Решение У.бр.55/2021

У.бр.55/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 24 јуни 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, поднесено од Наташа Талевска од село Далбеговци, Општина Новаци, кое се однесува на Пресудата К-251/17 донесена од Основниот суд во Битола на 7 јули 2020 година и Пресудата КЖ-392/20 донесена од Апелациониот суд во Битола на 2 декември 2020 година.

2. Наташа Талевска од село Далбеговци, Општина Новаци, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот во врска со пресудите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во Барањето, со наведените пресуди била водена судска постапка против Наташа Талевска во која биле прекршени сите нејзини основни човекови права и права на обвинет според ЗКП. Во таа смисла, во пресудите се наведувало дека била одржана главна расправа и дека Наташа Талевска изјавила дека ја признава вината иако немало ниту главна расправа ниту таква изјава, дека вештите лица пишувале нереални дијагнози за нејзината здравствена состојба, дека судечкиот судија и’ наметнала адвокат кој заедно со судијата ја принудувале да молчи, дека не и’ било дозволено да ги распраша оштетените, дека наспроти супервештачењето извршено од тројца психијатри Основниот суд изразил доверба на сведоците кои изнесувале лаги без материјални докази, па врз основа на тие и други дејствија Наташа Талевска била осудена за кривично дело „загрозување на сигурност“ според членот 144 од КЗ. На тој начин, на Наташа Талевска и’ биле прекршени нејзините основни човекови права и трпела казна за нешто што не го направила. Наместо тоа, таа смета дека „секој има право да ги изрази своите позитивни чувства и има право да има симпатија или да е заљубен и тоа не е кривично дело. Тоа се чувства кои човекот ги носи во себе и да му наметнуваат на некој кривични дела затоа што само имал симпатија кон одредена личност и да се суди некој поради тоа, е нечовечно.“

Во Барањето се наведува и тоа дека „сега има нова кривична приватна тужба, исто од лицето Сотир Николовски, за загрозување на сигурност, каде се употребени зборовите „ќе те убијам, ќе те запалам, ќе те снема“, формирана на еден куп лажна медицинска документација издадена на основа на лага дека јас сум го натепала и лажен сведок очевидец. …“

Наташа Талевска наведува дека причина поради која го поднесува Барањето до Уставниот суд е: „трпам казна за дела кои не сум ги направила и поради опасноста и заканите кои доаѓаат од тужителот (Сотир Николовски, н.з.) дека ќе ме ставеле во затвор.“

Подносителката на Барањето предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на правосилната пресуда К-251/17, како и запирање на новоформираниот судски предмет К-60/20 во Основниот суд во Битола, со оглед дека и’ се заканува затвор, односно може да настанат тешко отстранливи последици за неа.

3. Судот на седницата ги утврди следните факти:

а) Пресудата К-251/17, донесена од Основниот суд во Битола на 7 јули 2020 година, примена е од Наташа Талевска на 21 јули 2020 година.
б) Пресудата КЖ-392/20, донесена од Апелациониот суд во Битола на 2 декември 2020 година, примена е од Наташа Талевска на 24 декември 2020 година.

4. а) Според член 110 алинеја 3 од Уставот, „Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност“.

Во членот 51 од Деловникот на Уставниот суд („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020) се определува дека „секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.“

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да штити три групи на слободи и права на човекот и граѓанинот: слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата; слободата на политичкото здружување и дејствување; забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во наведената одредба од Деловникот на Уставниот суд се уредени прашања за остварување на заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот пред Уставниот суд, меѓу кои и дека: заштитата може да се бара кога слободите и правата од член 110 алинеја 3 на Уставот се повредени со конечен или правосилен поединечен акт, како и во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечниот или правосилниот поединечен акт.

б) Во конкретниот случај, Пресудата К-251/17, донесена од Основниот суд во Битола на 7 јули 2020 година, не е конечен, ниту правосилен поединечен акт, ниту пак наводите во Барањето покренуваат прашања поврзани со слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот.

Поради тоа, тој дел од Барањето Судот го отфрли согласно на член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд.

Во однос на Пресудата КЖ-392/20, донесена од Апелациониот суд во Битола на 2 декември 2020 година, тој правосилен поединечен акт е проблематизиран пред Уставниот суд по истекот на 2 месеци од приемот/доставувањето на таа пресуда (Наташа Талевска ја примила таа пресуда на 24 декември 2020 година, а Барањето до Уставниот суд го поднела на 2 април 2021 година), како и наводите во Барањето не покренуваат прашања поврзани со слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот.

Поради тоа, и овој дел од Барањето Судот го отфрли согласно на член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.55/2021
24 јуни 2021 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска