Решение У.бр.293/2020

У.бр.293/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 20 октомври 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 160 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015 и 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 101/2019 и 14/2020) и Правилникот за утврдување на висината на посебниот додаток на офицерите со генералски чинови заради вршење на стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата, донесен од министерот за одбрана, бр.01-1155/1 од 15 февруари 2012 година.

2. Борко Симоски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Законот и актот означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 5, членот 9, член 16 став 1, членот 32, членот 50 и членот 51 од Уставот и бара да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 160 од Законот и Правилникот за утврдување на висината на посебниот додаток на офицерите со генералски чинови заради вршење на стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата.

Во продолжение на иницијативата се наведува дека со одредбите од оспорениот член 160 од Законот бил надминат правниот дострел на Законот за служба во Армијата како закон од групата на lex specialis во однос на Законот за одбрана, кој бил системски закон од групата на lex generalis, односно биле надминати границите, лимитот, правните норми и биле преименувани правни термини кои биле пуштени во правниот промет, односно имало или постоел нецелосен и селективен приод кон одредена категорија на пример „Генералштабот“.

Понатаму, во иницијативата се цитираат членовите 25, 26 и 28 од Законот за одбрана („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2001, 5/2003, 58/2006, 110/2008, 51/2011, 151/2011, 215/2015) и Законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 42/2020 и 73/2020) и се наведува дека со овие законски одредби точно се дефинирала и била определена улогата на Генералштабот на Армијата и поради ова со оспорениот член 160 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија била потешко извршена правна повреда на терминот „Генералштаб“ и бил заменет со терминот „генерали“ коешто било недозволиво во однос на Законот за одбрана, бидејќи истиот бил закон кој дозволувал „правни рамки и нормативи“ во кои можело да се донесе закон од пониско правно хиерархиско ниво.

Согласно членот 25 од Законот за одбрана „Оперативните и стручните работи за организирање, подготвување и командување со Армијата ги врши Генералштабот на Армијата, како највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана за прашањата кои се однесуваат на Армијата. Во извршување на работите од ставот 1 на овој член, Генералштабот на Армијата му предлага на Министерството за одбрана. 1. организација и формација на Армијата; 2. план за употреба на Армијата; 3. мерки за зголемување на борбената готовност на Армијата; 4. финансиски план за потребите на Армијата; 5. програма за опремување на Армијата; 6. план за вежбовни активности на Армијата; 7. план за школување, стручно оспособување и усовршување на лицата на служба во Армијата; 8. лица на служба во Армијата за школување и стручно оспособување и усовршување и 8-а. лица на служба во Армијата за упатување на должности во командните структури на НАТО, дипломатските претставништва, одбранбени аташеа, воени аташеа и воени претставници и на должности во команди, штабови и воени единици на меѓународни организации во странство и на територијата на Републиката и 9. доделување на одликувања и признанија за остварените резултати во областа на одбраната за припадниците на Армијата“.

Во иницијативата се цитира членот 26 од Законот за одбрана („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2001, 5/2003, 58/2006, 10/2008 и 51/2011) „Во извршувањето на работите и задачите од член 25 став 1 на овој закон, Генералштабот на Армијата: 1. го спроведува финансискиот план за потребите на Армијата одобрен од Министерството за одбрана и ја следи ефикасноста и наменската реализација на средствата согласно со прописите донесени од министерот за одбрана; 2. ја следи борбената готовност на Армијата и презема мерки за нејзино подобрување; 3. го организира и следи спроведувањето на мерките за готовност на Армијата и презема мерки за нивно извршување; 4. извршува мобилизација на Армијата; 5. изведува вежбовни и други активности за оспособување на Армијата во согласност со годишниот план; 6. спроведува логистичка поддршка на Армијата; 7) спроведува персонален менаџмент во Армијата во согласност со кадровската политика на Министерството за одбрана; 8. планира, организира и спроведува обука за припадниците на Армијата; 8-а. води сметка за соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците и води грижа и за родовата перспектива; 9. организира и подготвува врски за командување и контрола во Армијата; 10. планира и спроведува криптозаштита на класифицираните информации значајни за Армијата; 11. организира и спроведува противелектронско обезбедување; 12. организира и спроведува набљудување, контрола и обезбедување на суверенитетот на воздушниот простор на Републиката; 13. организира и спроведува разузнавање, контраразузнавање и безбедност во Армијата; 14. организира и спроведува заштита на силите во Армијата; 15. организира и спроведува откривање и спречување на вршење кривични дела во Армијата; 16. врши уредување на територијата за потребите на Армијата; 17. во согласност со планот на Министерството за одбрана остварува соработка со странски армии; 18. донесува стручни правила и упатства што се однесуваат на употребата на единиците на Армијата, внатрешниот ред и односите во вршењето на службата во Армијата и други стручни правила и упатства од значење за работата во Армијата и 19. врши и други работи во согласност со овој закон и со прописите за служба во Армијата“.

Во продолжение на иницијативата се цитира членот 27 од истиот закон според кој „Со Генералштабот на Армијата раководи началник кој го поставува и разрешува претседателот на Републиката, со мандат од три години. За својата работа началникот на Генералштабот на Армијата му одговара на претседателот на Републиката и на министерот за одбрана. За началник на Генералштабот на Армијата исто лице може да биде поставено најмногу два мандата едноподруго. 3. Командување во Армијата“.

Согласно членот 28 од овој закон, претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили. Со единиците на Армијата непосредно командуваат началникот на Генералштабот на Армијата и командантите на воените единици и установи, во согласност со прописите за командување донесени од претседателот на Републиката. Командувањето во Армијата се заснова врз принципите на едностарешинство, субординација и единство во командувањето при употреба на силите и средствата. Наредбите на претпоставениот старешина во Армијата не се извршуваат ако нивното извршување претставува кривично дело.

Во иницијативата е наведено дека правниот основ за донесување на оспорениот правилник бил оспорениот член 160 од Законот за службата во Армијата и тој, исто така, бил противречен и спротивен, но и законски неусогласен со Законот за одбрана. Оттука и оспорениот правилник бил противречен со оглед на тоа дека биле прифатени само четири категории на бодови 300, 500, 600 и 700 бода, односно седум категории на вработени лица во Генералштабот согласно формацијата и не бил изработен критериум за кои лица ќе припаѓале во тие седум категории и тоа било суштинско отстапување од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија и потполно незаконски во однос на Законот за одбрана.

Според наводите во иницијативата офицерите со генералски чинови, покрај додатоците на основната плата од членовите 153 до 157 од овој закон, можеле да остварат и право на посебен додаток, заради вршење на стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата. И поради тоа се вршела потполна селекција на севкупниот правен механизам и формациската дефинираност на Генералштабот на Армијата која била потпишана од страна на претседателот на Република Северна Македонија како систем со мисија за стручно оперативно работење за организирање и подготвување со Армијата, а не како што било предвидено со оспорената одредба на член 160 став 1, според кој три лица биле одвоени од системот на Генералштабот менувајќи го терминот со генерали, а останатите припадници на Генералштабот околу 97% биле бришани односно биле минимизирани и на тој начин бил надминат лимитот на одредување на правни категории регулирани од законот, вреднувањето во бодови во зависност од чиновите бил спротивен на законите, селективен и потешко го повредувал принципот на еднаквост и правичност.

Понатаму во иницијативата е наведено дека во Генералштабот покрај тројца генерали во процесот на стручно оперативно работење за организирање и подготвување со Армијата за донесување на кои било акти, нормативи, планови во структурата постоеле девет стручни секции и два кабинети за формациски места со ВЕС 31040, ист како генералите и стекнато воено образование во Школата за национална одбрана наречена популарно генералска школа, а секој од својата област организирал, подготвувал и оперативно спроведувал, а кога се донесувале одлуки со поголем приоритет и заеднички штабно со експерти и цивили од нивните секции, учествувале во процесот на донесување на одлуки кои само се верифицирале од страна на тројца генерали. Оттука, правно произлегувало дека потребно било да се донесат критериуми врз основа на структурата на Генералштабот, а не на генералите за сите учесници во процесот на организирање, стручно подготвување и оперативно спроведување почнувајќи од деловодство и административно работење, штабни подофицери и офицери и цивилни лица вработени во одделенијата од секциите, експерти офицери од сите родови и видови согласно Законот за одбрана и формацијата како акт распоредени во одделенија, началници на одделенијата во 9 секции шефови на кабинет и завршувајќи со тројца генерали вработени во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија и тоа во седум категории или повеќе сразмерно распределени по бодови од 100 до 700 согласно со закон.

Во продолжение на иницијативата се цитираат одредби од Уставот, според кои било утврдено остварувањето на владеењето на правото; правото на слобода на изразување и еднаквоста; правото на еластична социјална сигурност; унапредување на слободите и правата под еднакви услови; донесување на прописи, нормативни акти, закони по принципот на правна хиерархија усогласени, правно синхронизирани и хармонизирани со останатите закони од групата lex generalis доколку имале допирни правни елементи и не го надминувале нивниот правен лимит и сите требало да бидат во согласност со Уставот како lex superior.

Понатаму, во иницијативата се цитираат членовите од 146 до 152 од Законот за службата во Армијата на Република Северна Македонија и според одредбите на овие цитирани делови од Законот, тоа значело дека само во однос на полковниците со завршени највисоки воени школи, исто како генералите кои имале завршено Школа за национална одбрана, но поради политички причини не биле произведени во генерали согласно членовите 149 и 150 од оспорениот закон. Разликата во нивната плата била 150 бода помножено со 30% и минатиот труд од 0,5, а тоа било приближно 8.000.00 денари до – 670 бода, помножено со 30% и минат труд и сето тоа математички изнесувало околу 31.000,00 денари и истото претставувало голема разлика, но со оглед на чиновите генерали, не било спорно, но најголемата разлика во платата од полковник до генерал била поголема од севкупната плата на наредник или поголема од просечната плата во Република Северна Македонија.

Според наводите во иницијативата нееднаквоста на вработените во Армијата настанала со додавањето на дополнителниот оспорен член 160 само за една категорија на лица од Генералштабот и максималното зголемување на бодот од полковник со исто завршени школи со генералите во износ од 12.000,00 до 32.000,00 а тоа било само процес на штабно донесување на одлука со која биле вклучени сите вработени во Генералштабот на Армијата и тоа било регулирано со стандардите на НАТО.

Оттука, во иницијативата се наведува дека согласно уставната определба на член 32 став 5 остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредувале со закон и со колективен договор и од таа причина предлагаат Уставниот суд да го оцени правото на законодавецот кој ги утврдил правата и обврските и на лицата во служба во Армијата на начин и услови кои законодавецот ги определил со закон, но според наводите во иницијативата истите требало да бидат во согласност со системскиот закон, а истите биле селективни, и не биле еднакви за сите. Од тие причини подносителот бара Уставниот суд да донесе решение за поведување на постапка за поништување на оспорените одредби од Законот и Правилникот со приоритет на брзо решавање под итна постапка.

3. Судот на седница утврди дека во член 160 став 1 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015 и 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 101/2019 и 14/2020), е пропишано дека офицерите со генералски чинови, покрај додатоците на основната плата од членовите 153 до 157 од овој закон, можат да остварат и право на посебен додаток, заради вршење на стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата. Според член 160 став 2 од истиот закон, додатокот од ставот 1 се вреднува во бодови, во зависност од чинот и тоа од 100 до 700, а според став 3, висината на додатокот од ставот 2 на овој член, со правилник ја утврдува министерот за одбрана, врз основа на кој е донесен Правилникот за утврдување на висината на посебниот додаток на офицерите со генералски чинови заради вршење на стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата, бр. 01-1155/1 од 15 февруари 2020 година.

Оспорениот правилник содржи 6 члена. Според членот 1 со овој правилник се утврдува висината на посебниот додаток на офицерите со генералски чинови заради вршење на стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата. Во членот 2 од Правилникот се утврдува висината на посебниот додаток зависно од чинот на генерал на Армијата со 700 бода, генерал потполковник со 600 бода, генерал-мајор со 500 бода и бригаден генерал со 300 бода. Со членот 3 се утврдува дека додатокот од членот 2 на овој правилник се зголемува за 100 бода, доколку лицето од членот 2 на овој правилник е поставено на формациско место со повисок чин од чинот кој го има. Согласно членот 4 од овој правилник додатокот од членот 2 се намалува за 100 бода, доколку лицето не е поставено на формациско место за кое е предвиден генералски чин. Во членот 5 е определено дека со влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за утврдување на висината на посебниот додаток на офицерите со генералски чинови заради вршење на стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата бр.01-1559/1 од 1 март 2011 година.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во согласност со член 9 ставови 1 и 2 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви

Според член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015 и 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 101/2019 и 14/2020) се уредуваат статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Армијата), како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.

Во член 148 став 1 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, е пропишано дека платата на активниот воен персонал се состои од плата и додатоци на платата. Според став 2 од истиот член, платата се определува според чинот, должноста, работното искуство и армискиот додаток. Во смисла на став 3 од овој член, додатоците на основната плата ги сочинуваат: додаток за вршење специфична воена служба, додаток за вршење служба со висок ризик, додаток за вршење трупна служба, додаток за посебен степен на образование и додаток за застапување.

Платата утврдена во членот 148 од Законот, ја добива целокупниот активен воен персонал на служба во Армијата, вклучувајќи го и воениот персонал со генералски чинови, во зависност од чинот, должноста и работното искуство, во согласност со членот 149, членот 150 и членот 151 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, во кои се утврдени бодовите според кои се вреднува платата според чинот, должноста и работното искуство.

Армискиот додаток утврден во член 148 став 2 од истиот закон, кој според член 152 од Законот, припаѓа заради посебните услови на службата во Армијата, и тоа за: работа во теренски услови; логорување; тревога; учество во воени вежби; командноштабни воени вежби, инструкторско-методски, показни и слични вежби; привремена дислокација на воени единици и установи; гаѓање; работа подолго од полното работно време во работна недела; ноќна работа; работа во смена, односно турнус; работа за време на неделен одмор и празници утврдени со закон; користење и прекин на годишен одмор по потреба на службата; преместување; вршење служба во сите услови, како и други вонредни ситуации предизвикани со потребите на борбената готовност на Армијата и се пресметува во висина на 30% од платата според чинот и должноста, исто така, го остварува целокупниот активен воен персонал, вклучувајќи го и воениот персонал со генералски чинови.

Додатоците на основната плата утврдени во член 148 став 3 од Законот, односно додатокот за вршење специфична воена служба, додаток за вршење служба со висок ризик, додаток за вршење трупна служба, додаток за посебен степен на образование и додаток за застапување, ги остварува само воениот персонал што ја извршува оваа служба, вклучувајќи го тука и воениот персонал со генералски чинови, доколку ги извршува овие должности и работи утврдени во членот 153, членот 154 и членот 155 од Законот и тоа: специфична воена служба – вршење служба на летачи и друг летачки персонал, воздухопловно-технички персонал, припадници на специјални единици, наставно-научен, наставен и соработнички персонал на Воената академија и други посебни специјалности од особено значење за Армијата; служба изложена на висок ризик – работа изложена на опасност по живот, можни повреди, заболувања и инфекции, во услови на влага, бучава, висина, прашина, зрачење, температура, чад, употреба на хемикалии, работа под земја, затворен простор без природно осветлување и други слични специфични потешки услови за работа чие дејство не може во целост да се отстрани со спроведување на мерки за безбедност и здравје при работа согласно со закон, и вршење трупна служба – што претставува вршење служба во единици заклучно со бригада.

Додатокот на основната плата за посебен степен на образование и додатокот за застапување, утврден во членот 156 од Законот, го оствaрува само воениот персонал кој има посебен степен на образование, односно положен правосуден испит, магистратура или специјализација за командно-штабни должности, специјализација во здравствена дејност, како и докторат на науки согласно со потребите на Армијата или има завршено Школа за национална одбрана.

Доколку врши застапување според членот 81 од Законот, висината на додатокот на плата за застапување е пропишана во членот 157 од Законот.

Во член 160 став 1 од Законот, е пропишано дека офицерите со генералски чинови, покрај додатоците на основната плата од членот 153 до членот 157 од овој закон, можат да остварат и право на посебен додаток, заради вршење на стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата.

Според член 160 став 2, додатокот од ставот 1 се вреднува во бодови, во зависност од чинот и тоа од 100 до 700, а според став 3, висината на додатокот од ставот 2 на овој член, со правилник ја утврдува министерот за одбрана, врз основа на кој е донесен Правилникот за утврдување на висината на посебниот додаток на офицерите со генералски чинови заради вршење на стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата, бр. 01-1155/1 од 15 февруари 2020 година.

Во членот 2 од Правилникот за утврдување на висината на посебниот додаток на офицерите со генералски чинови заради вршење на стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата, донесен од министерот за одбрана, бр.01-1155/1 од 15 февруари 2012 година, е пропишана висината на посебниот додаток, во зависност од чинот, а која висина е во согласност со членот 157 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија.

Во Армијата на Република Северна Македонија, постојат четири генералски чинови утврдени во Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, а согласно тие чинови, во оспорениот правилник утврдена е висината на посебниот додаток на офицерите со генералски чинови, заради вршење на стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата, на што упатува правниот основ за негово донесување.

Исто така, овој додаток на плата не може да го остварат офицерите кои немаат генералски чинови, а имаат завршено Школа за национална одбрана. Школата за национална одбрана, согласно Законот, претставува еден од условите за да може, но не мора, офицерите со чин полковник да бидат унапредени во бригаден генерал, согласно потребите на службата во Армијата, односно Актот за формација на Армијата. Офицерите кои немаат генералски чинови, а имаат завршено Школа за национална одбрана, го остваруваат горенаведениот додаток, за посебен степен за образование утврден во членот 156 од Законот.

Со Законот за одбрана се регулира системот за одбраната на независноста и територијалниот интегритет на Република Северна Македонија, а во членот 25 и членот 26 од овој закон, се уредени надлежностите на Генералштабот на Армијата, како највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана, кое ги врши оперативните и стручните работи за организирање, подготвување и командување со Армијата.

Со Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија се уредуваат статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Северна Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.

Врз основа на напред наведеното, во никој случај не може да се споредуваат одредбите на Законот за одбрана со одредбите на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, во однос на утврдување на висината на посебниот додаток на плата заради вршење на стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата, за воените старешини – офицери со генералски чинови.

За повреда на принципот на еднаквост станува збор само кога се во прашање различни права и обврски за граѓани кои се наоѓаат во еднаква правна положба, што не е случај со конкретно оспорената одредба на членот 160 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија и оспорениот правилник со Законот за одбрана. Меѓу нив не може да се стави знак на еднаквост во однос на остварување на сите права од работен однос. За повреда на принципот на еднаквост не станува збор и во случај кога законодавецот за две различни права на иста категорија граѓани утврдил различни услови за нивно остварување. Оттука, Судот утврди дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот за служба во Армијата и Правилникот за утврдување на висината на посебниот додаток на офицерите со генералски чинови заради вршење на стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата, донесен од министерот за одбрана, бр.01-1155/1 од 15 февруари 2012 година со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 5, членот 9, член 16 став 1, членот 32, членот 50 и членот 51 од Уставот.

Имено, оспорениот член 160 од Законот за служба во Армијата воопшто не го нарушува системот на плати и надоместоци на плати кој е утврден со одредбите од истиот закон, на начин што предвидува посебно и исклучиво право на посебен додаток, само за одредена категорија на воени лица, со оглед на тоа што диференцијацијата на воените должности и одговорности за различните категории на воените лица го детерминира и соодветното законско нормирање на правата, на начин и под услови кои законот ќе ги утврди. Со ваквата законска определба, според Судот, воопшто не се повредени уставните принципи на владеење на правото и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите предвидени со член 8 став 1 алинеја 3 и членот 9 од Уставот и поради тоа истата е во согласност со определбата, секој вработен да има право на соодветна заработувачка и остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредуваат со закон и со колективни договори, како што е утврдено со член 32 став 3 и став 5 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.293/2020
20.10.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска