Решение У.бр.40/2021

У.бр.40/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 29 септември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 8 став 2 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 56/1999 и 43/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 21/2021).

2. Гордана Богоевска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, член 8 став 2 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 56/1999 и 43/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 21/2021), предвидувал дека: „Денот на излегување на „Службен весник на Република Македонија” е датумот означен на „Службен весник на Република Македонија”.

Во продолжение на иницијативата, се цитираат одредби од Уставот, а подносителката изнесува и наводи зошто смета дека оспорениот член 8 став 2 од Законот, бил неуставен, поради што се бара негово укинување.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 8 став 2 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 56/1999 и 43/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 21/2021), е со следната содржина:

“(2) Актите кои се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“ се лекторираат согласно со закон.“.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува ставот 2 на членот 8 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 56/1999 и 43/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 21/2021), а како посочена содржина за која се бара оцена на нејзината уставност, е наведена содржината: „Денот на излегување на „Службен весник на Република Македонија” е датумот означен на „Службен весник на Република Македонија”.

Од увидот во Законот со наведените службени весници, Судот констатира дека ставот 2 на членот 8 од Законот, ја има следната содржина:

“(2) Актите кои се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“ се лекторираат согласно со закон.“.

Според ова, предмет на оспорување со иницијативата е содржина којашто всушност ја нема во ставот 2 на членот 8 од Законот со наведените службени весници.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот констатира процесна пречка за постапување по иницијативата, што е причина за отфрлање на истата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.40/2021
29 септември 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска