Дневен ред

Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за VIII-та седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија закажана за 09.03.2022 година (среда), со почеток во 09,30 часот

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Член 288, член 381 ставови 3 и 4, член 483, член 484, член 485, член 486, член 487, член 488, член 489 и член 490 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018).
Реферат У.бр.277/2020

Подносител: Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 288 од Законот за кривичната постапка бил во спротивност со член 8, член 15, член 98 ставовите 1 и 2 и член 106 од Уставот на Република Северна Македонија. Во наводите на иницијативата, меѓудругото, се наведува дека јавниот обвинител всушност претставувал вонреден воспоставен суд и пристрасен суд затоа што имало спојување на орган што гони и орган кој одлучува, или поточно речено со оспорениот член 288 од Законот обвинителот бил изедначен со суд кој што одлучувал да не се гонат сторителите додека оштетените биле оставени без можност на судска заштита. Вака поставениот обвинител и неговите овозможени процесни дејствија со оспорениот член, според кој обвинителот самостојно може да одлучува за отфрлање на пријавите без можност на судска заштита бил во спротивност и со Европската Конвенција за човекови права, кој член е составен дел од членот 6 од Законот за судовите според кој секој има право на правично и јавно судење пред независен и непристрасен суд. Според подносителот на иницијативата, обвинителот не може да се смета за непристрасен кога постапува согласно член 288 од Законот за кривичната постапка затоа што тој самиот бил странка во постапката. Ваквата поставеност, според подносителот претставувало договарање со криминалот и без судска заштита законодавецот му дал противуставно право на обвинителот да биде судија и странка, при тоа не предвидел судска заштита на правото на гонење, поради што ваквата поставеност била противуставна.
Во однос на членот 381 ставовите 3 и 4 од Законот за кривичната постапка, подносителот на иницијативата смета дека не биле во согласност со начелото на презумпција на невиност и уставното загарантирано право на жалба уредени во членовите 13 и 15 од Уставот на Република Северна Македонија, од причина што со оспорениот член законодавецот предвидел да не се навлегува во утврдување на фактичката состојба доколку обвинетиот признае вина и во ваков случај обвинетиот не можел да се жали на одлуката, но можел да се жали на висината на казната. Меѓудругото, подносителот смета дека со оспорените одредби на членот 381 од Законот се дерогирала целата судска постапка за утврдување на вина и со тоа што оној кој признал вина немал право на жалба значело дека веќе тој се смета за правосилно осуден по самиот закон без спроведена постапка за утврдување на вина со што се доведува под сомнение правната сигурност.
Во однос на оспорените членови 483, 484, 485, 486, 487, 488, 489 и 490 од Законот за кривичана постапка, коишто се составен дела на главата „Донесување на пресуда врз основа на спогодба“, подносителот на иницијативата го поставува прашањето каква е таа спогодба за донесување на пресуда врз основа на спогодба во кривичната постапка, спогодба што нотарски незаверена без ограничување на видот на делото за која може да се склучи, со која спогодба јавниот обвинител ја преземал улогата на адвокат и нотар и дава предлог спогодба. Притоа се поставува прашањето дали јавниот обвинител како орган на извршната власт кој има основна задача да ги гони сторителите на кривични дела може да дава предлог спогодба врз основа на која се утврдува вина и се донесува правосилна пресуда без спроведување на доказна постапка. Ваквата спогодба, според подносителот, правото го враќа далеку можеби во времето на инквизицијата кога се вршело притисок на обвинителите да признаат со што нешто можеби, а можеби и не ќе им се олеснело во казната, притоа самото признание бил доволен доказ за донесување осудителна пресуда за што се склучувало усна спогодба помеѓу инквизиторот и обвинетиот.

2. Член 102 став 1 точка д), точка ж) во делот: „кое има тешко хронично заболување” и точка з) од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија број 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015, 150/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 53/2021).
Реферат У.бр.136/2021

Подносител: Василчо Илијев, адвокат од Кочани.

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорените одредби од член 102 став 1 точка д), точка ж) во делот: „кое има тешко хронично заболување” и точка з) од Законот за семејството, биле спротивни со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11, членот 9, членот 40, членот 41, членот 51, членот 54 и членот 112 од Уставот на Република Северна Македонија. Во наводите на иницијативата, меѓудругото се наведува дека иако Уставот ја гарантирал еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите и почитување на принципот на недискриминација, со оспорените одредби била повредена уставната гаранција за еднаквост во слободите и правата независно од општествената положба, бидејќи на лицата со физичка попреченост и хронично болните лица директно им се забранувало да станат посвоители и ги ставало во нееднаква положба во однос на другите граѓани кои можеле да се јават во улога на посвоители. Дополнително оваа катагорија на лица со физичка попреченост кои сакале да го остварат своето загарантирано право на родителство преку посвојување, се ставале во нееднаква положба и во однос на другите лица со физичка попреченост кои се одлучиле родителството да го остварат како биолошки родители на своите деца. Тоа разликување, било потполно нелогично и во спротивност со принципот на хуманизмот и почитувањето на човековото достоинство, како врвна правна вредност. Според подносителот на иницијативата при уредувањето на оспорените законски одредби, не биле испочитувани низа меѓународно-правни инструменти со кои се гарантирало правото на секој човек да биде третиран еднакво и на основа на неговото вродено достоинство (се нагласува посебно Конвенцијата за правата на лицата со попреченост), поради што подносителот смета дека оспорените законски одредби биле спротивни на темелната вредност на уставниот поредок за почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право од член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот. Воедно, подносителот наведува дека наместо државата да го поддржува засновањето на семејството на лицата со попреченост, како операционализација на принципот на хумана популациона политика, таа преку дискриминаторски законски одредби го оневозможувала истото, а обврска на државата била да создаде услови преку достапни социјални услуги на асистенција и полна пристапност на сите нивоа, сите лица со попреченост да можат да се остварат како родители. Оспорените законски одредби од член 102 став 1 од Законот за семејството биле спорни и од гледиште на владеењето на правото како темелна вредност, предвидена со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, кој претпоставувал и барал правна сигурност на граѓаните. Правната сигурност претпоставувала правните норми да бидат предвидливи, јасни и прецизни, а во оспорените законски норми немале јасни критериуми за специфицирање на состојбата која би го оневозможила родителството, бидејќи одредбата според која посвоител не може да биде лице чија физичка попреченост е од таков степен што може оправдано да се сомнева во можноста да се грижи за детето (оспорената точка д) на член 136 став 1 од Законот), била целосно нејасна и непрецизна, бидејќи стандардот на оправдано сомневање бил прешироко поставена формулација под која можело да се подведат различни фактички ситуации.

3. – Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССИ 03, Блок ССИ 03.07, Општина Бутел и Општина Карпош, Скопје, бр.09-6947/3 од 12.10.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.19/2021);
– Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССЗ 02, Блок 06, Општина Карпош – Скопје, бр.09-6334/4 од 16.09.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.15/2021);
– Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Блок 9, градска четврт ССИ 03, Општина Крапош и Општина Чаир, Скопје, бр.09-6334/5 од 16.09.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.15/2021);
– Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 3 06, Блок 3.06.09 Општина Карпош, Скопје, бр.09-5967/7 од 30.08.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.13/2021);
– Одлука за донесување на измена и дополнување на Детален урбанистички план за градска четврт ЦС 15-Криви Дол, Блок 1, Општина Карпош – Скопје, бр.09-5017/6 од 15.07.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.10/2021);
– Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССИ 3, Блок 02, Општина Карпош и Општина Бутел, Скопје, бр.09-2334/7 од 09.04.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.7/2021) и,
– Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 304, Блок 04.02, Општина Карпош – Скопје, бр.09-6997/8 од 12.11.2020 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.20/2020), сите донесени од Советот на Општина Карпош.
Реферат У.бр.138/2021

Подносители: Невена Георгиевска и Татјана Чакулев, од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Подносителите на иницијативата, наведуваат дека со носењето на оспорените одлуки, било повредено правото на граѓаните за остварување на правото на локална самоуправа преку претставници на органите на општината. Имено, се наведува дека, во период од 03.10.2020 до 15.10.2021 година, членот на Советот на Општина Карпош, Димитар Оровчанец бил жител на Општина Кисела Вода, со што според член 46 став 1 алинеја 6 од Законот за локалната самоуправа му престанал мандатот како член на Советот на Општина Карпош. Советот на Општина Карпош за целиот период од 03.10.2020 до 15.10.2021 година, работел со незаконски број на членови односно во работата и одлучувањето во Советот на Општина Карпош во истиот период учествувал и Димитар Оровчанец. Во истиот тој период биле донесени оспорените со иницијативата одлуки, со што, бил прекршен членот 34 од Законот за локалната самоуправа, според којшто Општина Карпош со број на жители од 40001 до 60000, морала да има совет од 23 члена.
Според наводите во иницијативата, оспорените одлуки биле донесени во спротивност со одредби од Законот за локлната самоуправа, и со истите се повредувале темелните вредности утврдени во член 8 став 1 алинеите 3, 9 и 10, членот 114, членот 115 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

4. -Буџет на Општина Демир Хисар за 2021 година, донесен од Советот на Општина Демир Хисар, на 49-тата седница, одржана на 12.03.2021 година, објавен во „Службен гласник на Општина Демир Хисар” број 4 од 18.03.2021 година;
-Одлука за извршување на Буџетот на Општина Демир Хисар за 2021 година, донесена од Советот на Општина Демир Хисар, на 49-тата седница, одржана на 12.03.2021 година, објавена во „Службен гласник на Општина Демир Хисар” број 4 од 18.03.2021 година и
– Завршна сметка на Буџетот на Општина Демир Хисар за 2020 година, донесена од Советот на Општина Демир Хисар, на 49-тата седница, одржана на 12.03.2021 година, објавена во „Службен гласник на Општина Демир Хисар” број 4 од 18.03.2021 година.
Реферат У.бр.88/2021

Подносител: Љупчо Ангелески од Демир Хисар.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите од иницијативата и дополнително доставениот поднесок, оспорените акти, донесени од Советот на Општина Демир Хисар, не биле уставни и законити, бидејќи со истите се повредувал член 41 став 2 од Законот за локалната самоуправа, член 44 точка 1 и член 62 точка 2 од Статутот на Општина Демир Хисар и член 68 од Деловникот за работа на Советот на Општина Демир Хисар, од причини што при нивното донесување, било овозможено online гласање на еден отсутен советник, а ваквиот начин на гласање не бил регулиран во Законот за локалната самоуправа, ниту во Статутот на Општина Демир Хисар и Деловникот за работа на Општината. Според погоре наведените членови, Советот можел да одлучува, односно, советник можел да гласа само доколку физички бил присутен на седница на Советот. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека за да можела Одлуката за работа на Советот на Општина Демир Хисар со употреба на комуникациски средства да произведе правно дејство прво требало да биде објавена во службено гласило на Општината, а во конкретниот случај било обратно направено, Одлуката веднаш на самата седница произвела правно дејство, гласал советникот online, а потоа истата била објавена во службеното гласило на Општината. Гласањето и донесувањето на оспорените акти било засновано и спроведено врз основа на одлука којашто во моментот на гласањето и донесувањето на оспорените акти, не произведувала правно дејство, со што била доведена во прашање уставноста и законитоста на оспорените акти.

II. БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:

1. Барање за заштита на слободи и права по предметот У.бр.142/2021

Подносител: Драган Смилески од Скопје.

Од наводите во барањето:

Според подносителот на Барањето поради услови за исполнување на старосна пензија, Министерството за одбрана донела Решениe за престанок на работен однос поради исполнување на услови за старосна пензија, со што работодавецот сторил суштествена повреда на индивидуланиот правен акт, непочитувајки го правното дејство на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, како и измените и дополнувањата на Законот и со тоа потешко ги повредил неговите права и слободи по основ на слобода на уверувањето и социјална припадност, како и правото на заштита на сопственоста и заработувачката, нарушувајки го личниот интегритет, морал, етика, професионалност, доведувајки го во состојба на инфериорност во однос на останатиот персонал од негов ранг во Армијата по основ на износот на пензијата, нанесената финансиска штета и друго.