Решение У.бр.245/2020

У.бр.245/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 13 октомври 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 4 став 5 во делот: „корисник” и член 8 став 1 точка 1) во делот: „користи” од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” број 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 192/2015, 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 151/2021).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата оспорените делови „корисник” на член 4 став 5 и „користи” на член 8 став 1 точка 1) од Законот за даноците на имот, биле воопштени и генерализирани, што се согледувало и од законската дефиниција на поимот „корисник”, меѓу другото и дека тоа е лице кое користи недвижен имот во сопственост на државата и општината, без прецизирање во Законот, дали станувало збор за корисник според товарно или бестоварно правно дело, што не било во согласност со начелото на владеењето на правото, според кое во правниот промет треба да постојат јасни и прецизни норми.

Со иницијативата се цитираат одредби од Законот за локалната самоуправа, посветени на изворите на приходи на општината и финансирањето на општината и на одредби од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа според кои сопствени извори на приходи се локални даноци, локални такси и локални надоместоци, приходи од сопственост на општината, самопридонес, парични казни, донации и други приходи утврдени со закон, како и дека приходи од сопственост на општината се приходи од право на сопственост на имот, финансиски средства и права, по што подносителот наведува дека Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа пропишувајќи ги изворите на финансирање прецизирал „закупнини” како еден од начините на финансирање на единиците на локалната самоуправа како приход од сопственост, со што определувал дека „закупнината” која ја плаќа закупецот на општината за користење имот кој е во сопственост на општината врз основа на договор за закуп, претставувал товарно правно дело, а тоа не се чинело со оспорените делови на законските одредби.

Според наводите од иницијативата, воопшто не било јасно зошто се воспоставувала даночна обврска за корисникот на недвижниот имот во сопственост на државата и општината, кога сопственикот бил познат (државата и општината) и бил ослободен од плаќање на данок на имот, надоврзувајќи се во оваа смисла на уредувањето во ставот 2 на членот 4 од Законот според кој обврзник на данокот на имот е правно и физичко лице корисник на имотот, во случаи кога сопственикот не е познат или не е достапен.

Со овие наводи, уставно се проблематизираат наведените делови од законските одредби како несогласни со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 33 и 51 од Уставот, со предлог истите да се укинат.

3. Судот на седницата утврди дека според член 4 став 5 од Законот за даноците на имот, обврзник на данокот на имот е и правно и физичко лице – корисник на недвижен имот во сопственост на државата и општината, а со иницијативата се оспорува делот: „корисник”.

Судот, исто така, утврди дека според член 8 став 1 точка 1) од Законот, данок на имот не се плаќа на недвижен имот во државна сопственост кој го користат државните органи, недвижен имот во сопственост на општината кој го користат органите на општината, органите на општините во Градот Скопје и органите на Градот Скопје, освен недвижниот имот кој се користи од страна на физички или правни лица, а со иницијативата се оспорува делот: „користи”.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со членот 33 од Уставот, е уредено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија, е да донесува закони и да дава автентично толкување на законите, а според алинејата 3 на член 68 став 1 од Уставот, во надлежност на Собранието е и да ги утврдува јавните давачки.

Врз основа на уставните надлежности да донесува закони и да ги утврдува видовите на јавните давачки како што се даноците, Собранието го донело Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” број 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 192/2015, 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 151/2021) со кој се уредува начинот на оданочувањето на данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности.

Според членот 3 од Законот, данок на имот се плаќа на недвижен имот, освен за оној имот којшто е ослободен од плаќање на данок според овој закон.

Со член 2 став 1 точка 4) од Законот, е определено значењето на употребениот поим „корисник”, а тоа е лице кое користи недвижен имот на кој сопственикот не е познат или не е достапен или користи недвижен имот во сопственост на државата и општината.

Според членот 4 (даночен обврзник) од Законот, обврзник на данок на имот е:

(1) правно и физичко лице сопственик на имотот;
(2) правно и физичко лице корисник на имотот, во случаи кога сопственикот не е познат или не е достапен;
(3) плодоуживателот на имотот согласно со закон;
(4) ако имотот е во сопственост на повеќе лица, секој од нив е обврзник на данокот на имот сразмерно на сопственичкиот дел и
(5) правно и физичко лице-корисник на недвижен имот вo сопственост на државата и општината.

Со иницијативата предмет на оспорување е член 4 став 5 во делот: „корисник”.

Според член 8 став 1 точка 1) од Законот, данок на имот не се плаќа на недвижен имот во државна сопственост кој го користат државните органи, недвижен имот во сопственост на општината кој го користат органите на општината, органите на општините во Градот Скопје и органите на Градот Скопје, освен недвижниот имот којшто се користи од страна на физички или правни лица.

Со иницијативата предмет на оспорување е делот: „користи” содржан во точката 1) на член 8 став 1 од Законот.

Од погоре цитираните законски одредби произлегува дека данокот на имот се плаќа за недвижен имот од страна на правни и на физички лица што се сопственици или корисници на недвижниот имот, освен за оној имот којшто е ослободен од плаќање на данок според овој закон.

Според наводите од иницијативата оспорениот дел: „корисник” на член 4 став 5 и оспорениот дел: „користи” на член 8 став 1 точка 1) од Законот, не биле согласни со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, поради отсуство на прецизирање и појаснување во Законот, дали станувало збор за товарно или бестоварно користење, што можело да доведе до заблуда во нивната примена.
Според Судот, појаснувањето коешто подносителот смета дека недостасувало (користење со или без товарно правно дело), не е од никакво влијание во поглед на јасноста на оспорените делови како употребени содржини во законските одредби, а и во поглед на јасноста на целината на законските одредби во кои тие се содржани, со што не може да се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во конкретниот случај, а преку оспорување на јасноста и прецизноста на употребените содржини во законските одредби, подносителот всушност го оспорува данокот на имот кога е во прашање корисничко право на недвижен имот во државна и општинска сопственост, со цел Уставниот суд да се впушти во оцена на оправданоста од воведувањето на ваквиот данок на имот, што е надвор од делокругот на надлежностите на Уставниот суд да цени кои и какви видови на јавни давачки треба да бидат воспоставени за намирување на јавните расходи.

Воспоставувањето на јавните давачки (меѓу кои и даноците) за намирување на јавните расходи, е право на законодавецот кое произлегува од Уставот и ова право не е ограничено, ниту во поглед на предметот на оданочување, ниту во поглед на субјектите, при што, во рамките на остварувањето на ова право, обврска на законодавецот е воведувањето, начинот на пресметувањето, олеснувањето и ослободувањето, да го уреди на начин според кој субјектите задолжени со одредена давачка нема да ги доведе во нееднаква положба.

Според тоа, прашањето кои и какви видови на даноци како јавна давачка ќе бидат утврдени со закон, поконкретно, за кој недвижен имот се плаќа данок на имот и кои се даночни обврзници, а за кои недвижности не се плаќа данок на имот, е прашање од доменот на надлежностите на законодавецот, како негово уставно право да донесува закон (член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот) со кој ќе ги утврдува јавните давачки (член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот), како и со закон да го утврдува начинот на оданочувањето ( членот 33 од Уставот).

Во рамки на причините за оспорувањето на деловите од законските одредби, подносителот упатува на Законот за локалната самоуправа и Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, со наводи дека Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа пропишувајќи ги изворите на финансирање прецизирал „закупнини” како еден од начините на финансирање на единиците на локалната самоуправа како приход од сопственост, со што определувал дека „закупнината” која ја плаќа закупецот на општината за користење имот кој е во сопственост на општината врз основа на договор за закуп, претставувал товарно правно дело, а тоа не се чинело со оспорените делови на законските одредби.

Причините за ставањето на Законот за даноците на имот во корелација со наведените закони, не е јасна. Воедно, не е во надлежност на Уставниот суд да одлучува за согласноста на закон со закон, бидејќи станува збор за прописи кои се на ист ранг во хиерархијата на прописи (Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите – член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот).

Во однос на ставањето на оспорените законски делови во корелација со закупнината што се плаќала врз основа на договор за закуп, произлегува дека подносителот ги оспорува деловите од законската одредба во смисла дека не можело да се плаќа данок на имот, кога корисниците плаќале закупнина, со други зборови, законските делови се оспоруваат преку прашањето зошто субјектите да плаќаат данок на имот кога плаќаат закупнина.

И од аспект на вака поставеното прашање, не може уставно да се проблематизираат оспорените законски делови како несогласни со членот 33 од Уставот, имајќи предвид дека данокот е јавна давачка, утврдена со закон, а закупнината не е јавна давачка, туку надомест за користење врз основа на договорни односи помеѓу страните, па оттука, кога се плаќа закупнина за користење на недвижен имот и кога се плаќа данок на имот за недвижен имот, не станува збор за двапати плаќање на иста јавна давачка за иста недвижност. Законодавецот има право да воспоставува данок како јавна давачка кој е должен секој да го плаќа, а право и слободна волја е на субјектите (физички и правни лица) да одлучат дали ќе бидат корисници на недвижен имот во сопственост на државата и општината, а со тоа и да плаќаат данок на имот на недвижност во сопственост на државата и општината.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените делови од законските одредби со одредбите на Уставот на кој се повикува подносителот во иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.245/2020
13 октомври 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска