Соопштение

Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за XIII-та седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија закажана за 20.04.2022 година (среда), со почеток во 09,30 часот

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:
Реферат У.бр.4/2022
Oспорен: Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.288/2021)
Подносител: Стопанска комора на Северна Македонија
Дел од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека оспорениот закон кој се однесува на уредување на работата во недела е спротивен на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните. Во иницијативата се наведува дека Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи го уредува користењето на неделен одмор преку воведување на забрана за работа во недела и притоа таксативно ги набројува исклучоците на одредени дејности кај кои неделниот одмор може да се користи во друг ден во неделата и се укажува дека ова законско решение не е во полза ниту на економските субјекти, ниту на работниците и директно задирало во темелните вредности на уставниот поредок на државата. Според подносителот со ова законско решение работодавачите од економските дејности на кои им се забранува работа во недела (неметалните минерални производи) и имале еднаква правна положба од аспект да ги намируваат данокот и другите јавни давачки кон државата кои се утврдени со закон и биле ставени во нееднаква правна положба со работодавачите од економските дејности на кои им било дозволено да работат во недела, од аспект да остваруваат приходи и добивка.
Реферат У.бр.147/2021
Подносител: Здружение на приватни стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина од Кавадарци
Oспорен: Член 20 став 2, член 23 став 3, член 24 став 1 т.4 и 5 од Правилникот за облиците на континуирано стручно усовршување пречистен текст од 26.06.2020,  Oдлука за критериуми при избор на спроведувачи на континуирано стручно усовршување од 19.02.2021, Јавен повик за избор на спроведувачите на континуирано стручно усовршување за период од 2021-2025 од 19.02.2021
Дел од наводите во иницијативата:
Според подносителот на иницијативата со оспорените одредби од Правилникот се излегува надвор од рамките на правата и обврските и односите кои биле со закон пропишани, а со Правилникот неосновано се пропишуваат права и обврски кои можат да бидат само предмет на законско уредување. Со иницијативата се бара времена мерка до конечното одлучување, односно да се запре извршувањето на актите донесени врз основа на член 20 став 2 од Правилникот.  Во делот за оспорената Одлука за критериуми подносителот наведува ека Комисијата за стручни стоматолошки прашања на Стоматолошка комора на Македонија недозволено регулира материја веќе уредена со Правилник.  Во делот за оспорениот Јавен повик подносителот наведува дека Комисијата сама си креирала Одлука и Јавен повик по своја иницијатива и со елементи кои сама си ги уредила без основ за тоа.
Реферат У.бр.11/2022

Оспорен: Уредба со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширење на КОВИД 19 бр.44-3324/1 од 22.04.2020г.

Подносител: Сашо Балабанов од Штип
Дел од наводите во иницијативата:
Се оспорува уредбата која со законска сила го уредува носењето на лична заштита на лицето поради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заштита на населението како и надзорот над спроведувањето на носење лична заштита на лицето за време на траењето на вонредната состојба.
II.         БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:

Реферат У.бр.14/2022
Подносител: Томе Главчев,Ратко Димитровски,Зоранчо Митровски преку адвокат Петро Јанура од Скопје
Oспорен: Обвинителниот акт КО.бр.121/19 од 14.12.2020 од Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Решение II КОК-ООА бр.60/2020 од 14.10.2020.
Дел од наводите во иницијативата:
Во барањето се оспорува Обвинителниот акт КО.бр.121/19 од 14.12.2020 од Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Решение II КОК-ООА бр.60/2020 од 14.10.2020. Според подносителите тие се во спротивност со членот 110 алинеја 3 од Уставот поради повреда на правото на забрана од дискриминација по основ на социјална припадност, односно имотната и општествената положба, во поглед на личен статус и во поглед на статус на сведок во судска постапка, како и по основ на политичка припадност, односно политичко уверување. Подносителите на ова барање наведуваат дека се успешни стопанственици, а поднесувањето на обвинителниот акт против нив е сублимат на дискриминаторски дејствија по различни основи. Во барањето, подносителите ги наведуваат кривичните дела за кои се товарат со обвинителниот акт, дека биле долгогодишни успешни стопанственици, а подносителот Ратко Димитровски и дека бил градоначалник на Кочани, во два мандати, како кандидат на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ, дека како успешни бизнисмени уживале углед во заедницата на добри, работливи и чесни луѓе, дека поднесувањето на обвинителниот акт било производ на дискриминаторски дејствија по различни основи, односно, дека кривичниот прогон спрема нив, зрачел со дискриминација.