Решение У.бр.50/2021

У.бр.50/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македо­нија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Репу­б­лика Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 22.09.2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

l. СЕ ОТФРЛА барањето на Олгица Трајковска од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на заштита од дискриминација по основ на национална припадност.

2. Олгица Трајковска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија коишто се однесуваат на забрана на дискрими­нација по основ на национална припадност, за кои се смета дека се повредени со образецот бр.1 на барањето за издавање на лична карта издаден од Министерството за внатрешни работи.

Според наводите во барањето, образе­цот број 1 на барањето за издавање на лична карта (на македонски јазик) во однос на образецот број 2 (двојазичен – на македонски и албански јазик), исто така од барањето за издавање на лична карта издаден од Мини­стерството за внатрешни работи бил спротивен на член 8 став 1 алинеи 1, 2 и 3, членот 9, членот 50, членот 51, членот 54 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 2 од Уставниот закон за спроведување на амандманите 33, 34, 35 и 36 од Уставот, членот 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација и членот 3 од Правилникот за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на лична карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за изда­де­ните лични карти („Службен весник на Република Македонија“ бр.116/2007).

Исто така, наведениот образец, според подносителот на бара­њето, бил спротивен и на основните меѓународни правни акти коишто се ратифи­кувани во согласност со Уставот и биле дел од правниот поредок со кои се утврдувало правото на самоопределување и самоидентификација (ius cogens), особено со Основната декларација за човекови права и Повелбата на ООН.

Воедно, оспорениот образец бил спротивен на правото на слободното декларирање на националната припадност на подно­си­телката на барањето, како и на сите други граѓани, особено Македонци, а и други кои го користеле македонскиот јазик, што оневозможувало и се одразувало на нереално евидентирање на податоците на издадените лични документи од страна на државен орган (МВР).

Според подносителот на барањето, основата на „таквиот намерен пропуст“ во образецот бр. 1 била во тоа што поимот „македонско“ што се однесувал на „национална припадност“ на Македонците, против­уставно, со Уставниот закон за спроведување на амандманите 33 – 36, се трансформирало во „државјанство“. Со тоа, таа како Македонка била дискриминирана бидејќи ѝ се оневозможу­вало изразувањето на нејзината македонска национална припадност туку само како државјанка.

Во образложението на поднесеното барање се наведува дека со официјалните обрасци на барањата за добивање лични документи на МВР се вршела дискриминација на граѓаните, а оттука и на неа, како граѓанин – Македонка по основ на национална припадност. Имено, како Македонка која го користела македонскиот јазик, како офици­јален јазик во државата, ѝ било ускратено уставно гарантираното право на слободно изразување на националната припадност во офици­јалните oбрасци/ форму­лари на државен орган (МВР), за разлика од граѓаните кои биле со албанска национална припадност и на кои тоа право, во истите обрасци, за истите лични документи, им било обезбедено, спротивно на Уставот, законите и на наведениот правилник.

Според подносителката, отсуството на графата за „национална припадност“ во образецот/формуларот бр.1, било спро­тивно на членот 3 од Правилникот за образецот на барањето за издавање на лична карта итн. (погоре цитиран). Обрасците за добивање лични документи (лична карта) на МВР, според податоците за пополнување, биле од два различни вида: едниот имал, а другиот немал графа за национална припадност. Имено, во обрасците на македонски јазик, првен­ствено за граѓаните со македонска национална припадност – Македонци, и други, немало графа за национална припадност. Во обрасците коишто биле и на албански јазик (двојазични), односно за граѓаните од албанска национална припадност била содржана графа за национална припадност.

На крајот од барањето се наведува дека заштитата се барала заради: обезбедување на уставно гарантираното право на граѓаните на еднаквост, самоопределување, слободно изразување на својата национал­на припадност, забрана од дискриминација по различни основи, меѓу кои и по основа на национална припадност, усогласеност на пониските акти со повисоките, а пред сѐ со Уставот, владеење на правото, како и нејзиното право да придонесува кон унапредување и заштита на уставно гаранти­раните права.

Во барањето се наведуваат и цитираат член 8 став 1 алинеи 1, 2 и 3, членот 9, членот 50, членот 51 и членот 54 од Уставот, членот 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, членот 2 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Северна Македонија.

Со оглед на тоа што од извршувањето на оспорените поединечни акти или дејствија можеле да настанат неостранливи или тешко отстранливи последици, му предлага на Уставниот суд поништу­вање на образецот/формуларот на барањето за издавање лична карта (образец бр.1) од Министерстото за внатрешни работи и предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на образецот/формуларот на барање за издавање лична карта (образец бр.1) од Министерството за внатрешни работи до донесување на конечна одлука.

3. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Репуб­лика Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискри­минација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според членот 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повре­дено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставу­вањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејстви­јата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во наводите на барањето како конечен или правосилен акт со кој била сторена повредата се наведува образецот бр.1 од барањето за издавање на лична карта издаден од МВР, кој бил на македонски јазик и истиот бил спротивен на членот 3 од Правилникот за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на лична карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти по пат на задолжителните обрасци и бил спротивен на Уставот, бидејќи во образецот бр.1 отсуствувала графата „национална припадност“, за разлика од образецот бр.2, исто така од барањето за издавање на лична карта, кој е двојазичен, односно на македонски и албански јазик, во кој била содржана графата за национална припадност.

Во конкретниот случај, подносителката на барањето наведува дека со преземеното дејствие од страна на Министерството за внатрешни работи преку спроведување на горенаведениот правилник по пат на задолжителните обрасци, се вршела дискриминација по национална при­падност на сите граѓани, а оттаму и на подносителката на барањето како Македонка.

На ваков начин, на подносителката на барањето како Маке­донка, која поднела барање за издавање на лична карта ѝ било ускратено уставно загарантираното право на слободно изразување на национална припадност во официјалните обрасци на Министерството за внатрешни работи, за разлика од граѓаните кои биле од албанска национална припадност на кои им било обезбедено тоа право во истите обрасци за истите лични документи.

4. Уставниот суд во постапката за заштита на слободите и правата согласно членот 51 од Деловникот на Судот дава заштита само по однос на лично повредени слободи и права (на подносителот на барањето) со поединечен акт или дејство, но не и на акти што се однесуваат на неогра­ничен и неопределен круг на субјекти, како што е во конкретниот случај. Имено, наведените обрасци за издавање на лична карта се користат и се однесуваат на сите граѓани, а не само на подносителката на барањето, односно на подносителката не ѝ бил даден да пополни посебен образец различен од сите други обрасци што се однесуваат на сите граѓани. Поради тоа, самиот образец не претставува конечен или правосилен поединечен акт или дејствие со кое се одлучува за конкретно лично право на подноси­телката, туку образецот е акт во кој само се наведуваат личните податоци коишто треба да ги содржи личната карта. Ова и од причина што доколку постои повреда на правата на неограничен круг на субјекти е прашање коешто се разгледува во друг вид на уставно-судска постапка, а тоа е постапката за оценување на уставност, односно уставност и законитост.

Според тоа, Уставниот суд во ваков вид постапка (заштита на слободите и правата) може да даде заштита само на лично повредени слободи и права со поединечен конечен или правосилен акт или со поединечно дејствие како лично право на поединец, но не и да даде заштита на некаква појава на општа и сеопфатна дискриминација. Имено во конкретниот случај со обрасците за издавање на лична карта на лицата од македонска националност, според наводите во барањето, се вршела дискриминација затоа што немале можност да ја наведат националната припадност, за разлика од граѓаните со албанска националност кои имале такво право.

Поради тоа во конкретниот случај, актот и дејствието на кои се повикува подносителката на барањето – обрасците за издавање на лична карта издадени од МВР, коишто имаат дејство erga omnes, односно општо дејство и се однесуваат за сите граѓани на Република Северна Македонија, не може да имаат третман на поединечен акт или дејство со кои се врши повреда на поединечните права или слободи на подносителката на барањето, како поединец.

Според Судот, оспорениот образец не се однесува само на подносителката на барањето и не претставува поединечен акт во смисла на членот 51 од Деловникот и истиот не може да претставува акт или дејство со кој се врши повреда на некое право или слобода во смисла на членот 51 од Деловникот на Уставниот суд, односно дека со истиот се врши дискрими­нација само на подносителката на барањето по основ на национална припадност.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во кон­крет­ниот случај не се исполнети процесните претпоставки од членот 51 од Деловникот на Уставниот суд за впуштање во мериторно постапу­вање и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.50/2021
22.09.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска