У.бр.218/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 17 јуни 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 60 став 2 во делот: „примените задолжителни вакцини за детето“ од Законот за основното образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019 и 229/2020).

2. Дарко Јаневски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста на член 60 став 2 од актуелниот Закон за основното образование и го наведува член 46 став 2 од поранешниот Закон за основно образование („Службен весник на Република Македонија бр.103/2008, 33/2010, … 67/2017 и 64/2018), при што истите ги цитира и наведува дека овие одредби се суштествено исти иако се од различни закони (стар и актуелен).

Според подносителот на иницијативата, оспорениот дел од член 60 став 2 од Законот за основното образование бил во спротивност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и ставот 2, членот 9, член 11 став 2, членот 25, членот 44, членот 51 и членот 118 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од одредбата на членот 60 била спротивна со член 1 став 1 од Уставот според кој Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, но со ваквото законско уредување законодавецот наводно го задолжувал, односно практично им наредувал на основните училишта да не запишуваат деца кои не биле вакцинирани со определена вакцина, со што законодавецот излегол од демократските норми на едно општество.

Подносителот смета дека оспорената законска одредба била нејасна и непрецизна со што законодавецот предизвикал правна несигурност кај граѓаните поради што оспорената одредба не била во согласност и со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со член 8 став 2 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Забраната за ставање во понеповолна и подредена положба ја гарантирал членот 9 од Уставот, а задолжителноста на основното образование членот 44 од Уставот, а според подносителот, оспорената законска одредба била во спротивност со овие членови поради скратувањето на можноста на децата да го започнат нивното задолжително основно образование, а со тоа било оневозможено уставно загарантираното право на задолжително основно образование само заради тоа што не примиле определена вакцина. Со можноста на основните училишта да одбијат да запишат дете, само поради тоа што определено дете нема примено определена вакцина, законодавецот дискриминаторски и противуставно им го одзел веќе утврденото загарантирано право на образование, правото да го започнат децата нивното образование, а со тоа понатаму и неможноста истото да го продолжат.

Во наводите на иницијативата се цитира и член 11 став 2 од Уставот и подносителот смета дека оспорената одредба не е во согласност и со оваа уставна одредба со која се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување, а со тоа и какво било индиректно или директно однесување на јавната власт.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот дел од членот 60 став 2 бил во спротивност и со членот 25 од Уставот со кој на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Во оваа смисла се дерогирала слободата на граѓанинот како и на семејството и наместо да се добиела информирана согласност, државата преку репресивните мерки се обидувала да наметне определена медицинска интервенција без согласност на самото лице односно од родителот, а на таков начин во исто време се загрозувала и безбедноста на личноста со тоа што се обидувало да се вбризгува нешто во телото на човекот, без негова согласност. Со директното мешање во одлуките што ги носеле родителите, државата директно се мешала во личниот и семејниот живот.

Исто така, според подносителот на иницијативата законодавецот при носењето на Законот за основното образование го немал предвид член 51 ставови 1 и 2 од Уставот и во конкретниот случај, законодавецот донел Закон, којшто не бил во согласност со оваа уставна одредба, според која секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Правото на основно образование како уставно загарантирано основно човеково право било загарантирано и со меѓународни акти, и во овој контекст во наводите на иницијативата се наведува дека недозволувањето на упис на дете кое не примило определена вакцина, не било во согласност со членот 26 од Универзалната декларација за човекови права на ООН, членовите 2, 28 и 29 од Конвенцијата за правата на децата, членот 13 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, членот 14 од Повелбата за основните права на Европската Унија, со членот 2 од Протоколот бр.1 од Европската конвенција за човекови права и слободи, членовите 1, 3 и 8 од Конвенцијата за работниците со семејни обврски и истите ги цитира во наводите на иницијативата.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека оспорената одредба наводно била во спротивност и во контрадикторност со повеќе одредби од различни закони како што биле Законот за заштита на децата, Законот за основното образование, како и со Законот за спречување и заштита од дискриминација (кој го укинал Уставниот суд) и во овој контекст ги цитира: одредбите од Законот за заштита на децата и тоа: членот 4, членот 11, членот 12 став 1 и став 6, член 13 став 1 и член 14 став 1 и став 2, одредбите од Законот за основното образование и тоа: член 3 став 1, член 5 став 1, став 2 алинеја 2, став 4 и став 6, член 5 став 6, член 7 став 1 алинеја 1, член 8 став 1 и став 2, член 11 ставови 1, 2 и 3, член 13 став 1, член 59 став 1, членот 63 став 1, 2 и 3, член 65 став 1 и став 2.

Подносителот на иницијативата смета дека со член 45 став 1 од Законот за семејството според кој „Родителското право им припаѓа на мајката и на таткото подеднакво“, основното училиште се мешало во приватниот и семејниот живот на родителите од причина што никаде во истиот член, не постоело дека родителското право подеднакво припаѓа и на државата.

Оспорената одредба била во спротивност со членот 2 од Конвенцијата за правата на децата бидејќи се вршела дискриминација врз основа на возраста, на дете постаро од 6 години, односно согласно член 168 став 3 од Законот за основното образование: „Глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на родителот, односно старателот ако ученикот не е запишан во рокот утврден во членот 60 став 4 од овој закон“, а член 60 став 4 гласел: „Во прво одделение на основното училиште родителот, односно старателот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години“. Апсурдот бил што родителот сакал да го запише своето дете во основно образование, а законодавецот практично не го дозволувал тоа и на крај родителот ќе бил казнет за истото.

Подносителот го наведува и Правилникот за имунопрофилакса, хемиопрофилакса, лицата кои подлежат на овие мерки, начинот и изведување и водење на евиденција и документација, при што го цитира член 83 став 1 точка 3: „Вакциналниот статус задолжително се проверува: „При запишување во сите видови училишта од основно училиште до високообразовни установи“ и укажува на членовите 26 и 27 од Виенската конвенција за договорно право („Службен лист на СФРЈ“ бр.30/72), во однос на членот 118 од Уставот дека Република Северна Македонија не можела да се повика на внатрешното право за неисполнување на определен меѓународен договор.

Во наводите на иницијативата во делот: Одлуки и мислења на релевантни институции во Република Северна Македонија, подносителот ги наведува: Записник од извршен вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат – Битола од 19.06.2018 година, Решение донесено до Државниот просветен инспекторат-Битола од 19.06.2018 година и Записник од извршен контролен инспекциски надзор од Државниот просветен инспекторат – Битола од 20.08.2018 год., Годишниот извештај на Народниот правобранител за 2018 година, изјавата на поранешната министерка за образование, професорка по уставно право и политички систем – г-ѓа Рената Десковска и Мислење од Комисијата за заштита од дискриминација од 05.11.2015 година (сите се доставени како докази во прилог кон иницијативата).

Од цитираните законски одредби, според подносителот на иницијативата произлегувало дека прописите од областа на спречување и заштита од дискриминација јасно укажувале на тоа дека дискриминаторски било вакцината да биде услов за запишување на детето во прво одделение и го цитира мислењето на Комисијата за заштита од дискриминација според кое ниту еден закон не содржел дискриминаторски одредби со кои децата кои не ги примиле задолжителните вакцини, да не можеле да се запишат во основно училиште и со тоа да се доведат во нееднаква положба во однос на другите деца кои ги примиле задолжителните вакцини. Образованието било достапно на секого под еднакви услови, а вакцината не смеела и не можела да биде услов за запишување во основно училиште бидејќи тој услов бил дискриминаторски и децата ги доведувало во нееднаква и подредена положба со што оспорениот дел од член 60 став 2 не бил во согласност со членот 9 од Уставот.

Подносителот на иницијативата наведува дека правото на информираност и правото на избор било посебно нагласено во Законот за заштита на правата на пациентите при што ги цитира членовите 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 14, 15 и смета дека одредбите од овој закон го дерогирале член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, а како дополнителен пример за правната дерогираност ја наведува Конвенцијата за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на билогијата и медицината („Службен весник на РМ“ бр.55/2009) во смисла на членовите 2 и 5 од истата. Во овој контекст ги цитира членовите 1, 2, 4 и 5 од наведената конвенција и наведува дека истата имала за цел „…одржување и понатамошна реализација на човековите права и основни слободи“ и дека истата ја имала предвид Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи и Конвенцијата за правата на децата, односно дека се работело за продолжеток и надградување на основните човекови слободи и права. Со одредбите на оваа конвенција се уредувало конкретно и специјално прашање – основното право на слободна информирана согласност и право интересите на поединците да имаат предност пред интересот на заедницата, а во Република Северна Македонија наместо своето дете, наведените одлуки, требало да ги носат исклучиво неговите родители или законски застапници, целосно слободно, а не под присила или со закони по пат на репресивни мерки.

Во наводите на иницијативата се наведува и Универзалната декларација за биоетика и човекови права при што ги цитира членот 3, членот 5 и членот 6. Исто така, наведува дека правото на пациентот да одлучува самиот за вакцинација врз доброволна основа било дел од препораката на Светската здравствена организација во публикацијата „Етички согледувања при акутни хуманитарни итности“ од 2013 година во која било наведено: „Вакцинацијата треба да е врз доброволна основа, освен доколку не стане критично да се превенира конкретна и сериозна штета.“.

Од наведените причини, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на зборовите „примените задолжителни вакцини за детето“ од член 60 став 2 од Законот за основното образование и истите да ги поништи како несогласни со Уставот и истовремено Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената законска одредба, бидејќи со нивното извршување, би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорениот став 2 на членот 60 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019 и 229/2020), при запишувањето на детето во прво одделение родителот, односно старателот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, офталмолошки и стоматолошки преглед, издадена од надлежна здравствена установа.

4. Согласно член 1 став 1 од Уставот, Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото. Согласно ставот 2 на членот 8 од Уставот, во Република Северна Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (член 9 од Уставот).

Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, а според ставот 2, се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување.

На секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот (член 25 од Уставот) .

На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите (член 39 од Уставот).

Членот 44 од Уставот предвидува дека секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (член 51 од Уставот).

Според членот 24 од Конвенцијата за правата на детето, државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Државите членки настојуваат ниедно дете да не биде лишено од правото на таква здравствена заштита. Државите членки истовремено се залагаат за целосно остварување на ова право.

Според член 28 став 1, државите членки го признаваат правото на детето на образование и со цел за постепено остварување на тоа право на основа на еднакви можности, посебно: а) го прогласуваат основното образование задолжително и бесплатно за сите … д) преземаат мерки за поттикнување на редовното посетување на школото и намалување на отпишувањата од училиште.

Согласно членот 12 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, државите – страни од овој пакт го признаваат правото на секое лице за најдобро физичко и ментално здравје што може да се постигне.Мерките што ќе ги преземат државите-страни на овој пакт, со цел за обезбедување целосно остварување на ова право, треба да ги опфатат мерките што треба да обезбедат: а) намалување на бројот на мртвородените деца и смртноста на децата, како и здрав развиток на детето;… в) профилаксија и лекување на епидемични, ендемични, професионални и други заболувања, како и борба против овие болести;

Во членот 13 е уредено дека државите – страни на овој пакт го признаваат на секое лице правото на образование. Тие се согласуваат дека образованието треба да е насочено кон целосен развој на човечката личност и достоинство и да го зајакне почитувањето на човековите права и основни слободи. Освен тоа, тие се согласни дека образованието треба да му овозможи на секое лице да игра корисна улога во слободното општество, да го унапредува разбирањето, толеранцијата и пријателството меѓу сите народи и сите расни, етнички или верски групи и да го поттикнува развојот на дејноста на Обединетите нации за зачувување на мирот (став 1). Согласно став 2 точка а), државите – страни на овој пакт, со цел за обезбедување на потполно користење на ова право, признаваат дека основното образование треба да биде задолжително и бесплатно, достапно за сите.

Согласно член 3 став 1 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019 и 229/2020), секое дете има право на бесплатно и квалитетно основно воспитание и образование во основно училиште.

Согласно оспорениот член 60 став 2, при запишувањето на детето во прво одделение родителот, односно старателот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, офталмолошки и стоматолошки преглед, издадена од надлежна здравствена установа, а според ставот 4, во прво одделение на основното училиште родителот, односно старателот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години.

Согласно член 65 став 1, секој вработен во училиштето е должен да се грижи за најдобриот интерес на ученикот и да го почитува неговото достоинство, како и Конвенцијата за правата на детето, а според ставот 2, забрането е телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него.

Во член 168 став 3, е утврдена глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на родителот, односно старателот ако ученикот не е запишан во рокот утврден во член 60 став (4) од овој закон.

Со Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004, 139/ 2008, 99/2009, 149/2014, 150/2015 и 37/2016) се утврдуваат мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките со цел на заштита на населението од заразни болести (член 1).

Во членот 4 од Законот се предвидува дека секој има право на заштита од заразни болести и обврска да се заштити себеси и другите од заразување.

Согласно член 33 ставови 1 и 2 од Законот, имунопрофилакса се спроведува со вакцина (вакцинација) или со примена на специфични имуноглобулини (серопрофилакса) и вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберколоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (ХиБ), вирусен хепатит Б, и хуман папилома вирус (ХПВ).

Со член 67 точка 6 од Законот, од главата VI со наслов: „Прекршочни одредби“, се предвидува дека глоба во износ од 300 до 650 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице, ако лице или родител/старател одбие вакцинирање за болестите утврдени во членот 33 на овој закон или заштита со специфичен имуноглобулин (член 34) или заштита со лекови (член 36).

Во примената на одредбите од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/ 2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/ 2017, 21/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019 и 275/2019), се тргнува од принципите на заштитата на правото на живот и развој на детето, заштитата на најдобриот интерес на детето, обезбедување на минимум стандард за секое дете под еднакви услови, исклучување на каква било форма на дискриминација, почитување на правото на детето на слобода и безбедност на личноста, на сопствено мислење и слободно изразување, здружување и образование, услови за здрав живот и остварување на други социјални права и слободи на детето (член 4).

Согласно членот 8 од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015 и 150/2015), родителите спрема своите деца имаат еднакви права и должности (родителско право). Односите на родителите и децата се засноваат на права и должности на родителите да се грижат за подигање, чување, воспитание и образование на своите деца и да ги развиваат нивните работни способности и навики. Родителското право го вршат родителите заедно во согласност со потребите и интересите на децата и интересите на општествената заедница.

Според членот 3 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012… 153/2019, 180/2019 и 275/2019), секој има право на здравствена заштита и обврска да се грижи и да го чува и унапредува своето здравје во согласност со овој и друг закон (став 1). Никој не смее да го загрозува здравјето на другите (став 2).

Во членот 4 од овој закон, е уредено дека секој граѓанин има право да ја остварува здравствената заштита со почитување на највисокиот можен стандард на човековите права и вредности, односно има право на физички и психички интегритет и на безбедност на неговата личност, како и на почитување на неговите морални, културни, религиозни и филозофски убедувања (став 1). Секој граѓанин има право на информации потребни за зачувување на здравјето и стекнување здрави животни стилови и на информации за штетните фактори за животната и работната средина кои можат негативно да влијаат на здравјето, како и на информации за потребните мерки за заштита на здравјето во случаи на појава на епидемии и други непогоди и несреќи кои можат негативно да влијаат на здравјето (став 2).

Во Законот за заштита на правата на пациентите („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008, 12/2009, 53/ 2011, 150/2015 и 190/2019), во членот 2 е уредено дека со заштитата на правата на пациентот се обезбедува квалитетна и континуирана здравствена заштита во согласност со тековните достигнувања во здравството и медицината, во рамките на системот за здравствена заштита и здравствено осигурување, соодветна на поединечните потреби на пациентот, со отсуство на каква било психичка и физичка злоупотреба, со целосно почитување на достоинството на неговата личност и во негов најдобар интерес.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок.

Правото на здравствената заштита му е гарантирано со Уставот на секој граѓанин, кој има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје, но и здравјето на другите.

Правото на образование е, исто така, уставно загарантирано право коешто треба да биде достапно на секого под еднакви услови, а основното образование е задолжително и бесплатно.

Оспорената одредба на член 60 став 2 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019) претходно бил предмет на оцена од страна на Уставниот суд. Имено, Судот со Решението У.бр.30/2014 година, меѓудругото, ја оценувал и уставноста на член 46 став 2 од Законот за основното образование што бил тогаш во важност („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008…41/2014) при што не повел постапка и оценил дека оспорената одредба е во согласност со Уставот. Одредбата од тогашниот закон е скоро идентична со сега оспорениот член од Законот за основното образование.

Согласно образложението на наведеното решение, Судот во однос на уписот на детето во основно училиште предвидено во тогаш оспорениот член 46 став 2 од Законот за основното образование, го изразил следниов став:

„Условувањето на упис на детето во основно училиште предвидено со оспорениот член 46 став 2 од Законот за основното образование, со приложување на доказ за извршена вакцинација, според Судот, не претставува дискриминација, на што се укажува во иницијативата, од причини што ова претставува само еден вид на механизам за заштита и осигурување на правото на детето на здравје. Родителите кои би запишале дете во училиште кое не ги примило потребните вакцини, би ги повредиле правото на здравје на своето дете и на другите деца кои одат во истото училиште.

По својата дефиниција дискриминација значи различно постапување спрема лица во исти или релевантно слични ситуации без објективно и разумно оправдување, што значи дека истото не тежнее, односно не се стреми кон легитимна цел или не постои разумна сразмерност помеѓу употребените мерки и целта која се сака со неа да се постигне.

Од наведеното, според Судот, не може да се смета дека на невакцинираните деца од пред училишна и основно училишна возраст неоправдано им е ограничено правото на образование поради невакцинација. Станува збор за посебни права поради што целосното остварување на овој степен на развој на здравството и образованието, па и развојот на целото општество, не може да биде успешно доведено во корелација од аспект на забрана на дискриминација.

По однос на наводот дека со оспорениот член 46 став 2 од Законот за основното образование се повредува членот 44 од Уставот и се ограничувало правото на образование, Судот оцени дека наведеното условување, односно ограничување е исклучиво и единствено поради постоење на интересот на јавниот ред и мир, заштитата на здравјето, моралот и правата и слободите на другите, што значи заштитата на правата на групата над правата на поединецот. Оттука, границата помеѓу позитивните и негативните задолжувања на државата во согласност со оваа одредба од Законот не може прецизно да се дефинира, но сепак, во двата контекста државата ужива одредена слобода на проценка.

Предвидувањето на задолжителната вакцинација за одредени заразни болести, според Судот, е со цел на елиминација на болести на целокупната популација, што е позитивна обврска на државата во смисла на заштита на здравјето на своите граѓани. Ова, дотолку повеќе што, со конкретното прашање се навлегува во стручната медицинска област и истото не е прашање за остварување на загарантираното право на слобода на совеста и уверувањето.

Со оглед дека во основните училишта во месец мај задолжително се запишуваат сите деца кои ги исполнуваат условите за запишување во прво одделение, евидентно е дека големиот број на ученици кои се запишуваат од различни средини (географски, социјални, етнички и други), можат да бидат потенцијална опасност за другите ученици за ширење на одредени болести, доколку истите не се вакцинирани против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб) и вирусен хепатитис Б, како што е уредено во член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести.

Родителите кои одбиваат да ги вакцинираат децата треба да имаат предвид дека другите родители имаат право да ги заштитат своите деца од потенцијалните ризици од тешка болест. Кај невакцинираните деца поголем е ризикот од ширење на болеста особено во детската заштита, училиште и факултети.

Согласно член 39 став 2 од Уставот на Република Македонија граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. Согласно оваа уставна одредба секој во Република Македонија, освен своето здравје, е должен да го чува и здравјето на останатите. Во таа насока, законодавецот, имајќи го во предвид јавниот интерес за здрава млада популација, утврдил дека при запишувањето на детето во прво одделение родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа. Согласно наведеното, одредбата од членот 46 став 2 од Законот за основното образование не е противуставна, бидејќи со истата се штити здравјето и на учениците кои се запишуваат во прво одделение во основните училишта, како и здравјето на останатите ученици во училиштето.

Согласно член 24 од Конвенцијата за правата на детето, која со закон е ратификувана од Република Македонија, државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Државите членки настојуваат ниедно дете да не биде лишено од правото на таква здравствена заштита. Државите членки истовремено се залагаат за целосно остварување на ова право.

Република Македонија, како држава која ја ратификувала оваа Конвенција, исто така, има обврска да ги применува одредбите од Конвенцијата.

Според изнесеното, Судот оцени дека со ваквите законски решенија не се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9 став 2, член 11 став 1, член 12 став 1, член 39 став 2, член 41 став 1, член 42 став 2, член 4, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.“.

Имајќи го предвид ваквиот став на Судот, како и фактот дека тогаш оспорената одредба од член 46 став 2 од Законот за основното образование е скоро идентична со сега оспорената одредба од член 60 став 2 од актуелниот Закон за основно образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019), Судот оцени дека нема основа за поинакво одлучување.

Имено, согласно уставните одредби на член 39 став 2 и член 40 став 3, јасно и недвосмислено произлегува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Оттука, во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, истите не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го ускратуваат правото на здрав живот.

Целта на вакцинацијата е да се развие активната и пасивната заштита од заразни болести, а заштитата на здравјето на децата и заштитата од заразни болести од уставен аспект ја оправдуваат задолжителната вакцинација на определена возраст.

Исто така, согласно членот 24 од Конвенцијата за правата на детето, која со закон е ратификувана од Република Северна Македонија, државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација при што потребно е ниту едно дете да не биде лишено од правото на таквата здравствена заштита, а секако за обезбедување на највисоко ниво на здравствена заштита е и вакцинирањето на детето заради негова заштита од разни заразни болести и заштита на другите од развој на одредени заразни болести кои без примена вакцина можат да го загрозат не само здравјето на поединецот, туку и на целокупното население. Оттука, условувањето на упис на детето во основно училиште со приложување на доказ за извршена вакцинација не претставува дискриминација од причина што ова претставува еден вид на механизам за заштита и осигурување на правото на детето на здравје како поединец, а и заштита на другите деца.

Во оваа насока е и ставот на Европскиот суд за човекови права изразен во пресудата во предметот „Вавричка и други против Република Чешка“ (Vavřička and Others v. the Czech Republic“ application no.47621/13) од 8 април 2021 година.

Европскиот суд за човекови права, одлучувајќи по апликацијата на шест чешки државјани (Вавричка, Новотна, Хорнуч, Брожиќ и Дубски и Ролочек) со мнозинство гласови утврдил дека не е сторена повреда на членот 8 од Конвенцијата (правото на почитување на приватниот и семејниот живот, а во однос на членот 9 од Конвенцијата (слобода на мислата и совеста), Судот се изјаснил дека апликацијата во однос на овој член е недопуштена и дека нема потреба да се оценува случајот посебно во однос на членот 2 од Протоколот бр. 1 од Конвенцијата (правото на образование).

Жалбата на апликантите главно се однесувала на членовите 8 и 9 од ЕКЧП и членот 2 од Протоколот бр.1 на Европската конвенција за заштита на човековите права.

Големиот совет на Европскиот суд за човекови права не нашол повреда на членот 8 од Конвенцијата и оценил дека како прво, задолжителната вакцинација треба да остане во рамките на широка маргина на оцена од страна на властите во оваа област и ги застапува нивните одговори поддржани од релевантни и оправдани причини со цел да се притисне социјалната потреба да се заштити личното и јавното здравје. Второ, оспорените мерки оценувани во контекст на домашниот правен систем биле разумно пропорционални на пропишаната легитимна цел. Исто така, Големиот совет на ЕСЧП, ја прогласил за недопуслива жалбата во однос на членот 9: тие не докажале дека нивното критикувачко мислење за вакцинацијата била доволно убедлива, сериозна, единствена и доволно значајна за да се формира убедување или уверување со што ќе ја обезбедат гаранцијата на оваа одредба. Понатака, Советот одлучил дека нема потреба да се испитува случајот посебно во однос на членот 2 од Протоколот бр.1.

Оваа пресуда на Големиот совет на ЕСЧП e значајна бидејќи за прв пат Судот екстензивно се осврнува на задолжителната вакцинација на децата и на последиците од неисполнувањето на оваа обврска од гледна точка на правото на почитување на приватниот живот од членот 8 на Конвенцијата. Судот ja признава вакцинацијата на децата како особено важна, односно како „клучна мерка за јавното здравје“ и ја поврзува со вредноста на социјалната солидарност и од најдобар интерес на децата.

Врз основа на наведената уставно-судска анализа, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на одредбата од член 60 став 2 од Законот за основното образование со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.218/2020
17.06.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска