Решение У.бр.38/2021

У.бр.38/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 20 октомври 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 15 точка 1 алинеи 1, 2 и 3 од Правилникот за систематизација на работни места во ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи-Штип бр.01-754/1 од 25 јуни 2019 година.

2. Сузана Цветкова од Штип, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека се оспорува Правилникот за систематизација на работните места во ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи во Штип, бр.01-754/1 од 25 јуни 2019, односно член 15 точка 1 алинеи 1, 2 и 3 од истиот, со кој се утврдени посебните услови утврдени со Законот за социјална заштита за давателите на услуги во областа на социјалната заштита од категорија А-стручни.

Воедно, подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот правилник бил повреден членот 32 од Уставот и член 197 став 3 од Законот за социјална заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/19).

3. Судот на седница утврди дека Правилникот е донесен врз основа на член 17 став 7 од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014 и 199/2014), член 184 став 1 алинеја 2 од Законот за социјална заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.104/2019) и член 15 став 1 алинеја 2 од Статутот на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Штип, Управниот одбор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Штип, на седницата одржана на 25 јуни 2019 година. Правилникот содржи 22 члена кои се распоредени во главите I.Основни одредби, II.Распоред и опис на работните места на јавните службеници, III. Распоред на работните места на давателите на јавните услуги, IV. Распоред и опис на работните места на помошно-техничките лица, V. Табеларен приказ на работните места во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Штип и VI. Преодни и завршни одредби.

Судот, исто така, утврди дека во Правилникот за систематизација на работните места во ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи во Штип бр.01-754/1 од 25 јуни 2019 година, во членот 15 е утврдено дека: 1. Посебни услови утврдени со Законот за социјална заштита за давателите на услугите во областа од социјалната заштита од категоријата А-стручни се: – Стручни квалификации и работно искуство и тоа: за ниво А2 стекнати 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку три години работно искуство во областа на социјалната заштита, за ниво А4 стекнати 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку три години работно искуство во областа на социјалната заштита, и за ниво А5 стекнати 180 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен, без, или со најмалку една година работно искуство во областа на социјалната заштита. Согласно член 197 став 3 од Законот за социјална заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020 и 311/2020), давателите на услуги од областа на социјалната заштита од категорија А-стручни треба да ги исполнуваат следниве посебни услови: – за ниво А1 стекнати 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку пет години работно искуство, – за ниво А2 со стекнати 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку три години работно искуство, – за нивo А3 стекнати 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку три години работно искуство, – за нивo А4 стекнати 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку две години работно искуство, и – за нивo А5 стекнати најмалку 180 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен, без, или со работно искуство од најмалку една година.

Согласно горенаведеното, оспорениот член 15 од Правилникот за систематизација на работните места во ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи во Штип се утврдува како услов работното искуство да биде од областа на социјалната заштита, истиот не е во согласност со Законот за социјална заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020 и 311/2020), а по укажување од страна на Министерството за труд и социјална политика, ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Штип започнал постапка кон негова измена и усогласување со одредбите од Законот за социјална заштита.

ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи – Штип има доставено Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за систематизација на работни места во ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи-Штип, бр.01-463/2 од 22 април 2021 година, со кој се отстрануваат одредбите кои не се во согласност со Законот за социјална заштита.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на член 15 точка 1 алинеи 1, 2 и 3 од Правилникот за систематизација на работните места во ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи во Штип, бр.01-754/1 од 25 јуни 2019 година.

Со писмо број 04-3327/2 од 28 април 2021 година Министерството за труд и социјална политика – Секторот за човечки ресурси го известува ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи во Штип, дека се дава согласност да се донесе Правилник за измена и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи во Штип, бр.01-754/1 од 22 април 2021 година. На ден 22 април 2021 година Управниот одбор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи во Штип донесе Правилник за измена и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи во Штип со кој член 15 став 1 точка 1 алинеите 1, 2 и 3 се менуваат и дека по алинејата 1 се додава нова алинеја 2 со целосно изменети содржини. Овој правилник стапил во сила наредниот ден од денот на добивањето на согласноста од министерот за труд и социјална политика и писмената согласност од страна на Министерството за информатичко општество и администрација.

Со оглед на тоа што одредбите на член 15 точка 1 алинеи 1, 2 и 3 од оспорениот правилник престанале да важат и не се во правниот поредок, Судот оцени дека врз основа на наведените уставни и деловнички одредби се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.38/2021
20.10.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Добрила Кацарска