Соопштение

Кацарска: Да се воведе уставна тужба, правото на граѓаните за здрава животна средина е ограничено пред Уставниот суд

 

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска денеска учествуваше во дебата на тема „Улогата на Уставниот суд во заштитата на правото на здрава животна средина”, организирана од Центарот за правни истражувања и анализи во рамки на проектот „Проект за добро управување со животна средина.” Во својот говор ја потенцираше потребата од воведување на уставна тужба со која ќе се овозможи проширување на надлежностите на Уставниот суд и со тоа ќе може граѓаните да поднесуваат барања за заштита на правото на здрава животна средина, бидејќи сега е ограничена можноста за поднесување на барања од страна на граѓаните само за правата и слободите предвидени во членот 110 алинеја 3.

Во прилог целосниот говор на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска:

Почитувани, 

Пред да започнам со моето излагање, дозволете во мое и во име на моите колеги – судиите на Уставниот суд на Република Северна Македонија, да се заблагодарам на поканата за учество на денешниот настан организиран од Центарот за правни истражувања и анализи.

Ова е можност за Судот како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста и правораздава преку своите одлуки и решенија, да биде дел од дебата за важно прашање, да ги презентира своите ставови и на тој начин да даде придонес во работата на граѓанскиот сектор која секако има општествено значење. 

Институциите, како што е впрочем и Судот, не треба да се ограничат само на остварувањето на нивните надлежности и одлучувањето по прашањата кои се на дневен ред, туку треба да покажат проактивност, да се вклучат и да бидат дел од општествени активности каква што е денешната, каде ќе можат да ја презентираат сопствената улога и работа и да се соочат со различни аргументи.       

Кога се зборува за улогата на Уставниот суд воопшто, таа е предодредена од самиот негов уставен статус и надлежности. Пред се, Судот во своите одлуки ги толкува уставните норми и на тој начин ја определува нивната содржина. Тоа е комплексен процес и не завршува само со јазично толкување, иако самата норма може навидум да изгледа дека е јасна и прецизна, при што секогаш треба да се разгледува заедно со одредбите од останатиот уставен текст. 

Според тоа, утврдувањето на содржината на уставната норма од страна на Уставниот суд е патоказот за тоа како доносителите на пониските правни акти треба да ја формулираат пониската норма. Во спротивно, постои правна санкција на начин што истата може да биде укината или поништена од страна на Судот поради повреда на принципот на владеење на правото.

Ова општо согледување се однесува и на содржината на правото на секој човек на здрава животна средина утврдено со член 43 став 1 од Уставот. Овој член е систематизиран во делот за економски, социјални и културни права од вториот Оддел на Уставот кој се однесува на основните слободи и права на човекот и граѓанинот. 

Лесно забележливо е дека Уставот го предвидел како човеково право, а не на граѓанинот, што значи дека не треба да се поседува ваков општествен статус за да се биде негов носител. 

Наспроти него, е обврската на Републиката да обезбеди услови за неговото остварување предвидена со став 3 од член 43 од Уставот. Таа има два облика: (1) позитивна обврска, на начин што ќе донесе соодветна правна рамка за остварување на ова право; преку своите органи ќе преземе мерки со кои ќе се заштити животната средина или ќе се отстранат причините за нејзиното загрозување, при што ваквата позитивна обврска се однесува и на секојдневното постапување на државните органи во конкретните случаи; и (2) негативна, што значи дека државните органи ќе се воздржат од преземање активности кои би значеле загрозување на ова уставно право.

Кога веќе станува збор за ставот 3 од член 43 од Уставот, мора да се укаже на една недоследност. Имено, како што споменав претходно, во првиот став од овој член ова право е утврдено како право на човекот, за во третиот став, обврската на Републиката за обезбедување услови за остварување на самото право, е ограничена само на граѓаните.

Очигледно е дека по својата суштина ова право не е ниту економско, социјално или пак културно, но сепак, факт е дека е предвидено со Уставот и за него важат уставните гаранции како за другите уставни права и слободи.

Имајќи го предвид ова, може да се каже дека уставното право на здрава животна средина, не значи само право да се живее и опстојува во средина во која има соодветни услови (чист воздух, вода, почва итн.) кои овозможуваат опстојување на поединецот, но и право да се бара од Републиката да ја исполни својата уставна обврска за обезбедување услови за остварување на самото право. 

Покрај ова, Уставот во член 43 став 2, предвидува и должност за секого да ја унапредува и штити животната средина и природата. Станува збор за ретка уставно-нормативна ситуација кога покрај право, се пропишува и обврска за поединецот како што се: правото и должноста на секој граѓанин на одбрана на Републиката од член 28 став 1 од Уставот; правото и должноста на граѓанинот да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите од член 39 став 2 од Уставот; правото и должноста на родителите да се грижат за издржување и воспитување на децата и должноста на децата  да се грижат за старите и изнемоштени родители од член 40 став 3 од Уставот. 

Притоа, оваа должност не е насочена само кон штитењето на животната средина, што би овозможило на другите да го остварат своето уставно право, туку и во насока на нејзино унапредување во смисла на тоа да бидат подобрени условите во самата средина на начин што за поединецот постои обврска да се преземат мерки или заедно со други во таа насока.

Анализирајќи го уставниот текст, мора да се укаже дека покрај уставната обврска на Републиката за обезбедување услови за остварување на правото на здрава животна средина и должноста на секој да ја унапредува и штити животната средина и природата, предвидена е надлежност и за единиците на локалната самоуправа – општините и Градот Скопје, во делот на заштитата на околината (точки 1 и 2 од Амандманот XVII на Уставот), како прашање од локално значење. Поконкретно, остварувањето на оваа надлежност се разработува со закони каде имаат улога на локален регулатор преку овластувањето да донесуваат прописи кои подлежат на оцена од страна на Уставниот суд, но истовремено, како што предвидува Законот за локалната самоуправа во член 22 став 1 точка 2, да преземаат и мерки за заштита и спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштитата од бучава и нејонизирачко зрачење.

Понатаму, односот на Уставот кон правото на здрава животна средина може да се увиди и преку фактот што истиот му дава предност заедно со одбраната, зачувувањето на природата и здравјето на луѓето, а поради кои слободата на пазарот и претприемништвото можат да бидат ограничени со закон и покрај тоа што последните се едни од темелните вредности на уставниот поредок (член 55 став 3 од Уставот).

Кога сме веќе кај ова прашање, една од темелните вредности на уставниот поредок е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата (член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот). Вака формулираниот текст го потенцира значењето на уредувањето и хуманизацијата на просторот што го има врз унапредувањето и заштитата на животната средина и дека е тесно поврзан со неа. Статусот на темелна вредност, пак значи дека ова е алатка при толкувањето на другите уставни норми (вклучувајќи ја и уставната одредба за правото на здрава животна средина) и која треба да биде почитувана при донесувањето на пониските правни акти.

Другиот аспект на улогата на Уставниот суд е уставно-судската заштита на уставните слободи и права. 

Како што е познато, таа има два облика. Едниот е преку надлежноста за оценување на уставноста на законите и уставноста и законитоста на прописите, каде преку тнр. апстрактен спор се оценува согласноста на пониската норма со највисоката – уставната, вклучувајќи ги и оние што се однесуваат на слободите и правата. Оцената дека постои несогласност, меѓу другото, значи дека таквата норма ги повредува и слободите и правата и мора да биде отстранета од правниот поредок. Другиот е преку надлежноста на Судот утврдена во член 110 алинеја 3 од Уставот, каде по повод конкретно барање поднесено од граѓанин за заштита на слободите и правата предвидени во претходно цитираната уставна одредба, а во кои не е опфатено и правото на здрава животна средина. 

Според тоа, ова уставно право ужива заштита од Уставниот суд само преку првиот облик – оцената на уставноста и уставноста и законитоста.

Тоа значи дека во Република Северна Македонија граѓаните не може да поднесат барање доколку сметаат дека слободите и правата за здрава животна средина им се нарушени. Ова се коси со секоја заложба за унапредување на правата и зајакнување на демократските капацитети во една држава, затоа што развојот на технологијата носејќи ги со себе бенефитите и алатките за подобрување на животот на луѓето, носи и предизвици кои ако не успееме да ги совладаме, одат на сметка на животната средина, а следствено на тоа, на нашето здравје.  Констутционализмот во развиените демократии но и во нашиот регион не познава ваква пречка и ова е решено преку можноста за поднесување на уставна тужба, која за жал во нашиот Устав не е предвидена. Затоа сметам дека токму правото на здрава животна средина е едно од правата на човекот и граѓанинот кое може да биде појдовна точка за почетно размислување, дискусија и аргументирање за потребата за воведување на уставна тужба, за која јас силно се залагам и која ќе значи проширување на надлежностите на Судот.

Заштитата на животната средина е тема која се актуализира во меѓународни размери во последните децении и општоприфатено е дека човековите права и животната средина се во тесна корелација и врска. Токму интересот и грижата на меѓународната заедница за зачувување на животната средина започнува да расте од конференцијата на Обединети нации од 1972 година и прв акт од меѓународно значење во сферата на заштита од еколошкиот криминалитет претставува Декларацијата на Обединети Нации за заштита на човековата околина во која се вели дека заштитата и подобрувањето на човековата околина е прашање од врвно значење и дека се однесува на доброто на населението и на економскиот развој во целиот свет. 

За жал впечатокот е дека државата се уште не може да го стави под контрола еколошкиот криминалитет или т.н криминал на животната средина, причините се сигурно повеќеслојни, а можеби во еден сегмент треба да се размислува за допрецизирање на законите и секако нивна доследна примена. 

Меѓународните организации го кренаа нивото на претпазливост кога станува збор за климатските промени и влијанието врз животната средина, но она што се случува во светот нема да не одмине и нас, затоа секој има обврска да даде придонес за отстранување на противречностите  меѓу човекот и природата, да придонесе за здрава животна средина. 

„Наша колективна и индивидуална одговорност е да се стремиме да го сочуваме светот во кој сите живееме”, ова е позната изрека на еден нобеловец, 14-от Далај Лама, која наоѓа примена насекаде и кај секој поединец но и кај секоја организација или институција. Во таа насока, ќе споделам само мал дел од солидната пракса на Уставниот суд. 

Она што е најчесто случај, кога Судот утврдува дека има повреда е во предметите во кои се оценува уставноста и законитоста на одлуките за донесување на урбанистичките планови. Последен пример е укинувањето на Одлуката за изменување и дополнување на Урбанистичкиот план вон населено место Ски центар Водно–Блок 3, Општина Карпош од 2015-та година, каде е констатирана повреда на уставните и законските норми од страна на Општината која не ги објавувала на веб-страницата одлуките за неспроведување, односно за спроведување на стратегиска оцена за влијанието на планскиот документ врз животната средина, иако има законска обврска.

Тука ќе го споменам и укинувањето на Одлука за донесување на урбанистички план вон населено место-дел од туристичкиот комплекс „Свети Стефан” во општина Охрид, донесена од Советот на општина Охрид во 2012. Судот утврдил дека таа одлука го довела во прашање начелото на владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како спротивни на членот 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, но и спротивна со одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање. 

Ќе се вратам 15тина години наназад, во 2005-та кога Уставниот суд го укинал членот 85 став 3 во делот на „надоместокот на трошоците” од Законот за животна средина. Во оспорената законска одредба недостасувале критериуми врз основа на кои министерот би ја определувал висината на надоместокот на трошоците на вклучување и исклучување од листата на експерти, понатаму не било јасно какви трошоци настануваат за органот во случај на вклучување на едно лице на листата на експерти итн. Ова е еден различен аспект на примена на Законот за животна средина.

2000-та година на пример Уставниот суд укинал еден член од Закон за изменување на Законот за угостителска и туристичка дејност и поништил став кој гласи : „освен ако со деталниот урбанистички план не е поинаку определено”.

2017-та година Уставниот суд го укинал делот „овластено правно лице за вршење на технички преглед во постапката за регистрација на возило, односно правното лице надлежно за регистрација на пловниот објект да го уплати надоместокот”. Судот ценел дека државните инспектори за животна средина вршат надзор по однос на исполнување на обврска која правните лица овластени за регистрација на моторни возила и пловни објекти повеќе ја немале, поради воведените измени во Законот за животна средина.Правното лице немало обврска да пресметува и наплатува надоместок за животна средина, па оттаму отпаднала и потребата од вршење на инспекциски надзор од страна на државните инспектори. 

Се разбира дека можат да се наведат и многу други примери, но во интерес на времето, овде ќе го доведам до крај ова мое излагање и Ви посакувам успешна работа на денешниот настан.

Ви благодарам.