Решение У.бр.75/2021

У.бр.75/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 17 ноември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 23 од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/2011, 113/2012 и 148/2015).

2. Санде Пејоски од Охрид, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 23 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Законот за адвокатурата била спротивна на неколку уставни одредби, и тоа: член 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 9, членот 51 и членот 54 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот смета дека оспорената одредба била во колизија со Законот за работните односи (член 104 од Законот). Ова од причина што со истата не се предвидувала можност правото на вршење на адвокатската дејност да престане ако настане некоја од причините поради кои можел да престане работниот однос согласно закон, на начин како што предвидувале прописите од областа на работните односи.

Според наводите во иницијативата, со оспорената законска одредба, без да се предвиди правото на вршење на адвокатска дејност да може да му престане на адвокатот и во случај кога адвокатот ќе наполни 64 или 67 – годишна возраст на начин како што предвидувал Законот за работните односи, Адвокатската комора всушност ги презела надлежностите на законодавна власт, без притоа да го има предвид членот 104 од Законот за работните односи. Оттука, адвокатите спротивно на законските прописи ја вршеле адвокатската дејност и после наполнети 64 или 67 години возраст.

Во иницијативата се укажува и на тоа дека дозволувањето на адвокатите да ги застапуваат странките и после 64 или 67 – годишна возраст било на штета на граѓаните, спротивно на одредбите од Законот за парничната постапка, понатаму претставувало кривично дело во смисла на членот 166 од Кривичниот законик – „повреда на правата од работен однос“, а со вака предвиденото се повредувале и одредби од Законот за облигационите односи што упатувале на ништовност на одлуки на судот.

Поради наведеното, подносителот бара Судот да му одговори дали адвокати после 64 или 67 – годишна возраст можат или не можат да застапуваат странки во судовите и врз основа на кои законски одредби, а исто така, со цел воспоставување на владеењето на правото и почитување на Уставот и законите, подносителот бара да се поведе и постапка за оценување на уставноста на членот 23 од Законот за адвокатурата.

3. Судот на седницата утврди дека со ставот 1 на членот 23 од Законот означен во точката 1 на ова решение се предвидува дека правото на вршење адвокатска дејност престанува под услови и во постапка утврдени со овој закон.

Судот, исто така, утврди дека ставот 2 на членот 23 ги пропишува случаите во кои на адвокатот му престанува правото на вршење адвокатска дејност, и тоа: ако се откаже од правото на вршење адвокатска дејност; ако трајно ја загуби способноста за вршење на адвокатската дејност; ако го изгуби државјанството на Република Македонија; ако биде лишен од деловна способност или трајно ја загуби способноста за вршење адвокатска дејност; ако му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење адвокатска дејност; ако не врши уплата на коморска членарина; ако не се осигура од одговорност за штета нанесена на странката; и ако му е одземена лиценцата за работа.

Судот утврди и дека со ставот 3 од истиот член се предвидува дека против одлуката за престанок на правото на вршење адвокатска дејност, адвокатот има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката до надлежниот орган на Адвокатската комора на Република Македонија. Додека, со ставот 4 од истиот член се предвидува можност, против конечната одлука на Адвокатската комора на Република Македонија, да се поведе управен спор пред надлежен суд определен со закон.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во врска со конкретниот случај, Уставниот суд утврди дека по повод претходно поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување на уставност, од страна на истиот подносител, Судот веќе одлучувал за уставноста на членот 23 од Законот за адвокатурата со Решение У.бр.112/2018 од 30 јануари 2019 година.

Судот во тој предмет ја отфрлил иницијативата од причина што од наводите во иницијативата произлегувало дека членот 23 се оспорувал од аспект на тоа што истиот не предвидувал посебен услов за стекнување на право на старосна пензија како што предвидувале другите закони во Република Македонија. Судот оценил дека станува збор за прашање за кое нема надлежност да одлучува од причина што барањето во иницијативата се однесувало на тоа што овој закон не содржел, а требало да го содржи.

Со оглед на фактот што пред Судот повторно се оспорува уставноста на членот 23 од Законот за адвокатурата од аспект на тоа дека како услов за престанок на правото на вршење на адвокатската дејност не е наведена и возраста на адвокатот (наполнети 64 или 67 – годишна возраст) на начин како што предвидувал Законот за работните односи со членот 104, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради пресудена работа (res judicata).

Според Судот, и во овој случај, како и во предметот У.бр.112/2018, а во рамки на своите уставно определени надлежности, Уставниот суд е надлежен да одлучува за уставноста на законите кои се дел од правниот поредок на државата и во рамки на ова може да ја оценува уставноста на одредбите од Законот за адвокатурата кои се предвидени и содржани во Законот, но не и да одлучува за тоа што овој закон не содржел, а требало да содржи, на што всушност се однесуваат наводите во предметната иницијатива.

Во однос на останатите наводи во иницијативата, со кои подносителот ја проблематизира уставноста на членот 23 од Законот за адвокатурата, со барање Судот да му одговори дали адвокати после 64 или 67 – годишна возраст можат или не можат да застапуваат странки во судовите и врз основа на кои законски одредби, Судот оцени дека во суштина станува збор за прашање за примена на оспорената законска одредба, па со нејзиното уставно проблематизирање се бара од Судот да се впушти во толкување на истата, што не е во негова надлежност, туку во надлежност на доносителот на законите, а тоа е Собранието на Република Северна Македонија. Додека, останатите наводи во иницијативата, според Судот, во одреден дел претставуваат барање за оценка на меѓусебна усогласеност на одредби од два закони, што е прашање за кое, Уставниот суд, исто така, не е надлежен да одлучува.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, поради ненадлежност за одлучување за барањето и пресудена работа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.75/2021
17.11.2021 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска