапка против подносителот Томе Главчев во предметот под име „Поштенска банка”, како и дека, актуелниот јавен обвинител Б.Р., иако знаел за настанот и влошените односи помеѓу нив, ништо не направил да ги заштити правата на подносителот Томе Главчев, кој потоа поднел барање за негово изземање, но, истото било одбиено.

Со погоре опишаниот настан, според наводите во барањето, била сторена дискриминација на подносителот Томе Главчев по основ на социјална припадност, односно општествена положба и во поглед на личен статус, а се наведува и дека тоа дискриминаторско постапување спрема подносителот Томе Главчев, се ефектуирало, односно се протегало и врз подносителите Ратко Димитровски и Зоранчо Митровски, исто така опфатени со обвинителниот акт.

Во продолжение на барањето се изложува еден временски период во кој подносителот Ратко Димитровски бил градоначалник на Кочани избран како кандидат на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ. Се наведува и дека лидер на политичка партија (З.З.) кој тогаш бил на власт, за време на локалните избори најавил кривичен прогон на политичкиот противник (подносителот Ратко Димитровски), па доколку таа изјава се анализирала во корелација со постапувањата на тогаш специјалниот јавен обвинител К.Ј., јавниот обвинител Б.Р. и Советот за оцена на обвинителниот акт, според подносителите на барањето, јасно можело да се заклучи дека станувало збор за монтиран случај, односно за сторена дискриминација на подносителот Ратко Димитровски по основ на политичка припадност, односно политичко уверување, којашто, според наводите во барањето, се ефектуирала, односно се протегала и врз подносителите Томе Главчев и Зоранчо Митровски, затоа што и тие, како и подносителот Ратко Димитровски, биле сообвинети во исто обвинение.

Понатаму, во барањето се изложува еден временски период за настани и дејствија поврзани со случајот, под име „Рекет”, односно дека како сведоци во тој случај, исказ дале подносителите Зоранчо Митровски и Томе Главчев, а и дека исказ дал обвинителот (Б.Р.).

Со тоа, се наведува во барањето, подносителите Зоранчо Митровски и Томе Главчев биле дискриминирани со поднесување на обвинителниот акт од страна на јавниот обвинител Б.Р., по основ на социјална припадност, односно општествена положба и во поглед на статус на сведок во судска постапка. Поточно дека наведените подносители биле дискриминирани затоа што тие заедно со обвинителот имале статус на сведоци во случајот под име „Рекет”, па оттука, штом тие имале статус на сведоци со обвинителот, истиот, според наводите во барањето, не смеел да поднесе обвинение по случајот под име „Поштенска банка”, туку требало да се изземе, исто, како што пред тоа К.Ј. требало да се изземе поради влошените лични односи со подносителот Томе Главчев. Воедно, Советот за оцена на обвинителниот акт, по поднесените приговори, според наводите во барањето, не смеел истиот да го потврди, затоа што обвинителниот акт за случајот со име „Поштенска банка” бил поднесен од обвинител, кој не смеел да го поднесе, заради неговиот статус на сведок во случајот со име „Рекет”.

По овие наводи во барањето, се наведува дека дискриминацијата по основ на социјална припадност, односно општествена положба и во поглед на статус на сведок во судска постапка, сторена врз подносителите Зоранчо Митровски и Томе Главчев, се ефектуирала и врз подносителот Ратко Димитровски, затоа што и тој, покрај нив, бил сообвинет за настанот „Поштенска банка”.

Потоа се наведува дека, поради фактот што сите тројца подносители биле успешни бизнисмени и сопственици на големи бизниси, кои уживале углед во заедницата како работливи и чесни луѓе, со поднесувањето на обвинителниот акт, тие биле дискриминирани и по основ на социјална припадност, односно општествена и имотна состојба. Ова, затоа што поведувањето на кривична постапка, надвор од сите законски рамки против некое лице, затоа што било богато и успешно, претставувало дискриминација, исто како да се повела постапка против лице заради полот, политичка, верска, национална припадност, или ако лицето било социјално загрозено. Дискриминацијата не правела разлика, се наведува во барањето.

Понатаму, во барањето се наведуваат одредби од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, Законот за јавното обвинителство, начелно правно мислење на Врховниот суд, по што се наведува дека со случајот „Поштенска банка”, се излегувало надвор од рамките на Законот, односно дека станувало збор за случај којшто во целост бил инициран спротивно на закон, без никакви правни основи, што упатувало на директно дискриминирање со преземање на предметот од страна на СЈО, како и дека за случувањата и дејствијата за кои се товарат подносителите Томе Главчев и Ратко Димитровски, во минатото биле поднесени кривични пријави од страна на Народна банка и СВР одделение за економски криминал Скопје, но потоа со Решението од 2005 година, истите биле отфрлени од страна на Основното јавно обвинителство, бидејќи пријавеното дело не било кривично дело кое се гонело по службена должност, што значело дека истата работа веќе еднаш била решена.

Според подносителите на барањето, со актите што се оспоруваат (Обвинителниот акт и Решението на Основниот кривичен суд), се правела флагрантна неконзистентност во судската пракса, со што сериозно од дискриминаторски причини се повредувало правото на правна сигурност на подносителите и дека оспорените акти биле во тотална контрадикторност со начелното правно мислење изразено од Врховниот суд, како и дека опстојувањето на обвинителниот акт, надвор од законските рамки предвидени во Законот за специјалното јавно обвинителство и Законот за кривичната постапка, претставувало класичен пример за арбитрарност во постапувањето на државата.

Понатаму во барањето се наведува дека Советот за оцена на Обвинителниот акт, кога постапувал по приговорите од подносителите во однос на тоа дека јавниот обвинител Б.Р. кој го поднел обвинителниот акт против нив, не можел да биде овластен тужител во случајот, применувал двојни стандарди, бидејќи во текот на постапката по поднесување на приговор на обвинителниот акт, било донесено решение за изземање на судија како член на Советот по негово барање, односно поради наводно познанство со некој од обвинетите, па доколку се компарирале фактите коишто подносителите ги истакнале за лицата К.Ј. и Б.Р., судијата се изземал по многу понизок и полесен критериум, а согласно одредбите од ЗКП критериумите за изземање на судија и обвинител биле изедначени, а Советот применил двојни критериуми, со што дискриминаторски одлучувал по приговорите на Обинителниот акт.

Во продолжение на барањето се наведува дека по донесувањето на Решението II КОК-ООА бр.60/2020 од 14.10.2021 година на Основниот кривичен суд – Скопје, судечкиот судија И.Т. на кого му бил доделен предметот, се изземал од постапување. Подносителот Томе Главчев преку неговиот бранител побарал од Судот да му се достави копија од тоа решение, но тоа не било дозволено од Судот, па од Уставниот суд се бара за потребите на постапката, да се прибавело тоа решение по службена должност.

Понатаму, се наведува дека јавниот обвинител кој го поднел обвинителниот акт против подносителите во текот на постапката по приговорите бил избран за виш јавен обвинител, но тој и понатаму продолжил со застапување на обвинението, на што приговарале подносителите, но Судот не ги прифатил таквите приговори. Со самиот факт што обвинението пред првостепен суд го застапувал виш јавен обвинител, а не основен, се повредувало правото на еднаков третман на подносителите на ова барање, односно се повредувало правото на недискриминација. Според подносителите, ако се имала предвид позицијата виш јавен обвинител, произлегувало дека во случајот на подносителите се вршела демонстрација на моќ од страна на органот на кривичен прогон, но и од страна на самата извршна власт. Демонстрацијата на моќ на обвинителот во постапката за оцена на обвинителниот акт, отишла дотаму што одредени докази во оригинал кои наводно биле дадени на произнесување на вешто лице, не биле вратени во предметот, со што била попречена и оневозможена одбраната на подносителот Зоранчо Митровски во однос на приговорот на обвинителниот акт, бидејќи Советот, без разлика што одбраната на подносителот Зоранчо Митровски била оневозможена во поглед на доказите, одлучил да продолжи со постапката, на кој начин, се наведува во барањето, Зоранчо Митровски во постапката за оцена на обвинителен акт, добил нееднаков третман и флагрантно му било повредено правото на еднаквост на оружјата.

Во барањето се наведува дека фактите за постапувањето и статусот на поранешниот специјален јавен обвинител К.Ј. и јавниот обвинител Б.Р., биле истакнати со приговорите на оспорениот обвинителен акт и во текот на постапката на записници. Против јавниот обвинител Б.Р. било поднесено барање за изземање од подносителите Ратко Димитровски и Зоранчо Митровски. Со Решение од државниот јавен обвинител, барањето за изземање поднесено од Ратко Димитровски било одбиено, а по барањето на Зоранчо Митровски, се уште не била добиена одлука.

Се наведува и тоа дека доколку Уставниот суд ги ценел сите докази и факти, секој поединечно, како и сите заедно, недвосмислено ќе утврдел дека биле повредени правата на недискриминација загарантирани со Уставот, а се додава и тоа дека со барањето биле презентирани докази и факти кои укажувале дека товарот на докажувањето се префрлал на носителите на актите коишто се оспоруваат.

На крајот, од Уставниот суд се бара да одлучи на начин што ќе утврди дека со оспорените акти биле повредени правата утврдени во член 110 алинеја 3 и членот 9 од Уставот и тоа: правото на недискриминација, односно, забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, односно имотна и општествена положба, во поглед на личен статус и во поглед на статус на сведок во судска постапка, како и по основ на политичка припадност, односно политичко уверување, поточно се бара Уставниот суд да ги поништи оспорените акти и да ги отстрани последиците.

3. Основните слободи и права на човекот и граѓанинот се утврдени во дел втори од Уставот на Република Северна Македонија.

Според членот 9 од Уставот на Република Северна Македонија, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 110 алинеја 3 од Уставот е утврдено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Со членот 51 од Деловникот на Уставниот суд, е уредено дека секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Според членот 52 од Деловникот на Судот, во барањето од членот 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Зборот „дискриминација” значи „разликување”, а се употребува за означување на недозволено разликување, односно кога спрема лицето или група на лица кои се наоѓаат во иста или слична ситуација со други лица се постапува полошо (понеповолно) и тоа заради некое нивно лично својство, односно за сметка на заштитениот основ на кој лицето се повикува, поради што лицето не може да оствари некое право или слобода, а како што тоа го можат другите. Суштината на дискриминацијата е во нееднаквото постапување спрема еднаквите, и во еднаквото постапување спрема нееднаквите.

Членот 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права, уредува дека уживањето на правата и слободите, признати со оваа конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Од ова произлегува дека начелото на забрана на дискриминација е од аксесорна (несамостојна) природа, и се однесува пред се, на ситуации кои инволвираат права, а лицето не може да ги оствари на еднаква основа како и други лица, токму заради некоја од заштитените карактеристики на кои се повикува лицето (дискриминаторски основ).

Според тоа, во барање за заштита на слободи и права, со кое се бара заштита поради сторена дискриминација, потребно е да се наведе поединечниот акт (конечен или правосилен) на орган на јавната власт со кој е извршено одземање или ограничување на слободата или правото, личната карактеристика, својство, статус или припадност на лицето кое бара заштита, факти и докази дека тие основи се причина за неможност да оствари право или да практикува слобода, споредбено, како што тоа го може друго лице или лица, кои се во иста или слична правна положба со барателот, поточно да се идентификува компараторот.

Недискриминацијата, односно забраната на дискриминација, е заштитен принцип, утврден во Уставот и меѓународните акти за правата на човекот, којшто треба да се почитува кога се одлучува за остварување на човеково право или слобода, така што лицето кое бара заштита од дискриминација, треба да наведе кое право од уставно-утврдените (граѓански и политички слободи и права, економски, социјални и културни права) или право признато со Конвенцијата, не може да оствари, поради различно негово третирање по заштитените основи, за да може да се пристапи кон одлучување по барање за заштита на слободи и права, односно за да може да се утврди дали постои повреда на принципот на недискриминација.

Во барањето за заштита на слободи и права, подносителите не наведуваат кое право не можат да го остварат или која слобода не можат да ја практикуваат поради нивно дискриминирање, туку наведуваат дека со нивно дискриминирање по основите наведени во барањето, им било повредено правото на недискриминација, односно правото на забрана на дискриминација. Меѓутоа, треба да се има во вид дека недискриминацијата, односно забраната на дискриминација, е принцип којшто треба да се почитува кога јавната власт одлучува за слободи и права на човекот и граѓанинот, поточно овој принцип е во врска со остварување на право или практикување на слобода, а во барањето нема наводи кое право или слобода се недостапни или ограничени за подносителите.

Воедно, неможноста од остварување на некое право или неможноста од практикување на одредена слобода, мора да биде како резултат на делување на органите на јавната власт, односно да постои поединечен акт на јавната власт (или дејствие) со кој се одлучува за ограничување или одземање на некое право или слобода за лицето.

Во конкретниот случај, подносителите пред Уставниот суд, истакнуваат барање за заштита на слободи и права, а, како акт/и со кој им биле повредени слободи и права, приложија обвинителен акт, како и решение со кое обвинителниот акт бил одобрен во целост, меѓутоа обвинителниот акт, не претставува поединечен акт со кој се одлучува за поединечни слободи и права за граѓаните, односно за ограничување или одземање на одредени слободи и права гарантирани со Уставот, туку станува збор за поднесок – едностран процесуален акт кој е основа за водење на кривична постапка.

Од ваквата фактичка ситуација, произлегува дека поднесеното барање не ги задоволува критериумите на барање за заштита на слободи и права по кое Судот може мериторно да постапува.

Во однос на наводите од подносителите дека со барањето биле презентирани докази и факти коишто укажувале дека товарот на докажувањето се префрлал на носителите на актите коишто се оспоруваат, истите не се основани. Лицето кое истакнува барање да бидат заштитени неговите слободи или права согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, првенствено мора да докаже дека навистина станува збор за ограничени или одземени слободи или права и да го посочи поединечниот акт од страна на органите на јавната власт, меѓутоа не кој било акт на јавната власт, туку поединечен акт (конечен или правосилен) со кој се одлучувало за ограничување или одземање на право или слобода за лицето, да го наведе заштитениот дискриминаторски основ, да докаже дека навистина било понеповолно третирано во однос на друго лице/а и да го наведе компараторот, за да може да го префрли товарот на докажување на дискриминаторот, кој потоа, треба да ги побие основите на prima facie случајот или да даде оправдување за ова.

Што значи, не е доволно само декларативно и начелно лицето да се повика на заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот, туку мора и да произведе доволно докази за сите елементи во поткрепа на барањето. Кога лицето неспорно ќе презентира докази за суштинските факти (prima facie), товарот на докажувањето тогаш преминува на другата страна (јавната власт) која се вмешала во правото или слободата, а која ќе треба да ги објасни и оправда основите за вмешувањето, по што улогата на Уставниот суд, преку тестот на проценка (применуван од страна на Европскиот суд за човекови права) е да цени, дали за тоа вмешување во правото, има основа во закон (дали било пропишано со закон), дали вмешувањето следело некаква легитимна цел, дали било пропорционално на легитимната цел што се следи, односно целта која сакала да се постигне, дали било неопходно во едно демократско општество, односно дали вмешувањето одговарало на „неодложна општествена потреба”.

Доколку лицето, не успее да направи prima facie (во случајов не е презентиран релевантен поединечен акт од кој произлегува вмешување на органите на јавната власт во конкретно право или слобода на подносителите; приложениот обвинителен акт и решението со кое тој се потврдува нема таков карактер; воедно, кога се бара заштита од дискриминација, мора да се идентификува и компараторот, а во случајов и овој елемент, отсуствува), товарот на докажувањето не може да премине на другата страна (органите на јавната власт) за да ги објасни причините за вмешувањето во правото, поточно, постапката по поднесеното барање, не може да продолжи во следната фаза, во која Уставниот суд мериторно би постапувал и одлучувал во однос на прашањето, дали органите на јавната власт кога одлучувале за ограничување или одземање на слобода или права, го повредиле принципот на недискриминација, или не.

Што се однесува до наводите во барањето дека во постапката за оцена на обвинителниот акт, одредени докази во оригинал кои наводно биле дадени на произнесување на вешто лице, не биле вратени во предметот, а без нивно враќање во предметот била попречена и оневозможена одбраната на подносителот Зоранчо Митровски во однос на приговорот на обвинителниот акт, како и дека Советот за оцена на обвинителниот акт, без разлика што одбраната на подносителот Зоранчо Митровски била оневозможена во поглед на доказите, одлучил да продолжи со постапката, па на тој начин, се наведува во барањето, Зоранчо Митровски во постапката за оцена на обвинителен акт, добил нееднаков третман и флагрантно му било повредено правото на еднаквост на оружјата, Судот го наведува следното:

Принципот на „еднаквост на оружјата“ треба да биде овозможен пред сè во постапката пред суд, значи по поднесувањето на обвинението, на што упатува и членот 6 (право на правична судска постапка) од Европската конвенција за заштита на човековите права, којшто зборува за еднаквост на оружјата и рамноправност на страните во постапките како клучни принципи за правично судење. Според овие принципи, лицето, обвинето за кривично дело има право во правично и јавно судење пред независен и непристрасен суд, во контрадикторна постапка, да може да ги оспорува обвиненијата против него и да предлага и изведува докази во своја одбрана. Доколку подносителите сметаат дека постои повреда на начелото на контрадикторност во кривичната постапка, им стојат на располагање правни средства со кои можат да истакнат заштита во случај на нивна повреда.

Исто така, ако се имаат предвид наводите коишто подносителите ги изложуваат во барањето дека не можело и не смеело во нивниот случај да биде поднесен обвинителен акт бидејќи станувало збор за работа којашто во минатото веќе еднаш била решена, дека јавниот обвинител (претходниот и актуелниот) требало да се изземат поради нарушени меѓучовечки односи со еден од подносителите, дека јавниот обвинител кој го поднел обвинителниот акт против нив, не можел да биде овластен тужител, дека не се почитувало начелното правно мислење изразено од Врховниот суд и дека законите неправилно биле применети во нивниот случај, дека опстојувањето на обвинителниот акт бил надвор од законските рамки предвидени во Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите и Законот за кривичната постапка, се забележува дека станува збор за наводи коишто подносителите ги истакнале во приговорите против обвинителниот акт и наводи истакнати во барање за изземање на јавен обвинител, а тие наводи со кои се оспорува законитост на обвинителниот акт, сега се истакнуваат како аргументи со цел подносителите да докажат сторена дискриминација врз нив, со предлог, а преку инструментот „барање за заштита на слободи и права”, пред Уставниот суд, истите да се поништат, со што би се спречило кривично гонење.

При ова, ако се има во вид претходно наведеното, поточно фактот што нема процесни услови за мериторно одлучување по барањето, барањето на заштита на слободи и права, всушност се сведува на барање, Уставниот суд да заземе улога на супер ревизиона инстанца и да се впушти во преиспитување на законската оправданост на поднесениот обвинителен акт и решението со кој е потврден во целост. Меѓутоа, уставниот инструмент „барање за заштита на слобода и права” не може да се користи за таа цел бидејќи барањето за заштита на слободи и права, не претставува ниту редовно ниту вонредно правно средство, туку посебно средство за заштита на слободи и права, а не средство за побивање на акти на надлежни органи преку повисока инстанциона постапка.

4. Имајќи го предвид погоре изнесеното, со оглед на тоа што според означената одредба од членот 51 од Деловникот, Судот одлучува за заштита на слободи и права повредени со конечен или правосилен поединечен акт, како и имајќи ја предвид одредбата од членот 52 од Деловникот, според кој во барањето од членот 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд, а во конкретниот случај обвинителниот акт не претставува конечен или правосилен поединечен акт со кој се одлучува за слободи и права, односно со кој се одземаат или ограничуваат одредени слободи и права, Судот утврди дека во конкретниот случај, не се исполнети процесните претпоставки од погоре наведените одредби од Деловникот на Уставниот суд, за мериторно постапување и одлучување по предметното барање за заштита на слободите и правата.

5. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.14/2022
20 април 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска