Решение У.бр.306/2020

У.бр.306/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 7 јули 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007, 90/2009, 67/2010, 26/2013, 15/2015, 153/2015, 190/2016, 7/2019 и 101/2019).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста и законитоста на членот 17 од Статутот на Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2001, 68/2002, 31/2003 и 69/2003) и Одлуки за измени и дополнувања на Статутот на Фондот за осигурување на депозити, број 02-312/1-2011 од 22.12.2011 година, број 02-176/1 од 26.06.2014 година и бр.02-94/1 од 10.02.2015 година.

3. Елена Јанева Димова од Скопје, застапувана од полномошникот Славко Секулов, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба од членот 17 од Статутот на Фондот за осигурување на депозити не била во согласност со одредби од Законот за Фондот за осигурување на депозити, и тоа со член 6 став 1 според кој „средствата на Фондот се формираат од основачкиот влог, наплата на премии за осигурување на депозитите и приходи од пласмани“.

Оспорената одредба од Статутот, не била во согласност и со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 5 од Уставот на Република Северна Македонија, според кои како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото. Овие одредби од Уставот биле во корелација и со членовите 9, 30, 51 и 55 од Уставот.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот член 163 став 3 од Законот за банките не бил во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа: член 9 според кој граѓаните во Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви; член 30 ставови 1 и 3, според кои се гарантира правото на сопственост и правото на наследување и никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон; член 51 според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, и секој е должен да ги почитува Уставот и законите; и член 55 со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, а слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Во иницијативата се наведува дека поради несогласноста на оспорените одредби од Статутот и Законот за банките, со наведените одредби од Законот за Фондот за осигурување на депозити и Уставот на Република Северна Македонија како што е погоре наведено, се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста. Имено, посебно како аргументи за оспорување на уставноста и законитоста на членот 17 од Статутот на Фондот за осигурување на депозити се наведува дека оваа статутарна норма немала основ во закон, поради што Статутот содржел одредба која немала законско овластување да го уредува предметното прашање. Имено, во Законот за Фондот за осигурување на депозити не било предвидено дека износот на средствата исплатени врз основа на членот 13 од Статутот, Фондот го наплатува од приливот на средствата од ликвидационата односно стечајната маса на членката кај која била воведена ликвидациона односно стечајна постапка согласно со закон, како што предвидувал членот 17 од Статутот. Законот за Фондот за осигурување на депозити го предвидел погорецитираниот член 6 став 1 кој утврдил само дека средствата на Фондот се формираат од основачки влог, наплата на премиии за осигурување на депозитите и приходи од пласмани, но не предвидувал прилив на финансиски средства од наплата преку ликвидациона или стечајна маса на банка. Оттука, членот 17 од Статутот можел да се проблематизира од Уставен и законски аспект.

Со иницијативата посебно се оспорува уставноста на членот 163 став 3 од Законот за банките од причини што приоритетот на побарувањето на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити, пред побарувањата на останатите доверители ги руши темелните вредности на уставниот систем на државата и создава нееднаква положба за наплата на побарувањата во услови на банка во стечај, што нема основ во одредбите од Уставот и е директно во спротивност со уставните норми кои се наведени во иницијативата.

Со иницијативата се предлага Судот да донесе и времена мерка, односно со решение да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените акти.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за банки во член 163 став 3 предвидувал:

„Побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители“.

Одредбата од ставот 3 на членот 163 од Законот за банките е укината со Одлука на Судот У.бр.247/2020 од 25.05.2021 година и оваа одредба веќе не е во правниот поредок.

Судот, исто така, на седницата утврди дека Статутот на Фондот за осигурување на депозити во членот 17 предвидел:

„Износот на средствата исплатени врз основа на член 13 од овој статут, Фондот го наплатува од приливот на средствата од ликвидационата односно стечајната маса на членката кај која била воведена ликвидациона односно стечајна постапка согласно со закон.“

5. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во постапка по предметот У.бр.247/2020, Уставниот суд веќе одлучувал и со Одлуката У.бр.247/2020 од 25.05.2021 година го укинал членот 163 став 3 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007, 90/2009, 67/2010, 26/2013, 15/2015, 153/2015, 190/2016, 7/2019 и 101/2019).

Со оглед на тоа што оспорената одредба од Законот за банките, не е веќе во правниот поредок и таа била предмет на уставно-судска анализа според која Судот со своја одлука ја укинал, во конкретниов случај со предметната иницијатива со која се оспорува истата наведена одредба од Законот за банките, настапени се деловнички претпоставки, согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

6. Согласно член 8 ставови 3, 6 и 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Законот за Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2000, 29/2002, 43/2002, 49/2003, 81/2008, 158/2010, 43/2014, 15/2015, 153/2015 и 27/2016), во членот 1 утврдил дека со овој закон се основа и се уредува работењето и организацијата на Фондот за осигурување на депозити.

Со членовите 2 и 3 од овој закон е уредено дека Фондот го основа и е во сопственост на Република Македонија, тој е правен следбеник на Фондот за осигурување на штедни влогови и Фондот има својство на правно лице со седиште во Скопје. Според член 3-а, Фондот е специјализирана финансиска институција која ги обесштетува осигурените депозити во банките и штедилниците, во кои настанал ризичен настан, согласно член 9 став 1 од овој закон.

Според членот 4 од овој закон, банките, филијалите на странските банки и штедилниците основани во Република Македонија се должни во Фондот да ги осигураат депозитите (став 1).

Под депозити во смисла на овој закон се подразбираат денарските и девизните депозити, сертификати за депозит, трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички и девизни приливи на физичките лица (во натамошниот текст: депозит) (став 2).

Според членот 5 од овој закон, паричните средства на Фондот изнесуваат најмалку 4% од вкупните депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилници во Република Македонија (став 1). Под парични средства на Фондот се подразбираат средствата кои се наоѓаат на сметките на Фондот во Народната банка на Република Македонија, сметките на Фондот во деловните банки и паричните средства инвестирани во хартии од вредност (став 2).

Според член 6 став 3 од овој закон, средствата на Фондот можат да се користат само за обесштетување на осигурените депозити на физичките лица и за покривање на трошоци на работење на Фондот.

Според членот 7, за осигурување на депозитите на физичките лица Фондот наплатува премија од членките на Фондот по стапка најмногу до 0,7% годишно од вкупните депозити на физичките лица во секоја банка и штедилница.

Според членот 9 од овој закон:
„Фондот започнува со обесштетувањето на осигурените депозити во рок од 20 дена од денот на конечноста на решението на гувернерот на Народната банка на Република Македонија од членот 4-а став 2 на овој закон (став 1).

Во исклучителни околности, Фондот може да го продолжи рокот од ставот 1 на овој член за најмногу десет дена (став 2).

Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност на 30.000 евра по депозит во една банка, филијала на странска банка или штедилница пресметани по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на конечноста на решението од членот 4-а став 2 на овој закон (став 3).

Во износот од ставот 3 на овој член се пресметува главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до денот на конечноста на решението од членот 4-а став 2 на овој закон (став 4).

Hа денот на конечноста на решението од членот 4-а став 2 на овој закон депозитите вложени во девизи се конвертираат во денари по среден курс на Народната банка на Република Македонија (став 5).

Обесштетувањето на денарските и девизните депозити се исплатува во денари (став 6).“

Во членот 4-а од овој закон, е предвидено дека Гувернерот на Народната банка на Република Македонија ќе донесе решение за забрана за прибирање на депозити на банка, филијала на странска банка или штедилница која е исклучена од членство во Фондот поради неплаќање на премија (став 1). Членството во Фондот престанува и во случај кога гувернерот на Народната банка на Република Македонија ќе донесе решение за укинување на дозволата за основање и работење на банка, филијала на странска банка или штедилница (став 2). Фондот ги осигурува вкупните депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилниците депонирани до денот на конечноста на решенијата од ставовите 1 и 2 на овој член (став 3).

Согласно член 15 од Законот, работењето и организацијата на Фондот се уредуваат со статут на Фондот. Статутот го донесува Управниот одбор (став 1); Владата на Република Македонија дава согласност на статутот на Фондот (став 2); Владата на Република Македонија ги потврдува финансискиот план и годишната сметка на Фондот (став 3).

Врз основа на членот 15 од Законот, Управниот одбор на Фондот за осигурување на депозити го донел Статутот на Фондот во 2001 година и следователно измените и дополнувањата на Статутот во 2002 година, две во 2003 година, 2011, 2014 и 2015 година. Меѓутоа, оспорената одредба од членот 17 ја има погоре цитираната содржина.

Според член 17 од Статутот, износот на средствата исплатени врз основа на член 13 од овој статут, Фондот го наплатува од приливот на средствата од ликвидационата односно стечајната маса на членката кај која била воведена ликвидациона односно стечајна постапка согласно закон.

Значи, оваа статутарна норма не уредува за Фондот приоритетна наплата на износот кој го дава како обесштетување на осигурените депоненти согласно закон, со цел да си ги поврати фондовите средства како пред пропаѓање на банката.

Имено, битно е што членот 13 од Статутот на Фондот, се однесува исклучиво на исплатата што Фондот ја извршил на осигурените депозити, односно според одредбата Фондот ги обесштетува осигурените депозити но не повеќе од денарската противвредност на 30.000 евра по депозит во една банка, филијала на странска банка или штедилница пресметани по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на конечноста на решението за укинување на дозволата за основање и работење на банка, филијала на странска банка или штедилница.

Врз основа на погоре изнесените одредби од Законот за Фондот за осигурување на депозити произлегува дека оспорениот член 17 од Статутот го следи законскиот концепт во работењето на Фондот кој е должен да го одржува нивото на своите средства кој изнесува најмалку 4% од вкупните депозити во банките, филијалите на странски банки и штедилници во Република Северна Македонија.

Средствата на Фондот, согласно член 6 став 1 од Законот, се формираат од основачкиот влог, наплата на премии за осигурување на депозитите на физичките лица и приходи од пласманите. Па оттука, одржувањето на овие средства на Фондот што е поврзано со член 4 став 1 од Законот, дека законска обврска на банките, филијалите на странски банки и штедилници основани во Република Македонија е да ги осигураат депозитите со плаќање на премија, неспорно значи правно основано побарување на Фондот, износот на средствата исплатени за обесштетување на осигурените депозити да си го поврати со наплата од приливот на средства од ликвидационата односно стечајната маса на членката кај која била воведена ликвидациона односно стечајна постапка согласно закон. Овој круг на права и обврски помеѓу субјектите во правото, депонентите, банките, другите финансиски институции и Фондот за осигурување на депозити е поврзан на теренот на осигурувањето за што и постои Фондот кој е со закон основан и е сопственост на Република Северна Македонија, со законски надлежности во сферата на одржување на банкарскиот систем во земјата при што тие права и обврски се законски определени односи внатре а не надвор од тој круг на субјекти кога се работи за прашањето на финансиите во комплексните постапки на стечај и ликвидација уредени со закон.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од Статутот не уредува права и обврски, туку уредува начин на работа на Фондот согласно закон, во однос на наплата на веќе исплатените средства во состојбата на ликвидациона односно стечајна постапка која се води на членка на Фондот и притоа на Фондот не може да му се негира својство на доверител, туку неспорно е дека Фондот е во својство еднакво со другите доверители, произлегува дека не може основано да се постави прашањето за несогласност на оспорената одредба од членот 17 од Статутот на Фондот со одредбите од Устав и закон, на што се повикува подносителот во наводите од иницијативата.

Од овие причини за оспорената одредба од Статутот, Судот оцени и дека по повод барањето во иницијативата нема услови за донесување на времена мерка согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, односно за запирање на извршување на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт.

7. Поради погоре изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова. Во однос на точката 2 од ова решение,Судот одлучи со мнозинство гласови.

У.бр.306/2020
07.07.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска