Решение У.бр.141/2021

У.бр.141/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 09.02.2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 5 став 3 и член 13 став 2 од Правилникот за внатрешниот ред на Собранието на Република Македонија, бр.01-3937/1 од 17 септември 2008 година.

2. Политичката партија „Левица“ од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 5 став 3 и член 13 став 2 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека бара донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија коишто се преземаат врз основа на оспорените одредби од Правилникот заради секојдневното предизвикување на тешко отстранливи и штетни последици. Во иницијативата се предлага поништување или укинување на оспорените одредби врз основа на оцена на Судот.

Според подносителот на иницијативата оспорените одредби биле спротивни на: членовите 1 и 2, член 8 став 1 алинеја 3, членовите 51 и 61, член 62 ставови 2 и 3 и член 66 став 1 од Уставот; потоа на: членот 1 и член 23 став 1 алинеи 1, 2, 3 и 4 од Законот за пратениците; членот 2, член 8 став 1 алинеи 1, 2, 3 и 4 од Законот за Собранието на Република Македонија; како и на: член 36 став 2 и членот 35 од Деловникот на Собранието на Република Македонија.

Одредбите се оспоруваат од причина што со нив се негирал или намалувал народниот/граѓански/демократски сувере-нитет што значело и повреда на уставниот поредок и директна суспензија на темелните вредности на кои се засновал Уставот. Поради наведеното се предлага, еклатантно, противуставните и незаконити одредби да бидат касирани како инкомпатибилни со нашиот демократски уставен поредок.

Од увидот во Правилникот во кој се содржани оспорените одредби се утврди дека во иницијативата погрешно се означува дека станува збор за оспорување на акт донесен 2021 година, а како истиот според деловодниот број, означен во иницијативата и според содржината на оспорените одредби е донесен 2008 година.

3. Судот на седницата, утврди дека според член 5 став 3 од Правилникот, координаторите на пратеничките групи можат да примаат странки заради консултации.

Според член 13 став 2 од Правилникот, пратениците и другите функционери во Собранието не можат да закажуваат и вршат прием на странки во деновите кога се одржуваат седниците на Собранието, освен во случаите од член 5 ставови 2 и 3 на овој правилник.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Собранието на Република Македонија на 24.11.2011 година донело Правилник за внатрешниот ред на Собранието на Република Македонија. Во членот 24 е предвидено дека со денот на влегување во сила на овој правилник (според член 25 од Правил-никот, со ден на донесување) престанува да важи Правилникот за внатрешниот ред на Собранието на Република Македонија бр.01-3937/1 од 17 септември 2008 година.

Оттаму, оспорените одредби како дел од Правилникот за внатрешниот ред на Собранието на Република Македонија бр.01-3937/1 од 17 септември 2008 година престанале да важат заедно со означениот правилник, како негов составен дел на 24.11.2011 година. Од друга страна, во Правилникот кој сега е во важност не се содржани идентични одредби, според содржина, како одредбите што се предмет на оспорување.

Имајќи предвид дека со иницијативата се оспоруваат одредби кои не се во важност постои процесна пречка за одлучување на Судот поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

Оттаму, нема услови за донесување на решение согласно членот 27 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.141/2021
09.02.2022 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска