Дневен ред

Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за XVI-та седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија закажана за 17.05.2022 година (вторник), со почеток во 09,30 часот

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Реферат У.бр.53/2021

Оспорен: Член 244-а став 1 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003,19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014-исправка, 41/2014-исправка, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015, 97/2017 и 248/2018).

Подносител: Елизабета Цветковска, адвокат од Куманово.

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата, оспорениот став 1 од членот 244-а од Кривичниот законик не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6, 8 и 11, членот 9, членот 51 и член 91 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија бидејќи со предвиденото казниво дело во Кривичниот законик се правел дисбаланс во нормативното уредување на односите во општеството поради неусогласеност на постоечката законска регулатива со која се уредувала предметната материја. Спротивно на обврската на државата да не допушта дискриминација, привилегии и повластувања, со оспорената одредба на членот од Кривичниот законик, одредена група на граѓани биле ставени во нерамноправна положба пред Уставот и законите, односно за една група на граѓани се овозможувале привилегии и повластувања поради можноста да го остварат своето право на утврдување на правен статус на бесправно изграден објект согласно одредбите на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, додека за друга група на граѓани, бесправното градење претставувало кривично дело за кое законодавецот предвидел строги казни, што било спротивно на уставниот принцип на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.

2. Реферат У.бр.26/2022

Оспорен: Член 3 став 1 во делот: „брачниот статус на сопружниците“ од Одлуката за доделување еднократна парична помош на семејствата со новороденче на подрачјето на Општина Ѓорче Петров во 2022 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.18/2021), донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров.

Подносител: Денис Димовски од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата оспорениот дел од членот 3 на Одлуката, не бил во согласност со одредбите од членовите 40, 41 и 34 од Уставот и со Законот за спречување и заштита од дискриминација во однос на дискриминација по основ на семејна или брачна состојба и спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот и ратификуваните меѓународни договори. Во иницијативата се укажува дека Уставот со наведените одредби утврдил заштита на семејството и ја идентификува вонбрачната заедница на исто ниво со брачната заедница, дава посебна грижа и заштита на семејството без разлика дали семејството се наоѓа во брачна или во вонбрачна заедница бидејќи тоа е производ и на брачна и на вонбрачна заедница, уредено и со Законот за семејство. Според подносителот на иницијативата, оспорениот дел од Одлуката, упатувал на потребата кон барањето за доделување на еднократна парична помош на семејството со новороденче од подрачјето на Општината Ѓорче Петров, меѓу другите документи кои се набројани во членот 3, барателот да поднесе и документ за „брачниот статус на сопружниците“, меѓутоа во тој дел членот 3 од Одлуката била дискриминаторски, незаконит и неуставен. За состојбата на брачниот статус на апликантите, според подносителот, воопшто не требало да се доставува доказ, односно документ, со оглед на тоа што брачната и вонбрачната заедница била небитна кога се работело за новороденче и правото да се додели еднократна парична помош за неговото раѓање. Меѓу другото, подносителот наведува дека со оспорениот дел од членот 3 на Одлуката се доведувале во нерамноправна положба брачните и вонбрачните семејства, бидејќиу за оние кои немаат документ за статусот на брачна заедница не им се давало паричната помош за новороденче или во пракса се барало изјава дека се работи за самохран родител што е невистинито, кога се работи за вонбрачна семејна заедница каде родителите не склучиле брак, а се во заедница.

3. Реферат У.бр.29/2022

Оспорени: Решение на Основниот граѓански суд во Скопје I ВПП 1 бр.93/21 од 23.12.2021 година, со кое „ СЕ КОНСТАТИРА ПОВЛЕКУВАЊЕ на предлогот поднесен од предлагачот Божана Талеска од Скопје, застапувана од полномошник Маја Талеска од Скопје – нејзина ќерка, против противниците Игор Талески од Скопје, Рубинчо Талески од Скопје и Ленка Филиповска од Скопје, за физичка делба на недвижност и Решение на основниот граѓански суд во скопје I ВПП 1 бр.93/21 од 16.03.2022 година, со кое „предлогот на предлагачот божана талеска од скопје застапувана од полномошник маја талеска од скопје – нејзина ќерка за повторување на постапката I ВПП1 бр.93/21 завршена со решение на основниот граѓански суд скопје, I ВПП1 93/21 од 23.12.2021 година, огласено за правосилно на ден 08.02.2022 година и за извршно на 24.02.2022 година, се отфрла како недозволен.“

Подносител: Божана Талеска од Скопје, преку полномошник Маја Талеска од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата, оспорените решенија донесени од страна на Основниот граѓански суд во Скопје не биле во согласност со Законот за парничната постапка, Законот за вонпарничната постапка, како и со Кривичниот законик. Како причини за оспорување, подносителот ги наведува: висината на досудените трошоци во постапката, погрешно утврдена фактичка состојба при пресметка на трошоците, суштествени повреди на Законот за парнична постапка и Законот за вонпарнична постапка поради недоставување на писмени поднесоци до полномошникот на предлагачот и суштествена повреда на член 392 ставови 1 и 5 од Законот за парнична постапка, поради донесено решение на судија врз основа на невистинита содржина на писмен документ за пресметани трошоци за застапување наведени во адвокатски трошковник и доставени до судот од страна на адвокатот.