Соопштение

Соопштение за иницијатива за три одлуки на општина Маврово и Ростуше

Почитувани,

Ве известуваме дека пред Уставниот суд на 16 февруари пристигна иницијатива од адвокатот Драган Пешевски од Скопје, која се однесува на оценување на уставност и законитост на три одлуки на општина Маврово и Ростуше. Оспорени се:

1. Одлука за усвојување на урбанистички план за село Маврово со детална разработка на дел од Урбан блок 5 и дел од урбан блок 7 објавен во службен гласник за општина Маврово и Ростуше донесена на ден 26.02.2015 година

2. Одлука за усвојување на урбанистички план за село Леуново, Никофорово и Анови објавена во службен гласник за општина Маврово и Ростуше на ден 19.07.2001 година

3. Одлука за отстапување со стопанистување на водоводот од кој се снабдува хотел Радика во Леуново донесена на 32 седница одржана на ден 25.10.2019 година

Уставниот суд испрати укажување до адвокатот Драган Пешевски со кое се бара дополнување и прецизирање на иницијативата, односно да се прецизира дали се оспорува само законитоста или и уставноста и законитоста на овие одлуки.

Доколку се оспорува и уставноста заедно со законитоста, потребно е за секоја оспорена одлука да се наведе која уставна одредба е повредена и да се наведат причините за оспорување на уставноста. Имено, поднесокот е насловен како „Иницијатива за оценка на уставност и законитост” и е поставено барање за поништување на оспорените акти затоа што биле „спротивни на Устав и закон”, но во истиот никаде нема наведено кои уставни одредби се повредени, ниту пак се дадени причини за такво оспорување.

Доколку иницијативата не биде дополнета во рок од 10 дена од приемот на укажувањето, согласно член 16 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, ќе се смета дека поднесокот не бил поднесен.