Решение У.бр.148/2021 и У.бр.15/2022

У.бр.148/2021 и У.бр.15/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 29 март 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 163/2021).

2. Сојузот на синдикатите на Македонија – ССМ, претставуван од претседателот Дарко Димовски, Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија, претставуван од претседателот Иван Пешевски и Здруженито за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ Штип, претставувано од претседателот на здужението Кристина Ампева, до Уставниот суд на Република Северна Македонија доставија иницијативи за оценување на уставноста на член 12 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативите, оспорениот член 12 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, бил во спротивност со член 8, член 9, член 32, член 34 и член 35 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија; член 4, член 116 и член 117 од Законот за работните односи; член 36 став 2 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, како и со член 2 од Законот за ратификација на Конвенцијата за трудови клаузули (јавни договори) 1949.

Ова од причини што во оспорениот член се предвидува дека стратешкиот партнер има целосно право да го организира и распоредува работното време на работниците кои ќе бидат ангажирани на проектот со можност работното време за секој поединечен работник во просек да трае 60 часа неделно во текот на годината.

Понатаму, подносителите наведуваат дека ако се знае дека со Законот за работните односи, меѓународните договори, работничката пракса насекаде во Европа и светот е 40-часовна работна недела, просекот од 60 часа во текот на неделата на годишно ниво ќе значи дека работниците во текот на неделата ќе работат во некои периоди повеќе од 60 часа.

Поддржувањето на работното време од огромни размери (просек од 60 часа неделно на годишно ниво) е начин на поддржување на присилна работа без почитување на човековите права и човечко достоинство, не водејќи грижа за работникот како најважен ресурс на државата.

Исто така, подносителите наведуваат дека член 4 од Законот за работните односи, се применува на сите работодавачи кои имаат седиште или престојувалиште во државата и кај нив вработени работници кога работата се врши на територијата на државата, како и работодавачи од територија на земја членка на ЕУ и кај нив вработените работници кога се воспоставуваат односи врз основа на договор за вработување заради вршење на работа на територијата на државата. Тоа значи дека Законот за работните односи, вклучително и одредбата за 40 часа работна недела, не смее да се суспендира со донесување на друг закон како што е во конкретниот случај.

Понатаму, подносителите наведуваат дека при уредување на договорни работни обврски за вршење на работа во државата за кои средствата се обезбедуваат од буџетот на државата, задолжително мора да се почитуваат обврските за заштита на животната средина, безбедноста и здравјето при работа, социјалната политика и заштита на трудот кои произлегуваат од законите во државата како и од колективните договори и ратификуваните меѓународни конвенции на трудот.

Според подносителите, доколку се применува оспорениот член 12 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, ќе се наруши принципот на еднаквост на граѓаните и работниците утврден во член 9 од Уставот во однос на остварување на нивните права и обврски коишто произлегуваат од работниот однос. Токму почитувањето на принципот на еднаквост при остварување на работничките права како најзначаен дел од граѓанските права, претставува показател дали една држава е демократски ориентирана и покажува еднаква грижа кон своите граѓани и работници, што во конкретниот случај членот 12 од Законот не го обезбедува.

Оспорениот член 12 од Законот доведувал до различно уредување на исти права на работниците, а оваа нееднаквост на работниците создавала правна несигурност и повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.

Понатаму, подносителите наведуваат дека имајќи предвид дека во дејноста градежништво најголем дел на работите се извршуваат во особено тешки и сложени услови за работа што во најголем случај негативно се одразуваат на здравјето на работниците поради нивната изложеност на екстремни временски услови, особено поради тоа што градежништвото е дејност со најголем број на работни места со висок степен на ризик и најголем број на евидентирани повреди и жртви на работа, оспорениот член уште повеќе ќе придонел сите работници кои ќе работат на овој проект да бидат изложени на зголемена опасност по животот и здравјето.

Имајќи го предвид наведеното, подносителите на иницијативата му предлагаат на Уставниот суд согласно член 50 став 1 од Уставот да ја прифати иницијативата и да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 12 од Законот, а по поведување на постапката да донесе одлука со која ќе го поништи оспорениот член.

Воедно, подносителите на иницијативата, наведуваат дека поаѓајќи од можноста од настапување на штетни последици на граѓаните и работниците во Републиката со примена на оспорениот член 12 од Законот, бараат Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на Законот до донесување на конечна одлука.

Според наводите на Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ оспорената одредба од член 12 од Законот, не била во согласност со член 32 од Уставот на Република Северна Македонија, со член 116 од Законот за работните односи, Конвенцијата бр.14 за неделен одмор (во индустријата) 1921, ратификувана на 17.11.1991 и Конвенцијата за неделен одмор (трговија и канцеларии 1957),( бр.106).

Ова од причини што наведената одредба се косела со уставните и законските норми кои го уредуваат правото на неделен одмор на работниците. Самата одредба била правно неиздржана, бидејќи нејзината формулација: „во просек 60 часа неделно во текот на годината“, произнесувала правна несигурност и била во спротивност на уставните и законските норми кои го регулираат работното време на работниците и правото на неделен одмор што било во спротивност со член 32 од Уставот, со член 116 од Законот за работните односи и меѓународните ратификувани конвенции кои го регулираат ова прашање.

Согласно Уставот, секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Исто така, во Законот за работните односи децидно е наведено дека полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно и работната недела по правило трае пет работни дена. Спорната одредба од Законот била спротивна и на Конвенцијата бр.14 за неделен одмор (во индустријата) 1921, ратификувана на 17.11.1991 година и Конвенцијата за неделен одмор (трговија и канцеларии), 1957 (бр.106) со кои се определува работното време и правото на неделен одмор на работникот.

Според подносителот, самата формулација во членот 12 од Законот, „просек 60 часа неделно во текот на годината“, создавала правна несигурност, од причини што ваквата формулација може да значи (хипотетички) дека работникот може да работи и до 100 или 150 часа неделно. Формулацијата „во просек 60 часа“ од наведениот закон е нејасна, конфузна и создава правна несигурност и можност за големи злоупотреби на целокупната позитивна законска регулатива и кршење на човековите и работничките права што е спротивно на Уставот, Законот за работните односи и конвенциите на Меѓународната организација на трудот кои Републиката ги има ратификувано.

Со оглед на наведеното, подносителот му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, а до донесување на конечна одлука Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека според став 1 на оспорениот член 12 од Законот „Во тек на организацијата на работите во Проектот, во согласност со барањата на работниот процес и роковите утврдени со Договорот за градење, Стратешкиот партнер ќе има право да го организира и распоредува работното време на работниците, така што работното време на секој работник, во текот на целиот циклус на Проектот, може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината“.

Според ставот 2 на членот 12 од Законот, „Воведувањето на работното време во согласност со ставот (1) на овој член, е дозволено само со изречна, писмена и претходна согласност на работникот и сите останати важечки закони за безбедност и здравје на Република Северна Македонија, како и плаќањето на сите применливи даноци и социјални придонеси остануваат применливи“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, како и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност.

Според ставот 2 од овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 3 од истиот член, секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Согласно ставот 4, секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат.

Во ставот 5 од овој член од Уставот е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, секое работно место е достапно секому под еднакви услови, и правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, при што граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви пред Уставот и законите. Со други зборови, уставна обврска на законодавецот е при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавачот од работниот однос, вклучително и правото на соодветна заработувачка и право на платен дневен, неделен и годишен одмор, граѓаните да ги става во еднаква правна положба.

Воедно, уставотворецот, при утврдување на економските права утврдил дека остварувањето на правата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори, што подразбира дека формулацијата: „со закон”, наведува на заклучок дека тоа може да се стори со еден, но и со повеќе закони и колективни договори од соодветната област.

5. Во членот 2 од Конвенцијата за трудови клаузули (јавни договори), 1949 која со Законот за ратификација на Конвенцијата за трудови клаузули (јавни договори),1949 („Службен весник на Република Македонија“ бр77/2010), која станала дел од внатрешниот правен поредок е предвидено дека:

1. Договорите на коишто се однесува оваа конвенција би требало да вклучуваат клаузули што би им осигурале плати (вклучувајќи надоместоци) на заинтересираните работници, работните часови и други работни услови кои не се понеповолни од оние утврдени за работа од ист карактер во трговијата или индустријата во секторот каде што работата се извршува:

(а) со колективен договор или други признати механизми на преговарање помеѓу организации на работодавачи и претставници на работниците имајќи го предвид основниот сооднос на работодавачите и работниците во односната трговија или индустрија,
(б) со арбитражна награда или
(в) со државни закони или прописи.

2. Каде што работничките услови споменати во претходниот параграф не се регулирани на начин споменат во секторот каде што се извршува работата, клаузулите што ќе се вклучат во договорите треба да им осигураат на заинтересираните работници плати (вклучувајќи надоместоци), работни часови и други работнички услови што не се понеповолни од:

(а) оние утврдени со колективен договор или други признати механизми на преговарање, со арбитража или државни закони или прописи, за работа од ист карактер во односната трговија или индустрија во најблискиот соодветен сектор; или
(б) општото ниво забележано во трговијата или индустријата во кое изведувачот е ангажиран од работодавачи чиишто општи услови се слични.

3. Условите за вклучување на клаузулите во договорите и нивните варијации треба да бидат утврдени од надлежен орган на начин кој е најсоодветен за националните услови, по консултација со организациите на работодавачите и работниците, каде што такви постојат.

4. Надлежниот орган треба да преземе соодветни мерки промовирајќи упатства или на друг начин да осигура дека лицата коишто конкурираат за договорите се свесни за условите на клаузулите.

Во членот 3 од Конвенцијата е предвидено дека онаму каде соодветните одредби што се однесуваат на здравјето, безбедноста и благосостојбата на работниците, ангажирани во извршувањето на договорите, не се се уште применливи по сила на националните закони или прописи, колективниот договор или одобрени арбитражи, надлежниот орган треба да преземе соодветни мерки за да осигура фер и разумни услови кои се однесуваат на здравјето, безбедноста и благосостојбата на работниците.

Во членот 4, пак, од Конвенцијата, покрај другото е предвидено дека законите, прописите и другите инструменти кои ја овозможуваат примената на оваа конвенција, покрај другото, треба да овозможат соодветни евидентирања на работното време и за платите што треба да се исплатат за заинтересираните работници.

6. Во членот 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 110/19 и 267/20), е предвидено дека со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Во член 4 ставови 1, 2, 3 и 4 од наведениот закон е предвидено дека:

(1) Овој закон се применува врз работните односи меѓу работодавачите кои имаат седиште или престојувалиште во Република Македонија и кај нив вработените работници, кога работата постојано се врши на територијата на Република Македонија, како и во случаите кога работодавачот привремено ќе го упати работникот на работа во странство.
(2) Овој закон се применува, исто така, за работните односи меѓу работодавач и од територијата на земја членка на Европската Унија и работодавач од територијата на земја која не е членка на Европската Унија и кај нив вработените работници, коишто се воспоставуваат врз основа на договорот за вработување заради вршење на работа на територијата на Република Македонија.
(3) За работниците кои работодавач и од територијата на земја членка на Европската Унија и работодавач од територијата на земја која не е членка на Европската Унија ќе ги упати на привремена работа во Република Македонија врз основа на договор за вработување според странското право, се применуваат одредбите на овој и друг закон, кои го уредуваат работното време, дневниот и годишните одмори, ноќната работа, минималниот годишен одмор, минималната плата, заштитата при работа и посебната заштита на работниците.
(4) Овој закон се применува и на работните односи на работниците кои се испратени од нивниот работодавач за давање на услуги на друг работодавач од територијата на земја членка на Европската Унија во територијата на Република Македонија и работодавач од територијата на земја која не е членка на Европската Унија.

Во членот 5 од Законот, е утврдено значењето на одделни изрази употребени во овој закон, па така под изразот „Работно време” е времето во кое работникот работи и ги извршува своите работи и работни задачи согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување.

Во членот 116 од Законот во глава IX.Работно време е утврдено дека:

(1) Полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно.
(2) Работната недела по правило трае пет работни дена.
(3) Со закон, односно со колективен договор може да се одреди како полно работно време, работното време кое е пократко од 40 часа неделно, меѓутоа не помалку од 36 часа неделно.
(4) Со закон или други прописи во согласност со закон, или со колективен договор може да се определи за работните места, кај кои постојат поголеми опасности од повреди или здравствени оштетувања, полното работно време да трае помалку од 36 часа неделно.
(5) Ако полното работно време не е определено со закон или колективен договор, се смета како полно работно време, работното време од 40 часа неделно.
(6) Работодавачот е должен да води евиденција за полното работно време.
(7) Работодавач кој има над 25 вработени и кај кого процесот на работата се врши на една или повеќе локации е должен на секоја локација да води електронско евидентирање на полното работно време и на прекувремената работа.
(8) Работодавачот кој има до 25 вработени е должен да води евидентен лист за присуство на работа на работниците со наведување на податоци за почетокот и завршетокот на работното време.
(9) Начинот и водењето на електронската евиденција на полното работно време и на прекувремената работа од ставот (7) на овој член ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот.

Во членот 117 од Законот е уредено прашањето на прекувремена работа па така:

(1) Работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното работно време (прекувремена работа):
1) во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата;
2) ако е потребно продолжување на деловниот или производниот процес;
3) ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би предизвикало прекинување на работата;
4) ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и имотот, како и безбедноста на прометот и
5) во други случаи определени со закон или колективен договор.
(2) Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени. Прекувремената работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно.
(3) За работниците од Министерството за внатрешни работи, кои вршат посебни должности и овластувања согласно со посебен закон, прекувремената работа може да трае подолго од 190 часа годишно, поради извршување на итни и неодложни работи, по претходно дадена писмена согласност на работникот.
(4) На работникот кој работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината, кај истиот работодавач, во кои не се засметуваат деновите на искористен годишен одмор, работодавачот е должен да му исплати покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна плата во Републиката.
(5) Работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот.
(6) Работодавачот е должен за секое воведување на прекувремена работа претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот.
(7) Ако работодавачот воведува прекувремена работа подолго од ставот (2) на овој член е должен да изврши прераспоредување на работното време или воведување на нови смени.

7. Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија, на 13 мај 2014 година, утврдија пречистен текст на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Пречистениот текст на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, ги опфаќа: Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, пречистен текст („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/12) и Спогодбата за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството („Службен весник на Република Македонија“ бр.189/13)

Во член 1 од пречистениот колективен договор е предвидено дека со овој колективен договор се уредуваат и доуредуваат, во согласност со закон и други прописи, правата, обврските и одговорностите на договорните страни кои го склучиле овој договор, а особено склучувањето, содржината и престанокот на договорот за вработување и други прашања од работните односи или во врска со работните односи во стопанството на РМ, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

Според член 2 овој колективен договор се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите и вработените во приватниот сектор.

Во членот 36, пак во глава VII. РАБОТНО ВРЕМЕ е предвидено дека: Почетокот, распоредот и завршетокот на работното време, го утврдува работодавачот, односно работоводниот орган во согласност со закон, акт на органот од државната управа од соодветната област, колективен договор на ниво на гранка односно оддел, односно на ниво на работодавач.

Со колективен договор на ниво на работодавач се утврдуваат исклучително тешките услови на работното место според кои работното време пократко од 40 часа неделно, ќе се смета за полно работно време, но не пократко од 36 часа неделно.

За работните места кај кои постои поголема опасност од повреди или здравствени оштетувања, со колективен договор на ниво на работодавач, полното работно време може да трае помалку од 36 часа неделно.

8. Тргнувајќи од наведените уставни одредби, наведените меѓународни документи, одредбите од Законот за работните односи, одредбите од Општиот колективен договор за приватниот сектор, наспрема содржината на оспорениот член и изнесените наводи во иницијативите, Судот оцени дека со основ може да се постави прашањето за согласноста на членот 12 од оспорениот закон со уставните одредби на кои се повикуваат подносителите.

Оспорената одредба од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, пропишува дека во согласност со барањата на работниот процес и роковите утврдени со Договорот за градење, Стратешкиот партнер ќе има право да го организира и распоредува работното време на работниците, така што работното време на секој работник, во текот на целиот циклус на Проектот, може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината.

Неспорно е дека вака пропишаното работно време се разликува и е подолго од пропишаното работно време за сите други работници во Република Северна Македонија, кое е пропишано со закон и колективни договори и кое не може да биде подолго од 40 часа неделно, освен во точно определени случаи и за определено време кога може да има прекувремена работа.

Исто така, неспорна е уставната определба дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, што наведува на заклучок дека тоа може да се стори со еден, но и со повеќе закони и колективни договори од соодветната област, како што е направено во случајот.

При оценувањето на уставноста на оспореното законско решение, секако беше земен предвид фактот дека Уставниот суд нема надлежност да ја оценува меѓусебната согласност на одредби од два закони (одредбата од оспорениот закон наспрема одредби од Законот за работните односи).

Сепак, Судот смета дека пропишувањето на работно време на работникот во просек 60 часа неделно во текот на годината (член 12 став 1), особено имајќи предвид дека градежните работи се извршуваат на отворено, во секакви временски услови, а работникот има право на дневен, неделен и годишен одмор од коишто не може да се откаже, а остварувањето на овие права основано се доведува под сомнение со наведеното работно време (просечно работно време од 60 часа неделно во текот на годината, подразбира дека работното време може да трае и подолго од 60 часа во одреден период од годината), ги загрозува работничките права и социјалната положба на работниците согласно меѓународните и домашните стандарди во сферата на работното законодавство односно на трудовото право.

Фактот што законодавецот, со член 12 став 2 од Законот, пропишал дека воведувањето на таквото работно време е дозволено само со изречна, писмена и претходна согласност на работникот и примена на сите останати важечки закони за безбедност и здравје на Република Северна Македонија, како и обезбедување на плаќање на сите применливи даноци и социјални придонеси, не го оправдува ваквиот начин на пропишување на работното време подолго од 60 часа неделно.

Секоја изјава што ја дава работникот, а која е во спротивност со уставно пропишаните права на работникот за платен дневен, неделен и годишен одмор, е ништовна, затоа што работникот не може да се откаже од овие права, кои се воведени заради заштита на неговото здравје и живот.

Во таа смисла, законодавецот со Законот за работните односи јасно определил колку може да трае прекувремената работа на работникот, што е, исто така, во насока на негова заштита.

Со ваквиот начин на уредување на прашањето за работното време во просек 60 часа неделно во текот на годината, очигледно се повредува начелото на еднаквост на вработените во секторот каде што работата се извршува, што е повреда на уставното начело за еднаквост на граѓаните. Воедно, Судот смета дека со предвидениот начин на уредување на прашањето за работното време се повредува и Конвенцијата за трудови клаузули, која е ратификувана од страна на Собранието на Република Северна Македонија и која е дел од внатрешниот правен поредок.

Оттука, според Судот, уредувањето на прашањето на работното време, утврдено во член 12 од Законот, според кој работното време на работникот, во текот на целиот циклус на проектот може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината, поради наведените причини, би можело да се доведе под сомнение во однос на согласноста со член 32 став 4 од Уставот, а со тоа и со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката, утврдена со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Преку владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, се обезбедува примена на правните норми и во конкретни случаи и таа примена претставува механизам којшто го исклучува самоволието и арбитрарноста, односно обезбедува супремација на правото преку почитување на начелото на уставност и законитост, како и слободите и правата на човекот и граѓанинот. Правната сигурност на граѓаните, исто така, е основа за функционирање на владеењето на правото. Владеењето на правото е основа и гаранција за остварување на сите останати темелни вредности на нашиот уставен поредок.

9. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.148/2021
У.бр.15/2022
29 март 2022 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска