Решение У.бр.59/2021

У.бр.59/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 29 септември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 163 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија” број 302/2020).

2. ПЗУ Поликлиника Кардиолаб Маџаров од Охрид, ПЗУ Поликлиника МЕДИКА ПЛУС од Скопје, ПЗУ Поликлиника НАТУРА МЕДИКА ординација по општа медицина од Тетово, ПЗУ Ординација по општа медицина др. Драган од Куманово и ПЗУ ЈУГО-ФЕР МЕДИКА од с. Черкези – Куманово, сите преку полномошникот, адвокат Александар Новакоски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, со оспорениот член од Законот, се повредувале член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 7 и 11 и членот 55 од Уставот и одредбите од Законот за заштита од конкуренција, бидејќи со бришењето на содржината од законската одредба, на приватните здравствени установи им се одземале стекнатите права да вршат обука и издаваат уверенија, иако тоа право го имале пред измените на Законот, со што се создавала монополска положба на Црвениот крст на Република Северна Македонија, како единствено надлежен правен субјект да врши обука и издава уверенија.

Неспорно било правото на Собранието да донесува закони, а со тоа и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, но спорно било што донесувањето на предметните измени во Законот, не биле разгледувани на двете матични комисии и од Комисијата за здравство немало извештај, бидејќи не ги разгледувала. Се оставала правна празнина, односно сега постоел поединечен акт од Министерството за здравство со кои правните лица имале право да издаваат такви уверенија и да ја вршат таа дејност во рамките на нивната работа, а со донесувањето на измените се бришело тоа право, но, во преодните и завршни одредби, немало ниту еден збор, за тоа, што станувало со веќе започнатите постапки. Правните субјекти кои пред измените на Законот, имале право да вршат обука и издаваат уверенија врз основа на издадени решенија од Министерството за здравство, имале вработен кадар за таа цел, кој останувал без работа, со што со оспорениот член од Законот се вршела повреда и на правото на сопственост, односно правото на плата, како нивно легитимно имотно очекување, врз кое вработениот граѓанин полагал право на сопственост, гарантирано со меѓународни акти.

Од изнесените причини, со иницијативата се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, но и на законитоста на оспорениот член од Законот, истиот да го поништи, а до донесувањето на конечната одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на оспорениот член од Законот, поради можност од настанување на тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 163 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија” број 302/2020), уредува дека: „Во член 281 во ставот (6) зборовите: „или здравствена установа овластена од Министерството за здравство,” се бришат.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Предмет на оспорување со иницијативата е член 163 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија” број 302/2020), со следната содржина: „Во член 281 во ставот (6) зборовите: „или здравствена установа овластена од Министерството за здравство,“ се бришат, а со иницијативата се бара оцена на неговата уставност, но и законитост.

Од содржината на оспорената законска одредба произлегува дека во конкретниот случај, станува збор за норма којашто констатира престанок на важење на уредување кое во минатото било во содржината на одредбата.

Во конкретниот случај, со иницијативата се оспорува отстранувањето од правниот поредок на содржината во член 281 став 6 од Законот, како неуставно, со барање Судот да ја поништи оспорената одредба од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија” број 302/2020), како, повторно би се вратила во важност избришаната содржина, односно претходното законско решение во член 281 став 6 од Законот.

Меѓутоа, прашањето кои и какви законски решенија ќе бидат предмет на уредување со закон, е во надлежност на законодавниот дом, кој ги креира законите, ги менува и дополнува, како и отстранува од правниот поредок со нивно бришење.

Воедно, не може да се бара оцена на законитост на законска одредба, а како што е поставено со иницијативата, туку само оцена на негова уставност, бидејќи во хиерархијата на правните акти, Уставот е највисок правен акт и сите останати правни акти, мораат да бидат во согласност со Уставот, а како што уредува член 51 став 1 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

5. Имајќи предвид дека согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да врши законодавна функција и да нормира прописи, со враќање во сила на оние одредби кои повеќе не се во правниот поредок, ниту пак, има процесни претпоставки да постапува по иницијативата, односно да ја цени уставната основаност на бришаната одредба и од друга страна уставната основаност на одредбата со која таа била бришана од Законот, како и оправданоста на овие законски решенија, Судот оцени дека во конкретниот случај, се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.59/2021
29 септември 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска