Решение У.бр.12/2022

У.бр.12/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 март 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението на Командантот на ВП 4770 Куманово бр.03-92/103 од 03.12.2021 година и Решението на НГШ на Армијата бр.03-55/1 од 05.01.2022 година.

2. Бобан Ајдарски од с.Орашац, Куманово, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на поединечните акти означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените акти биле незаконити, односно, истите биле во спротивност на член 8 став 1 алинеја 3, член 50 став 2 и член 51 од Уставот, како и во спротивност на член 136, член 138 и член 141 од Законот за служба во Армијата.

3. Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 137 став 1, а во врска со член 139 став 1 точка 4 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/10, 23/11, 47/11, 148/11, 55/12, 29/14, 33/15, 193/15 и 71/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/19 и 14/2020) и Правилникот за начинот на поведување и водење на дисциплинска постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на воениот и цивилен персонал на служба во Армијата и начинот на работа на комисиите за спроведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност („Службен весник на Република Македонија” бр.8/2013), во повторена постапка постапувајќи по иницијатива бр.04-238/1 од 23.06.2021 година за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност поради повреда на воената дисциплина, против водник 1 класа Бобан Ајдарски на служба во ВП 2229 Петровец, Командантот на ВП 4770 Куманово, донел:

Р Е Ш Е Н И Е

Ајдарски Виде Бобан, постар водник 1 класа на должност во ВП 2229 Петровец, со ЕМБГ: 2204979420066, со постојано место на живеење во с.Орашац, Куманово, му се изрекува дисциплинска мерка: „Парична казна во висина од 15% од едномесечниот износ на платата исплатена во последниот месец пред извршување на дисциплинскиот престап во траење од два месеци” поради повреда на воената дисциплина по член 129 став 2 точка 9 и член 131 став 2 точка 7, 13, 17 и 28 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија.

Решението на Началникот на Генералштаб на Армијата бр.03-55/1 од 05.01.2022 година, гласи:

Врз основа на член 138 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, („Службен весник на РМ” бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/15, 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.101/2019, бр.275/2019 и 14/2020), одлучувајќи по жалбата заведена под број 08-256/12 од 20.12.2021 година, поднесена од страна на Бобан Ајдарски, постар водник 1 класа, на служба во Воена пошта 2229 Петровец, против Решението на Командантот на Воената пошта 4770 Куманово, бр.03-92/103 од 03.12.2021 година, Началникот на Генералштаб на Армијата на Република Северна Македонија, донел:

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата на Бобан Виде Ајдарски, постар водник 1 класа, на служба во Воена пошта 2229 Петровец, заведена под број 08-256/12 од 20.12.2021 година, изјавена против Решението на Командантот на Воената пошта 4770 Куманово, бр.03-92/1-3 од 03.12.2021 година, со кое му се изрекува дисциплинска мерка парична казна во висина од 15% од едномесечниот износ на плата исплатена во последниот месец пред извршувањето на дисциплинскиот престап во траење од 2 (два) месеци, за сторена дисциплинска неуредност од член 129 став 2 точка 9 и сторени дисциплински престапи од член 131 став 2 точка 7, 13, 17 и 28 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ја предвид содржината на оспорените решенија за изрекување дисциплинска мерка, утврдено е дека со нив не се уредуваат на општ начин права и обврски на неопределени субјекти, туку се определуваат права и обврски на конкретно лице, поради што, решенијата не се пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, туку се поединечни, односно, конкретни акти со кои се уредуваат и решаваат односите на вработените. За ваков вид на акти, Судот не е надлежен да ја оценува нивната уставност и законитост, поради што, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.12/2022
23 март 2022 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска