Решение У.бр.52/2021

У.бр.52/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 декември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 4 став 5 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 192/2015, 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.151/2021).

2. Друштво за производство, градежништво и услуги Борис Темоски МАРКОВИ КУЛИ ДООЕЛ увоз-извоз Прилеп и други, застапувани од Антонио Стојаноски, адвокат од Прилеп, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од Решението.

Подносителите со иницијативата го оспоруваат член 4 став 5 од Законот за даноците на имот, тврдејќи дека истиот бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 30 и член 51 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативата се наведува, дека во оспорената одредба од членот 4 на Законот, иако бил познат сопственикот на имотот – државата и општината, сепак корисникот на тој имот – правното и физичко лице, бил определен за обврзник и на данок на имот. Според тоа правните и физичките лица корисници на имот во сопственост на државата и општината биле ставени во нееднаква положба пред Уставот и законите од причина што, корисниците на имот во сопственост на државата и општината по основ на договор за закупнина плаќале ДДВ на државата и општината, но биле двојно оданочени и со данок на имот којашто обврска била на сопственикот – државата и општината.

Понатаму, подносителите наведуваат дека согласно членот 30 од Уставот, независно од тоа кој бил титулар на правото на сопственост, истото предизвикувало еднакви овластувања и должности за носителите на правото на сопственост коешто како такво создавало еднакви права и обврски за сите, и требало да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Оспорената одредба од Законот за даноците на имот била во спротивност со принципот на еднаквост, од причина што, државата со право на сопственост се ставала во поповолна положба на начин што, данокот на имот за недвижностите коишто биле во државна сопственост паѓале на товар на закупците и корисниците на истите тие недвижности, а не на државата како носител на правото на сопственост, којашто согласно спорната одредба од Законот за даноците на имот, носителите на правото на сопственост, независно дали ја издале под закуп или не својата недвижност, тие самите како сосопственици биле даночни обврзници на данок на имот.

Врз основа на погоре наведеното, од Уставниот суд се бара, да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и истата да се поништи, а до донесување на конечната одлука, Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија коишто се преземаат врз основа на член 4 став 5 од Законот за даноците на имот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 4 став 5 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 192/2015, 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.151/2021), е со следната содржина:

„Обврзник на данокот на имот е и правно и физичко лице – корисник на недвижен имот во сопственост на државата и општината“.

4. Според член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот, со Решението У.бр.245/2020 од 13.10.2021 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 4 став 5 во делот: „корисник” и член 8 став 1 точка 1 во делот: „користи” од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 192/2015, 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 151/2021).

Имено, и во тогаш поднесената иницијативата, како и во предметната иницијатива, подносителите во своите наводи упатуваат на неуставност на оспорената одредба од член 4 став 5 на Законот за даноците на имот, од причина што, иако бил познат сопственикот на имотот – државата и општината, сепак корисник на тој имот – правно и физичко лице, биле определени за обврзници на данок на имот, односно истите биле доведени во состојба на двојно оданочување, од една страна со данок на имот, а од друга страна со закупнината којашто ја плаќале на државата и општината, односно по основ на договор за закупнина плаќале и ДДВ на државата и општината.

Во однос на овие наводи, Судот во наведеното решение го изразил следниот став:

Во конкретниот случај, а преку оспорување на јасноста и прецизноста на употребените содржини во законските одредби, подносителот всушност го оспорува данокот на имот кога е во прашање корисничко право на недвижен имот во сопственост на државата и општината, со цел Уставниот суд да се впушти во оцена на оправданоста од воведувањето на ваквиот данок на имот, што е надвор од делокругот на надлежностите на Уставниот суд да цени кои и какви видови на јавни давачки треба да бидат воспоставени за намирување на јавните расходи.

Воспоставувањето на јавните давачки (меѓу кои и даноците) за намирување на јавните расходи, е право на законодавецот кое произлегува од Уставот и ова право не е ограничено, ниту во поглед на предметот на оданочување, ниту во поглед на субјектите, при што, во рамките на остварувањето на ова право, обврска на законодавецот е воведувањето, начинот на пресметувањето, олеснувањето и ослободувањето, да го уреди на начин според кој субјектите задолжени со одредена давачка нема да ги доведе во нееднаква положба.

Според тоа, прашањето кои и какви видови на даноци како јавна давачка ќе бидат утврдени со закон, поконкретно, за кој недвижен имот се плаќа данок на имот и кои се даночни обврзници, а за кои недвижности не се плаќа данок на имот, е прашање од доменот на надлежностите на законодавецот, како негово уставно право да донесува закон (член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот) со кој ќе ги утврдува јавните давачки (член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот), како и со закон да го утврдува начинот на оданочувањето (членот 33 од Уставот).

Во однос на ставањето на оспорените законски делови во корелација со закупнината што се плаќала врз основа на договор за закуп, произлегува дека подносителот ги оспорува деловите од законската одредба во смисла дека не можело да се плаќа данок на имот, кога корисниците плаќале закупнина, со други зборови, законските делови се оспоруваат преку прашањето зошто субјектите да плаќаат данок на имот кога плаќаат закупнина.

Исто така, од аспект на вака поставеното прашање, не може уставно да се проблематизираат оспорените законски делови како несогласни со членот 33 од Уставот, имајќи предвид дека данокот е јавна давачка, утврдена со закон, а закупнината не е јавна давачка, туку надомест за користење врз основа на договорни односи помеѓу страните, па оттука, кога се плаќа закупнина за користење на недвижен имот и кога се плаќа данок на имот за недвижен имот, не станува збор за двапати плаќање на иста јавна давачка за иста недвижност. Законодавецот има право да воспоставува данок како јавна давачка кој е должен секој да го плаќа, а право и слободна волја е на субјектите (физички и правни лица) да одлучат дали ќе бидат корисници на недвижен имот во сопственост на државата и општината, а со тоа и да плаќаат данок на имот на недвижност во сопственост на државата и општината.

Од анализата на предметната иницијатива vis a vis ставот на Судот во Решението У.бр.245/2020 од 13.10.2021 година, сметаме дека и во двата случаи во поднесените иницијативи, во значителен дел се содржани исти наводи. Притоа, Судот, во наведеното решение, во својата уставно-судска оцена за согласноста на оспорениот дел од законската одредба од член 4 став 5 од Законот за даноците на имот со одредбите на Уставот, ја имал предвид целината на сега оспорениот (во целост) член 4 став 5 од Законот, каде што истата суштински ја анализирал и го изразил погоре наведениот став.

Имајќи предвид дека Уставниот суд веќе одлучувал за истата работа, и притоа во предметната иницијатива не се изнесени нови аргументи коишто би претставувале основ за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.52/2021
1 декември 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска