Решение У.бр.17/2022

У.бр.17/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 7 април 2022 година, донесе:

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 9 ставови 1 и 3 од Законот за Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2000, 29/2002, 43/2002, 49/2003, 66/2003, 81/2008, 158/2010, 43/2014, 15/2015, 153/2015, 27/2016 и 83/2018).

2. Перица Јакимовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот, не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 ставови 1, 2, 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативата се наведува дека со член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот, граѓаните се заштитени со правната заштита на сопственоста како темелна вредност на уставниот поредок, а со член 30 ставови 1, 2, 3 и 4 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и во услови на ограничување со закон, што не било во согласност со член 9 ставови 1 и 3 од Законот за фондот за осигурување на депозити.

Понатаму во иницијативата се наведува и тоа дека штедењето во банка, било траен интерес и на државата за стабилност на банкарскиот систем и на граѓаните и претставувало јавен интерес од највисок ранг, вградено во Уставот. Јавниот интерес како збир на права, обврски и одговорности на државата и граѓаните, влијаел на целото население во земјата и како значајно прашање, бил во фокусот и на меѓународното право, кое во ЕУ било дефинирано во Повелбата на фундаменталните права. Правото на сопственост стекнато на законит начин, можело да биде ограничено ако било јавен интерес со закон, но под услов тоа лишување да било надоместено ако не веднаш, во догледно време.

Според иницијативата, оваа одредба, се содржела и во член 30 ставови 1, 2, 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија, како правна сигурност – гаранција на сопственоста во депозити на депонентите во услови на ограничување на сопственоста со закон, односно во Законот за фондот за осигурување на депозити.

Во иницијативата понатаму се наведува дека со член 9 ставови 1 и 3 од Законот за фондот за осигурување на депозити, се ограничувала сопственоста (депозит) до 30.000 евра и сопственоста (депозит) преку 30.000 евра. За депозитот над 30.000 евра немало правна сигурност (со Законот за стечај) и не се гарантирал праведен надомест кој според член 30 став 4 од Уставот, не можел да биде понизок од пазарната вредност, односно депозит над 30.000 евра, што ја претставувало суштината за оспорување на член 9 ставови 1 и 3 од Законот за фондот за осигурување на депозити.

Во иницијативата доставен е предлог за измена на член 9 ставови 1 и 3 од Законот за фондот за осигурување на депозити. Со иницијативата се бара, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 9 ставови 1 и 3 од Законот за фондот за осигурување на депозити.

3. Судот на седницата утврди дека во член 9 од Законот, поместен во делот „ОБЕСШТЕТУВАЊЕ НА ДЕПОЗИТИТЕ“ е предвидено дека:

Фондот започнува со обесштетувањето на осигурените депозити во рок од 20 дена од денот на конечноста на решението на гувернерот на Народната банка на Република Македонија од член 4-а став 2 на овој закон (оспорен став).

Во исклучителни околности, Фондот може да го продолжи рокот од ставот 1 на овој член за најмногу десет дена.

Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност на 30.000 евра по депозит во една банка, филијала на странска банка или штедилница пресметани по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на конечноста на решението од член 4-а став 2 на овој закон (оспорен став).

Во износот од ставот 3 на овој член се пресметува главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до денот на конечноста на решението од член 4-а став 2 на овој закон.

Hа денот на конечноста на решението од член 4-а став 2 на овој закон депозитите вложени во девизи се конвертираат во денари по среден курс на Народната банка на Република Македонија.

Обесштетувањето на денарските и девизните депозити се исплатува во денари.

Во случај на сомневање дека побарувањата на депонентите на членките на Фондот произлегуваат од трансакции поврзани со перење пари или финансирање на тероризам, исплатата на побарувањата на депонентите нема да се изврши се до правосилноста на судската одлука за поврзаноста на трансакцијата со перење на пари или финансирање на тероризам.

4. Согласно член 8 од Уставот на Република Северна Македонија, правната заштита на сопственоста е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост, кое право според ставот 2 на овој член, создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според ставот 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 1 од Законот за Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.63/2000, 29/2002, 49/2003, 66/2003, 81/2008,158/2010, 43/2014, 15/2015, 153/2015, 27/2016, 83/2018), со овој закон се основа и се уредува работењето и организацијата на Фондот за осигурување на депозити.

Според член 2 од Законот, Фондот за осигурување на депозити (во натамошниот текст: Фонд) го основа и е во сопственост на Република Македонија.

Фондот е правен следбеник на Фондот за осигурување на штедни влогови. Според член 3 од Законот, Фондот има својство на правно лице. Седиштето на Фондот е во Скопје.

Во членот 3-а од Законот, Фондот е специјализирана финансиска институција која ги обесштетува осигурените депозити во банките и штедилниците, во кои настанал ризичен настан, согласно член 9 став 1 од овој закон.

Според членот 4, банките, филијалите на странските банки и штедилниците основани во Република Македонија се должни во Фондот да ги осигураат депозитите. Под депозити во смисла на овој закон се подразбираат денарските и девизните депозити, сертификатите за депозит, трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички и девизни приливи на физичките лица (во натамошниот текст: депозит). Во случај на обесштетување од страна на Фондот, поединечните депозити на едно лице во една банка, филијала на странска банка или штедилница се сметаат за единствен депозит.

Согласно член 4-а од Законот, гувернерот на Народната банка на Република Македонија ќе донесе решение за забрана за прибирање на депозити на банка, филијала на странска банка или штедилница која е исклучена од членство во Фондот поради неплаќање на премија. Според став 2, членството во Фондот престанува и во случај кога гувернерот на Народната банка на Република Македонија ќе донесе решение за укинување на дозволата за основање и работење на банка, филијала на странска банка или штедилница. Во став 3 од истиот член е пропишано дека фондот ги осигурува вкупните депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилниците депонирани до денот на конечноста на решенијата од ставовите 1 и 2 на овој член.

Во член 9 став 1 од Законот е пропишано дека фондот започнува со обесштетувањето на осигурените депозити во рок од 20 дена од денот на конечноста на решението на гувернерот на Народната банка на Република Македонија од член 4-а став 2 на овој закон. Во ставот 3 од истиот член е пропишано дека фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност на 30.000 евра по депозит во една банка, филијала на странска банка или штедилница пресметани по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на конечноста на решението од член 4-а став 2 на овој закон.

Со оглед на фактот дека Уставниот суд одлучувал по предметот У.бр.296/2020 од 3 ноември 2021 година, во кој Судот донел решение за неповедување постапка за оценување на уставноста на член 9 ставови 1 и 3 од Законот за Фондот за осигурување на депозити, во кое се наведува: „ Имајќи предвид дека Фондот е во сопственост на државата и е основан со цел да се постигне сигурност кај граѓаните за депонирање на нивните средства во банките и штедилниците, кои пак средства се дел од кредитниот потенцијал и економски раст на земјата произлегува дека законодавецот во оспорениот член 9 ставови 1 и 3 од Законот, со право ја утврдил висината за обесштетување на осигурените средства, со цел обезбедување социјална сигурност, при што Судот оцени дека оспорената одредба по својот карактер не е одредба што навлегува во правото на сопственост на подносителот на иницијативата гарантирано со членот 30 од Уставот. Врз основа на сопственост на вложените средства, подносителот на иницијативата и сите останати засегнати лица имаат право на побарување како стечајни доверители од стечајната маса, согласно правилата на постапката за стечај уредена со Законот за стечај, од каде произлегува дека нивната сопственост не е повредена“, па поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

По однос на поднесениот предлог во иницијативата за измена на член 9 ставови 1 и 3 од Законот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.17/2022
07.04.2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска