Соопштение

Оформени предмети во периодот од 25.03-18.04 2022

Почитувани,

Во периодот од 25 март до 18 април 2022 година до Уставниот суд беа поднесени иницијативи по кои беа оформени четири предмети:

У.бр.34/2022

Подносител: Никола Петров од Неготино

Оспорен: Одлука за давање согласност 08-506/4 од 18.08.2021 на совет на Општина Неготино, Заклучок со број 09-519/2 од 20.08.2021 на Управен одбор на ЈП Комуналец Неготино

Подносителот смета дека со Одлуката е поврден членот 16 од Законот за концесии и јавното-приватно партнерство и тоа алинеја 3 која се однесува на процена на влијанието врз животната средина на концесијата на добра од општ интерес или ја јавно приватно партнерство. Подносителот на иницијативата пишува дека таква процена за влијанието на животната средина не е изработена, како и други активности неопходни за спроведување на постапка, како што е најмалку барем една јавна расправа за да се запознаат граѓаните на општина Неготино за изградба на мала хидроелектрична централа на водоснабдителниот систем-Лукар во атарот на општина Неготино. 

У.бр.35/2022

Подносител: Ивана Тасевска од Скопје

Оспорен: член 6 став 2 и член 6а од Законот за судските такси(„Службен весник на Република Македонија” бр.144/2009, 148/2011, 106/2013 и 166/2014 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.257/2020)

Подносителот смета дека оспорените одредби се спротивни на член 8 став 1 алинеја 1,3 и 11 и на член 9 од Уставот на Република Северна Македонија, како и на член 14 и член 6 од ЕКЧП. Во иницијативата е наведено дека стечајниот управник спротивно на цитираните уставни одредби е ставен во поповолна положба од сите останати граѓани кои иницираат судски постапки, со тоа што поради својата општествена положба , односно својот статус може да иницира судски постапки без да ги плати судските такси кога ќе настане таксената обврска во согласност со член 4 став 1 и 2 од Законот за судските такси. 

 

У.бр.36/2022 

Подносител: Емануел Тасев од Скопје

Оспорен: Член 2 од Уредбата за измена на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежно земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште на Владата, Службен весник број 81/22 на Република Северна Македонија од 01.04.2022 година кој гласи: „На постапките за приватизација на градежното земјиште започнати пред денот на влегување во сила на оваа уредба, ќе се применува висината на надоместокот определена со Предлогот кој е составен дел на оваа уредба.”

Подносителот смета дека оспорениот член не е во согласност со член 52 став 4, член 55 став 2 и член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Подносителот во иницијативата наведува дека со оспорениот член се дава повратно дејство на Уредбата и иако е понеповолна за странките се применува на веќе започнати постапки за приватизација. 

Во иницијативата се наведува дека барателите кои поднеле барање за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост со намена за комерцијални, деловни, стопански, производствени цели, спорт и рекреација и неизградено земјиште за колективно домување пред стапување на сила на Уредбата се ставаат во понеповолна положба, им се повредува стекнатото право да го приватизираат земјиштето во државна сопственост согласно предвиденитр услови за приватизација при поднесувањето на барањето, а само затоа што постапките по нивните барања не се завршени заради неажурност на органите се дискриминирани во однос на повластените  баратели чии барања се решени со правосилни одлуки. 

У.бр.37/2022

Подносител: Општина Ново Село преку градоначалник Ѓорѓе Божинов

Оспорен: Одлука на Советот на општина Ново Село бр.08-288/1 од 03.02.2022 година

Подносителот смета дека Одлуката е во спротивност со член 8, член 51 од Уставот и дека е повреден членот 20-б од Законот за вработените во јавниот сектор во кој е регулирана постапката за донесување на годишниот план за вработување кој важи и за општините.