Решение У.бр.95/2019

У.бр.95/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 став 1 алинеја 5 од Уставот на Република Северна Македонија, член 63, член 71 и член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 20 октомври 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА предлогот на Митко Стојанов за решавање судир на надлежност меѓу Општина Струмица и Министерство за финансии – Управа за имотно-правни работи, подрачно Одделение за првостепена управна постапка Струмица.

2.Митко Стојанов од Струмица, до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави предлог за решавање на судир на надлежност настанат помеѓу Општина Струмица и Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи, Одделение за првостепена управна постапка Струмица.

Според наводите на подносителот на предлогот, во конкретниот случај постои судир на надлежност помеѓу локалната самоуправа и орган на Републиката за ставање на клаузула на „правосилност“ на управен акт донесен на 24.11.1988 година од Комитетот за станбено-комунални работи, урбанизам и имотно-правни работи при Собранието на Општина Струмица, од причина што спорно е кој е правен следбеник на органот којшто го донел актот.

Со Решение бр.10/2108/1-88 од 24.11.1988 година, донесено од Комитетот за станбено-комунални работи, урбанизам и имотно-правни работи при Собранието на Општина Струмица на Митко Стојанов од Струмица му било признато предимствено право на користење на градежно неизградено земјиште во вкупна површина од 362 м2 во КО Струмица за изградба на индивидуална станбена зграда од приземје и кат на градежна парцела 74/23.

До денот на поднесувањето на предлогот, подносителот не бил во можност да ги запише правата кои ги има врз предметните катастарски парцели наведени во Решението, во јавните книги за запишување на правата врз недвижностите поради судир на надлежностите на органите на локалната самоуправа и органите на Републиката.

Имено, барањето за ставање на клаузула на „правосилност“ поднесено до Министерството за финансии – Управа за имотно-правни работи бр.26-146/3 од 11.07.2014 година со Заклучок бр.26-146/4 од 18.07.2014 година е отфрлено од страна на овој орган поради ненадлежност.

На ова му претходело барање за ставање на клаузула на „правосилност“ бр.21-139 од 04.04.2014 година, поднесено до Општина Струмица кое, исто така, е отфрлено поради ненадлежност со Заклучок УП.бр.21-139 од 23.01.2015 година, донесен од градоначалникот на Општина Струмица.

3. Судот на седницата утврди дека Комитетот за станбено – комунални работи, урбанизам и имотно-правни односи при Собранието на Општина Струмица, решавајќи по молбеното барање на Митко Стојанов од Струмица, за признавање предимствено право на користење на градежно неизградено земјиште во КО Струмица, врз основа на член 17 став 3 и член 22 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.10/1979 година, донел

Р Е Ш Е Н И Е

1. На лицето Стојанов Митко од Струмица, со стан на ул.„Браќа Миладинови“ бр.21/16 син на поранешниот сопственик Стојанов Ристо од Струмица, МУ СЕ ПРИЗНАВА предимствено право на користење на градежно неизградено земјиште на КП бр.6001/1 во површина од 278 м2 на КП.бр.5999/3 во површина од 83 м2 и на КП бр.6000/4 во површина од 1 м2 или вкупна површина од 362 м2 во КО Струмица, а за изградба на индивидуална станбена зграда од приземје и кат на градежна парцела 74/23 во предвидените мери и граници.

2. Се задолжува лицето Стојанов Митко од Струмица, да за површината од 84 м2 која е општествена сопственост, плати сума од 147.840 динари сметано по 1.760 динари од 1 м2 на жиро сметка 41300-662-58 на име СИЗ за комунални дејности – Струмица, со цел на дознаката „надоместок за доделено земјиште“.

3.Се задолжува лицето Стојанов Митко од Струмица, да започне со изградба на индивидуална станбена зграда во рок од 2 години, сметано од денот на правосилноста на ова решение, во спротивно го губи тоа право.

О б р а з л о ж е н и е

До Комитетот за станбено-комунални работи, урбанизам и имотно-правни односи при Собранието на Општина Струмица, лицето Стојанов Митко од Струмица, поднесе молбено барање за признавање предимствено право на користење на градежно неизградено земјиште на КП бр.6001 во КО Струмица, а за изградба на индивидуална станбена зграда предвидена со урбанистичкиот план на град Струмица.

Органот, разгледувајќи го барањето и доказите приложени кон истото, изврши распит на странката, прибави стручно и урбанистичко мислење и ја утврди фактичката состојба:

Лицето Стојанов Митко од Струмица, е син на Стојанов Ристо кој е поранешен сопственик на КП бр.6001/ стар КП бр.4135 во КО Струмица, врз основа на договор за купопродажба заверен пред Општинскиот суд во Струмица под ОВ бр.1504/68 од 13.12.1968 година. Со аерофотограметриското снимање од 1980/83 година, парцелата КП бр.6001 во површина од 432 м2 во КО Струмица е заведена на лицето Стојанов Митко.
Според урбанистичкиот план на град Струмица, со Одлука на Собранието на Општина Струмица бр.02-469/1 од 30.06.1988 година за блок бр.23 на градежната парцела бр.74 подробно опишана во изреката на решението е предвидено изградба на индивидуална станбена зграда од приземје плус кат /П +1/.

Од причини што во градежната парцела бр.74 влегува површината од 84 м2 која е општествена сопственост, странката во точката 2 од изреката на решението е задолжена да ја плати определената сума.

Барателот Стојанов Митко на свое има поседува индивидуална станбена зграда изградена на КП бр.6001 во КО Струмица, која според урбанистичкиот план на град Струмица е предвидена да се руши за што странката на записник бр.10-2108/2 од 08.11.1988 година, на предлог на Јавниот правобранител на Општина Струмица се согласи истата да ја сруши, така што Органот смета дека со признавањето на предимствено право на градба нема да го надмине станбениот максимум од член 2 од Законот за градежното земјиште.

Врз основа на напред изнесеното и согласно цитираниот законски пропис, се реши како во изреката на ова решение.

Упатство за правно средство:Незадоволната странка од ова решение има право на жалба во рок од 15 дена од приемот на истото, преку овој орган до Републичката управа за имотно-правни работи при Републичкиот секретаријат за финансии на СРМ –Скопје.

– На 11.07.2014 година Митко Стојанов од Струмица поднел барање – претставка до Министерството за финансии, Управа за имотно правни работи подрачно Одделение за првостепена управна постапка Струмица, со кое бара да му се стави „клаузула за правосилност“ на Решението бр.10-2108-88 од 24.11.1988 година, донесено од Комитетот за станбено-комунални работи, урбанизам и имотно-правни односи при Собранието на Општина Струмица.

Министерството за финансии, Управа за имотно-правни работи подрачно Одделение за првостепена управна постапка Струмица на 18.07.2014 година под бр.26-146/4 година, донел Заклучок со кој барањето на подносителот СЕ ОТФРЛА поради ненадлежност.

Во образложението на заклучокот се наведува дека од увидот во Решението за кое се бара правосилност видно е дека тоа е донесено од Комитетот за станбено-комунални работи, урбанизам и имотно-правни односи при Собранието на Општина Струмица.

Органот разгледувајќи ја претставката – барање одлучи со заклучок да ја отфрли истата поради ненадлежност.

Во упатството за правно средство е предвидено дека незадоволната странка има право на посебна жалба во рок од 15 дена од денот на приемот преку овој орган до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен Скопје.

– Незадоволен од донесениот Заклучок бр.26-146/4 од 18.07.2014 година, донесено од Министерството за финансии – Управа за имотно-правни работи, Одделение за првостепена управна постапка Струмица, Митко Стојанов од Струмица, поднел жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос.

Државната комисија постапувајќи по жалбата на Митко Стојанов од Струмица, на 2 март 2015 година, донела Решение УП.бр.0801-349 со кое жалбата СЕ ОТФРЛА КАКО НЕДОПУШТЕНА.

Во образложението на наведеното решение, Државната комисија повикувајќи се на одделни одредби од Законот за основање на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и одредби од Законот за општата управна постапка произлегувало дека во конкретниот случај нема основ за изјавување на жалба, а странката против првостепеното решение може да поведе управен спор.

Донесеното Решение на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос е конечно и против него не е дозволена жалба.

Против наведеното решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на приемот.

– Митко Стојанов на 04.04.2014 година до Собранието на Општина Струмица, Сектор за урбанизам У.п.бр.21-139 поднел барање до Општината Струмица која го донела Решението бр.10-2108/1-88 од 24.11.1988 година, а со кое е признато предимственото право на користење на неизградено градежно земјиште да го огласи тоа решение за правосилно.

Градоначалникот на Општина Струмица постапувајќи по горенаведеното барање на Митко Стојанов од Струмица за прогласување на Решението за правосилно, со Заклучок У.п.бр.21-139 од 03-07-2014 година ГО ОДБИЛ, со образложение дека Собранието на Општина Струмица не е правен следбеник на поранешниот Комитет за станбено комунални работи, урбанизам и имотно-правни работи кој го издал Решението, и дека надлежен орган е Министерството за финансии, управа за имотно-правни работи – Одделение во Струмица.

Во упатството за правното средство е наведено дека незадоволната странка има право на жалба во рок од 15 дена сметано од денот на приемот на истиот преку овој орган до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа за уредување на просторот.

Согласно даденото упатство на 24.07.2014 година, У.п.бр.21-139 Митко Стојанов од Струмица, преку градоначалникот на Општина Струмица поднел жалба до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот.

Министерот за транспорт и врски решавајќи по жалбата на Митко Стојанов од Струмица против Заклучокот бр.21-139 од 03.07.2014 година на градоначалникот на Општина Струмица со Решение Уп.2.бр.43-533/2014 од 11.11.2014 ја уважил жалбата на подносителот и го ПОНИШТИЛ Заклучокот бр.21-139 од 03.07.2014 година, на градоначалникот на Општина Струмица и предметот го вратил на првостепениот орган на повторна постапка.

Во образложението на наведеното решение, Министерот за транспорт и врски по разгледување на жалбата, обжалениот заклучок и други списи утврдил дека заклучокот е неправилен и треба да биде поништен поради следното:

Првостепениот орган во обжалениот заклучок, односно градоначалникот на Општина Струмица, навел дека барањето на жалителот за огласување на решението донесено од Комитетот за станбено-комунални работи, урбанизам и имотно-правни односи за правосилно, го одбил бидејќи не бил правен следбеник на поранешниот Комитет за станбено-комунални работи, урбанизам и имотно-правни односи при Собранието на Општина Струмица и дека надлежен орган било Министерството за финансии, управа за имотно-правни работи – Одделение во Струмица во чија архива се наоѓал предметот.

Ова од причини, покрај другото, и што првостепениот орган во конкретниот случај знаел кој орган е надлежен за постапување по барањето на жалителот кое нешто е наведено и во образложението на Заклучокот. Во повторната постапка првостепениот орган согласно Законот за општата управна постапка е должен без одлагање поднесокот да го достави до надлежниот орган ако го знае, а доколку не може да утврди кој орган е надлежен ќе донесе заклучок со кој ќе го отфрли поднесокот поради ненадлежност и заклучокот ведаш ќе го достави до странката.

Во правната поука се наведува дека незадоволната странка има право на тужба до Управен суд во рок од 30 дена од приемот на решението.

– Градоначалникот на Општина Струмица постапувајќи по второстепеното решение У.п.бр.43-533/2014 од 11.11.2014 година, донесено од Министерот за транспорт и врски со кое Заклучокот У.бр.21-139 од 03.07.2014 година се поништува и предметот се враќа на првостепениот орган на повторна постапка, а врз основа на членот 63 од Законот за општата управна постапка, донел Заклучок Уп.бр.21-139 од 23-01.2015 година со кое барањето Уп.бр.21-139 од 04.04.2014 година на лицето Митко Стојанов од Струмица за поведување на постапка за огласување на Решението бр.10-2108/1-88 од 24-11-1988 година за признавање на предимствено право за користење на градежно неизградено земјиште, донесено од Комитетот за станбено комунални работи, урбанизам и имотно-правни односи за правосилно СЕ ОТФРЛА поради ненадлежност.

Во Заклучокот Уп.бр.21-139 од 23.01.2015 година, градоначалникот на Општина Струмица повторно наведува дека овој орган не е правен следбеник на Комитетот за станбено-комунални работи, урбанизам и имотно-правни односи кој го издал Решението. Исто така, во заклучокот наведува дека во евиденцијата и архивата со која располага општината се гледа дека таква постапка нема водено, ниту регистрирано таков предмет, што значи дека овој орган немал, а и сега нема таква надлежност, од кои причини го донел Заклучокот.

Во правната поука на Заклучокот се наведува дека незадоволната странка има право на посебна жалба која во рок од 15 дена сметано од денот на приемот преку општината се доставува до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот.

Министерот за транспорт и врски решавајќи по жалбата на Стојанов Митко од Струмица против Заклучокот 21-139 од 23.01.2015 година на градоначалникот на Општина Струмица врз основа на член 228 од Законот за општата управна постапка, донел Решение Уп.2.бр.35-533/2014 од 26.05.2015 година, со кое ја уважил жалбата на Стојанов Митко од Струмица и го поништил Заклучокот УП.21-139 од 23.01.2015 година на градоначалникот на Општина Струмица и предметот го вратил на првостепениот орган на повторна постапка.

Во образложението на Решението, покрај другото, министерот за транспорт и врски навел дека во повторна постапка првостепениот орган не постапил по укажувањето на овој орган и го донел обжалениот Заклучок со кој барањето на жалителот за огласување на Решението бр.10-2108/1-88 од 24.11.1988 година за признавање на предимствено право на користење на градежно неизградено земјиште, донесено од Собранието на Општина Струмица – Комитет за станбено-комунални работи, урбанизам и имотно – правни односи за правосилно, го отфрил поради ненадлежност.

Во претходно водената постапка во Заклучокот бр.21-139 од 03.07.2014 година првостепениот орган навел дека за наведеното решение надлежен орган е Министерството за финансии, Управа за имотно-правни работи – Одделение во Струмица и дека предметот се наоѓа во нивната архива.

Од наведеното, произлегува дека погрешил првостепениот орган со донесување на обжалениот заклучок со кој го отфрлил барањето на барателот поради ненадлежност, бидејќи требало со писмен допис да го извести барателот и барањето да го испрати на надлежен орган, а не да носи нов управен акт.

Оттука, според министерот, произлегувало дека надлежноста за ставање на правосилност ја има органот кој го донел решението за кое е поднесено барање за огласување на решението за правосилно, имајќи го предвид член 22 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на СРМ“ бр.10/1979), врз основа на кој закон е донесено предметното решение.

Во правната поука се наведува дека незадоволната странка има право на тужба до Управен суд во рок од 30 дена од денот на приемот на ова решение.

Од страна на подносителот на барањето не е доставен доказ дека е поднесена тужба до Управниот суд согласно дадената правна поука.

Од наведеното произлегува дека Решението на министерот за транспорт и врски Уп.2.бр.35-533/2014 од 26.05.2015 година, станало конечно, а Заклучокот Уп.бр.21-139 од 23.01.2015 година на градоначалникот на Општина Струмица е поништен и не е во правниот промет. Нов акт на Општина Струмица не е донесен.

4. Според член 110 алинеи 4 и 5 од Уставот, Уставниот суд решава за судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт и за судирот на надлежност меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа.

Согласно член 62 од Деловникот на Уставниот суд, предлог за решавање на судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт и меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судир. Предлог може да поднесе и секој што поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи не може да оствари свое право.

Според член 63 став 2 од Деловникот, субјектите од член 62 на овој деловник, кои поради прифаќање или одбивање на надлежност не можат да остварат свое право, предлогот за решавање на судирот на надлежност може да го поднесат откако и двата органи ќе ја прифатат или ќе ја одбијат надлежноста со конечен или правосилен акт.

Во членот 64 од Деловникот е предвидено дека предлогот за решавање на судир на надлежност содржи предмет на спорот поради кој и настанал судирот, органите меѓу кои настанал судир и означување на конечните односно правосилни акти со кои органите ја прифаќаат или одбиваат надлежноста да одлучува по ист предмет.

Според член 65, пак, од Деловникот со одлука со која решава за судир на надлежност, Уставниот суд го определува надлежниот орган за одлучување по предметот.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби произлегува дека за да постои судир на надлежност било тоа да е позитивен со кој два органи се прогласуваат за надлежни или негативен судир на надлежност кога два органи се прогласуваат за ненадлежни нужно е да постојат два правосилни или конечни акти.

Со оглед на фактот што Заклучокот на градоначалникот на Општина Струмица Уп.бр.21-139 од 23.01.2015 е поништен од страна на министерот за транспорт и врски, а кој заклучок подносителот на барањето го наведува во барањето, Судот оцени дека не се исполнети процесните претпоставки за да може Судот да се впушти во разрешување на прашањето кој орган би бил надлежен да постапува по барањето, односно да одлучи кој орган во конкретниот случај е надлежен да стави клаузула на „правосилност“ на Решението бр.10-2108/1-88 од 24.11.1988 година, донесено од Комитетот за станбено-комунални работи, урбанизам и имотно- правни односи при Собранието на Општина Струмица.

5. Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека во овој случај не постојат процесни претпоставки за одлучување по предлогот за решавање на судир на надлежност во смисла на член 63 од Деловникот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.95/2019
20 октомври 2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска