Решение У.бр.58/2020

У.бр.58/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 27 октомври 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на глава 6, подглава „Дополнителни одредби за определување на висината на надоместокот“, став 11 од Програмата за уредување на градежното земјиште на подрачјето на Град Скопје за 2019 година, бр.27-11605/1/4 од 26 декември 2018 година („Службен гласник на Град Скопје“ бр.18/2018), донесена од Советот на Град Скопје на 27 декември 2018 година.

2. Бобан Богдановски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Со иницијативата се бара поведување на постапка за оценување на уставно­ста и законитоста на одредбите од глава 6, подглава „Дополнителни одредби за определување на висината на надоместокот“, став 14 во однос на тоа дека истите не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1 од Уставот, член 97 став 1 од Законот за градежното земјиште и Правилникот за степенот на уредувањето на градежното земјиште со објекти на комуналната инфраструктура и начинот на утврдување на висината на трошоците за уредувањето во зависност од степенот на уреденост. Во иницијативата е наведено дека согласно Законот кога градежното земјиште не било уредено со објекти на комунална инфраструктура, во тој случај не се плаќал надоместок, а инвеститорот можел на свој трошок да го уреди градежното земјиште, односно не можело општината во постапката за издавање на одобрение за градба да му наплати на инвеститорот надоместок за уредување на градежното земјиште. Ваквата одредба била незаконита и во случај ако општината не обезбедила до градежната парцела објекти на комунална инфраструктура за задоволување на заедничка комунална потрошувачка, тогаш според Законот, општината немала право да наплаќа надоместок за уредување на градежното земјиште.

Исто така, во иницијативaта е наведено дека на годишно ниво, општините на Градот Скопје донесувале програми за уредување на градежното земјиште, па така и за 2019 година била донесена соодветна програма каде била содржана оспорената одредба и кога градежното земјиште делумно било уредено или воопшто не било уредено, инвеститорот на земјиштето плаќал надоместок до висината на трошоците за делумно уредување на земјиштето и тоа бил делумен надоместок или воопшто не плаќал надоместок од индивидуалната комунална потрошувачка.

Во таа насока одредбите на Правилникот за степенот на уредувањето на градежното земјиште со објекти на комуналната инфраструктура и начинот на утврдување на висината на трошоците за уредувањето во зависност од степенот на уреденост пропишувале дека во случаите на понизок степен на уреденост на градежното земјиште од 0 до 20% од утврдените трошоци за основен степен на уреденост на градежното земјиште со објекти на комуналната инфраструктура. Во иницијативата е нагласено дека во овој случај градежното земјиште било уредено на понизок степен на уреденост, односно не било уредено со објекти на комунална инфраструктура и затоа општината немала право да врши наплата на надоместок за уредување на градежно земјиште што се однесувало на заедничка комунална потрошувачка којашто достигнувала до 32% од основицата. Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба и да се донесе одлука со која ќе се поништи оспорената одредба од програмата.

3. Судот на седница утврди дека оспорената глава 6, подглава „Дополнителни одредби за определување на висината на надоместокот“, став 11 од Програмата за уредување на градежното земјиште на подрачјето на Град Скопје за 2019 година, заведена под број 27-11605/1/4 од 26 декември 2018 година („Службен гласник на Град Скопје“ бр.18/2018), донесена од Советот на Град Скопје на ден 27 декември 2018 година гласи: „Кога градежното земјиште делумно се уредува или воопшто не се уредува, инвеститорот на земјиштето плаќа надоместок до висината на трошоците за делумно уредување на земјиштето – делумен надоместок или воопшто не плаќа надоместок од индивидуалната комунална потрошувачка. Во овие случаи, задолжително се плаќа надоместокот за уредувањето на градежното земјиште што се однесува на заедничка комунална потрошувачка.“

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со членот 1 од Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2015, 98/2015, 193/2015, 226/2015, 31/2016, 142/2016, 190/2016 и 275/2019) се уредуваат правата и обврските во поглед на градежното земјиште и уредувањето на тоа земјиште.

Во членот 95 став 1 од истиот закон е утврдено дека уредувањето на градежното земјиште од членот 94 од овој закон го вршат општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје врз основа на Програмата за уредување на градежно земјиште што ја донесува советот. Уреденоста на градежното земјиште од ставот 1 на овој член ја утврдува комисија формирана од општините, општините во Град Скопје и Градот Скопје, која е составена од три члена од редот на вработените во службата која го врши уредувањето на градежното земјиште (став 2). Работите од ставот 1 на овој член, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје ги вршат преку јавно претпријатие, трговско друштво или друго правно лице кое има овластување за вршење на комунална или јавна услуга согласно со закон (став 3). Работите за уредување на градежно земјиште општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје можат да ги вршат и во облик на учество на приватен партнер, односно со склучување на договор со приватен партнер, почитувајќи ги притоа принципите на транспарентност, јавност и еднаквост на учесниците (став 3). За подрачјето на Градот Скопје уредувањето на градежното земјиште го вршат општините од подрачјето на Градот Скопје во делот на опремување на градежното земјиште со објекти од секундарната инфраструктура, а Градот Скопје во делот на опремување со објекти на основната инфраструктура, врз основа на програмата за уредување на градежно земјиште што ја донесуваат советите на општините во Градот Скопје, односно Советот на Градот Скопје (став 4). Програмата за уредување на градежно земјиште особено содржи податоци за: – просторот кој е предмет на уредување, – обемот на работите за подготвување и расчистување на градежното земјиште, – обемот и степенот на опремување на градежното земјиште со објекти на основната и секундарната инфраструктура, – изворите за финансирање на програмата, – пресметување на трошоците за уредувањето на градежното земјиште, – висината на надоместокот за уредувањето на градежното земјиште и неговата распределба, – начин на распределба на средствата за финансирање за изградба и одржување на инфраструктурата, – динамика на извршување на програмата и – објекти на инфраструктурата од јавен интерес за Република Северна Македонија и оцена за нивното влијание врз животната средина и природата, согласно со закон, што ги финансира Република Северна Македонија, односно инвеститорот на кого земјиштето му го отуѓила или дала под долготраен закуп Република Северна Македонија (став 5). Кога уредувањето на земјиштето се врши преку учество на приватен партнер истиот има право на враќање на вложеното на начин кој ќе го договори со општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, а особено преку уплатите на новите корисници на веќе поставените објекти (став 6). Во случаите од ставот 5 на овој член опремата, објектите и инсталациите преминуваат во сопственост на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје или на јавното претпријатие кои склучуваат договор со приватниот инвеститор за условите и начинот на враќање на инвестицијата, пред да почне изградбата на инвестицијата (став 7).

Според тоа, Судот утврди дека Програмата за уредувањето на градежното земјиште на подрачјето на Град Скопје од 2019 година престанала да важи, бидејќи истата има темпорален карактер, односно имала временски ограничена важност за годината за која таа била донесена.

Имајќи предвид дека оспорената програма е од темпорален карактер, односно дека има временски ограничена важност и дека е донесена Програма за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Градот Скопје за 2021 година, според Судот, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од фактот што оспорената Програма за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Градот Скопје за 2019 година е од темпорален карактер и со истекот на календарската година истата повеќе не произведува правно дејство и не е повеќе во правниот поредок, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата, поради постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.58/2020
27.10.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска