Решение У.бр.269/2020

У.бр.269/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 13 октомври 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 48 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 96/2019, 110/2019 и 154/2019).

2. Здружението “Светски Македонски Конгрес” од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата членот 48 од Законот за организација и работа на органите на државната управа не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1, членот 89 со Амандманот ХXIII, членот 92 и членот 94 од Уставот на Република Северна Македонија, согласно што се бара Уставниот суд да ја поништи оспорената одредба и до донесувањето на одлуката да донесе времена мерка за штетните последици.

Co член 48 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа е уредено дека Собранието на Република Македонија именува и разрешува заменик на министерот на соодветното министерство на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија. Во ставот 2 од овој член, заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето. Со ставот 3 од истиот член, заменикот во соработка со министерот врши работи од надлежност на министерот што тој ќе му ги довери.

Во иницијативата се цитира содржината на сите погоре наведени одредби од Уставот, како и содржината на сите членови од оспорениот закон. Во продолжение на иницијативата се наведува дека во ниту една одредба од Уставот не се предвидува именување на заменици на министри, дополнителни заменици на министри, заменици на пратеници, заменици на дополнителни заменици на пратеници, заменик на претседателот на Собранието, заменик на дополнителен заменик на претседателот на Собранието, ниту заменици на потпретседателите на Собранието или дополнителни заменици на потпретседателите на Собранието. Во ниту една одредба од Уставот не било предвидено постоење на заменик на претседателот на Републиката или дополнителен заменик на претседателот на Републиката, и не постоел уставен основ со закон тоа да можело да се воведе во правниот поредок.

Понатаму, во иницијативата е наведено дека по однос на организацијата и функционирањето на Собранието на Република Северна Македонија според уставните овластувања Собранието има обврска со деловник да ја уреди организацијата и функционирањето, односно начинот на работа, што, според наводите во иницијативата, не значело и право да се определат заменици на пратеници или заменици на претседателот на Собранието или заменици на потпретседателите на Собранието или дополнителни заменици на потпретседателите.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот закон неуставно се врши упад во работењето на Владата и Собранието, од причина што на ниту еден пратеник или министер не можело никој друг да ја врши неговата функција, што исто така било спротивно на членот 20 од Законот за Владата на Република Северна Македонија во кој децидно било утврдено дека членови на Владата одлучуваат на седниците. Оттука, со определувањето на заменици во оспорениот закон се вршело директно кршење на уставно утврдените овластувања за работењето, организацијата и функционирањето на овие витални институции, бидејќи освен нив никој друг не можел да биде член на Владата, односно пратеник на Собранието.

Од наведените причини, подносителот смета дека оспорената одредба била во спротивност на наведените уставни одредби поради што предлага истата да се поништи. Истовремено со иницијативата се предлага и донесување на времена мерка согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд.

3. Судот на седница утврди дека сo член 48 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 96/2019, 110/2019 и 154/2019) е уредено именувањето и разрешувањето на заменик на министерот. Заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето (став 2).

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, како темелна вредност на уставниот поредок меѓу другото, е утврдено владеењето на правото.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Co членот 88 од Уставот, Владата на Република Северна Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Според член 89 став 1 од Уставот, се предвидува дека Владата ја сочинуваат претседател и министри, а согласно ставот 6 „организацијата и начинот на работата на Владата се уредува со закон“.

Во Уставот како највисок правен акт се утврдени само начелните рамки за функционирањето на Владата, а организацијата и начинот на работа се уредува со закон.

Co членот 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа се уредуваат организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа. („Службен весник на Република Македонија” бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 96/2019, 110/2019 и 154/2019).

Според член 5 став 1 од истиот закон, органите на државната управа, можат да се основаат како министерства, други органи на државната управа и управни организации.

Во член 47 став 1 од овој закон, се утврдува дека со работата на министерството раководи министер.

Според членот 48 од Законот за организација и работа на органите на државната управа се уредуваат организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа и законодавецот прецизно предвидел можност за именување и разрешување на заменик на министерот и детално уредил кога истиот го заменува министерот. Co Уставот јасно е определена положбата на Владата и се утврдени нејзините права и должности. Владата е носител на извршната власт и своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и закон. Уставот е акт кој не ги исцрпува сите можни ситуации за органите на власта.

Согласно на ова произлегува уставноста на организацијата на Владата, која освен со Уставот, се утврдува и со закон.

Во однос на составот на Владата на Република Северна Македонија (член 89 став 1), Уставот утврдува дека Владата ја сочинуваат претседател и министри. Покрај употребата на терминот „министер“, во Уставот се користи и терминот „член на Владата“. Рамката за институционалната организација на извршната власт е поставена во Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за Владата на Република Северна Македонија. Прашањето од постоење на заменици министри е прашање на организацијата на Владата.

Co Законот за Владата на Република Северна Македонија, се уредуваат правата и должностите на претседателот и членовите на Владата на Република Северна Македонија, при што во членот 16 од Законот е уредено дека претседателот на Владата од редот на министрите определува заменици, дека претседателот на Владата го заменува неговиот заменик и дека претседателот на Владата може да им довери на замениците вршење на одделни работи што произлегуваат од неговите права и должности.

Во Законот за организација и работа на органите на државната управа, поточно со членот 48, кој е прецизен и јасен, со ставот 1 е уредено именувањето и разрешувањето на заменик на министерот. Одредбата од овој член став 2 гласи „Заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето.“

Собранието на Република Северна Македонија има дадено автентично толкување на ставот 2 од членот 48 и истиот треба да се толкува така што под термините „други причини“ и „сите негови овластувања и одговорности во раководењето“ се подразбираат околности во кои заменикот министер, во случаи кога министерот е разрешен или поднел оставка, може да ги презема сите овластувања и одговорности, односно заменикот министер може да поднесува подзаконски прописи и други акти за кои во закон е утврдено овластување за нивно донесување од министерот, како и тоа дека може да врши и други овластувања, права, должности и одговорности кои согласно со закон се во надлежност на министерот.

Во однос на прашањето на организација на Владата на Република Северна Македонија, тргнувајќи од содржината на член 89 став 6 од Уставот, јасно произлегува дека организацијата на Владата се уредува со закон, што значи дека определбата на законодавецот не излегува надвор од уставните рамки, дека Владата ја сочинуваат претседател и министри. Врз тие основи, со одделни одредби од закон се упатува на поблиска детална разработка на организацијата на Владата (министрите и замениците), на одделни поими, термини и правото на вршење на одделни работи.

Оттука, Судот оцени дека одредбата на оспорениот член 48 од Законот за организација и работа на органите на државната управа својата оправданост ја има во тоа што со него законодавецот уредува подобра организација и зголемување на ефикасноста во функционирањето на Владата на Република Северна Македонија, односно на министрите со предвиденоста на постоењето на заменици на министрите. Оспорениот член 48 од овој закон го уредува оперативното работење на Владата и истиот се однесува на разработување на уставните одредби и утврдување на организацијата и начинот на работа на Владата и министрите.

Со оглед на тоа што наведените прашања, кои се од доменот на организацијата и работата на Владата на Република Северна Македонија, се уредени со закон, произлегува и дека уредувањето на прашањето на именување и делокруг на работа на заменикот на министерот во работата на Владата на Република Северна Македонија е законска материја која законодавецот ја пропишал за непречено функционирање на Владата на Република Северна Македонија, а во тие рамки и законското решение од оспорената одредба на Законот.

Имајќи го предвид горенаведеното, Судот оцени дека одредбата на членот 48 од Законот за организација и работа на органите на државната управа е во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и не се повредуваат принципите содржани во член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1, членот 89 со Амандманот XXIII, членот 92 и членот 94 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.269/2020
13.10.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска