Решение У.бр.312/2020 и У.бр.318/2020

У.бр.312/2020 и У.бр.318/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 и член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 17 ноември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 став 4 од Законот за Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2000, 29/2002, 49/2003, 66/2003, 81/2008,158/2010, 43/2014, 15/2015, 153/2015, 27/2016, 83/2018).

2. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за оценување на уставноста на :

– член 9 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение,
– член 163 став 3 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007, 90/2009, 67/2010, 26/2013, 15/2015, 153/2015, 190/2016, 7/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.101/2019).

3. Александар Ристески од Скопје и Ванчо Марковски од Јегуновце, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијативи за оценување на уставноста на член 9 ставови 3 и 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение и член 163 став 3 од Законот за банките означен во точката 2 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативите кои по својата содржина скоро се идентични се наведува дека член 6 ставови 3 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Фондот за осигурување на депозити, односно, член 9 ставови 3 и 4 од основниот текст на Законот за Фондот за осигурување на депозити не билe во согласност со членовите 8, 9, 50, 51, 52, 54 и 55 од Уставот на Република Северна Македонија. Ова од причини што оспорените членови ги доведувале во дискриминаторна и нерамноправна положба штедачите со поголеми депозити бидејќи истите не се обесштетувале во целост, туку само во износ до 30.000 евра. Од друга страна, тие плаќале во Фондот за осигурување износ утврден со закон како дел од целиот депозит, а не само до износ од 30.000 евра колку што се обесштетени од Фондот. Според подносителите оспорениот член бил во контрадикторност со членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/2003) кој во моментот е на сила бидејќи физичките лица сопственици на депозити преку банката уплаќале осигурување на своите депозити во износ од 0,7% од целата сума на депозитот, што значело дека се применува принципот на солидарност. Меѓутоа, според подносителите на иницијативите, член 6 ставови 3 и 4 од измените на Законот од 2010 е дискриминаторски за дел од штедачите физички лица сопственици на депозити во банка над која е отворена стечајна постапка бидејќи истите тие физички лица, сопственици на депозити над 30.000 евра се дискриминирани со тоа што Фондот не ги обесштетува за вкупната депонирана сума во банката.

Според наводите на подносителите на иницијативите со член 163 став 3 од Законот за банките се создавала нееднаквост и дискриминација на доверителите во стечајната постапка на банката, бидејќи врз основа на оваа одредба се фаворизира побарувањето на Фондот за осигурување на депозити наспрема другите доверители. Со ова законско решение во исклучително подредена позиција се доведуваат граѓаните физички лица кои имаат депозити над износот на осигурување во Фондот (30.000 евра). Оттука, според подносителите постоело прекршување на интенцијата на законодавецот за праведно обесштетување на депонентите и доверителите на банката врз која е отворена стечајна постапка заснована на принципите за правичност и солидарност.

Фондот за осигурување на депозити е основан со закон (Законот за Фондот за осигурување на депозити) и во него по сила на овој закон банките се должни да ги осигуруваат депозитите. Согласно членот 7 од Законот за Фондот за осигурување на депозити, Фондот од своите членки, (банките) наплатува премија од најмногу 0,7% годишно од вкупните депозити на физичките лица во секоја банка и штедилница. Тоа значи дека финансиските средства со кои располага Фондот всушност произлегуваат од депозитите на граѓаните – физички лица депоненти во банките и штедилниците. При ваква состојба Законот за банки во член 163 став 3 сосема контрадикторно на член 7 од Законот за Фондот за осигурување на депозити го става Фондот во привилегирана положба во однос на другите доверители, особено на физичките кои сразмерно на својот депозит во банка го финансираат работењето на Фондот.Со законското решение од член 163 став 3 од Законот за банките се прави ситуација на нееднаквост во стечајната постапка помеѓу физичките лица депоненти на влогови над 30.000 евра и Фондот за осигурување на депозити. Така физичките лица кои имале депозити до 30.000 евра целосно се обесштетуваат од Фондот, додека тие над 30.000 евра треба да се обесштетат од стечајната маса. Фондот поради позицијата на приоритет пред сите во стечајната маса, извесно е дека целосно ќе биде обесштетен, ќе ги врати платените средства, додека единствено физичките лица депоненти над 30.000 евра се ставени во крајно неизвесна и неповолна позиција. Во суштина генерално во стечајната постапка преку член 163 став 3 од Законот за банките се прави нееднаквост и дискриминација меѓу Фондот за осигурување на депозити и сите други доверители.

Едноставно кажано, Фондот на име премија за осигурување на депозитите црпи средства од сите штедачи сразмерно на висината на депозитот. Со тоа логично произлегува дека Фондот пропорционално најмногу средства прибира од големите депозити и со нив се финансира. Потоа тој ги обесштетува штедачите со парите собрани од штедачите на основа на премија на осигурување на депозитите. Тоа значи Фондот обесштетува со парите на штедачите, а потоа со член 163 став 3 е ставен во поповолна положба прв да ги наплати своите побарувања од стечајната маса која, пак, се состои во најголем дел од депозитите на физичките лица. Во случајот на Еуростандард банка огромен дел од депозитите биле од физички лица (околу 90%). На тој начин двојно се оштетени штедачите физички лица со депозити поголеми од 30.000 евра. Нив им остануваат нефункционалните и ненаплатливи побарувања кои се околу 60% од вкупните побарувања на банката од кредитокорисниците.

Подносителите на иницијативите, бараат Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените членови од Законот за Фондот за осигурување на депозити и Законот за банки како и да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија кои се преземени врз основа на наведените членови.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 9 од Законот за Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2000, 29/2002, 49/2003, 66/2003, 81/2008,158/2010, 43/2014, 15/2015, 153/2015, 27/2016, 83/2018) е предвидено дека:

1. Фондот започнува со обесштетувањето на осигурените депозити во рок од 20 дена од денот на конечноста на решението на гувернерот на Народната банка на Република Македонија од член 4-а став 2 на овој закон.
2. Во исклучителни околности, Фондот може да го продолжи рокот од ставот 1 на овој член за најмногу десет дена.
3. Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност на 30.000 евра по депозит во една банка, филијала на странска банка или штедилница пресметани по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на конечноста на решението од член 4-а став 2 на овој закон ( оспорен став).
4. Во износот од ставот 3 на овој член се пресметува главнината на депозитот, договорената пресметана и пропишана камата и непристигнатата камата до денот на конечноста на решението од член 4-а став 2 на овој закон (оспорен став).
5. Hа денот на конечноста на решението од членот 4-а став 2 на овој закон депозитите вложени во девизи се конвертираат во денари по среден курс на Народната банка на Република Македонија.
6. Обесштетувањето на денарските и девизните депозити се исплатува во денари.
7. Во случај на сомневање дека побарувањата на депонентите на членките на Фондот произлегуваат од трансакции поврзани со перење пари или финансирање на тероризам, исплатата на побарувањата на депонентите нема да се изврши се до правосилноста на судската одлука за поврзаноста на трансакцијата со перење на пари или финансирање на тероризам.

5. Понатаму, утврдено е дека Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решение У.бр.296/2020 од 3 ноември 2021 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 9 ставови 1 и 3 од Законот за Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија“. бр.63/2000, 29/2002, 49/2003, 66/2003, 81/2008, 158/2010, 43/2014, 15/2015, 153/2015, 27/2016, 83/2018).

Во образложението на решението, покрај другото, се наведува дека Фондот е посебно, специфично правно лице, во сопственост на Република Северна Македонија, кое работи како специјализирана финансиска институција којашто ги обесштетува осигурените депозити во банките и штедилниците, во кои настанал ризичен настан. Под осигурени депозити се подразбираат: денарските и девизните депозити и тековните сметки на физички лица, депозитите врзани за паричните картички издадени од банки основани во Република Македонија и девизните приливи на физички лица.

Треба да се има предвид фактот дека Фондот на солидарна основа ги остварува средствата за обесштетување и тоа од уплатите на сите банки и штедилници, кое произлегува од цитираните законски одредби, но и од член 1 став 1 од Уставот, според кој Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска, но и социјална држава. Оттаму, оспорената одредба обезбедува во случај на настапување на ризичен настан во некоја банка или штедилница да дојде до израз социјалната правда како темелна вредност на уставниот поредок од членот 8 од Уставот.

Имајќи предвид дека Фондот е во сопственост на државата и е основан со цел да се постигне сигурност кај граѓаните за депонирање на нивните средства во банките и штедилниците, кои пак средства се дел од кредитниот потенцијал и економски раст на земјата произлегува дека законодавецот во оспорениот член 9 ставови 1 и 3 од Законот, со право ја утврдил висината за обесштетување на осигурените средства, со цел обезбедување социјална сигурност, при што Судот оцени дека оспорената одредба по својот карактер не е одредба што навлегува во правото на сопственост на подносителот на иницијативата гарантирано со членот 30 од Уставот. Врз основа на сопственост на вложените средства, подносителот на иницијативата и сите останати засегнати лица имаат право на побарување како стечајни доверители од стечајната маса, согласно правилата на постапката за стечај уредена со Законот за стечај, од каде произлегува дека нивната сопственост не е повредена.

6. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на фактот дека во конкретниот случај, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 9 став 3 од Законот за Фондот за осигурување на депозити, а со новоподнесените иницијативи не се изнесуват основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативите за оценување на уставноста на член 9 став 3 од Законот за Фондот за осигурување на депозитите.

7. Во однос на оспорениот член 9 став 4 од Законот за Фондот за осигурување на депозити во кој е предвидено дека во износот од ставот 3 на овој член се пресметува главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и пристигнатата камата до денот на конечноста на решението од член 4-а став 2 на овој закон, Судот смета дека истиот не може да се гледа изолирано од ставот 3 на Законот, од причини што со него се уредува прашањето за тоа што го сочинува износот од 30.000 евра за обесштетување на осигурените депозити на физичките лица до денот на конечноста на решението на гувернерот на Народната банка.

Воедно, Судот утврди дека подносителите на иницијативите не даваат посебни наводи во однос на оспорениот став 4 од член 9 од Законот.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот став 4 со одредбите од Уставот на кои се повикуват подносителите на иницијативите.

8. Судот, исто така, утврди дека во оспорениот член 163 став 3 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007, 90/2009, 67/2010, 26/2013, 15/2015, 153/2015, 190/2016, 7/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.101/2019) е предвидено дека:

Побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на наплата на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители.

9. Воедно, Судот утврди дека Уставниот суд на Република Северна Македонија со Одлука У.бр.247/2020 од 25.05.2021 година, го укина член 163 став 3 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007, 90/2009, 67/2010, 26/2013, 15/2015, 153/2015, 190/2016, 7/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 101/2019).

Во образложението на Одлуката, покрај другото, се наведува дека од анализата на оспорената законска одредба Судот оцени дека не е во согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 8 од Уставот (владеењето на правото, односно хуманизмот, социјалната правда и солидарноста како темелни вредности на уставниот поредок), како и со одредбите кои се однесуваат на основните слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа член 9 став 2, член 30 ставови 1, 2 и 3, член 34, член 54 ставови 1, 2 и 3 и членот 55 од Уставот.

Поаѓајќи од оспорената одредба на ставот 3 од членот 163 од Законот за банки, според која побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќа пред побарувањата на останатите доверители, произлегува дека Фондот е нормиран како приоритетен побарувач на финансиски средства во постапката на банка во стечај со цел задржување на износот на своето парично ниво како и пред исплатата на осигурените депозити во банката.

Со ваквата законска определба се обезбедува Фондот да не трпи последици од стечајот на банката, со кои последици би била нарушена финансиската стабилност на Фондот, односно Фондот поради тоа добива статус на обезбеден побарувач врз основа на закон. Меѓутоа, овој статус на Фондот се одразува негативно со финансиски последици на останатите депоненти кои имаат побарувања во стечајната постапка, со оглед на тоа што се исцрпува стечајната маса на банката и се отежнува обесштетувањето општо на депонентите, (и физички и правни лица), како сопственици на парични средства, до степен и на неможност на добивање на депозитите, со исклучок на тие до износ од 30.000 евра. Тоа доведува до тоа дека во едно демократско општество на еднакви права и слободи, каде се гарантира правото на сопственост, слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата положба на сите субјекти на пазарот, директно се повредува правото на сопственост на паричните депозити во банката во стечај со издигање на Фондот како приоритетен побарувач во стечајната маса пред другите побарувачи депоненти како сопственици на паричните износи во банката, повредата на сопственичките права е без основан правен легитимитет, по сила на закон со статусното издигање на Фондот над другите побарувачи за што нема уставен основ и со тоа се повредуваат наведените одредби од Уставот.

10. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од изнесените уставни и законски одредби како и наведената уставно-судска практика по предметот У.бр.247/2020 од 25.05.2021 година, во кој предмет, Уставниот суд на Република Северна Македонија со Одлука го укина член 163 став 3 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007, 90/2009, 67/2010, 26/2013, 15/2015, 153/2015, 190/2016, 7/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.101/2019) и тој не е во правниот поредок, Судот оцени дека согласно наведената деловничка одредба настапени се условите за отфрлање на иницијативите поради постоење на процесни пречки за одлучување.

11.Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

12. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова. Во однос на оспорениот член 9 ставови 3 и 4 од Законот за Фондот за осигурување на депозити, решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.312/2020
У.бр.318/2020
17 ноември 2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска