Решение У.бр.47/2021

У.бр.47/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 24 јуни 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 7 став 8 од Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родените (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр.42/2020 и 305/2020).

2. Политичката партија “ЛЕВИЦА”-Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот став 8 на членот 7 од Законот бил во спротивност со член 4 став 3, член 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативата се наведува дека оспорената норма во целост била спротивна со член 4 став 3 од Уставот во кој се предвидувал уреденост на државјанството со закони врз основа на кои како lex specijalis биле уредени условите за стекнување државјанство со природување. Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба им се овозможувало на лицата опфатени со оваа норма да ги избегнат условите предвидени во Законот за државјанство и да им се овозможи со само 5 години евидентирано живеалиште на територијата на Република Северна Македонија да се стекнат со извод од матичната книга на родените како единствен документ кој што се поднесува во прилог на барањето за добивање уверение за државјанство. На овој начин на наведените лица им се овозможувало да добијат државјанство и да се стекнат со лична карта која што е исправа со која, меѓу другото се докажувало и државјанството на РСМ.

Подносителот на иницијативата смета дека на овој начин директно се создавала правна пукнатина и се нарушувала конзистентноста на уставниот поредок поради што оспорената одредба го нарушувала принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Северна Македонија.

Истовремено, според наводите во иницијативата, со оспорената одредба се нарушувал принципот на еднаквост на граѓаните, односно истата била дискриминаторска бидејќи истата не се однесувала подеднакво за сите граѓани во Републиката што било спротивно на членот 9 од Уставот.

Од наведените причини се предлага Судот да го укине оспорениот член од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 7 од Законот е со следната содржина :

“1) Лице неевидентирано во матична книга на родени чии податоци се внесени или ќе се внесат во Евиденцијата, поднесува барање до Управата до 30 јуни 2021 година за упис во посебната матична книга на родени.
(2) Овластеното лице по поднесеното барање од ставот (1) на овој член, а врз основа на податоците внесени во Евиденцијата согласно со членот 6 став (1) од овој закон, донесува решение за упис на лицето во посебна матична книга на родените.
(3) Уписот во посебната матична книга на родените трае до дополнителниот упис во матичната книга на родените, согласно со Законот за матичната евиденција, но не подолго од 5 години.
(4) Решението од ставот (2) на овој член се донесува во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за упис во посебната матична книга на родени.
(5) Против решението од ставот (2) на овој член, може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
(6) Трошоците за спроведување на одредбите од овој закон се на товар на Буџетот на Република Северна Македонија.
(7) Формата и содржината на барањето за упис во посебната матична книга на родени ја пропишува министерот за правда.
(8) Лицето евидентирано во посебната матична книга на родени кое не е префлено во редовната матична книга на родени по навршување на пет години по автоматизам се префрла во редовната матична книга на родени при тоа применувајќи го членот 12 став (3) од овој закон (оспорен став).“

4. Според член 4 став 3 од Уставот државјанство на Република Северна Македонија се уредува со закон.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија и дека владеењето на правото се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, како и тоа што секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени ја уредува постапката за прибирање и евиденција на личните податоци за лицата кои не се евидентирани во матична книга на родени, видот на податоците што се евидентираат, условите за запишување во посебна матична книга на родени, условите за запишување во посебна матична книга на умрени, издавањето на извод од посебната матична книга на родени, издавањето на извод од посебната матична книга на умрени, идентификациона исправа и дополнителниот упис на овие лица во матичната книга на родените, согласно со закон.

Според членот 2 од Законот, целта на овој закон е лицата неевидентирани во матична книга на родени да се евидентираат во посебна матична книга на родени, заради добивање на извод од посебната матична книга на родени и идентификациона исправа заради остварување на право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување согласно со закон, до дополнителен упис во матична книга на родените и добивање на прв извод од матичната книга на родени, согласно со закон.

Во членот 3 од Законот е уредено значењето на изразите, односно е дефинирано дека одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

1. „Лице неевидентирано во матична книга на родени” е лице кое живее на територија на Република Северна Македонија и/или е родено на територијата на Република Северна Македонија, не е запишано во матична книга на родени и нема својство на странец со регулиран престој, согласно со закон;
2. „Евиденција на лица неевидентирани во матична книга на родени” е евиденција која се води во електронска форма за запишување на податоци на лица неевидентирани во матична книга на родени, согласно со закон;
3. „Посебна матична книга на родените” е книга на родените во која се внесуваат податоци за лицата неевидентирани во матична книга на родени, врз основа на што се издава извод од посебната матична книга на родените со времен карактер, односно до дополнителен упис во матична книга на родени;
4. „Извод од посебната матична книга на родени” е документ кој содржи име и презиме, час, ден, месец, година и место на раѓање, пол, адреса на живеалиште за лице кое е евидентирано во посебна матична книга на родени и евиденционен број, согласно со овој закон;
5. „Лице запишано во посебната матична книга на родените” е лице кое врз основа на овој закон му се издава извод од посебната матична книга на родени и може да оствари право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување, до завршување на постапката за дополнителен упис во матична книга на родените, согласно со закон;
6. „Посебна матична книга на умрените” е книга на умрените во која се внесуваат име и презиме, ден, месец и година на раѓање, податоци за времето и местото на смртта и евиденционен број согласно со овој закон, на лицата запишани во посебната матична книга на родени и
7. „Извод од посебната матична книга на умрени” е документ кој содржи име и презиме, час, ден, месец, година и место на раѓање, час, ден, месец, година и место на смртта, пол, адреса на живеалиште за лице запишано во посебна матична книга на умрените и евиденционен број, согласно со овој закон.

Во член 4 став 1 од Законот се предвидува дека овој закон се применува на лица кои живеат и/или се родени на територијата на Република Северна Македонија, а не се запишани во матична книга на родени и немаат својство на странец со регулиран престој согласно со закон, а се евидентирани согласно со јавниот повик објавен на интернет страницата на Министерството за правда – Управата за водење на матичните книги и на интернет страната на Министерството за труд и социјална политика од 1 април 2018 година до 1 ноември 2018 година.

Во ставот 2 на членот 4 од истиот закон се предвидува дека овој закон се применува и на лицата за кои е во тек постапка за дополнителен упис во матична книга на родени започната пред објавувањето на jавниот повик и на децата кои се родени по завршувањето на јавниот повик, а не исполнуваат услови за запишување во матична книга на родените согласно со закон.

Оспорениот член 7 од Законот предвидува дека:

“1) Лице неевидентирано во матична книга на родени чии податоци се внесени или ќе се внесат во Евиденцијата, поднесува барање до Управата до 30 јуни 2021 година за упис во посебната матична книга на родени.
(2) Овластеното лице по поднесеното барање од ставот (1) на овој член, а врз основа на податоците внесени во Евиденцијата согласно со членот 6 став (1) од овој закон, донесува решение за упис на лицето во посебна матична книга на родените.
(3) Уписот во посебната матична книга на родените трае до дополнителниот упис во матичната книга на родените, согласно со Законот за матичната евиденција, но не подолго од 5 години.
(4) Решението од ставот (2) на овој член се донесува во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за упис во посебната матична книга на родени.
(5) Против решението од ставот (2) на овој член, може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
(6) Трошоците за спроведување на одредбите од овој закон се на товар на Буџетот на Република Северна Македонија.
(7) Формата и содржината на барањето за упис во посебната матична книга на родени ја пропишува министерот за правда.
(8) Лицето евидентирано во посебната матична книга на родени кое не е префлено во редовната матична книга на родени по навршување на пет години по автоматизам се префрла во редовната матична книга на родени при тоа применувајќи го членот 12 став (3) од овој закон (оспорен став).“

Во членот 12 од овој закон се предвидува дека:

1) Овластеното лице по службена должност во рок од 30 дена по добиеното известување од членот 10 став (4) од овој закон, за лицата запишани во посебната матична книга на родени согласно со овој закон, поведува постапка за дополнителен упис на лицата, согласно со Законот за матичната евиденција.
(2) Постапката од ставот (1) на овој член, трае до донесување на решение за дополнителен упис во матичната книга на родените согласно со Законот за матичната евиденција.
(3) Во постапката од ставот (1) на овој член, овластеното лице може да користи и изјава од двајца сведоци заверена на нотар, документи и потврди од надлежни институции за докажување на местото и време на раѓањето.
(4) Во постапката од ставот (1) на овој член, овластеното лице од Управата соработува со државни органи, организации и здруженија кои работат на проблематиката на неевидентираните лица во матична книга на родени.
(5) По донесувањето на решението од ставот (2) на овој член, овластеното службено лице од Управата го известува Министерството за внатрешни работи за поништување на идентификационата исправа.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, произлегува дека наводите во иницијативата кои се однесуваат на сосема друга проблематика не може да ја доведат под сомнение уставноста на оспорениот член од Законот. Имено, со овој закон се регулира статусот на оние лица кои живеат на територијата на Република Северна Македонија и/или се родени на територијата на Република Северна Македонија, а не се претходно запишани во матичната книга на родените и истовремено немаат својство на странец со регулиран престој, согласно со закон.

Целта на вака преземените дејствија и обврски на институциите е неевидентираните лица да се запишат, најнапред, во посебната матична книга од која ќе им се издаде извод од посебната матична книга на родени за да истите можат да ги остварат со Устав гарантираните права на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување, до завршување на постапката за дополнителен упис во матичната книга на родените.

Во членот 12 од овој закон јасно и прецизно е уредено кои се овластувањата на овластеното лице, како и постапката за спроведување на дополнителен упис на лицата, согласно Законот за матичната евиденција.

Во ставот 3 на членот 12 од Законот се предвидува дека во постапката за дополнителен упис на лицата, овластеното лице може да користи и изјава од двајца сведоци заверена на нотар, документи и потврди од надлежни институции за докажување на времето и местото на раѓањето на лицата за кои се води постапката за дополнителен упис. Оттука, јасно произлегува дека со овој закон се уредува статусот на неевидентираните лица со цел остварување на основните човекови права утврдени во Уставот на Република Северна Македонија, но под услови децидно предвидени во Законот, поточно во член 12 став 3 од истиот.

Оттука, според Судот, прашањето на кое исклучиво се заснова иницијативата, а тоа е стекнување на правото на државјанство на Република Северна Македонија, не е предмет на уредување на овој закон, од причина што условите за стекнување на државјанство јасно, прецизно и децидно се утврдени во Законот за државјанство. Оспорениот закон има сосема друга цел и друг предмет на уредување, така што, според Судот, оспорениот член од Законот, воопшто не може да биде доведен во прашање по однос на неговата согласност со член 4 став 3, член 8 став 1 алинеја 3 и членот 9 од Уставот. Имено, со овој закон се уредува прашањето за евидентирање на сите неевидентирани лица кои живеат на територијата на Република Северна Македонија и за сите важат подеднакво сите предвидени услови во Законот за стекнување на правото за упис во посебната матична книга на евиденција и добивање извод од посебната матична книга на родените, а со цел да ги остваруваат уставно загарантираните човекови права.

Од наведените причини, Судот оцени дека оспорениот член 7 став 8 од Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родените не може да се доведе под сомнение по однос на член 4 став 3, член 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија, на кои се укажува во иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот, го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.47/2021
24.06.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска