Решение У.бр.119/2021

У.бр.119/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 2 февруари 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт 3 04 Блок 04.02, Општина Карпош – Скопје, донесена од Советот на Општина Карпош, број 09-6997/8 од 12.11.2020 година („Службен гласник на Општина Карпош“ број 20/2020).

2. Тони Трифуновски од Скопје, преку полномошник Адвокатско друштво Китановски од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената одлука се повредувале член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11 и член 30 став 1 од Уставот, член 6 од Законот за сопственост и други стварни права и член 24 ставови 7 и 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во иницијативата најпрво се цитираат наведените уставни и законски одредби, па се наведува дека со донесување на оспорената одлука Општина Карпош не ги запазила истите и направила повеќе пропусти.

Ова од причини што спротивно на цитираните уставни и законски одредби, деловниот простор во сопственост на подносителот на иницијативата, лоциран на КП бр.672, 7082/2 и 7082/8 КО Карпош, детално опишан во Имотен лист бр.75112 КО Карпош, бил ставен во зона зелен појас, наместо истиот да биде вцртан во градежна парцела и евидентиран како постоен легализиран објект во делот на КП 7082/8 КО Карпош, што било видно и од Графичкиот прилог бр. 47-5139/2 од 14.07.2021 година.

Важно било да се напомене дека со претходниот Детален урбанистички план за Градска четврт 3 04, Блок 02 од 2017 година, овој деловен објект бил вцртан со ГП 1.5, што било видно од Графичкиот прилог бр.47-1011/2 од 10.02.2017 година.

Подносителот на иницијативата наведува дека во постапката која претходела на донесувањето на оспорената одлука, Општина Карпош организирала јавна анкета по Предлог-детален урбанистички план за Градска четврт 3 04, Блок 02, во периодот од 01.06.2020 година до 15.06.2020 година, па подносителот на иницијативата пополнил анкетен лист бр.1 во кој ја искажал својата забелешка против Предлог ДУП. Тој навел дека е сопственик на деловен простор лоциран на КП бр.672, 7082/2 и 7082/8 КО Карпош, детално опишан во Имотен лист бр.75112 КО Карпош, кој деловен простор бил опфатен со Предлог ДУП, но бил ставен во зона зелен појас, наместо истиот да биде вцртан во градежна парцела.

Со одговор бр. 45-1528/13 од 17.06.2020 година на Општина Карпош, Сектор за урбанизам, Одделение за просторно и урбанистичко планирање, подносителот на иницијативата бил известен дека неговата забелешка се прифаќа и се евидентира постоен легализиран објект во делот на КП 7082/8 КО Карпош, согласно урбанистичката согласност.

Сепак, во Деталниот урбанистички план усвоен со оспорената одлука, деловниот простор на подносителот на иницијативата не бил вцртан во градежна парцела, туку истиот бил ставен во зона на зелен појас, со што се доведувала во прашање гаранцијата на правото на сопственост од член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот, во која како темелна вредност било утврдено правото на сопственост, а загарантирано со член 30 од Уставот кој јасно укажувал дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата коишто произлегуваат од неа.

Исто така, според подносителот на иницијативата, на тој начин бил повреден и Законот за сопственост и други стварни права кој ја гарантирал правната заштита на сопственоста и мирното уживање на сопственоста.

Со оспорената одлука се вршела и директна повреда на правото на сопственост гарантирано со Протоколот бр. 1 на Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, така што ваквата повреда со релевантната практика на Европскиот суд на правдата и Европскиот суд за човекови права, строго се забранувала.

Воедно, со оспорената одлука се повредувал и член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање со оглед дека иако писмената забелешка на подносителот на иницијативата била прифатена, сепак истата не била инкорпорирана ниту во Предлог-планот ниту во сега оспорениот Детален урбанистички план.

Оттука, според подносителот на иницијативата, произлегувало дека при донесувањето на оспорената одлука не била запазена ниту постапката за донесување на предметниот детален урбанистички план предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Согласно наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи.

Со оглед на тоа што со реализацијата на оспорениот урбанистички план би можеле да настанат тешко отстранливи последици, се предлага Уставниот суд, до донесување на конечна одлука за поништување на планот, врз основа на член 27 од Деловникот на Уставниот суд, да донесе и времена мерка, односно решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука гласи:

„Врз основа на член 22 став (1) од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ” бр.5/02), член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ” бр.199/14, 44/15, 193/15, 31/16, 163/16, 64/18,и 168/18), во врска со член 93 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 21/2020), а врз основа на Согласност, архивски број 24-5106/2 од 30.07.2020 година дадена од Министерството за транспорт и врски на РСМ-Сектор за уредување на просторот, Советот на Општина Карпош, на четириесет и осмата седница одржана на 12 ноември 2020 година, донесе

О Д Л У К А
за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт 3 04, Блок 04.02 Општина Карпош – Скопје

Член 1

Со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за Градска четврт 3 04, Блок 04.02 Општина Карпош – Скопје. Деталниот урбанистички план е изработен според одредбите на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистички планови.

Член 2

Просторот за кој се донесува Деталниот урбанистички план е дефиниран помеѓу:
– од север: по оска на новопланирана сервисна улица „С1“;
– од запад: по оска на собирна улица „Љубљанска“;
– од исток: по оска на новопланирана сервисна улица „С6“;
– од југ: по оска на градска магистрала бул. „Илинден“.

Површината на планскиот опфат во рамки на опишаните граници изнесува вкупно 2.948 ха, односно 29477.7655 м2.

Член 3

Просторот што го третира планот е со површина од 2.948 ха, а основен вид на намена е:
А2 – домување во станбени згради
Б1 – мали комерцијални и деловни намени
Д2 – заштитно зеленило
Е1 – комунална инфраструктура
Е2 – комунална супраструктура

Со планот се одредени
– облик и големина на градежна парцела /м2/,
– регулациона линија,
– градежна линија која го дефинира просторот во кој може да се гради,
– максимална површина за градба во која може да се развие основата на објектот /м2/,
– процент на изграденост /%/,
– максимална развиена површина на објектот /м2/,
– коефициент на искористеност /К/,
– намена на објектот,
– максимална висина на објектот /до завршниот венец/ од ниво на тротоар, сообраќајница или пристапна патека,
– паркирање – гаражирање на возилата во рамките на парцелите.

Член 4

Составен дел на оваа одлука се:
– Текстуален дел
– Графички прилози
– Основни параметри за уредување на просторот
– Табеларен приказ на урбанистичките параметри

Член 5

Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Општина Карпош и потпис на претседателот на Советот на Општината.

Член 6

Оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Карпош“.

Број: 09-6997/8                                                                                                                                                                    ПРЕТСЕДАТЕЛ
Датум: 12.11.2020 година                                                                                                                                 НА СОВЕТ НА ОПШТИНА КАРПОШ,
Скопје                                                                                                                                                                                 Андреј Манолев, с.р“

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 10 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 6 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ број 18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010), се гарантира правната заштита на сопственоста.

Со Законот за просторно планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 32/2020) се уредува системската и хиерархиската уреденост на урбанистичкото планирање во системот на просторното и урбанистичкото планирање, целите и начелата на урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот, видовите и содржината на урбанистичките планови, условите за вршење на работите од областа на урбанистичкото планирање, постапките за изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови, надзорот над спроведувањето на одредбите на овој закон, како и други работи од областа на урбанистичкото планирање (член 1).

Според преодните одредби на овој закон (член 93), започнатите постапки за донесување, како и постапките за изменување и дополнување на урбанистичките планови за кои е одобрена планска програма до денот на отпочнување на примена на овој закон, ќе продолжат согласно одредбите на законите според кои се започнати и ќе бидат завршени во рок од четири години од денот на влегувањето во сила на овој закон (став 1). Доколку постапките од став (1) на овој член не завршат во рокот од став (1) на овој член, истите ќе продолжат согласно одредбите на овој закон (став 2).

Оттука, произлегува дека оспорениот детален урбанистички план (како што е наведено и во оспорената одлука), е донесен согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018), со кој се уредуваат условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање (член 1)

Според член 3 од овој закон, изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија, урбанистичките планови, регулацискиот план на генерален урбанистички план, урбанистичко-планската документација и урбанистичко-проектната документација се работи од јавен интерес

Постапката за изработување и донесување на урбанистички планови и урбанистичко-плански документации е пропишана во главата VI од Законот (членови 24 – 39).

Според член 24 став 1 од Законот, постапката за изработување и донесување на урбанистички планови, регулациски планови на генерални урбанистички планови, урбанистичко-плански документации и урбанистичко-проектни документации се спроведува во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам.

Со членот 28 од Законот се уредува прашањето за стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето.

Според член 29 став 2 од Законот, деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план за вон населено место се изработуваат во една фаза, како предлог на план.

Согласно член 35 од Законот:

(1) Јавна презентација и јавна анкета се спроведува на предлог на детален урбанистички план, на предлог на урбанистички план за село и на предлог на урбанистички план за вон населено место, по добивање на стручно мислење на предлогот на план согласно член 33 на овој закон (став 1).
(2) Општината односно општината во градот Скопје започнува постапка за спроведување на јавна презентација и јавна анкета за предлогот на деталниот урбанистички план, предлогот на урбанистичкиот план за село и предлогот на урбанистички план за вон населено место, најдоцна во рок од пет работни дена по приемот на предлогот на урбанистичкиот план за кој е дадено стручно мислење согласно член 33 на овој закон.
(3) За одржувањето на јавна презентација и јавна анкета се известуваат субјектите од членот 32 став (1) на овој закон, во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам, а се објавува и соопштение во информациски систем е-урбанизам, како и во две јавни гласила, најмалку три работни дена пред започнувањето на јавната анкета, во кое задолжително се наведува називот на планот, времето и местото на одржување на јавната анкета, времето и местото на одржување на јавната презентација, местоположбата и површината на опфатот на планот, како и имињата на улиците кои се во рамки на опфатот на планот.
(4) Учество во јавната презентација и јавната анкета можат да земат субјектите од членот 32 став (1) на овој закон, како и заинтересирани правни и физички лица од подрачјето опфатено со планот.
(5) Јавната анкета од ставот (1) на овој член истовремено се спроведува и во електронска и во писмена форма.
(6) Јавната анкета во електронска форма се спроведува преку информацискиот систем е-урбанизам, а јавната анкета во писмена форма се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во општината или во просториите на општината.
(7) Јавната презентација е стручно презентирање на планот кое се организира во рамките на јавната анкета и трае еден работен ден.
(8) Јавната анкета за предлог на детален урбанистички план трае најмалку десет работни дена, а за предлог на урбанистички план за село и предлог на урбанистички план за вон населено место, најмалку пет работни дена, во кој рок субјектите од членот 32 став (1) на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат на анкетни листови да достават забелешки и предлози по предлогот на планот, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам или во писмена форма.
(9) Доколку во роковите утврдени во став (8) на овој член субјектите од членот 32 став (1) на овој закон и другите учесници, не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение.
(10) За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија формирана од градоначалникот на општината односно општината на градот Скопје, која е составена од три члена и тоа претставник на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.
(11) Извештајот од ставот (10) на овој член се изработува најдоцна во рок од пет работни дена од денот на завршување на јавната анкета и истиот е составен дел на предлогот на планот, а се прикачува и во електронска форма во информацискиот систем е-урбанизам.
(12) Врз основа на извештајот, комисијата од ставот (10) на овој член е должна, во рок од пет работни дена од изготвувањето на извештајот да го извести секој субјект од член 32 став (1) на овој закон и секое физичко и правно лице кои поднеле анкетен лист, со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози, при што лицата кои поднеле анкетен лист во електронска форма се известуваат електронски преку информациски систем е-урбанизам, а лицата кои поднеле анкетен лист во хартиена форма се известуваат писмено.
(13) Доколку комисијата од став (10) на овој член оцени дека предлогот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промена на регулациона линија и промена на намената на земјиштето), повторно се спроведува јавна презентација и јавна анкета. Повторената јавна анкета и јавна презентација трае најмалку пет работни дена.
(14) Изработувачот на планот изработува конечен предлог на урбанистичкиот план, најдоцна во рок од 10 работни дена од изготвувањето на извештајот од став (10) на овој член и истиот го доставува до донесувачот на урбанистичкиот план.

Според член 38 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 став (1) точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог план и за кои е изготвен позитивен извештај за стручна ревизија согласно член 37 на овој закон, согласност дава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека истите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Според ставот 2 на истиот член, надлежниот орган од став (1) на овој член е должен во рок од 10 работни дена од денот на поднесувањето на барањето за добивање на согласност од страна на донесувачот на планот, да издаде согласност или да достави известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план до донесувачот на урбанистичкиот план, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, а во спротивно ќе се смета дека согласноста е издадена.

Со членот 39 од Законот се пропишува постапката за донесување на урбанистичкиот план. Според ставот 1 на овој член, градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна три работни дена по добивање на согласноста од член 38 став (2) на овој закон, а доколку не е издадена согласност и не е доставено известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план, по истекот на рокот за издавање на согласност утврден во член 38 став (2) на овој закон, да го достави предлогот на планот во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, до Советот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје, а претседателот на Советот е должен предлогот на планот да го стави на првата наредна седница на Советот, а Советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.

Според ставот 9 на истиот член, урбанистичкиот план се смета дека е донесен доколку за одлуката за донесување на урбанистичкиот план гласале најмалку 1/3 од вкупниот број членови на Советот на општината, општината во Градот Скопје односно градот Скопје, а притоа нивниот број не е помал од бројот на членовите на Советот на општината, општината во Градот Скопје односно градот Скопје кои гласале против одлуката за донесување на урбанистичкиот план.

5. Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката, во која смисла законодавецот со Законот за просторно и урбанистичко планирање пропишал прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Како дел од постапката за донесување на плановите за просторно и урбанистичко планирање, законодавецот пропишал обврска за спроведување на јавна презентација и јавна анкета за предлогот на деталниот урбанистички план, предлогот на урбанистичкиот план за село и предлогот на урбанистички план за вон населено место, при што за спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија. Извештајот е составен дел на предлогот на планот и се прикачува и во електронска форма во информацискиот систем е-урбанизам. Врз основа на извештајот, стручната комисија е должна, во рок од пет работни дена од изготвувањето на извештајот да го извести секој субјект од член 32 став (1) на овој закон и секое физичко и правно лице кои поднеле анкетен лист, со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози. Доколку стручната комисија оцени дека предлогот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промена на регулациона линија и промена на намената на земјиштето), повторно се спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Анализирајќи ја оваа законска одредба, според Судот, со истата, освен што децидно се утврдува обврска за општината да ги образложи причините за неприфаќање на одредено барање изложено на јавната анкета, исто така, произлегува и обврска за општината да ги вгради во Предлог-урбанистичкиот план сите барања изнесени на јавната анкета, за кои таа одлучила дека се исполнети условите за нивното прифаќање. Доколку тоа не е случај, смислата на постоење на јавна анкета во постапката за донесување на урбанистички план го губи своето значење утврдено со Законот и станува декларативна, празна форма која не им овозможува на граѓаните фактичко влијание при уредувањето и хуманизацијата на просторот.

6. Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата на јавната анкета по предлог-планот поднел анкетен лист бр. 1 во кој ја искажал својата забелешка во врска со неговиот имот – деловен простор според Имотен лист бр.75112 КО Карпош, објект кој се протегал на КП бр.672, 7082/2 и 7082/8 КО Карпош, а воедно согласно усвоен план со Одлука на Совет на Општина Карпош бр. 09-6118/25 од 12.07.2016 година, овој деловен простор со одреден дел бил вцртан во ГП 1.5. Во Предлог ДУП од мај 2020 година, изработен од БИЛД Урбан, овој деловен објект бил ставен во зелен појас. Подносителот замолува за дел од неговиот објект да се обезбеди соодветна градежна парцела, како претходната градежна парцела со бр.1.5.

Стручната комисија на Општина Карпош, во одговор на анкетниот лист бр.1, го известила подносителот дека забелешката се прифаќа и се евидентира постоен легализиран објект во делот на КП 7082/8 КО Карпош, согласно урбанистичката согласност. Тоа е наведено и во Извештајот по спроведената јавна презентација и јавна анкета по Предлог детален урбанистички план за Градска четврт 3 04, Блок 02, Општина Карпош, Скопје, бр. 45-1528/13 од 17.06.2020 година.

Во одговор на наводите од иницијативата, Општина Карпош, како доносител на оспорената одлука, го извести Уставниот суд дека наведениот детален урбанистички план е изработен врз основа на податоците од доставената документација односно податоците од ажурирана геодетска подлога бр. 0813-20/2020 од 03.02.2020 година изработена од ГЕОПРИМ ИНЖЕНЕРИНГ ДОО, електронски заверена од страна на АКН со предметот бр.1110-115/2020 од 20.02.2020 година.

Бараната предметна недвижност, односно објектот со неговата форма и облик се целосно преземени од ажурираната геодетска подлога и се вклопени во формираната градежна парцела ГП 02.7.

Во врска со останатите наводи во иницијативата, Општина Карпош известува дека делот што се наоѓа на КП 672 КО Карпош, согласно ГУП на Град Скопје 2012-2022, со Одлука бр. 07-5068/1 од 06.12.2012 година се наоѓа во сообраќајница и истиот не може да биде предмет на обработка (вклопување). Делот од објектот односно земјиштето под зградата кое е дел од КП бр. 7082/8 е вклопено во ГП 02.7, додека делот од КП бр. 7082/2 и КП бр. 7082/8 кој не претставува земјиште под зградата, не е дел од ГП 02.7 и истото сега и во периодот на носење на ДУП-от, е сопственост на РСМ видно од ИЛ 56938 и ИЛ 4918 КО Карпош.

Во прилог на известувањето доставена е копија од целокупната документација од водената постапка и СD во кое се снимени наброените прилози.

Дополнително, на барање на Уставниот суд, Општина Карпош, со свој акт бр.47-7733/6 од 30.12.2021 година, достави појаснување според кое, „целосниот габарит кој бил вклопен во претходниот ДУП за Градска четврт „3 04“ од 2016 година и претставувал дел од тогашната ГП.1.5 како таков во целост е преземен и истиот тој дел е вклопен во сегашната ГП.02.7 согласно ДУП за Градска четврт 3 04, Блок 04.02 од 12.11.2020 година. Разликата во површината помеѓу тогашната и сегашната градежна парцела не се должи на невклопување или редуцирање на постојниот габарит од објектот во сопственост на Тони Трифуновски, туку на невклопување на делот запишан во ИЛ.56938 КО Карпош на КП 7082/8 како улица во сопственост на Република Македонија.“

7. Од наведеното произлегува дека Општината постапила по прифатената забелешка на анкетниот лист бр. 1 („забелешката се прифаќа и се евидентира постоен легализиран објект во делот на КП 7082/8 КО Карпош, согласно урбанистичката согласност“), на начин што делот од објектот на подносителот на иницијативата, кој бил вцртан во претходната ГП 1.5 (согласно Одлуката на Совет на Општина Карпош бр. 09-6118/25 од 12.07.2016 година), сега е вклопен во ГП 02.7 (согласно сега оспорената одлука), што било и предмет на барањето на подносителот на анкетниот лист.

Оттука, произлегува дека Општината постапила согласно Извештајот по спроведената јавна презентација и јавна анкета по Предлог детален урбанистички план за Градска четврт 3 04, Блок 02, Општина Карпош, Скопје, на начин што е прифатено и реализирано барањето на подносителот на иницијативата за дел од неговиот објект да се обезбеди соодветна градежна парцела, како претходната градежна парцела со бр.1.5.

Во однос на наводите во иницијативата дека со оспорената одлука се повредувал член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање со оглед дека иако писмената забелешка на подносителот на иницијативата била прифатена, сепак истата не била инкорпорирана ниту во Предлог-планот ниту во сега оспорениот Детален урбанистички план, Судот укажува дека повикувањето на наведениот член од Законот е погрешно. Ова затоа што членот 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, по кој е водена постапката за донесување на оспорениот детален урбанистички план, има друга, различна содржина од содржината цитирана со иницијативата. Јавната презентација и јавната анкета што се спроведуваат на предлог на детален урбанистички план, се уредени со член 35 од Законот, согласно кој член е извршена и уставно-судската анализа во овој предмет.

Поради наведеното, Судот оцени дека нема повреда на законски пропишаната постапка за донесување на детален урбанистички план за населено место, од аспект на наводите во иницијативата, односно поради непочитување на извештајот за прифатените забелешки изнесени во јавната анкета, на анкетен лист.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека наводите во иницијативата дека оспорената одлука не била во согласност со наведените уставни и законски одредби, од причини наведени во иницијативата, се неосновани.

8. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.119/2021
2 февруари 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска