Решение У.бр.180/2020

У.бр.180/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 24 ноември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 192 ставови 3, 4 и 5 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015, 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019 и 14/2020).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 192 ставови 1 и 2 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015, 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019 и 14/2020).

3. Борко Симоски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 192 од Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение.

Подносителот ги оспорува ставовите 1, 2, 3, 4 и 5 од членот 192 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија од причина што биле во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и со членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Законот за служба во Армијата била во колизија со член 20 став 1 точка 52 од Законот за одбрана.

Според подносителот, Министерството за одбрана во рамки на своите законски утврдени надлежности (член 20 став 1 точка 52 од Законот за одбрана) било надлежно да го организира и спроведува станбеното обезбедување на активниот воен и цивилен персонал на службата во Армијата што подразбирало обезбедување со службени станови, со станови под закуп, со станови со право на откуп и сл.

Меѓутоа, со сега предвиденото законско решение (со членот 192 од Законот за служба во Армијата), на активниот воен и цивилен персонал кој имал засновано работен однос на неопределено или определено време во Армијата, се предвидувало да му се исплатува надоместок на трошоци за станбено обезбедување, што не значело „организирање и спроведување на станбено обезбедување“ на начин како што било предвидено со член 20 став 1 точка 52 од Законот за одбрана.

Според подносителот, со оспорениот член 192, настанувала голема правна нееднаквост и хиерархиска неусогласеност на законите од причина што иако Законот за одбрана како lex generalis претставувал системски закон и се однесувал на вработените цивилни лица во системот на одбраната кои имале и поголема одговорност, со Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, со оспорената законска одредба се пропишувало право на исплата на надоместок на трошоци за станбено обезбедување само на активен воен и цивилен персонал, а со тоа било нарушено правото на еднаквост.

Всушност, со оспорената законска одредба се создавала правна нееднаквост, дискриминираност и селективност на вработените во одбраната поради тоа што со оваа одредба се опфаќала само категоријата „активен воен и цивилен персонал во Армијата“ кои биле дел од одбраната, но не и останатите вработени во одбраната кои имале поголеми одговорности (пример: вработени кои работеле во сметководството на Министерството за одбрана; вработени кои работеле на Планот за одбрана кој бил строго доверлив документ; вработени кои извршувале работи од областа на безбедноста и разузнавањето во одбраната и кои работеле со документи со највисок степен на тајност „државна тајна“ и др.), на кои и покрај ова, не им се исплаќал надоместок на трошоци за станбено обезбедување.

Во однос на оспорениот став 4 од членот 192 од предметниот закон, според подносителот, лицата кои се стекнале со станови во користење од станбениот фонд на поранешната ЈНА и поради одредени причини сѐ уште ги немале откупено становите, а им биле одбивани средства од плати за станбениот фонд, и на кои немало да им следува надоместок на трошоци за станбено обезбедување, ќе биле ставени во нееднаква положба поради тоа што ќе останеле со нерешено станбено прашање.

Врз основа на вака изнесените наводи, подносителот смета дека вработените во Министерството за одбрана не би требало да бидат нееднакви пред законите, и да не им следувале истите права како и на вработените во Армијата, поради што му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на ставовите 1, 2, 3, 4 и 5 од членот 192 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија и истите да ги поништи.

4. Судот на седницата утврди дека со ставот 1 на членот 192 од Законот означен во точките 1 и 2 на ова решение се предвидува дека на активен воен и цивилен персонал кој има засновано работен однос на неопределено време во Армијата, му се исплатува надоместок на трошоци за станбено обезбедување. Додека со ставот 2 од истиот член е пропишано дека активниот воен персонал кој има засновано работен однос на определено време во Армијата, правото од ставот (1) на овој член, може да го оствари по навршување на четири години служба во Армијата.

Судот, исто така, утврди дека со ставовите 3, 4 и 5 на членот 192 се определува дека висината на надоместокот на трошоци за станбено обезбедување е во висина на трошоците за одвоен живот (став 3); исклучокот во однос на тоа кои лица не остваруваат право на надоместок на трошоци за станбено обезбедување (оние кои веќе обезбедиле станбено прашање со станови кои потекнуваат од станбениот фонд на поранешна ЈНА) (став 4); како и дека надоместокот на трошоци за одвоен живот и надоместокот на трошоци за станбено обезбедување меѓусебно се исклучуваат (став 5).

5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во член 9 став 1 од Уставот, предвидено е дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија е предвидено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во врска со конкретниот случај, од уставно-судската практика произлегува дека Судот веќе ја оценувал уставноста на член 192 ставови 1 и 2 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија од аспект на начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Притоа, во предметот У.бр.224/2020, со Решение од 14 октомври 2020 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 192 ставови 1 и 2 од наведениот закон.

Во тој предмет, Судот оценил дека во однос на правото за станбено обезбедување, вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време и оние кои во Армијата засновале работен однос на неопределено време се разликуваат во правата и обврските, бидејќи се разликуваат во видот на заснованиот работен однос и не може да се прифати како основан наводот во иницијативата дека со оспорените одредби се вршело дискриминирање, односно различно правно трети-рање на вработените и ограничување на остварување на правото на еднаквост бидејќи овие припадници на Армијата всушност имаат засновано различен вид на работен однос.

Во тој предмет, Судот, исто така, оценил дека за повреда на принципот на еднаквост станува збор само кога се во прашање различни права и обврски за граѓани кои се наоѓаат во еднаква правна положба, што не е случај со цивилните и воените лица на службата во Армијата на Република Македонија кои засновале работен однос на неопределено, односно на определено време. Меѓу нив не може да се стави знак на еднаквост во однос на остварување на сите права од работен однос. За повреда на принципот на еднаквост не станува збор и во случај кога законодавецот за две различни права на иста категорија граѓани утврдил различни услови за нивно остварување.

И во конкретниот случај, со поднесената иницијатива се поставува прашањето за уставноста на ставовите 1 и 2 од членот 192 од Законот за служба во Армијата од аспект на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

Според Судот, иако во овој случај, принципот на еднаквост се проблематизира во однос на различна категорија вработени (активен воен и цивилен персонал во Армијата спрема останатите вработени во системот на одбраната), а во предметот У.бр.224/2020 принципот на еднаквост се проблематизирал во однос на еднаквоста на вработените во Армијата на неопределено спрема вработените на определено време, произлегува дека Судот веќе одлучувал и зазел став по однос на начелото на еднаквост при остварувањето на правото на станбено обезбедување согласно ставовите 1 и 2 од членот 192 од Законот. Поаѓајќи од овој факт, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата во конкретниот случај, произлегува дека нема основи за поинакво одлучување, па оттука исполнети се условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради пресудена работа (res judicata).

Во однос на наводите во иницијативата со кои се оспоруваат ставовите 3, 4 и 5 од членот 192 од Законот за служба во Армијата, а кои се проблематизираат од аспект на повредата на начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, Судот оцени дека истите се неосновани и не може да бидат подведени под сомнение во однос на одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата, односно во однос на овие одредби не може да се доведе во прашање начелото на еднаквост без притоа да се наведат доволно аргументи за нивно оспорување.

Според Судот, доколку се има предвид содржината на овие одредби, неспорно произлегува дека со истите се определува дека висината на надоместокот на трошоци за станбено обезбедување е во висина на трошоците за одвоен живот (став 3); исклучокот во однос на тоа кои лица не остваруваат право на надоместок на трошоци за станбено обезбедување (оние кои веќе обезбедиле станбено прашање со станови кои потекнуваат од станбениот фонд на поранешна ЈНА) (став 4); како и тоа дека надоместокот за трошоци за одвоен живот и надоместокот на трошоци за станбено обезбедување меѓусебно се исклучуваат (став 5), односно истите се надоврзуваат и се во функција на ставовите 1 и 2 од членот 192 од наведениот закон и самостојно не можат да опстојуваат.

Од друга страна пак, наводите во иницијативата во однос на правната нееднаквост и хиерархиска неусогласеност на законите (Закон за одбрана и Закон за служба во Армијата) од причина што надоместокот на трошоци за станбено обезбедување на начин како што било предвидено во оспорениот член 192 не претставувало „организирање и спроведување на станбеното обезбедување“ на начин како што предвидувал членот 20 став 1 точка 52 од Законот за одбрана, во одреден дел, според Судот, претставуваат барање за оценка на меѓусебна согласност на одредби од два закони, што е прашање за кое, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.180/2020
24.11.2021 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска