Дневен ред

Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за XI-та седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија закажана за 07.04.2022 година (четврток), со почеток во 09,30 часот

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. – Член 28 став 8 од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија” бр. 66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/2014, 150/2015, 37/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 257/2020;
– член 13 точка 11 од Одлуката за превентивни препораки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразни болести COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-Cov-2, случаите и временскиот период на нивна примена, донесена од Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 263/2020, 269/2020, 275/2020, 287/2020, 292/2020 и 298/2020 со исправка објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 300/2020).
Реферат У.бр.12/2021

Подносител: Миле Бундовски од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од Законот за заштита на населението од заразни болести и оспорената точка од членот 13 од Одлуката не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 7, членот 9, членот 30 и член 55 ставови 1, 2 и 3 од Уставот. Според наводите од иницијативата, причините за оспорување на член 28 став 8 од Законот за заштита на населението од заразни болести, произлегувале од членот 54 од Уставот на Република Северна Македонија, којшто предвидувал дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, како и за време на вонредна и воена состојба, а согласно член 30 став 2 од Уставот, никому не можеле да му се одземат или ограничат сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работело за јавен интерес утврден со закон. Во конкретниот случај се оставала можност, исклучиво Владата како орган на извршната власт да одлучува за ограничувањата на слободите и правата на човекот и граѓанинот, а ограничувањето што Владата го определувала да не било децидно определено во закон. Во иницијативата, истите причини за оспорување на законската одредба, се наведени и во однос на оспорениот член 13 точка 11 од Одлуката, со дополнување дека со ограничувањето на работењето на угостителските објекти се вршела директна повреда на темелната вредност на уставниот поредок – слободата на пазарот и претприемништвото од член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, како и повреда на правото на претприемништво, односно правото на еднаква положба на сите субјекти на пазарот, гарантирано со членот 55 од Уставот.

2. Член 10 од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр.287/2021).
Реферат У.бр.145/2021

Подносители: Емилија Атанасовска-Јовановиќ од Скопје и други.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата оспорениот член од Законот бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 9, член 32 став 3, членот 51 и член 64 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија. Подносителите на иницијативата сметаат дека со оспорената одредба се вршела дискриминација и нееднакво владеење на правото кон вработените во буџетските корисници од централната власт кои работеле во органите и структурите за управување со инструментот за предпристапна помош ИПА, а кои правото на плата не го остварувале под услови и критериуми утврдени со Законот за административни службеници. Така, на вработените во Министерството за внатрешни работи кои работеле во структурите за управување со инструментот за претпристапна помош ИПА правото на плата го остварувале според Законот за внатрешни работи, на вработените во Царинска управа според Законот за Царинската управа, на вработените во Управата за јавни приходи според Законот за Управата за јавни приходи итн. Со оспорената одредба не можело да се зборува за темелната вредност- владеењето на правото и обезбедување на правната сигурност бидејќи за еден дел од вработените во буџетските корисници од централната власт кои работеле во органите и структурите за управување со инструментот за предпристапна помош ИПА, а кои правото на плата го остварувале под услови и критериуми утврдени со Законот за административни службеници, важел членот 10 од оспорениот закон, а за останатите не се применувал овој закон, а при тоа станувало збор за иста категорија на вработени лица во органите и структурите за управување со инструментот за претпристапна помош ИПА. Меѓу другото, подносителите наведуваат дека оспорената одредба оневозможувала еднакво владеење на правото, односно на додатокот на плата во висина од 15 % за сите вработени кај буџетските корисници од централната власт коишто работеле во органите и структурите за управување со инструментот за претпристапна помош ИПА, што било спротивно на членот 8 од Уставот. Исто така, подносителите на иницијативата сметаат дека со оспорениот член од Законот не бил почитуван и членот 4 од Европската социјална повелба од 1966 година која била донесена од Советот на Европа во кој било дефинирано правото на праведна заработувачка и со членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, како и член 1 став 1 од Протоколот бр.12 од наведената Конвенција. Подносителите на иницијативата наведуваат дека оспорениот член 10 од Законот бил во спротивност со Уставот и меѓународното право. Имено, поради ваквото непочитување на меѓународните конвенции и националното законодавство оспорената одредба овозможувала за една група на вработени во органите и структурите за управување со инструментот за претпристапна помош ИПА да се постапува поповолно во споредба со друга група вработени во органите и структурите за управување со инструментот за претпристапна помош ИПА, иако двете групи на вработени биле во идентична ситуација и двете групи на вработени биле под јурисдикција на ист закон, а тоа бил Законот за ратификација на Рамковната спогодба меѓу Република Северна Македонија застапувана од страна на Владата на Република Северна Македонија и Европската комисија за постапките за спроведување на финансиската помош од Унијата за Република Северна Македонија во рамките на спроведувањето на помошта според инструментот за претпристапна помош (ИПА II).

3. Член 9 став 1 и 3 од Законот за Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2000, 29/2002, 43/2002, 49/2003, 66/2003, 81/2008, 158/2010, 43/2014, 15/2015, 153/2015, 27/2016 и 83/2018).
Реферат У.бр.17/2022

Подносител: Перица Јакимовски од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 став 1, 2, 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија. Подносителот на иницијативата, меѓу другото наведува дека штедењето во банка било траен интерес и на државата за стабилност на банкарскиот систем и на граѓаните и претставувало јавен интерес од највисок ранг, вградено во Уставот. Јавниот интерес како збир на права, обврски и одговорности на државата и граѓаните, влијаел на целото население во земјата и како значајно прашање, бил во фокусот и на меѓународното право, кое во ЕУ било дефинирано во повелбата на фундаменталните права. Правото на сопственост стекнато на законит начин, можело да биде ограничено ако било јавен интерес со Закон, но под услов тоа лишување да било надоместено ако не веднаш, во догледно време. Според подносителот, со член 9 став 1 и 3 од Закон за фондот за осигурување на депозити, се ограничувала сопственоста (депозит) до 30.000 евра и сопственоста (депозит) преку 30.000 евра. За депозитот над 30.000 евра немало правна сигурност (со Законот за стечај) и не се гарантирал праведен надомест кој според член 30 став 4 од Уставот, неможел да биде понизок од пазарната вредност, односно депозит над 30.000 евра, што претставувало суштината за оспорување на член 9 став 1 и 3 од Закон за фондот за осигурување на депозити.

4. Член 178 ставови 1 и 3 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021).
Реферат У.бр.9/2022

Подносител: Синдикат на полиција во Македонија-Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата оспорениот член од Колективниот договор не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и членовите 9, 50, 51 и 54 од Уставот на Република Северна Македонија како и со членот 166 од Законот за внатрешни работи и член 112 ставови 1, 2 и 3 од Законот за работните односи. Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи е во спротивност со членот 166 од Законот за внатрешни работи од причина што во овој член од Законот не било предвидено намалување на платата на работникот како што е предвидено во член 178 став 1 од оспорениот акт. Имено, во член 166 став 2 од Законот за внатрешни работи било предвидено дека работникот во Министерството за внатрешни работи му се исплатува надоместок во висина на платата утврдена со овој закон и во случај на лична неспособност за работа(болест), за време на отсуството од работа. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека во оспорениот член 178 став 3 од Колективниот договор било предвидено дека работниците кои имале статус на овластени службени лица во случаите за време на лична неспособност за работа (болест) им се исплатувало надомест на плата во висина на основната компонента на платата на работникот утврдена согласно закон и одредбите од овој Колективен договор, исклучителната компонента била незаконски отфрлена, иако била составен дел на платата на работникот.