Решение У.бр.39/2021

У.бр.39/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 24 јуни 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 344 став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата(“Службен весник на Република Македонија” бр.169/2015, 226/2015, 55/2016, 11/2018, 83/2018 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 98/2019 и 302/2020).

2. Трајанка Елим Илиеска од Прилеп до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член од Законот бил во спротивност со членовите 15 и 30 од Уставот на Република Северна Македонија. Ова, од причина што со оспореното законско решение со кое на полицискиот службеник му се овозможувало да исклучи возило и истовремено да го одземе истото со цел да се провери неговата техничка исправност се повредувало правото на жалба против поединечен правен акт кое било гарантирано со членот 15 од Уставот, како и правото на сопственост загарантирано со членот 30 од Уставот на Република Северна Македонија.

Од наведените причини се предлага Судот да го поништи оспорениот член 344 став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и да донесе времена мерка во смисла на членот 27 од Деловникот на Уставниот суд

3.Судот на седницата утврди дека оспорениот член 344 од Законот е со следната содржина :

“(1) Полицискиот службеник ќе го исклучи од сообраќај возилото кое не е регистрирано, за кое не е продолжен рокот на важноста на сообраќајната дозвола, за кое е утврдена техничка неисправност или кое нема пропишани регистарски таблици.
(2) Полициски службеник може да исклучи возило од сообраќај и привремено да го одземе возилото до утврдување на техничка исправност, но не подолго од три работни дена (оспорен став).
(3) Доколку биде утврдена техничка неисправност на возилото од ставот (2) на овој член, која се однесува на предизвикување на голема бучава или во случај кога сообраќајната дозвола за возилото е со изминат рок на важност од шест или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена.
(4) Полицискиот службеник кој го исклучил возилото од сообраќај на возачот на самото место, привремено ќе му ја одземе сообраќајната дозвола или регистарските таблици, за прекршоците од ставот (1) на овој член.
(5) Министерството за внатрешни работи, чиј полициски службеник привремено ја одзел сообраќајната дозвола или регистарските таблици согласно со одредбите на овој член, е должно на возачот да му ги врати дозволата или регистарските таблици штом престанат причините поради кои истите му се одземени. Во рок од 72 часа од моментот на одземањето, сообраќајната дозвола или регистарските таблици се доставуваат во местото каде што возилото се води во евиденција.
(6) Полицискиот службеник кој привремено ја одзел сообраќајната дозвола или регистарските таблици согласно со одредбите на овој член, е должен на возачот за тоа да му издаде потврда, која содржи назив и седиште на органот што ја издал сообраќајната дозвола, име и презиме на сопственикот, односно носителот на правото на користење на возилото и негова адреса, име и презиме на возачот и неговата адреса, причина за одземањето, вид и регистарски број на возилото, датумот, времето, патот и местото на одземањето, начинот и времето на враќање на сообраќајната дозвола и печат и потпис на полицискиот службеник.
(7) Ако возачот не ги преземе одземената сообраќајна дозвола или регистарските таблици во рок од три дена од денот на нивното одземање, а сообраќајната дозвола и регистарските таблици не се водат во евиденцијата во местото на одземањето, истите ќе му се достават во местото каде што се води возилото во евиденција.”

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е владеењето на правото и правната сигурност

Со Амандманот XXI е заменет членот 15 од Уставот. Според ставот 1 на овој амандман, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Во согласност со членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1). Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3). Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност (став 4

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се уредува безбедноста и заштитата на патиштата, основните начела и меѓусебните односи на учесниците и другите субјекти во сообраќајот на патиштата, правилата на сообраќајот на патиштата, системот на сообраќајните знаци, опремата и сигнализацијата на патиштата, должностите во случај на сообраќајна незгода, кандидати за возачи, возачи, автошколи, испитни центри и возачки дозволи, оспособувањето за управување и стекнување право на управување со моторно возило и прекршочната постапка за деца, посебните мерки на безбедност, организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата, евиденциите и заштитата на податоците, прекршочните одредби и овластувањата за подзаконски прописи.( член 1).

Со оспорениот член 344 од Законот се предвидува дека:

“(1) Полицискиот службеник ќе го исклучи од сообраќај возилото кое не е регистрирано, за кое не е продолжен рокот на важноста на сообраќајната дозвола, за кое е утврдена техничка неисправност или кое нема пропишани регистарски таблици.
(2) Полициски службеник може да исклучи возило од сообраќај и привремено да го одземе возилото до утврдување на техничка исправност, но не подолго од три работни дена (оспорен став).
(3) Доколку биде утврдена техничка неисправност на возилото од ставот (2) на овој член, која се однесува на предизвикување на голема бучава или во случај кога сообраќајната дозвола за возилото е со изминат рок на важност од шест или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена.
(4) Полицискиот службеник кој го исклучил возилото од сообраќај на возачот на самото место, привремено ќе му ја одземе сообраќајната дозвола или регистарските таблици, за прекршоците од ставот (1) на овој член.
(5) Министерството за внатрешни работи, чиј полициски службеник привремено ја одзел сообраќајната дозвола или регистарските таблици согласно со одредбите на овој член, е должно на возачот да му ги врати дозволата или регистарските таблици штом престанат причините поради кои истите му се одземени. Во рок од 72 часа од моментот на одземањето, сообраќајната дозвола или регистарските таблици се доставуваат во местото каде што возилото се води во евиденција.
(6) Полицискиот службеник кој привремено ја одзел сообраќајната дозвола или регистарските таблици согласно со одредбите на овој член, е должен на возачот за тоа да му издаде потврда, која содржи назив и седиште на органот што ја издал сообраќајната дозвола, име и презиме на сопственикот, односно носителот на правото на користење на возилото и негова адреса, име и презиме на возачот и неговата адреса, причина за одземањето, вид и регистарски број на возилото, датумот, времето, патот и местото на одземањето, начинот и времето на враќање на сообраќајната дозвола и печат и потпис на полицискиот службеник.
(7) Ако возачот не ги преземе одземената сообраќајна дозвола или регистарските таблици во рок од три дена од денот на нивното одземање, а сообраќајната дозвола и регистарските таблици не се водат во евиденцијата во местото на одземањето, истите ќе му се достават во местото каде што се води возилото во евиденција.”

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија и дека владеењето на правото се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, како и тоа дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Тргнувајќи од членот 15 на кој се повикува подносителот на иницијативата, а кој со Амандманот XXI е заменет, произлегува дека гаранцијата на правото на жалба се однесува само на одлука во прв степен пред суд, а правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, на определен начин е релативизирана, односно не е веќе уставна гаранција како што беше порано, туку тоа е препуштено да се уреди со закон.

Оттука, според Судот, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот став 2 на членот 344 од Законот се повредувало уставно гарантираното право на жалба од причина што во конкретниот случај станува збор за дејствие и поединечен правен акт донесен во постапка пред орган за државната управа што врши јавни овластувања. Имено, според Амандман XXI став 2 од Уставот во овој случај правото на жалба се уредува со закон и истата повеќе не е уставна категорија, поради што не може да се прифати дека со оспорениот член од Законот се повредува правото на жалба.

Што се однесува до наводот во иницијативата дека со оспорениот член се повредува правото на сопственост гарантирано со членот 30 од Уставот, Судот оцени дека е неоснован. Ова, од причина што со конкретното законско уредување законодавецот во духот на јавниот интерес и безбедност на граѓаните на Република Северна Македонија, односно со преземање на посебни мерки на безбедност, што, меѓу другото, е предмет на уредување на овој закон, дава овластување на полицискиот службеник со цел утврдување на техничка исправност привремено да го одземе возилото заради негова проверка, но не подолго од три дена. На тој начин, не се повредува правото на сопственост предвидено во членот 30 од Уставот, бидејќи истото е одземено само со цел на негова проверка на техничката исправност кое што повторно ќе биде вратено на неговиот сопственик, а како посебна мерка на безбедност на сообраќајот на патиштата.

Од наведените причини Судот оцени дека оспорениот член 344 став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата не може да се доведе под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеја 3, Амандманот XXI и членот 30 од Уставот на Република Северна Македонија, на кои се укажува во иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.39/2021
24.06.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска