Решение У.бр.9/2022

У.бр.9/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 7 април 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 178 ставови 1 и 3 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.149/2021).

2. Синдикатот на полицијата во Македонија – Велес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на членот од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член од Колективниот договор не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и членовите 9, 50, 51 и 54 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со членот 166 од Законот за внатрешни работи и член 112 ставови 1, 2 и 3 од Законот за работните односи.

Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи бил во спротивност со членот 166 од Законот за внатрешни работи од причина што во овој член од Законот не било предвидено намалување на платата на работникот како што е предвидено во член 178 став 1 од оспорениот акт. Имено, во член 166 став 2 од Законот за внатрешни работи било предвидено дека на работникот во Министерството за внатрешни работи му се исплатува надоместок во висина на платата утврдена со овој закон и во случај на лична неспособност за работа (болест), за време на отсуството од работа.

Согласно членот 141 од Законот за внатрешни работи платата на работникот во Министерството се состоела од основна компонента и исклучителна компонента. Во оспорениот член 178 став 3 од Колективниот договор било предвидено дека на работниците кои имале статус на овластени службени лица во случаите за време на лична неспособност за работа (болест) им се исплатувал надомест на плата во висина на основната компонента на платата на работникот утврдена согласно закон и одредбите од овој колективен договор, а исклучителната компонента била незаконски отфрлена, иако била составен дел на платата на работникот. Истото било утврдено и во член 112 ставови 1, 2 и 3 од Законот за работните односи, кој има карактер на lex generalis во споредба со Законот за внатрешни работи кој имал карактер на lex specialis, што значело дека lex specialis derogate legi generali.

Од наведените причини се предлага Судот да ја укине оспорената одредба од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 178 од Колективниот договор е со следната содржина:

1) За време на привремена неспособност за работа до седум дена, работникот има право на надомест на плата во висина од 70%, до 15 дена почнувајќи од првиот ден на боледувањето – надомест на плата во висина од 80% и до 30 дена за сите денови – надомест на плата во висина од 90% (оспорен став).
(2) За професионални заболувања и повреди на работа и за други случаи утврдени со закон, надоместокот на плата се утврдува во висина од 100%.
(3) На работниците кои имаат статус на овластени службени лица во случаите за време на лична неспособност за работа (болест) им се исплатува надомест на плата во висина на основната компонента на платата на работникот утврдена согласно закон и одредбите од овој колективен договор (оспорен став).
(4) На работниците од ставот (3) на овој член, само во случаите за време на повреда на работа им се исплатува надомест на плата во висина на основната компонента на платата на работникот зголемена за делот од исклучителната компонента кој се утврдува заради посебните услови за работа и опасноста по живот односно постоење на висок ризик во извршувањето на рабо-тите и задачите утврден во членот 168 од овој колективен договор.
(5) Основ за пресметување на надоместоците од ставовите (1) и (2) на овој член е основната компонента на платата на работникот зголемена за делот од исклучителната компонента утврдена во ставот (4) на овој член, исплатена во претходниот месец пред почетокот на отсуството.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Според членот 9 од Уставот на Република Северна Македонија, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Согласно член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Според членот 51 од Уставот во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 54 став 1 од Уставот се предвидува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Законот за работните односи во член 112 ставови 1, 2 и 3 уредува дека:

(1) Работникот има право на надоместок на платата за целото време на отсуство во случаите и во траење определени со закон, како и во случаите кога не работи од причини на страната на работодавачот.
(2) Работодавачот е должен да му исплати надоместок на платата во случаите на отсутност од работа поради користење на годишниот одмор, платениот вонреден одмор, дообразување, со закон определени празници и од работа слободните денови и во случаите кога работникот не работи од причини на страна на работодавачот.
(3) Работодавачот исплаќа надоместок на платата и во случаите на неспособност на работникот за работа поради негова болест или повреди до 30 дена, а над 30 дена се исплаќа на товар на здравственото осигурување. Во случај на отворање на ново боледување во рок од три дена од престанокот на претходното боледување, работодавачот има право да побара од првостепената лекарска комисија да го потврди новото боледување или да го продолжи прекратеното старо боледување.

Согласно член 203 од овој закон, колективен договор се склучува како општ на ниво на Републиката, посебен на ниво на гранка, односно оддел, согласно Националната класификација на дејности и поединечен на ниво на работодавач.

Според членот 149 од Законот за работните односи, работникот има право на отсуство од работа со надоместок на плата во случаи на времена неспособност за работа поради заболување или повреда и во други случаи во согласност со прописите на здравственото осигурување.

Според членот 1 од Законот за здравственото осигурување, предмет на уредување на овој закон е здравственото осигурување на граѓаните, правата и обврските од здравственото осигурување, како и начинот на спроведување на здравственото осигурување.

Здравственото осигурување на граѓаните со Законот е уредено преку востановување на задолжително и доброволно здравствено осигурување и во тие рамки се уредени правата и обврските на овие два диференцирани облици на здравствено осигурување.

Задолжителното осигурување се востановува според членот 2 од Законот, за сите граѓани на Република Северна Македонија заради обезбедување на здравствени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со овој закон, а доброволното здравствено осигурување се установува за обезбедување на здравствени услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување.

Во членот 3 од овој закон е определено дека задолжителното здравствено осигурување го спроведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија, кој согласно членот 53 се основа за таа цел, дејноста која ја врши е од јавен интерес и врши јавни овластувања утврдени со овој закон. Во делот на одредбите во Законот кои се однесуваат на задолжителното здравствено осигурување, со членот 4 е определено дека осигурени лица, во смисла на овој закон, се осигурениците и членовите на нивното семејство.

Според членот 5, со овој закон задолжително се осигуруваат лицата кои се подробно набројани во одредбата.

Според членот 17 од Законот за здравствено осигурување, висината на надоместокот на плата за време на привремена спреченост за работа ја определува работодавецот, односно Фондот со општ акт, но најмалку во висина од 70% од основицата за надоместокот на плата.

По исклучок од став 1 на овој член, висината на надоместокот на плата за време на привремената спреченост за работа предизвикана со повреда на работа, професионална болест, за време на давање крв, ткиво или орган, како и за време на отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство изнесува 100% од основицата на надоместокот на плата утврдена според член 16 на овој закон.

Висината на надоместокот на плата пресметан врз основа на членот 16 на овој закон не може да биде повисока од износот на две просечни месечни плати, три просечни месечни плати во 2012 година и четири просечни месечни плати по 2012 година, исплатени во Републиката во претходната година.

Во точката 8. со наслов: „ПЛАТА И НАДОМЕСТОК НА ПЛАТА НА РАБОТНИЦИТЕ ВО МИНИСТЕРСТВОТО” и потточката со наслов: „Плата и надоместок на плата” во Законот за внатрешни работи е содржан членот 140 кој предвидува дека:

(1) Работникот има право на плата и надоместок на плата, согласно со закон, Колективен договор на Министерството и договор за вработување.
(2) Плаќањата од ставот (1) на овој член се остваруваат согласно со овој закон, Законот за полиција, Колективниот договор на Министерството и прописите од областа на работните односи.

Составни делови на плата во смисла на членот 141 од Законот за внатрешни работи се:

(1) Платата на работникот во Министерството се состои од:
– основна компонента и
– исклучителна компонента.
(2) Основната компонента на платата ја сочинуваат:
– основна плата,
– зголемување за 20%, односно за 30% за овластени службени лица и
– додаток за кариера.
(3) Исклучителната компонента на платата ја сочинуваат:
– додаток за работна успешност,
– работен додаток на плата и
– вонреден работен додаток на плата (прекувремена работа).

Во Законот за внатрешни работи, во главата со наслов: „Право на паричен надоместок во случај на привремена неспособност за работа” во која е содржан членот 166 се предвидува дека:

(1) Нa работникот во Министерството во случај на привремена неспособност за работа настаната во вршење или по повод вршењето на работите и задачите му припаѓа надоместок во висина на тековната плата, за време на отсуството од работа.
(2) На работникот во Министерството му се исплатува надоместок во висина на платата утврдена со овој закон и во случај на лична неспособност за работа (болест), за време на отсуството од работа.
(3) Исплатата на надоместоците од ставовите (1) и (2) на овој член, се врши од страна на Министерството, се додека трае отсуството од работа.

Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи е донесен врз основа на член 203 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10,124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13,113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16 и 120/18) и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/19 и 267/20), а согласно член 5 од Општиот ко-лективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/08 и 85/09) и истиот е склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат.

Според членот 1 од истиот, со овој колективен договор се уредуваат правата и обврските на работниците во Министерството за внатрешни работи и работодавачот, како и условите и начинот на остварување на правата и обврските од работен однос и други прашања од работните односи или во врска со работните односи.

Согласно членот 2 од овој акт, работодавач во смисла на овој колективен договор е Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија претставувано од министерот за внатрешни работи, кое вработува работници врз основа на договор за вработување.

Според членот 3 од Колективниот договор работник во смисла на овој колективен договор е лице кое: заснова работен однос на работно место со статус на овластено службено лице или со статус согласно Законот за работни односи врз основа на склучен договор за вработување на неопределено или определено време, со полно, со пократко од полното и со скратено работно време во Министерството; работи на работно место со статус на овластено службено лице или со статус согласно Законот за ра-ботни односи со полно, односно со скратено работно време во Министерството.

Членот 156 од оспорениот акт е поместен во главата со наслов: „Основна компонента на плата” и поднаслов: „Основна плата” и истиот предвидува:

(1) Со основната плата се вреднува образованието и сложеноста на работите на работното место утврдено со актот за систематизација на работните места на кое работникот е распореден, како и неговото работно искуство.
(2) Образованието и сложеноста од ставот (1) на овој член се вреднуваат согласно одредбите од овој колективен договор, во зависност од видот и природата на работите што се вршат на работното место.
(3) Работното искуство се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со кој се вреднува образованието и сложеноста за работното место, за секоја започната година пензиски стаж, а најмногу до 20%.

Делот „Исклучителна компонента”- „Додаток за работна успешност” го содржи членот 160 кој предвидува дека додатокот за работна успешност на работникот се определува сразмерно на извршените работи на работното место на кое работи, односно доверените работи и неговиот придонес во вкупното работење на организациската единица во која работи и Министерството во целина.

Според оспорениот член 178 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи:

1) За време на привремена неспособност за работа до седум дена, работникот има право на надомест на плата во висина од 70%, до 15 дена почнувајќи од првиот ден на боледувањето – надомест на плата во висина од 80% и до 30 дена за сите денови – надомест на плата во висина од 90%.
(2) За професионални заболувања и повреди на работа и за други случаи утврдени со закон, надоместокот на плата се утврдува во висина од 100%.
(3) На работниците кои имаат статус на овластени службени лица во случаите за време на лична неспособност за работа (болест) им се исплатува надомест на плата во висина на основната компонента на платата на работникот утврдена согласно закон и одредбите од овој колективен договор.
(4) На работниците од ставот (3) на овој член, само во случаите за време на повреда на работа им се исплатува надомест на плата во висина на основната компонента на платата на работникот зголемена за делот од исклучителната компонента кој се утврдува заради посебните услови за работа и опасноста по живот односно постоење на висок ризик во извршувањето на рабо-тите и задачите утврден во членот 168 од овој колективен договор.
(5) Основ за пресметување на надоместоците од ставовите (1) и (2) на овој член е основната компонента на платата на работникот зголемена за делот од исклучителната компонента утврдена во ставот (4) на овој член, исплатена во претходниот месец пред почетокот на отсуството.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, како и одредбата од оспорениот акт vis a vis наводите во иницијативата, Судот оцени дека истата не може основано да се доведе под сомнение по однос на уставните и законските норми на кои се упатува во иницијативата.

Имено, здравственото осигурување како елемент на правото на социјалното осигурување за своја темелна основа ја има определбата на Уставот во член 35 став 1, според која Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, како и уставната определба дека хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок.

Начелото на солидарност во Законот за здравственото осигурување се изразува преку заемниот однос помеѓу самите осигуреници во здравственото осигурување кои независно дали имаат потреба да ги користат здравствените услуги, тие имаат обврска за континуирано плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување, заради создавање на материјални можности за обезбедување услови и средства за остварување на правата утврдени со Законот, за осигурениците на кои тоа им е потребно.

Поаѓајќи од уставната определба со закон и колективен договор да се уредат правата на граѓаните од оваа сфера врз основа на уставните начела, со Законот за здравственото осигурување е пропишан системот на здравственото осигурување како дел од социјалното осигурување, кој треба да обезбеди функционирање на примањата и давањата на здравствените услуги во рамки на здравствената заштита на осигурениците.

Во членот 38 од Законот е предвидено дека осигурениците од член 5 на овој закон плаќаат придонес за задолжителното здравствено осигурување.

Од изнесените уставни и законски норми произлегува дека грижата на Републиката за социјалната сигурност на граѓаните, покрај нормативната функција за начинот на остварување на правото опфаќа и нормирање на системот на обезбедување на материјални и финансиски средства зашто без остварување на оваа компонента правата би биле како декларација без никаква вредност, што ја осмислува државата како социјална држава.

Висината на надоместокот на плата е уредена во одредбите од членот 17 од Законот.

Според ставот 1 на овој член од Законот, висината на надоместокот на плата за време на привремена спреченост за работа ја определува работодавецот, односно Фондот со општ акт, но најмалку во висина од 70% од основицата за надоместокот на плата.

Оттука, според Судот, работодавецот, во случајов Министерството за внатрешни работи, со оспорениот Колективен договор постапувајќи во предвидените рамки утврдени во Законот за здравственото осигурување го утврдува надоместокот на плата за време на привремена неспособност за работа изразена во процентуална вредност која не е под минимум предвидените 70% од основицата на надоместокот на плата.

Имено, тоа значи дека по сила на закон се утврдува процент како можен најмал износ на надомест на плата од пресметаната основица по членот 16 на Законот. Исто така, на овој начин се обезбедува и социјална сигурност на осигурениците за да се спречи работодавецот по однос на определувањето на минимумот на паричен надомест кој би се определил на вработените во случај на неспособност за работа поради болест. Според Судот, токму со оспорениот член 178 став 1 од Колективниот договор се обезбедува правото на надомест на плата за време на привремена неспособност за работа на начин како е уредено со Законот за здравствено осигурување како lex specialis за конкретната проблематика, што значи дека оспорениот член 178 став 1 од Колективниот договор е во согласност со законските одредби кои се погоре цитирани.

По однос на наводите во иницијативата кои се однесуваат на став 3 на член 178 од оспорениот Колективен договор, Судот оцени дека се неосновани. Ова од причина што, според Судот, начинот на уредување на работниците кои имаат статус на овластени службени лица во случаите за време на лична неспособност за работа (болест) да им се исплатува само надомест на плата во висина на основната компонента на платата на работникот утврдена согласно закон и одредбите од овој колективен договор е во согласност со одредбите од Законот за внатрешни работи.

Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021) склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат, како поединечен договор на ниво на работодавач, ги уредува правата и обврските на работниците во Министерството за внатрешни работи и работодавачот, како и условите и начинот на остварувањето на правата и обврските од работен однос и други прашања од работните односи или во врска со работните односи.

Овој колективен договор влегол во сила со денот на склучувањето на 24.06.2021 година, а се применува од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 149 од 05.07.2021 година.

Имено, во услови кога работниците со статус на овластени службени лица од ставот 3 на членот 178 од Колективниот договор поради болест се спречени да ги вршат своите работни обврски, работодавецот не е во состојба да врши исплата и по основ на исклучителна компонента. Ова од причина што во состојба на спреченост на извршување на своите работни задачи и обврски овластените службени лица немаат можност да ги исполнат критериумите предвидени во член 141 став 3 од Законот за внатрешни работи, односно да се цени нивната работна успешност и прекувремена работа, па оттука и да се пресметува надоместокот и по овој основ. Наведените додатоци кои ги содржи исклучителната компонента, како составен дел од платата на вработените во Министерството за внатрешни работи, се додатоци кои ги исплаќа Министерството во услови кога работникот извршува работни задачи, но не и кога истиот не е на работа и не е во можност да ги извршува своите работни задачи.

Оттука, Судот оцени дека со оспорената одредба на членот 178 од Колективниот договор се овозможува непречена реализација на правото на работникот да добива надомест на плата и за време на лична неспособност за работа (болест) и тоа во компонента што ги опфаќа основната плата, зголемена за 20%, односно 30% зависно од статусот и додатокот на кариера. Од истата се исклучени додатоците на плата за работна успешност, ноќна работа, работа во недела, работа за време на празници, работа во смени, односно работен додаток заради посебни услови за работа и опасност по живот, односно постоење на висок ризик во извршувањето на работните задачи. Ваквиот исклучок договорните страни основано го направиле бидејќи работникот реално не е во можност да ги остварува паралелно и во истиот период во кој отсуствува од работа по основ на лична неспособност, односно болест.

Поради наведените аргументи и направената уставно-судска анализа, според Судот, оспорениот член 178 ставови 1 и 3 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи не може да се доведе под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и членовите 9, 50, 51 и 54 од Уставот на Република Северна Македонија, како со членот 166 од Законот за внатрешни работи и член 112 ставови 1, 2 и 3 од Законот за работните односи.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.9/2022
07.04.2022 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска