Решение У.бр.14/2021

У.бр.14/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 2 септември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 19/2021 и 74/2021), во целина.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот во делот со кој се бара оцена на меѓусебната согласност на Законот од точка 1 на ова решение со други закони и оцена на согласноста на Законот со меѓународни акти.

3. ЛЕВИЦА – Политичка партија до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, целина.

Образложението на иницијативата е поделено во четири точки.

Точката 1 носи наслов: Спроведување попис сред пандемија е кривично дело – бидејќи оваа масовна операција го загрозува јавното здравје!

Во образложението се наведува дека заради непридржување кон прописите и наредбите за време на епидемија позитивното право предвидувало кривична одговорност во Кривичниот законик (1996) – за сериозно кривично дело Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, казниво по член 206 став 1 од КЗ – стипулирано во глава XXI Кривични дела против здравјето на луѓето: „Тој што за време на епидемија на некоја заразна болест, не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување – ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“!

Со побиваниот изнасилен закон, донесен силеџиски и од каприц на парламентарното мнозинство, граѓаните се ставале во неблагодарна, шизофрена и правно недопустлива ситуација, преку кршење на прописите и наредбите на здравствените власти, кои биле на сила, кривично да одговараат за своите постапки, ако не се грижат за заштита на сопственото здравје! Со тоа се кршел член 39 став 2 од Уставот и на сите инволвирани во процесот на спроведување на пописот во домовите им се скратувало правото и им се оневозможувало bona fide извршување на својата граѓанска должност која ја имале по сила на Устав – да го чуваат и унапредуваат како сопственото, така и здравјето на другите! Значи, побиваниот пропис апсолутно го нарушувал системот на нормативна хиерархија и овозможувал заобиколување на предвидените уставни и законски норми, а со тоа бил спротивен на членот 51 од Уставот.

На тој начин, непотребно и длабоко се подривала конзистентноста на уставниот поредок и согласноста на законите со Уставот, како и усогласеноста на нормативните текстови на законите, кои требало да градат непротивречен правен систем во една функционална правна држава. Ваквата законска регулатива била нејасна, неприменлива во пракса и создавала неодржлива меѓусебна колизија на законските норми со други прописи од ист и различен ранг, чија примена имала приоритет во време на криза. Оттука, оваа конструкција на оспорениот закон го рушела концептот на нашиот уставен поредок гарантиран во член 8 од Уставот. Ова дотолку повеќе што, од досегашните одлуки и решенија на Уставниот суд, токму правната сигурност на граѓаните била дел од фундаменталното начело на владеењето на правото, односно составен и нераскинлив дел кој бил инкорпориран во овој авторитативен јавноправен стандард! Според едно постоечко начелно правно мислење на Уставниот суд, токму „владеењето на правото подразбира доследна примена на законските прописи кои треба да се општи, точно одредени и недвосмислено формулирани правила“ (Решение на Уставниот суд У. Бр. 77/11), а не непрецизни, диспропорционални, малициозни или преекстензивни одредби со коишто се саботирал и се девастирал државниот систем за кризен менаџмент.

Втората точка носи наслов: Законот за попис е во директен судир со три специјални закони кои задолжително се применуваат во услови на здравствена криза – со што ја загрозува правната сигурност на граѓаните и го подрива владеењето на правото.

а) Според подносителот на иницијативата, во услови на криза, задолжително, безрезервно и императивно се применувал посебниот Закон за управување со кризи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 29/2005, 36/2011, 41/2014, 104/2015, 39/2016 и 83/2018) во кој било предвидено дека „системот за управување со кризи се организира и остварува заради превенција, рано предупредување и справување со кризи кои претставуваат ризик за добрата, здравјето и животот на луѓето предизвикани со природни непогоди и епидемии кои директно го загрозуваат уставниот поредок и безбедноста на РМ или дел од неа, а за кои не постојат услови за прогласување на воена или вонредна состојба“ (член 1). Во услови на прогласена кризна состојба заради опасност по здравјето на луѓето од големи размери, се донел оспорениот Закон за попис, кој пак предвидувал масовно присуство на попишувачите на терен (кои биле околу 6000-8000 луѓе), директно во становите и куќите на граѓаните? Со таквата активност предвидена со оспорениот закон се ставала во опасност не само ефикасноста на целокупниот систем за управување со кризи, воспоставен и веќе активиран со прогласената кризна состојба, туку и здравјето на луѓето! Следствено на тоа, свесно, злонамерно, сосем непотребно и со (пред)умисла се доведувало во опасност здравјето и на попишувачот и на граѓанинот во чијшто дом во моментот се спроведува пописот.

Оспорениот закон бил во целосна спротивност со мерките и препораките на здравствените власти за држење социјална дистанца, а кои произлегувале од новонастанатата прогласена пандемија од коронавирусот Ковид – 19 на планетарно ниво, од страна на Светската здравствена организација. Владата на Република Северна Македонија на 20 ноември 2020 година, донела Одлука бр. 44-11138/1 за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 277/2020). Таа кризна состојба се уште била во сила, бидејќи Собранието на Република Северна Македонија, на пленарната седница одржана на 16 декември 2020 година, истата ја пролонгирало со нова Одлука бр. 08-4521/1 за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од СЗО од заразната болест COVID -19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.299/2020) и истата ќе трае најмалку до 30 јуни 2021 година!!! Врз основа на оваа собраниска одлука, Центарот за управување со кризи (ЦУК) имал донесено и Акциски план за координирани мерки и активности на субјектите на Системот за управување со кризи (СУК), додека Главниот штаб (ГШ) за управување со кризи, како оперативно стручно тело кое е во постојано заседавање, ги координира активностите за превенција и справување со здравствената криза, на дневна основа. Исто така, тука биле вклучени и Управувачкиот комитет (УК) за координација со СУК, како и Групата за процена и 8-те подрачни единици за регионална координација и оперативни активности.

Според главата I од цитираниот Закон за управување со кризи, под ризици и опасности се подразбирале и „епидемии на карантински и други заразни заболувања кај луѓето и животните“ (член 3 став 1 алинеја 2); „криза“ била појава со која се загрозени основните вредности, трајните и виталните интереси и цели на државата, односно се загрозени уставниот поредок и безбедноста на Републиката (член 3 став 1 алинеја 4); „Кризна состојба” била состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на Републиката, за чија превенција и/или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси (член 3 став 1 алинеја 5), а „Превенција” била збир на планирани, организирани и институционално водени акттивности насочени кон намалување или целосно избегнување на неповолните влијанија од ризиците и опасностите и со нив поврзаните несреќи, катастрофи, кризи и кризни состојби (член 3 став 1 алинеја 6). Оттука, се гледало дека духот и словото на овој важен закон биле да ја сузбие, а не да ја разгори кризната состојба, со појава на евентуални можни кластери, како извор и жаришта на заразата од коронавирусот, кој на територијата на Република Северна Македонија се јавувал во над 20 потврдени мутации!

б) Друг суштински битен закон на кој му контрирал оспорениот закон за попис, бил Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ брoj 66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/14, 150/15 и 37/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 257/2020), како lex specialis, со кој детално се уредувале мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел на заштита на населението од заразни болести (член 1). Според овој закон, “заразна болест“ била заболување предизвикано од биолошки агенс (бактерии, вируси, паразити, габи) или нивни токсини кое може на директен или индиректен начин да се пренесе на луѓето (член 2 став 1 алинеја 1); “епидемија“ била пораст на заболувања од одредена заразна болест кој по време и место го надминува вообичаениот број на случаи во претходниот период, како и невообичаено зголемување на бројот на заболените со компликации или смртен исход, појава на две или повеќе меѓусебно поврзани заболувања од заразна болест која никогаш или повеќе години не се појавила на едно подрачје или појава на поголем број заболувања од непознат причинител што ги следи фебрилна состојба (член 2 став 1 алинеја 4); „заразено подрачје“ е подрачје каде постојат еден или повеќе извори на зараза и во кое постојат услови за ширење на заразата (член 2 став 1 алинеја 11), а „загрозено подрачје“ било подрачје каде може да се пренесе заразна болест од заразено подрачје и каде постојат услови за ширење (член 2 став 1 алинеја 12).

Дополнително, според одредбите на овој закон, органите на државната управа, органите на општините и Градот Скопје, здравствените установи и другите правни и физички лица – како што впрочем бил и Државниот завод за статистика, биле должни, во рамките на своите надлежности и права и обврски, да соработуваат и да разменуваат информации за спроведувањето на мерките за спречување на појавата, раното откривање, спречување на ширењето и сузбивањето на заразните болести и на инфекциите пропишани со овој закон (член 3). Дополнително. Законот експлицитно пропишувал дека секој има право на заштита од заразни болести и обврска да се заштити себеси и другите од заразување (член 4); како и тоа дека заштитата од заразни болести се остварувала преку планирање, организирање, постојано следење на епидемиолошката состојба и спроведување на мерките пропишани со овој закон, како и на надзор и контрола над спроведените мерки (член 5) и конечно, дека спроведувањето на мерките за заштита од заразните болести имаат приоритет во однос на спроведувањето на другите мерки за здравствена заштита, како и во однос на обезбедувањето на материјални и други средства (член 6), а времените мерки за спречување и сузбивање на COVID-19 траат се додека постои опасност од ширење на епидемијата (член 28 став 7) – под инспекциски надзор на надлежниот Државен санитарен и здравствен инспекторат!

в) Конечно, трет специјален закон кој морало да се спомене бил Законот за заштита и спасување („Службен весник на Република Македонија“ број 36/2004, 49/2004, 86/2008, 124/10, 18/11, 41/14, 129/15, 71/16 и 106/16 и 83/2018), кој дефинирал дека заштитата и спасувањето е работа од јавен интерес за Републиката (член 4 став 1); а ,,Епидемии, епизоотии и епифитотии” биле заразни болести кои доведуваат до интензивни и масовни појави на одредени заболувања кај луѓето, животните и растенијата (член 2 став 1 алинеја 3); „Процена на загрозеност” е квалитативна и квантитативна анализа на податоците за рано превентирање, можни ризици и опасности за настанување на природни непогоди и други несреќи, со предвидување на можни последици од истите, предложен степен на заштита од опасностите и предлог за превентивни и други мерки за заштита и спасување (член 2 став 1 алинеја 22). Заштитата и спасувањето претставува, поврзан процес за планирање, програмирање, организирање, раководење, командување, координирање, спроведување, финансирање и надзор за навремена и ефикасна превенција како и подготвување, дејствување и отстранување на причините и последиците од природни непогоди и други несреќи (член 3 став 2). Заштитата и спасувањето во Републиката ги организираат и спроведуваат државните органи, органите на државната управа, органите на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, јавните установи и служби, трговски друштва, здруженија на граѓани, граѓаните и силите за заштита и спасување, на начин уреден со овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон, како и со нормативите, стандардите и правилата на техничката практика (член 4 став 2). Самозаштита претставува форма на активност на граѓаните за спречување на настанувањето или за ублажување на последиците од природните непогоди, и други несреќи кои можат да влијаат на нивното здравје и живот (член 117).

Заштитата и спасувањето во Републиката се засновувале на следните основни начела: 1) секој има право на заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи; 2) во заштитата и спасувањето од природни непогоди и други несреќи приоритет имаат животот и здравјето на луѓето; 3) при настанување на природни непогоди и други несреќи секој е должен да помага во рамките на своите можности; 4) Републиката, општините и градот Скопје, јавните претпријатија, установи и служби и трговските друштва се должни, навремено да ги организираат и преземаат превентивните и оперативните мерки за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи; 5) секое физичко и правно лице, во согласност со закон, одговара за неспроведување на предвидените мерки за заштита и спасување; 6) при ангажирање на силите за заштита и спасување се употребува моделот на постапност, при што најпрвин реагираат силите на сопственикот, потоа општините и градот Скопје, Републиката и меѓународната заедница и 7) податоците за опасностите и преземените активности за заштита и спасување, од страна на надлежните органи и служби се јавни и мора транспарентно да се објават (член 6).

Третата точка носи наслов: Законот за попис е во судир со задолжителните норми на меѓународното право и воспоставените интернационални стандарди на кои се повикува.

Компаративно и споредбено-правно гледано, повеќе земји во меѓународната заедница, т.е.од нашето соседство, регионот и светот, веќе прогласиле планско и привремено одлагање на спроведување на пописите во своите земји, од половина година до година дена – како на пример: Србија, Бугарија, Романија, Германија, Ирска, Шкотска и др. Како главна причина за тоа, националните власти ја наведувале токму сулудоста, практичната невозможност и преголемата опасност од спроведување на една ваква сложена статистичка операција во неповолни, непредвидливи и неконтролабилни услови на пандемија и во ек на т.н. Трет бран од ширењето на заразата од овој опасен вирус, кој коси на светско ниво.

Дополнително, ЕУ регулативата која била наведена како алиби за „шверцување“ на законот во скратена собраниска процедура под европско знаменце, дрско и лажно ги наведувала следниве прописи како извори на кои, наводно, се темелел овој закон:

1. Регулатива (Е3) број 763/2008 на Европскиот парламент и на Советот од 09.07.2008 година за пописот на населението и домувањето CELEX број 32008R0763,
2. Спроведувачка регулатива на комисијата (ЕУ) 2017/543 од 22 март 2017 година за утврдување на правилата за примена на Регулативата (ЕЗ) 763/2008 на Европскиот парламент и на Советот за попис на населението и домувањето во однос на техничките спецификации за карактеристиките и нивната дискриминација (текст од значење за ЕИП) CELEX број 32017R0543,
3. Регулатива на комисијата (ЕУ) 712/2017 од 20.04.2017 година за воспоставување на референтна година и усвојување на програма за статистички податоци и метаподатоци за пописот на населението и становите предвидени во Регулативата брoj 763/2008 на Европскиот парламент и на Советот, CELEX број 32017R0712,
4. Регулатива бр.881/2017 од 23.05.2017 година за спроведување на Регулативата (ЕЗ) 763/2008 на Европскиот парламент и на Советот за попис на населението и домувањето во однос на методите и структурата на квалитетот и техничкиот формат за пренос на податоци и за изменување на Регулативата (ЕУ) бр. 1151/2010 , CELEX број 32017R0881 и
5. Препораките на ОН/Евростат за спроведување на пописите на населението и домувањето, околу 2020 год.

Според подносителот на иницијативата, дури и при еден лаички преглед на одредбите од цитираните акти во образложението на Предлог-законот и во воведната фуснота под Законот, се забележувало дека истите не биле целосно имплементирани и суштински отстапувале од препораките и стандардите на ЕУРОСТАТ и на Обединетите нации, поточно од Меѓународните препораки за пописите на населението и домувањето околу 2020 година, заеднички подготвени од страна на Економската комисија на Европа на ООН и Статистичката институција на ЕУ! На пример: немало никакви законски дефиниции за поимно определување на поимите употребени во Законот; не се користела воедначена терминологија усогласена со меѓународните пописни стандарди; немало утврдено релевантна научна методологија која се применувала во сите земји членки на ЕУ, како дел од нормативниот законски текст; не биле наброени документите кои треба да се покажат при земањето лични податоци, како задолжителни јавни исправи; не била дадена формата и содржината на образецот на пописниот прашалник кој треба да се пополни; не се правела дистинкција помеѓу „вкупно население“ и „вкупно попишано население“, т.е. меѓу резиденти и нерезиденти итн.

Точката 4 носи наслов: Законот за попис ја повредува приватноста на граѓаните во очигледен несразмер со поставените статистички цели, заради штимање на резултатите и фабрикување на реалноста.

Оспорениот закон, во член 35 став 3, предвидувал можност присутното полнолетно лице да даде податоци за отсутниот член на домаќинството!? Таквата прешироко формулирана т.н. бланкетна норма, не само што оставала преширок маневарски простор за интервенција и манипулација на собраните (мета)податоци, туку била и спротивна и на членот 8 од Европската конвенција за човекови права, каде се утврдувало дека секој го ужива правото на почитување на приватниот и семејниот живот, домот и кореспонденцијата. Според јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права (Стразбур), ова право на приватност се протегало и на личните податоци на граѓанинот! Правото на заштита на личните податоци било сегмент на круцијалното право на приватност, предвидено исто така во цитираниот член 8, што му овозможувало на едно лице да ги задржи за себе сите свои персонални податоци и истовремено ги исклучувало другите лица од запознавање со таквите сензитивни информации кои не сакало да ги открие – без оглед дали тие „блиски лица“ биле негови роднини, пријатели, другари, интимни партнери, деловни субјекти, колеги и сл. Во согласност со овој член од Конвенцијата, предвиден бил и членот 18 од нашиот Устав.

Поради напред наведеното, подносителот на иницијативата смета дека овој антиконституционален закон, кој целосно ја игнорирал веќе прогласената кризна состојба во која моменталоно се наоѓаме, бил инкомпатибилен со нашиот уставен поредок, при што требало што побрзо да биде касиран и веќе да не постои во нашиот правен систем, како еклатантно противуставен и без компаративен преседан. Се предлага Уставниот суд да го поништи или да го укине Законот во целина.

Исто така, се предлага Уставниот суд да изрече времена мерка, по членот 27 од Деловникот на Уставниот суд – привремено решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот закон, поради тоа што со спроведувањето во пракса на побиваниот акт, односно негово ефективно извршување оваа пролет, би можеле да настанат тешко отстранливи и штетни последици по јавното здравје и по расходната страна на републичкиот буџет, како и опасни правни последици по правната сигурност на граѓаните.

4. Судот на седниците одржани на 11 мај 2021 година и на 2 септември 2021 година, како и на подготвителната седница одржана на 8 јули 2021 година, утврди дека Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година има 55 члена, поделени во XIV глави, и тоа:

I. Општи одредби
II. Единици кои ќе се опфатат со пописот
III. Пописни реони
IV. Надлежни органи за организација и спроведување на пописот
V. Учество на министерствата, другите органи на државната управа и други институции
VI. Стручни тела и други учесници во спроведување на пописот
VII. Употреба на јазиците во пописот
VIII. Начин на спроведување на пописот и ангажирање на учесниците
IX. Користење, чување и заштита на податоците од пописот
X. Обработка и објавување на податоците од пописот
XI. Информирање на населението за целите и значењето на пописот и мониторинг активностите
XII. Финансирање на пописот
XIII. Казнени и прекршочни одредби
XIV. Преодни и завршни одредби

5. Според член 8 став 1 алинеjа 3 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со членот 18 од Уставот, се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.

Според членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Со членот 26 од Уставот се гарантира неповредливоста на домот. Правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.

Согласно член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Според член 41 став 2 од Уставот, Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Според ставот 4 на истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Со Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/2021), се уредуваат содржината, подготовката, организацијата и спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година (во натамошниот текст: Пописот), надлежните органи за спроведување на Пописот, правата и обврските на надлежните органи, стручните тела и другите учесници во спроведувањето на Пописот, правата и обврските на давателите на податоците во Пописот, единиците кои се опфаќаат со Пописот, пописните реони, употребата на јазиците во Пописот, начинот на спроведување на Пописот, користењето, чувањето и заштитата на податоците од Пописот, обработката и објавувањето на податоците од Пописот, информирањето на населението за целите и значењето на Пописот и неговото финансирање (член 1).

Според членот 4 од Законот, Пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година, според состојбата на 31 март 2021 година, во 24:00 часот (критичен момент на Пописот).

Со иницијативата се оспорува уставноста на ваквото законско решение, затоа што Пописот било предвидено да се спроведе во време на епидемија, а постојниот Кривичен законик пропишувал кривична одговорност за таков случај, односно пропишувал сериозно кривично дело: непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, казниво по член 206 став 1 од Кривичниот законик, стипулирано во глава XXI Кривични дела против здравјето на луѓето.

Судот оцени дека ваквите наводи во иницијативата се неосновани.

Според член 3 став 1 точка 5 од Законот за управување со кризи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 29/2005, 36/2011, 41/2014, 104/2015, 39/2016 и 83/2018), „Кризна состојба” е состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на Републиката, за чија превенција и/или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси

Според член 30 од истиот закон, кризна состојба се прогласува заради справување со кризна состојба која претставува ризик по добрата, здравјето и животите на луѓето и животните или опасност по безбедноста на Републиката или на нејзин дел (став 1). Сериозноста на ризикот треба да биде од таква природа на зафатеност на подрачјето или добрата, здравјето и животите на луѓето и животните или опасност по безбедноста на Републиката или на дел од неа, за која не постојат услови за прогласување на воена или вонредна состојба.

Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 20 ноември 2020 година, врз основа на член 31 став 1 од Законот за управување со кризи, има донесено Одлука за постоење на кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест COVID 19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.277/2020). Според членот 4 од Одлуката, постоењето на кризната состојба утврдена со оваа одлука ќе трае 30 дена од денот на нејзиното влегување во сила, а според членот 5, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Дополнително, Собранието на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 16 декември 2020 година, донесе Одлука за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 299/20), со која кризната состојба се продолжува до 30 јуни 2021 година.

Судот утврди дека, по поднесувањето на иницијативата, донесен е Закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 74/2021 од 2 април 2021 година), кој согласно членот 8, влезе во сила на 2 април 2021 година. Со овој закон, Пописот се одлага и ќе се спроведе во периодот од 5 до 30 септември 2021 година, според состојбата на 4 септември 2021 година (критичен момент на Пописот).

Исто така, Судот утврди дека Собранието на Република Северна Македонија, на 8 јуни 2021 година, донесе Одлука за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARSCoV-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 126/2021). Со наведената одлука рокот за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија се продолжува до 31 декември 2021 година.

Оттука, произлегува дека Пописот 2021 година, и покрај неговото одложување за месец септември 2021 година, ќе се одржи во време на прогласена кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест COVID-19.

Меѓутоа, Судот утврди дека Владата на Република Северна Македонија, врз основа на член 28 став 8 и член 58 став 1 од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/2014, 150/2015, 37/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 257/2020), на седницата одржана на 2 март 2021 година, има донесено Протокол за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021 година – прилог бр. 74 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 53/2021), со кој се пропишуваат мерки и постапки кои имаат за цел минимизирање на ризикот од трансмисија на заболувањето COVID-19 за сите учесници во Пописот. Овој протокол е составен дел на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2020, 269/2020, 275/2020, 287/2020, 292/2020, 298/2020, 304/2020, 306/2020, 317/2020, 13/2021 и 45/2021).

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека Владата, врз основа на важечката законска регулатива и во согласност со своите законски овластувања, има пропишано јасни мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 и посебен протокол со кој се пропишуваат мерки и постапки кои имаат за цел минимизирање на ризикот од трансмисија на заболувањето COVID-19 за сите учесници во Пописот. Непочитувањето на овие мерки и постапки може да биде казниво (член 206 став 1 од КЗ).

Исто така, сметаме дека треба да се има предвид и фактот дека во Република Северна Македонија во тек е масовна вакцинација на населението против заразната болест COVID-19, согласно Националниот план за COVID-19 вакцинација во Република Северна Македонија (донесен од Министерството за здравство на 5 февруари 2021 година), според кој вакцинацијата е една од повеќето превентивни мерки кои се користат во борба против ширењето на пандемијата.

Поради наведеното, Судот оцени дека со Законот за попис на населението, домаќинствата и становите 2021 година и со пропишување на услови и преземање на мерки за заштита на здравјето на населението со цел на негово непречено спроведување во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест COVID-19, не се загрозува јавното здравје спротивно на член 39 став 2 од Уставот, како што се наведува во иницијативата.

6. Во одговор на наводите во иницијативата дека Законот за попис бил во директен судир со три специјални закони кои задолжително се применувале во услови на здравствена криза (Законот за управување со кризи, Законот за заштита на населението од заразни болести и Законот за заштита и спасување), со што се загрозувала правната сигурност на граѓаните и се подривало владеењето на правото, како и на наводите во иницијативата дека Законот бил во судир со задолжителните норми на меѓународното право и со воспоставените интернационални стандарди на кои се повикувал, Судот го имаше предвид следното:

Согласно уставно утврдените надлежности на Уставниот суд, тој одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи предвид дека Уставниот суд нема надлежност да ја оценува меѓусебната согласност на законите, ниту пак да оценува дали законот е во согласност со одредени меѓународни акти, како што се бара со иницијативата, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во наведените делови, поради ненадлежност на Судот.

7. Во одговор на наводите од иницијативата со кои се тврди дека Законот ја повредувал приватноста на граѓаните во очигледен несразмер со поставените статистички цели, заради штимање на резултатите и фабрикување на реалноста, Судот го имаше предвид следното:

Како образложение за наведеното тврдење, во иницијативата се посочува член 35 став 3 од Законот, според кој за отсутните членови на домаќинството, податоците ги дава полнолетен член на домаќинството на кого податоците му се најмногу познати, а за децата до 15 години, еден од родителите, посвоителот или старателот, врз основа на документацијата за нив. Спорно било што одредбата предвидувала можност присутното полнолетно лице да даде податоци за отсутниот член на домаќинството.

Од анализата на членот 35 од Законот, произлегува дека истиот е систематизиран во главата VIII која носи наслов: Начин на спроведување на Пописот и ангажирање на учесниците. Според ставот 1 на овој член, податоците од членот 10 од Законот се земаат непосредно од лицата на кои се однесуваат. Според ставот 2, лицето опфатено со Пописот е должно на сите прашања во пописната апликација да даде точни и целосни одговори и да презентира соодветен документ од кој може да се преземат идентификациските податоци за лицето. Според ставот 3, пак, за отсутните членови на домаќинството, податоците ги дава полнолетен член на домаќинството на кого податоците му се најмногу познати, а за децата до 15 години, еден од родителите, посвоителот или старателот, врз основа на документацијата за нив. Оттука, произлегува дека со ставот 3 на овој член се пропишува исклучок од правилото дека податоците се земаат непосредно од лицата на кои се однесуваат, односно се пропишува начинот на попишување на отсутни членови на домаќинството и на децата. Податоците за отсутното лице ги дава полнолетен член на домаќинството на кого податоците му се најмногу познати, врз основа на документацијата за нив. Според членот 51 од Законот, глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за Пописот или ако даде неточни податоци (член 35 став 2 од овој закон).

Притоа, треба да се има предвид дека согласно член 2 став 1 од Законот, агрегираните (збирните) податоци, добиени со Пописот, ќе се користат за: креирање на развојни политики, макроекономски планирања, научни и други истражувања и статистички цели. Според ставот 2 на истиот член, индивидуалните податоци од Пописот може да се користат за воспоставување, водење и ажурирање на статистичките регистри кои се во надлежност на Државниот завод за статистика, согласно со закон. Според членот 3 од Законот, личните податоци добиени со Пописот подлежат на заштита согласно со одредбите од овој закон, Законот за државната статистика и прописите од областа на заштита на личните податоци.

Согласно член 40 став 1 од Законот, лицата кои се овластени да учествуваат во спроведувањето на Пописот, како и вработените лица во Државниот завод за статистика, се должни сите лични податоци кои ќе ги добијат за целите на Пописот да ги чуваат како доверливи за време и по завршувањето на Пописот.

Според член 44 од Законот, резултатите од собраните податоци за пописни цели ќе бидат публикувани или подготвени за потребите на корисниците како збирни податоци, ако се преземени сите мерки за обезбедување дека попишаните лица и домаќинствата не можат да се идентификуваат.

На ваков начин, законодавецот создал нормативни претпоставки со Пописот да бидат опфатени сите членови на домаќинството, врз основа на документацијата за нив, со што би се обезбедиле бараните податоци и би се остварила легитимната цел на Пописот, како статистичка операција со која се обезбедуваат целосни, ажурни и меѓународно споредливи статистички податоци за населението, домаќинствата и становите, што ќе даде базична основа за подготвување на квалитетни политики за општествен и економски развој на државата, од интерес за сите граѓани. За веродостојноста на податоците, според членот 51 од Законот, одговорно е лицето кое ги дава, во случајов, полнолетен член на домаќинството. (За споредба, истоветна, идентична регулатива за давање на податоци за отсутните лица при пописот постоела во сите претходно донесени закони за спроведување на попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, во 1994, 2001 и 2011 година). Податоците за попишуваните лица и домаќинства се доверливи, не се објавуваат како индивидуални податоци и истите се обработуваат само како збирни податоци и се користат во согласност со членот 2 од Законот, со што, според Судот, е обезбеден баланс помеѓу правото на приватност и јавниот интерес.

Имајќи го предвид наведеното, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека станувало збор за прешироко формулирана т.н. бланкетна норма која оставала простор за преширок маневарски простор и манипулација и дека истата не била во согласност со членот 18 од Уставот.

8. Иако во иницијативата се наведува дека оспорениот закон во целина не бил во согласност и со член 25, член 26, член 41 став 2 и член 54 ставови 1 и 2 од Уставот, во образложението за неуставноста на Законот воопшто нема аргументи што упатуваат на несогласност на Законот со наведените уставни одредби.

9. Од напред изнесеното Судот оцени дека со Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година се обезбедени јасни и прецизни процедури за спроведување на Пописот, како статистичка операција од висок државен интерес, поради што не може да се прифатат наводите во иницијативата дека Законот, во целина, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, членот 18, членот 25, членот 26, членот 39, член 41 став 2, членот 51 и член 54 ставови 1 и 2 од Уставот.

10. Имајќи ја предвид претходно изнесената анализа, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 на Деловникот на Уставниот суд, да се прифати барањето во иницијативата Уставниот суд да донесе привремено решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот закон.

11. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

12. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.14/2021
2 септември 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска