Соопштение

Работна средба на претседателката на Уставниот суд, г-ѓа Добрила Кацарска со министерот за правда, г. Бојан Маричиќ

Претседателката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, г-ѓа Добрила Кацарска, денес оствари работна средба со министерот за правда г. Бојан Маричиќ.

На средбата, стана збор за решавањето поголем број на прашања поврзани со функционирањето и работата на Уставниот суд.

Во таа смисла, се разменија мислења за начините за обезбедување целосна функционална независност и самостојност на Судот, унапредување на сегашниот систем на уставно-судска заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, овозможување буџетска и административна самостојност и унапредување на статусот на уставните судии по примерот на повеќето споредбени решенија во регионот и Европската унија.

Министерот за правда, Маричиќ, беше запознаен со просторните услови во кои работат судиите и Службата и одредени проблеми во врска со ова, а со кои Судот секојдневно се соочува.

Беше заеднички констатирано дека Уставниот суд како врвна институција на Републиката која има задача да ја штити уставноста и законитоста, но и слободите и правата, мора да има приоритет во решавањето на сите овие предизвици.

Притоа, од страна на претседателката Кацарска, беа презентирани и можни решенија за сите прашања за кои беше разговарано, кои од страна на министерот Маричиќ беа поздравени и беше изразена подготвеност да се започнат одредени активности во насока на надминување на сите постојни пречки во работата на Судот.