Решение У.бр.142/2021

У.бр.142/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 09.03.2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Драган Смилески од Скопје за заштита на слободите и правата што се однесуваат на слобода на уверување, забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност и правото на сопственост.

2. Драган Смилески од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на слобода на уверување, забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност и правото на сопственост наводно повредени со Решението за престанок на работен однос поради исполнување услови за старосна пензија ОУ број 04-2/174 од 12.09.2019 година, конечно на ден 07.02.2020 год. донесено од Министерството за одбрана.

Во барањето се наведува дека подносителот го примил горенаведеното решение на ден 27.09.2019 година, за што навремено и во законски рок поднел жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работни односи од втор степен, која со Решението ја одбила жалбата како неоснована.

Подносителот, во август 2019 година потпишал и доставил изјава со која барал работодавецот да му го продолжи работниот однос за уште три години од причини што работното место по формација доктор специјалист по воздухопловна медицина ВЕС 32 519 во Армијата на Република Северна Македонија да биде и понатаму пополнето притоа земајќи ја предвид сопствената психофизичка и здравствена состојба, потребата на единицата од таков вид на персонал (високо стручен, специјализиран и дефицитарен кадар за Армијата) и раководејќи се од фактот дека во составот на Армијата нема друг доктор кој ќе го пополни формациското место, барал континуирано да продолжи да работи во наредните три години додека да се едуцира доктор од областа на воздухопловната медицина со што ќе се одржи континуитетот и неопходноста на доктор во единицата, но истата не била прифатена со образложение дека не е доставена во предвидениот законски рок.

Понатаму во своето барање ги објаснува причините и потребата од пополнување на работното место доктор специјалист по воздухопловна медицина ВЕС 32 519 со соодветен кадар бидејки со отсуство на доктор во единицата се нарушува и основната примарна функција за согледување и утврдување на здравствената состојба на пилотите, операторите летачи и другиот воздухопловен персонал пред летање, континуирано следење на здравствената состојба на истите како најскапа популација од витална важност за Армијата.

До ВП 2803/14, исто така, доставил и барање бр. 03-5/372 со кое барал потврда за работен стаж – верификација на пензискиот стаж во поранешната ЈНА и во АРМ (сега Армија на Република Северна Македонија) и како одговор на барањето добил Известување бр. 21-48/560 од 22.07.2021 година дека немаат законска обврска и не располагаат со податоци за стажот остварен после 31.03.1992 година во Војската на Југославија, како наследник на поранешна ЈНА, и истиот се смета како стаж остварен во странска држава.

Според подносителот на барањето, на ден 20.01.2020 година влегле во сила измените и дополнувањата на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.14/20 од 20.01.2020 година) каде прецизно се регулира статусот на вработените во Армијата во член 218-а:

„(1) На активниот воен и цивилен персонал му престанува работниот однос по сила на закон со остварување на право на пензија, со навршување на 40 години пензиски стаж и навршени 55 години возраст.
(2) Активниот воен и цивилен персонал кој ги исполнува условите од ставот (1) на овој член, може со писмена изјава до Министерството да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до пет години по навршување на 40 години пензиски стаж, односно по наполнување на 55 години возраст.
(3) Писмената изјава од ставот (2) на овој член, активниот воен и цивилен персонал ја дава еднаш годишно, најдоцна до 31 август во тековната година, за продолжување на договорот за работа за наредната година.
(4) Министерството за одбрана во рок од три месеци од поднесувањето на изјавата, а врз основа на потреба на службата, одлучува дали ќе го продолжи договорот за работа.”

Конкретно, барателот смета дека овој член не е применет во неговиот случај како воено лице во Армијата иако од прегледот на регистрирани податоци во матичната евиденција е потврдено дека има 41 година стаж и ги исполнува наведените услови (став 1) и писмената изјава ја дал, најдоцна до 31 август во тековната година, за продолжување на договорот за работа за наредната година (став 3) од горенаведениот член 218-а.

Во понатамошниот тек на барањето подносителот тврди и дека пензиската основа од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување му е погрешно утврдена. Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија по службена должност наместо да ја утврди фактичката состојба и да донесе решение со кое му се утврдува висина на пензијата од 43.000,00 денари, донел Решение со кое му се одредува висина на пензијата од 28.800,00 денари, повредувајќи го, според барателот, правото на сопственост, односно, според него, погрешно утврдил дека барателот има вкупен пензиски стаж од 34 години, 5 месеци и 17 дена и погрешно го применил материјалното право пресметувајќи му пензиска основа во висина од 63,64%, со што тој смета дека му е повредено правото на сопственост.

Имено, со измените и дополнувањата на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 14/20 од 20.01.2020 година) во член 218-а став 7 законодавецот предвидел: „Пензијата согласно со овој член е во висина од 80% од просечната нето-плата што активниот воен и цивилен персонал ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж.“

Според подносителот овој став требало да биде клучен за донесување на Решението од страна на работодавецот кој, според него, не размислувајќи за последиците, го донел Решението за престанок на работниот однос поради исполнување услови за старосна пензија ОУ број 04-2/173 од 12.09.2019 година со кое му престанува работниот однос во Министерството за одбрана со право на остварување на старосна пензија. Тоа решение било спротивно со законските прописи (усогласено со Законот за ПИОМ) бидејќи со донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 14/20 од 20.01.2020 година), според подносителот на барањето, Решението за престанок на работен однос останало без правниот основ поради што работодавецот бил должен на 20.01.2020 година да го измени Решението, кое се уште не било конечно, правосилно и извршно и да донесе ново Решение усогласено со новиот член 218-а од измените и дополнувањата на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 14/20 од 20.01.2020 година).

Решението за престанок на работен однос поради исполнување услови за старосна пензија ОУ број 04-2/174 од 12.09.2019 година станува конечно на ден 07.02.2020 година и со тоа според подносителот на барањето, работодавецот сторил суштествена повреда на индивидуалниот правен акт, непочитувајќи го правното дејство на Законот за служба во Армијата, како и измените и дополнувањата на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија член 218-а од 20.01.2020 година и со тоа потешко ги повредил правата и слободите на подносителот по основ на слобода на уверувањето и социјална припадност, како и правото на заштита на сопственоста и заработувачката, нарушувајќи го личниот интегритет, морал, етика, професионалност, доведувајки го во состојба на инфериорност во однос на останатиот персонал од негов ранг во Армијата по основ на износот на пензијата, нанесената финансиска штета и друго.

Во натамошниот текст на барањето се посочуваат докази во прилог на тврдењето на подносителот дека тој има соодветно образование, дипломи и лиценца за конкретното работно место во Армијата.

Врз основа на наведеното се бара Судот да ја уважи иницијативата, односно барањето и да го запре извршувањето на спорното решение со кое се врши повреда на слободите и правата утврдено со член 110 алинеја 3 од Уставот, по основ на слобода на уверувањето и социјална припадност и правото на сопственост се до реализација на приоритетот од висок интензитет на потреба, доедуцирање на доктор по воздухопловна медицина.

3. Судот на седницата, утврди дека на ден 12.09.2019 година министерот за одбрана врз основа на член 223 став 1, а во врска со член 218 став 1 точка 5 од Законот за служба во Армијата („Службен весник на Република Македонија” бр. 36/10, 23/11, 47/11, 148/11, 55/12, 29/14, 33/15, 193/15, 71/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 101/19), а согласно членот 18 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр. 98/12, 116/12, 15/13, 170/13, 43/14, 44/14, 97/14, 113/14, 160/14, 188/14, 20/15, 61/15, 97/15, 129/15, 147/15, 154/15, 217/15, 132/16, 35/18, 220/18 и 254/18) донел Решение за престанок на работен однос поради исполнување услови за старосна пензија.

Во образложението на Решението е наведено дека со член 218 став 1 точка 5 од Законот за служба во Армијата („Службен весник на Република Македонија” бр. 36/10, 23/11, 47/11, 148/11, 55/12, 29/14, 33/15, 193/15, 71/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 101/19) на активен воен и цивилен персонал му престанува работниот однос во Министерството за одбрана ако се исполнети условите за пензија согласно со закон – со денот на конечноста на решението за престанок на работниот однос.

Со член 104 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” бр. 62/05, 106/08, 161/08,114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16 и 120/18) утврдено е дека работодавачот го прекинува договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години стаж.

Врз основа на службената евиденција која ја води Министерството за одбрана, се утврдило дека именуваниот на ден 13.08.2019 година има наполнето 64 години живот и имал повеќе од 15 години пензиски стаж, со што ги исполнил условите од член 18 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр. 98/12, 166/12, 15/13, 170/13, 43/14, 44/14, 97/14, 113/14, 160/14, 188/14,20/15, 61/15, 97/15, 129/15, 147/15, 154/15, 217/15, 132/16, 35/18, 220/18 и 245/18) за стекнување право на старосна пензија.

Незадоволен од Решението, во законски предвидениот рок, Драган Смилески поднел жалба бр. 03-77/101 од 03.10.2019 година која била доставена до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

На ден 21.11.2019 година Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен донела Решение со кое жалбата бр. 03-77/101 од 03.10.2019 година на потполковникот Драган Смилески изјавена против Решението за престанок на работен однос поради исполнување на услови за старосна пензија ОУ бр. 04-2/174 од 12.09.2019 година на Министерството за одбрана се одбива како неоснована и истата со уредна повратница му е доставена на ден 07.02.2020 година, со што првостепеното решение станало конечно и извршно.

Државната комисија утврдила дека првостепениот орган, Министерството за одбрана, правилно ја утврдил фактичката состојба и правилно го применил материјалното право, при донесување на побиваното Решение, односно жалителот ги исполнил законските услови за остварување право на старосна пензија, со навршување на 64 години живот и 15 години пензиски стаж, а притоа немал поднесено писмена изјава до работодавачот, за продолжување на работниот однос, во рокот пропишан во член 104 став 3 од Законот за работни односи, најдоцна до 31 август во годината која и претходи на годината во која ги исполнува условите за пензија, односно во конкретниот случај најдоцна до 31 август 2018 година. Во овој случај писмената изјава за продолжување на работниот однос е поднесена на 30.08.2019 година, односно во годината во која ги исполнува условите за старосна пензија, што не е во согласност со член 104 став 3 од Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија” бр. 62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 124/10, 47/11,11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.110/19 ) законски одредби што важеле во моментот на донесување на оспорениот поединечен акт.

Против второстепеното решение барателот имал можност да поведе спор пред надлежен основен суд во рок од 15 дена од приемот на решението.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 51 од Деловникот, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од изнесеното уставно-судско процесно правило, определено со Деловникот на Уставниот суд врз основа на членот 113 од Уставот, во врска со конкретниот предмет, произлегуваат следните услови под кои може да се бара заштита од Уставниот суд на слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот: 1) заштитата на слободата или правото од страна на Уставниот суд да е утврдена со член 110 алинеја 3 од Уставот; 2) засегнатиот граѓанин тоа да го бара; 3) повредата да е со поединечен акт; 4) поединечниот акт да е конечен или правосилен; 5) барањето да е поднесено во рок од 2 месеци од доставувањето на оспорениот акт односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во конкретниот случај, од оспореното Решение за престанок на работен однос поради исполнување услови за старосна пензија ОУ број 04-2/174 од 12.09.2019 година, конечно на ден 07.02.2020 година, донесено од Министерството за одбрана и од наводите изнесени во барањето, Судот утврди: 1) подносителот бара заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на слобода на уверување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност како и правото на сопственост. Заштитата на правото на сопственост не е утврдена со член 110 алинеја 3 од Уставот, односно Уставниот суд е ненадлежен да одлучува за наводната повреда на правото на сопственост; 2) засегнатиот граѓанин тоа го бара; 3) наводната повреда е со поединечен акт; 4) поединечниот акт е конечен на ден 07.02.2020 година, но од друга страна, согласно важечките законски прописи во Република Северна Македонија, подносителот можел да поведе спор (од областа на работните односи) пред надлежен основен суд; 5) барањето не е поднесено во рок од 2 месеци од доставувањето на оспорениот акт, односно, оспорениот акт станал конечен на ден 07.02.2020 година (утврдено од уредна повратница со личен потпис и датум на прием 07.02.2020 година), а барањето до Судот е поднесено на ден 23.12.2021 година.

Поради тоа, Судот оцени дека барањето треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 1 (ненадлежност на Уставниот суд) и алинеја 3 (постоење процесни пречки поради изминат рок од 2 месеци) од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.142/2021 
09.03.2022 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска