Решение У.бр.25/2020

У.бр.25/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 22 септември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 96 став 4 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006, 69/2006, 150/2010, 100/2011, 20/2015, 61/2015, 197/2017, 83/2018).

2. Снежана Геровска – Попчевска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата, означена во точката 1 од Решението.

Подносителот, во иницијативата наведува дека со оспорениот член 16 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Судски совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2018), со кој се додал нов став 4 во членот 96 од Законот за Судски совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006; 69/2006, 150/2010, 100/2011, 20/2015, 61/2015, 197/2017 и 83/2018), истиот не бил во согласност со членот 51 од Уставот и со член 97 став 11 од Законот за Судски совет.

Во иницијативата се наведува дека согласно членот 15 од Уставот на Република Северна Македонија, се гарантирало правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршеле јавни овластувања. Тоа право значело, гарантирано право на граѓаните одлуките коишто ги носеле судовите или другите органи донесени во прв степен да биле проверени од страна на повисок второстепен орган или суд, што претставувало можност повторно да се испитува законитоста на донесената одлука на првостепениот орган.

Според подносителот, во членот 97 од Законот за Судски совет (пречистен текст), била предвидена постапка којашто се водела по повод конечна пресуда на ЕСЧП во Стразбур, каде што во ставот 11 било предвидено дека, против одлуката донесена во повторна постапка, незадоволната страна имала право на жалба до Советот за жалби во рок од 15 дена од приемот на одлуката. Тоа би значело дека законодавецот, раководејќи се од принципот на двостепеност утврден во Уставот, предвидел двостепеност на постапката, односно утврдил право на жалба на странката/судијата кој сметал дека неговото право било повредено во постапката.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека во повторната постапка пред Судскиот совет, постапувајќи по повод конечната пресуда на ЕСЧП ВО Стразбур бр.48783/07 од 07.01.2015 година, Советот донел Решение бр.10-42/3 од 18.02.2020 година со кое се утврдувало несовесно и нестручно вршење на судиската функција, против коешто судијата нема право на жалба, повикувајќи се на оспорениот член 96 став 4 од Законот за Судскиот совет, коешто значело дека решението било конечно и против истото не била дозволена жалба.

Подносителот на иницијативата смета дека примената на одредбата од член 96 став 4 била во спротивност со членот 51 од Уставот и со член 97 став 11 од Законот за Судскиот совет и создавала конфузија и ги лишувала граѓаните од загарантираното право на жалба.

Поради сето погоре наведено, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од член 96 став 4 од Законот за Судскиот совет Република Македонија, и истата да се поништи.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 96 став 4 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006, 69/2006, 150/2010, 100/2011, 20/2015, 61/2015, 197/2017, 83/2018), е со следната содржина:

„Советот во повторената постапка донесува конечна одлука, ценејќи ги напатствијата на Советот за жалба“.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај, со Решение У.бр.137/2019 од 25.03.2021 година Судот меѓу другото ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 96 став 4 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006, 150/2010, 100/2011, 20/2015, 61/2015,197/2017 и 83/2018).

Имено, Судот, утврди дека оспорената одредба, престанала да важи со денот на влегувањето во сила на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019) на 30 мај 2019 година согласно членовите 108 и 109, како и дека оспорената законска одредба престанала да има значење на општо задолжително законско правило, но останала да се применува по наведената дата само во однос на започнатите и незавршени постапки за разрешување на судии или претседатели на судови согласно член 107 став 2 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на член 96 став 4 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006, 69/2006, 150/2010, 100/2011, 20/2015, 61/2015, 197/2017, 83/2018).

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.25/2020
22.09.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска