Соопштение

Соопштение за примени иницијативи во периодот од 21 до 25 февруари 2021 година

Почитувани,

Во периодот од 21 до 25 февруари до Уставниот суд беа поднесени три иницијативи по кои беа оформени следните предмети:

У.бр.16/2022

Подносител: Нехат Љужа

Се оспорува уставноста на ставовите 2,3,4,5 и 6 од членот 9 од Правилникот за членување, права и обврски за членот и престанување на членството во Македонскиот полициски синдикат. Подносителот смета дека овие одредби се спротивни на член 20 став 2 од Уставот, според кој граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани, политички партии, да пристапуваат и од нив да истапуваат. Со оспорените одредби според подносителот се условува истапување од било какво здружение на граѓаните, а во кои спаѓаат и синдикатите како посебна форма на здружување на граѓаните-работници.

У.бр.17/2022

Подносител: Перица Јакимовски

Се оспорува членот 9 ставовите 1 и 3 од Законот за фондот за осигурување на депозити. Според подносителот со оспорената одредба се ограничува сопственоста, односно депозит до 30.000 евра и депозит над 30.000 евра, но за депозитот над 30.000 евра нема правна сигурност (Закон за стечај) и не се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност, односно во случајот над 30.000 евра.

У.бр.18/2022

Подносител: Јоне Ивановски

Се оспорува Правилникот за начинот на службено оценување на активниот воен персонал, активниот резервен персонал и за офицерите односно подофицерите и војниците во резервниот состав на Армијата на РСМ, начинот на водење на евиденција потребна за службено оценување и видовите на обрасците на оценувачкиот лист („Службен весник на РСМ” бр.156 од 09.07.2021). Според подносителот содржината на Правилникот излегува надвор од прецизните овластувања утврдени во Законот за служба во Армијата и се во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок утврдени во член 8 алинеи 1 и 3 од Уставот. Подносителот бара Уставниот суд да го поништи Правилникот поради штетни последици кои според него ќе бидат предизвикани врз воениот персонал, односно врз нивниот успех во службата, одлучувањето за унапредување, поставување и други осноси во службата.